Слободан Мицковиќ. АЛЕКСАНДАР И СМРТТА Александар умре. Мртов е Александар. Боледуваше целава пролет. Остана долго во планините, во Екбатана, како да е таму зафатен, како да е таму неговиот престој најпотребен. Го одлагаше колку што може доаѓањето во Вавилон. Боледуваше, јас тоа го знам, зашто бев постојано крај него, но сакаше тоа да не се види, да не се дознае. Ја криеше својата снеможеност, своите сè почести папсувања. Ги криеше и од мене а, чинам, и самиот од себе. Не умееше ниту да живее. Та последниве месеци и животот му беше раскинат и растрган. Се зафаќаше де за едно, де за друго. Неколку дена мислеше само на градбата на новата флота, на новиот поход кон просторната Арабија, потоа ќе ги снемаше мислите. Се грижеше само за даноците, та ќе ја оставеше и таа, секогаш тешка и макотрпна работа, лут и незадоволен поради сè помалиот дотек на злато, на пари, на бесценети камења во царскиот трезор и со насобраната лутина ќе се фалеше во создавањето на новата македонско-персиска фаланга. И тоа не се исполнуваше според неговите планови и замисли зашто Македонцитена сакаа да се мешаат со Персијците. Персијците, пак, како што на сè гледаа од високо и во фалангата влегуваа како да мораат некому да оддадат почит што им е наметнато и што им тежи. Лутината му ја зголемуваше и нивното постојано изненадување на подобри места во фалангата, нивните понекогаш прикриени, понекогаш отворени притисоци персиски офицери да добиваат повеќе полкови, во штабот да ги заземат местата од кои повеќе се гледа и повеќе се може во сите воени работи. И во работите со снабдувањето, со парите, со оружјето. Кога ќе се засркнеше од бесот што му го носеа тие грижи, ќе се зафатеше со смирување на бунтовите во некои сатрапии. Бунтовите најчесто беа невидливи, но постоеја како сириште во млекото – малу е, невидливо е, но работи однатре, расипува и менува. Потоа ќе почнеше да се јаде околу ковницата за пари во која златото што влегуваше не даваше пари колку што тежи или во парите ќе се втопеше повеќе сребро. Пролетва беше Александар лут на сè околу себе, бесен. Но најмногу на својата болест. Една ли беше, не знам. Мислам дека беа повеќе и дека се менуваа, непогрешливо како стражите пред неговиот шатор. Филип, својот лекар,го испрати во Вавилон за да не му ги гледа болестите. Се осамување, пиеше само тесалско вино за кое мислеше дека единствено може да го излекува, заедно со планинската свежина на Екбатана. Кога ќе се сретнавме гледаше во мене како низ прозорец. Во Вавилон болестите излегоа на видело, боледуваше јавно, сè поснеможен, понемоќен и послаб. Тој умре и сега сум јас растрган, несобран и растурен. Почнав првпат во животот, дури беше болен во Вавилон, да принесувам жртви, почнав да разговарам со ѕвездознајци, со пророци, со маѓосници. А никогаш до пред овој ден, пред денот на смртта на Александар, не сум ги броел парите што ги имам. Вечерва ги избројав. Никогаш досега не сум дал ништо на питач, денес, кога умре Александар, ги дарував сите питачи пред палатата и пред театарот. Никогаш порано не сум пишувал ништо. Вечерва почнав да пишувам. Зошто? Кога се смири, беше во смртта помлад. Заличе на она момче од Миеза и помислив на тебе, учителу. Сакав да си тука. И во себе почнав да ти говорам. Вечерва почнав да ти пишувам. Без да помислам колку ќе му пишувам само ми се кажа: ќе му пишувам на Аристотел, нашиот учител. Ти се обраќам тебе, учителу, но, со зазор и стеснетост. Ти ме знаеш. Како што рече еднаш – јас сум бил од оние од третиот ред. Од оние кои најмалку се истакнуваат, кои стојат одзади молчаливи. А почнав да ти пишувам без да знам што. Седејќи, налактен врз таблата за пишување, мислам: што ќе пишувам? Зошто токму тебе? Ќе пишувам за Александар, за сè што стана од него. Пишувам зашто тоа ме смирува повеќе од сè друго што досега сум го правел. Она што досега сум го правел ми го чинеше сиот мој живот несреќен и празен. Сега, пишувањето ме исполнува и ме празни во исто време, како водата што тече од изворска водопадна река во валавнички сад – тој е и празен и полн, а водата натаму одминува, ослободена и од падот и од садот. Така во мене нешто се полни и се истишува од пишувањето. Зошто токму тебе ти се обраќам? Прво – немам кому. Се чини дека оние од третиот ред немаат пријатели, немаат доверливи блиски луѓе, ниту познати, ниту случајно сретнати на кои можат да им речат нешто што им доѓа на уста од самата утроба. Затоа сме може, ние, како ти што велиш. од третиот ред, молчаливи и повлечени. Александар умре. А ти знаеш дека тој ми беше сè, и сега, кога го нема, јас сум откинат од сопствениот живот, нема зошто да постојам. А ти пишувам зошто го знам и твоето бескрајно љубопитство. Еднаш, во Миеза, пред вечниот одмор ти, ми се стори тогаш како за себе да си рече, како да прошепоте загледан во него: „Што ли ќе стане од тебе?“ Не чув добро – дали рече од тебе или со тебе, или може – во тебе? Но знам дека го гледаше со љубопитно око, премрежено од мисла, како првпат да го гледаш и како да одгатнуваш во исто време што ќе биде со него. Може си го прошепотел тоа зашто само јас бев во близина или само така ми се сторило. Може јас самиот да сум ги поставил тие прашања гледајќи го твојот поглед, твоето мудро и загрижено лице. А може во тој миг да сме помислиле исто, та ми се сторило дека тоа шепнешкум ти ѝ си го рекол? Александар умре и јас седам и ти пишувам за него. Имам некое матно и страшно чувство дека дури сега почнува неговиот живот, со смртта. Дека сега, допрва и слободно ќе се види што стана со него, во него и од него. Ти, сигурно сè си следел во годиниве во кои не си се видел со Александар. Сте се допишувале. Но тој никогаш не ја пишувал вистината. Те известувал за сè што прави, ти праќал и ретки животни и билки, ти опишувал места низ кои минуваме но за себе ништо не ти кажувал. Тоа сигурно го знам. А тука, на дворот, во штабот, меѓу истакнатите Македонци постојано се прикажуваше, шепнешкум, дека Калистен, твојот внук, дури беше жив, ти праќал скришни писма. Може, не знам. Но знам дека Калистен не го познаваше Александар иако си вообразуваше дека тој за него е бистра вода. А и под бистрата вода, меѓутоа, може да има тиња, мил. А Канастен не го знаеше тоа. Тој беше заслепен со блесокот на царштината, со славата на победите. Упатен беше во сите дворски интриги кои ги сметаше за неизбежна страна на самата вистина. Не, тој не го познаваше Александар и најмалку го знаеше токму она што Александар беше. Тука е, сигурен сум, во тоа незнаење, или во тоа погрешно знаење, и причината што Калистен ја загуби главата. Сметаше дека со Александар може сè да си допушти. Не знаеше дека може само она и само онолку колку ќе му допушти самиот Александар. А тебе, знам, толку она што не го буди љубопитството. До тебе, во Македонија сигурно веќе, по брзата линија, ќе стаса веста пред да го примиш моето послание. Не знам дали си во Стагира или во Пела, или пак си се вратил во Атина. Но знам и каква ќе биде таа вест што прва ќе ја примиш. Синоќа ја составуваа Лаг, Селек и Пердика во свечената сала на палатата. Знаеш, значи, дека тоа е чисто дело на Птоломеј Лаг. Селеук и Пердика сугурно молчаливо гледале во пламенот на мирисните ламби или во своите сандали, а Лаг, без да обрнува внимание на нив, почнал: „Згасна сонцето што ги грееше Македонија, Елада, Мизија и Битинија, Фригија, Кападохија и Силиција, Ерменија и Сирија, Асирија, Вавилонија и Карминија, Сузиана, Партија, Сардонија и Бактија. И големиот Египет. (Лаг тука го повлече своето идно владеење). Отиде меѓу боговите Александар, синот Филипов (тоа е нагласено наспроти Олимпија), отиде најхрабриот и најчесен...“ и така натаму. Знаеш дека тоа се само празни зборови кои личат на вистината, дека тоа е само некаков пролог на драма пишувана од почетник, а вистинската драма која треба да следува ја нема и никогаш нема да биде напишана. Сигурно би била да беше Александар само филозоф, само тиранин, само херој, освојувач, подмолник или паталец. Ти ја знаеш таа смешна навика на сегашниве драмопишувачи – ликовите да имаат само една особина. Но тој беше, сигурно, од сето тоа по нешто. Најмногу, можеби, беше скитник и љубопитник. А со таков лик не може да се состави драма туку комедија. Но Александар не е лик за потсмев, за шегобијство, за подбив. Тој, сепак, тоа не го заслужува. Тој беше човек, ми се чини дека и ова може да е точно, кој се плаши, а од кого најмнигу се плашат. Но не, не можам да најдам никаква определба која накусо ќе го објасни. Тој беше Александар и за него треба да се пишува поинаку од сето она што е напишано. А, ете, тебе ти се обраќам и како на соучесник во судбината на Александар. Не е ова обвинување, а знам дека и така може да го разбереш. Не, зашто Александар не беше дело само на Олимпија, на Филип и на Леонида. Таа го научи да се мери со боговите а таткото и вујкото да ракува со кус и двофатен меч, со лак и со копје за фрлање, со сариса. Тој е и твое дело. Ти го учеше, непосредно, на умеењето да владее. Може ќе го одбиеш тоа како претерана заслуга. Зашто твоето учење за совршеноста на владеењето во Атина го одбиваше како сè што требаше да научи. Тој ја имаше таа незгасната особина да бара во сè што постои нешто што треба да се измени. И тој ти се спротивстави: не ја одбра Атина како определба на своето владеење, туку нејасните источни царства., на оние кои ги победи и ги освои. На Дариј и на Пор, сигурно поблиски до нашето македонско успокојство. А може мислата за царството да е поттикната од твоето учење за хармонијата? Можел ли умот на Александар сонот за убавината да го пренесе толку далеку, до бескрајната мисла за огромното царство во кое сите земји и народи ќе бидат хармонија? Честопати ми се чинеше дека е тоа неговата крајна цел. Не знам, не сум сигурен. Но, еве, дури ја гледам оваа непрестајна врвулица околу новата палата и новиот, голем театар во Вавилон, што ги изгради Александар, ми доаѓа и таа мисла за врските меѓу тебе и него. Јас сум во сенка. Да, го напишав точно она што е – стојам во сенката на северната колонада на театарот, но сега ми се чини дека сум ја рекол вистината за себе, накусо. Јас секогаш сум бил во сенка. Во големата, тешка и затемнувачка сенка на Александар. Но, кој не бил во неа? Кој, покрај него излегол на виделина? А гледам оттука, од сенкава, како преку големиот плоштад меѓу театарот и палатата се тркала, ползи, се бранува, огромната секојдневна вавилонска толпа. Забележувам дека ги нема воините. Пред мермерните скалила на театарот, веднаш тука, лево од мене, стои група мајстори, делкачи на камен, градители на столбови, режачи на капители. Го гледам и протомајсторот, ковчест Сириец. Велат дека ги градел сите палати, летни куќи, украсените порти на сите тврди градови на Големиот Цар Дариј. Дружината му е од десетина цврсти, високи мажи, и црномурести и белолики. Крупни и опитни каменоресци од Индија, вешти во длабокото режење на мек камен, Атињани со живи очи кои никогаш не режат два исти капители иако стојат исти. Со нив е и еден од новите, новозбогатени достоинственици на Вавилон, поранешен незабележлив советник на Дариј. Водат жив разговор во кој никој никого не слуша. Широко мавтаат со рацете. Можеби малку препиле вино минатата ноќ и во раново утро се уште замрежени. Но, ене се упатуваат кон рамните места на некогашниот Мардуков храм, кон идните темели на некоја нова градба, една од оние што треба да се градат во овој нов центар на Икуменот. Алекснадар е мртов но, се чини, дека Вавилон и натаму ќе се гради. Пак ќе се влечат столбови од Мармара, што стана обичај и некаква подразбирлива обврска кога се градат палати на богаташите. Пак ќе се сечат стари кедрови од далечното приморје во Либанските гори иако, со закана на смртна казна е дозволено сечење само за потребите на новата флота (триста нови бродови со триесет до шеесет весла!) и за упокојниот катафалак на Хефестион. Но богатите достоинственици наоѓаат можности да потплатат, да уценат, та најдолгите и најцврсти греди, згодни за бродски основ да бидат вградени во нивните палати, украсени со резба и небришливи бои од исток. А Александар е мртов, неподвижен и немоќен тоа да го сопре. Но зарем можел да им застане на патот на тие недолични велможи и кога беше жив? И кога ќе дознаеше дека се случува нешто забрането, спроти главните интереси на царското дело кои тој ги определуваше, својот бес ќе го истуреше врз оние кои ќе му ја откриеја вистината та сè помалку такви вести доаѓаа до него и сè повеќе втонуваше во самољубивата претстава дека сè се случува според неговата волја, во согласност со неговите желби и замисли. Кутриот Александар. Ја немаше моќта на Филип, на неговиот вистински татко, на неговиот создател, ја немаше неговата сирова умност да сфаќа сè околу себе онака како што е. Филип умееше од она што одеше спроти неговата волја да создаде свое предимство, умееше да ги потплати противниците, да ги привлече кон себе со бесни гозби, со ветувања, да се престорува дека тој се приклонува кон туѓата волја, да се прикажува победен и кога е победник. Од Амината наваму сигурно немало полукав воин и владател на Македонија од Филипа. А немало посреќен од Александар. Нему среќата секогаш му излегувала во пресрет, и тогаш кога бил на раб на поразот, кога и нему му се чинело дека е загубен. Како кај Граник и Ис. Затоа Александар беше обземен од своето величие и умееше да им го наметне на сите тој свој поглед врз себеси. Неговите победи стоеја лесни зашто сите, и Тебанците и Атињаните и Дариј и Пор, како птици што ги маѓепсува неподвижниот поглед на грабливецот, однапред во студенилото со кое стравот им го полнеше посребрениот лак, знаеја дека нивниот пораз е неизбежен. Зашто пред нив беше Александар. Но за Александар не беа победите, таа крајна цел на секоја војна, најважното што сакаше да го постигне. Тој единствен успеа битките што ги доби, војните во кои победи, мртвите, сакатите, крвта, страдањата, да ги престори во вредност со божествена важност. Тоа беше неговата дарба, она што никој пред него не успеал да го постигне – ниту големиот Набуходоносор, ниту Кир, Ксрекс, и Дариј. Опасна и проклета дарба. Не, и ти знаеш а и јас, па и сите блиски знаат, дека Александар не е од божествено потекло. Да, тој е од племето прости Македонци кои за Хелените и денес се барбари иако се нивни господари. Но боженството во Александар беше леснината со која се подготвуваше за војни и походи, со која победуваше. кај него тоа беше напор и мака, туку сè одеше лесно како на опитен, вешт и надарен занаетчија што не му тежи занаетот. Тоа кај него беше како да дише, како да спие, како да пие вода, како само од себе сето тоа, тие војни и победи, да си доаѓаат без тој да сака и без да мисли на тоа, вез да се грижи. Тој самиот беше војна, беше победа та оттаму доаѓаше стравопочитот и кон она што го прави и кон него самиот како кон божество. Боговите тука се замешаа зошто тој ги привика а и се измешаа зашто тој ги помири и ги изедначи и старите македонски божестваи хеленските богови и египетските, веројатно најстари и најмоќни, та се покажа како нивна рожба, како божји потомок. Ти знаеш дека сето тоа е измама на умот што сите ги зафатила и која Александар ја поттикнуваше зашто му даваше погодности и предимства. Но не умеам да одговорам на едно прашање кое сигурно го поттикнува и твоето љубопитство: дали Александар самиот верувал во своето божествено потекло. Било време кога бев сигурен дека верува, дека е заслепен од таа мисла која го дели од сите други, смртни, и го става над нив. во тие мигови и имаше нешто божествено, моќно, непоимно. Беше затворен во себе, очите му беа завртени кон назад, кон сопствената душа. Беше тогаш бесчувствителен за страдањата околу себе, опседнат со мисли кои ненадејно доведуваа до чудни, навидум неразумни одлуки. Тогаш се решаваше кога ќе почне некој поход, кога некој од блиските сатрапи или дворјани ќе биде убиен, како ќе се искаже молитвата утрото – со жртва, со покорност, со хор, или со намуртен лик, молкум, како со омраза кон рамните на себе. Омразата кон боговите која Александар можеше толку видливо и негрижно да ја покаже сите ја примавме со зазор и страв, проколнувајќи го во себе оној негов горделив гнев кон оние кои единствени имаа право на гнев. Тогаш беше божествен. Но во тие мигови злото го владееше неговиот дух, се готвеа страшни, неправедни дела. Верувам дека во тие екстази беше убеден оти е бог, дека му е дадено да господари со животот и со бесмртноста, дека допира до она место од кое сè натаму е отворено, без граници, без забрани. Допираше тогаш, чинам, гледајќи го одблиску, до самата суштина на божественото, до вистинското битие на злото. Но, да, знаеш и ти дека можеше или умееше да биде и човек со многу добродетели, со многу мали, секојдневни слабости. Самољубен и чувствителен како и некои од музите и хировит и своеглав како хетера. Чудни споредби, мислиш? Но јас барем знам дека имаше во него некоја устојчива женска каприциозност која не умееше да ја сокрие иако се срамеше од неа. Во тие мигови, кога ќе видеше на моето лице дека го препознаван тој негов проклет привик на природата, ќе цветнеше, двобојно, во неговите очи омраза. Омраза кон мене кој ја знае неговата слабост. Но, таа болна точка која тој самиот најмногу ја чувствуваше беше најневината и најзабавната страна на неговиот карактер. Можеби само во кругот на некогашните твои ученици од Миеза, тој бидуваше подобар, попитом и помек одошто во миговите на таа своја смешна каприциозност. Но, еве, сè е готово. Тој е мртов и сето тоа отиде во неговото неподвижно тело. Сега лежи тука, во долната сала на големиот, нов, негов, театар. Така, за него и беше направена оваа неголема просторија, опкружена со колонада столбови, поврзана, од едната страна со коридор, со главниот, церемонијален влез за царот и за истакнатите личности, а од друга со скјалила кон царската ложа. Таму, под големата маса на централниот дел на амфитеатарот, под самата царска ложа, беше, можеби и најстуденото место во Вавилон, барем колку јас што знам. И сега тој лежи врз издигнатата бела мермерна плоча на која секогаш имало овошје и вино, лежи на оваа трпеза како овенат плод, исушен однатре, збрчкан и збран. Малата става му е уште посмалена како кај сите мртовци кои долго боледувале. Двајца негри, од горен Египет, со лесни оризови павкала го шират ладниот ветрец над измаченото тело, ги гонат оние зли, зелени муви кои напаѓаат смет и мртовци. А еве, сега ќе почне таму, во царската палата да се решава судбината на неговото натамошно постоење. Веќе цел ден, како што слушам, се расправа таму за едно прашање – што ќе биде со телото на царот. Одам кон палатата преку осончениот плоштад. Од една страна, зад мене, останува онаа скрита одаја со мртвиот цар, а пред мене, во палатата, во големата престолна сала за царски примања е збрана македонска група – Птоломеј Лаг, Пердика, Нерх, Пцевст, Касандар, Мелеарх, Селеук. А јас, кој постојано сум бил во сенка, добивам една силна желба да останам под светлото сонце токму среде осончениот плоштад, среде тој широк простор, опкружен со сенчести колонади, среде тој рамен припек исполнет со врвулица, со разџагорена толпа. Имам желба да останам под светлото сонце оддалечен од двете места, од театарот и палатата, кон кои чувствувам зазор, страв, одбојност и немилица. Од мртвиот цар, склопчен врз мермерната плоча во сенчестата сала, која и среде ден, покрај малото светленце од излезните скали кон ложата, непрестајно е осветлена со бронзени, украсни светилки со мирисни масла, и тука, на припекот ми доаѓа оној мирис на распорена риба кој претходи на мртовечката реа која никакви мирисни масла не можат да ја задушат. А од салата во царсаката палата и тука ме прободуваат оние подмолни и одбивни очи, исти кај сите, со кои се гледаат меѓусебно блиските воини, војсководци, пријатели, другари на царот, соборци и врсници. Кон крајот на болеста на Александар, тука во Вавилон, тие очи беа сè повеќе полни со недоверба, со сомничавост, со глад за моќ, со неизвесност во која се наоѓаа сите пред брзиот тек на болеста која наближуваше кон смртта. Но, учителу, не беше тоа време на некоја поинаква, посилна омраза меѓу нив. Не, тоа само беше време на општ страв. Секој се плашеше за себе. А стравот од некого ја раѓа и омразата кон него. Но, ти, учителу, сигурно си ги забележал тие чувства на непријателството меѓу нас уште кога се делевме од детските години, кога ти, по волја на Филипа (на Билипо, како што ти го викаше на овој стар наш јазик) дојде кај нас да ни го осветлиш духот. Се сеќавам на твојата насмевка со која ги следеше кавгите, меѓу себиците, гневните згушувања меѓу нас. Но јас никогаш не учествував во тоа иако ти мене ме пофаќаше со казните да не одиме на некоја претстава од театерските свечености во Пела или во лов на лисици. Ти бев благодарен што, иако невин, не ме делиш од другите во тие казни. А мене ми беше и полесно и поубаво да останам во мирот на гимназиумот во Миеза, одошто да јавам со часови до Пела заради некаква провинцијална претстава или да одам, макар и во мека, царска кола, во густите шуми над Еге, во лов во кој никогаш не уживав. Ти ја знаеше таа омраза која не се јавува често меѓу млади луѓе, оти што и да правевма, местото на првиот беше решено и ние можевме да се бориме само за неговата милост, внимание или доверба. Да, знаевме, Билипо ти беше рекол дека сме му исти и така треба и ти да се однесуваш кон нас и оти на Александар не му дава никакви предимства какви што за својот син бараше Олимпија и какви што му давше суровиот Леонида. И ти сакаше да бидеме еднакви, но Александар ти се наметна како прв иако многумина беа пред него и во логиката и во филозофијата и во пишувањето. Александар, всушност, те победи, ти се искачи над твоите знаења, ги омаловажи и ги обезвредни, те понижи зошто те примора и ти да гледаш на него со поинакво разбирање и внимание одошто на нас, другите. Ти го издели или тој ти се издели, не знам. Ја пречкртувам онаа реченица што пред малку ја напишав, во која те навредив. Ја пречкртувам со една широка црта преку папирусов, да можеш да ја читаш и да ја разбереш, но да знаеш дека не се откажувам од неа, дека неразборно сум ја напишал. А можеби ти му даваше повеќе слободи зашто знаеше дека формираш иден владател, цар, водач. Ти го водеше и го воспитуваше но не знаеше што бидна тој. Затоа и ти го пишувам сево ова. Не знам како ова ќе допре до тебе. Кога и како ќе ти го испратам напишаново. Гледам, папирусов се множи и се завиткува во сè подебела траба, а слушам дека брзите линии кон Македонја смеат да носат само вести што ги одобруваат диадохите збрани во царската палата. Но, се надевам, како ти што нè учеше, дека гласот на вистината и напорот на добродетелта ќе дојдат навреме до својата цел. Од твоето долго писмо до Александар, од кое знам само некои делови што тој одвреме-навреме ги читаше на свечените собири во палатата, можам да разберам оти до пред три-четири години ти уште имаше мисла дека можеш да влијаеш врз него, да му ги откриваш смислата и целта на владеењето. А токму тоа беше за Александар најтаинственото и најнејасното нешто. Некогаш владеењето му стоеше како потреба на духот да биде над другите, некогаш смислата на царувањето за него се состоеше само во тоа да обмисли, да подготви и да започне војна. Честопати дијадемата му значеше само моќ да дарува, да наградува, да усреќува. Но многупати царувањето му беше само начин на одбрана и причина за убивање, за итро уништување на некакви замислени противници. Но тоа беа живи луѓе и од неговата мисла стануваа преку ноќ мртви. Одвреме навреме царската моќ ќе му стежнеше и стануваше извор на страв, причина за бегство, најчесто по убиствата што ги вршеа гардистите, божем случајно, несакајќи, но јас знам дека тоа беа нарачани смрти, вршени во негово име. И тогаш, ќе ме повикаше и заталкувавме по неколку дни, избегнувајќи ја гардата и стражарите. Менувавме, патем, по брзите линии, коњи, со смртна забрана од некоја шталска постојка некој да тргне по нас. Татневме, бодинајќи по некои далечини и испустени села како скитечи без цел и насока. Не можам да се сетам што говоревме, за што разговаравме во тие дни на бегство. Знам дека нешто говоревме но сега, кога се присеќавам на тие хировити талкања, ми се чини како да бевме онемени. Александар, на тоа се сеќавам, беше во тие бегства збеснат од страв, беше во некое лудило слично на божја казна. Јававме низ пустелии, без храна, без одмор, сотиравме коњи, препалувавме селани. Упаѓавме среде укрепени стражи на некои далечни сатрапии. Александар ги разбркуваше во бесен налет, а тие, без да го препознаат, узнаваа во неговата избезумена, ужасна појава нешто од вечното лудило на војната, нешто страшно и за нив необјасниво и непоимно. Ги напуштаа своите стражарници, ги оставаа коњите и оружјето и бегаа онаму каде коњаник не може да допре. Таа власт врз немоќни, непознати луѓе за Александар беше доказ за неговата сила и го успокојуваше зашто тогаш самиот можеше да види, да се увери, дека ништо на светов не му е подарено туку дека сè постигнал со волшепството на својата сопствена моќ. А најчесто власта му беше секојдневие исполнето со средби со советници, со пратеници од многу краишта на Икуменот, со стручњаци од разни струки – со градители на бродови, на палати и храмови, со специјалисти за оснивање и устројување градови, на нови Александрии, со уметници (најмногу ги ценеше скулпторите), со шпиони, со лекари и ковачи на оружје, со чуварите на трезорот, со дрводелци специјалисти за копја и за стрели. Кога се среќаваше со оружари од кој и да е вид, јас морав да бидам присутен. Од мене очекуваше одушевување за она со што тој беше одушевен. А што се однесува до оружјето, иако бев подразбиран како негов личен оружар, можев да му пружам само поткрепа при одушевувањето, но не и да го споделам неговиот бес заради неуспешни или глупави проекти. Во тие средби Александар умееше да смеша царско однесување со положба на познавач на работите, на знајач кој умее да испитува, да биде љубопитен, брзо да согледува и да донесува судови. Побрзо, колку јас што знам, и од самиот Филип, но повеќе со потпир врз среќа, како да игра комар или да гаѓа со стрела далечна цел и, за чудо, му успева да погоди. Но, што ти кажав за Александар денес, ниту деноноќие по неговата смрт? Ти пишувам извадоци од нешто што треба да биде цело но, се чини, нема никогаш да биде напишано. Ќе ги читаш ли овие зборови, неповрзани, недоречени, нецели, и дали ќе ти појаснат нешто што не го знаеш? Можеш да ја разбереш мојата намера и како една служба кон тебе: да испуштам сè што ми минува низ главата, а ти да просејуваш, да определуваш што треба да остане а што да се отфрли. Како во времето на нашата младост пред три олимпијади (а сега гледам и ти тогаш си бил млад), кога сето она што ќе го напишевме го гледаше со брзо строго око, севидечко, поднасмевнат, како да те занимава некоја друга мисла, а не она што го читаш. Брзо, со остри подвижувања на стилетот режеш врз нашите восочни плочи за вежбање, го отфрлаш она што не треба, со една сигурност која на остава ниту најмала можност за сопротива. Гледам како Александар ги следи тие безмилосни движења врз неговите редови. Ми се чии дека тогаш, еднаш, при случката која ја памтам, бевме пишувале за вистинитоста на пророштвата од Делфи, за нивниот завиткан и нејасен јазик кој треба да се толкува. Режејќи ги редовите, со длабок, брз сек кој ти го следи читањето на неговиот остар и аглест ракопис на кој веќе си се привикнал, раката како сама се спушта и се крева, сече и остава зборови, без никакво колебање. Стилетот се крева, го прескока зборот среќа, реже понатаму, ги наоѓа зборовите на судбината и остануваат само тие три збора на неговата таблица поврзани во една, исто така нејасна синтагма, но извлечени од хаосот на незрелата размисла добиваат далекусежно значење, ја покажуваат, сега сфаќам, твојата мисла за пророчиштето. Но, исто така, сега гледам дека таа синтагма го означила и целиот живот на Александар. А тој тогаш, прво вцрвен, потоа блед, ја презема твојата отсутна насмевка, се повлекува со табличката, замислен врз она што произлезе под твојата рака но, сепак, од неговото пишување. Со остар замав, како да исфрла дискос, ја фрла табличката преку расцутените бадеми и цреши. Не го следи нејзиното далечно, тетераво летање на птица со пронижано крило. Полека, загледан во своите сандали се искачува по скалите кон салата за вежбање. А што ќе остане од сево ова што го пишувам на најфин папирус што за царскиот двор го изработуваа во една мала работилница кај Мемфис, покрај Нил. Исто семејство со поколенија го прави овој папирус за царски потреби. Што знам, можеби ќе го отфрлиш или ќе го запалиш кога ќе видиш што е и како е пишувано. Папирусот гори на два начина: кога е свиткан во траба, бавно, со чад кој излегува од срцевината на кругот, густ и црн, а по краевите затлејува синкав пламен кој полека се движи, се мачи како дрвото што го гуши пламенот кога корката му е водена. Така тлее и чади долго како да е на мака ставен, на тој тивок оган, и оној што го исполнувал со бесмисленостите на својот ракопис. А гори и поинаку. Кога е отворен, развиткан и исправен, гори како сува борова гранка: пламенот сè порадосно се качува нагоре, сè поцрвен и посветол, бесчаден, а зад него останува, уште во формата што ја имал папирусот, сива пепел, која наеднаш се растресува и пламенот в миг ја крева нагоре, во првата струја кон небесата и ја расејува низ ветерот. Запали го, ако веќе го гориш, на вториов начин. Па сепак, зошто? Нека остане како сведоштво на некој од блиските на Александар. Можеби ќе има и други пишувања. Можеби ќе го опише животот на Александар. Но, ете, замислувам како Селеук ги бележи своите мисли за Александар. Реков ли мисли? Како може да ги забележи оние свои приказни, широки насмевки со огромните, ретки заби како ‘рбет на говедо во пустина. Како ќе ги забележи оние свои ситни очиња, празнотијата на огромната глава зад нив, залудноста на своите речишта незгодни за никаква писалка или стилет. Но, ова сево, за Птоломеј и Селеук го пречкртувам. Чуму и од каде таа злоба кај мене? А,еве, веќе треба да одам, брзам да бидам присутен при донесувањето на некои важни одлуки што треба да ги сочини Советот на диадохите. Советот – тоа е сега остаток од царската моќ. Но царот не го состави тој Совет за да владее туку да има кому да му ги соопшти своите одлуки и да се знае кој ќе ги извршува тие негови решенија, поделени на задачи, секому според она што може и умее да стори. Одамна ги нема постарите генерали во тој Совет. Останаа само Пердика и Кратер. Но тој собир на истакнати генерали и советници беше променлив и зависеше од волјата, милоста и хирот на царот. Некогаш во него беа и Пменион и Филота, Клиет и Хефестион. Но, нив веќе ги нема. Сите се мртви. Доаѓаше, и неповикан, кога ќе посакаше, и Калистен. Но и него веќе го нема. На повеќето од нас си ни бил учител во Миеза. Постарите, со мудра перфидност, Александар ги изземаше од тие собири божем да ги поштеди од здодевните седења крај големата дабова маса, да им дозволи самостојност како на исклучителни и заслужни војсководци. Всушност ги замолча, ги отстрани од секакво влијание уште веднаш откога го поддржа да стане цар. Доаѓаа, по барање на царот и сè повеќе Персијци, од фалангите и од страпиите. Но денес на собирот ќе бидат само Македонци. Ме повикаа и мене. Не знам зашто. И, ете, сега брзам на тој собир а ноќва ќе ти пишувам што е решено. Мислам дека се дели власта, можеби ќе се дели и царството, може и мечови да се потегнат, може некој да ја доведе и војската со која командува, може некои и да не стасаат до големата сала со престолот. Сè може. Но, ете, мојата желба не се исполни и веднаш ти го изневерив ветувањето – веќе неколку дена ништо не ти напишав и сега не знам како ќе го изложам сево безредие кое е во мојата глава, како, повторно, низ пишувањево, да го преминам сиот ужас што го доживеав, како ќе ги најдам вистинските зборови за оние, најважните настани во изминативе деноноќија што ќе ти покажат што навистина се случувало со сите нас и со Александар тука, во Вавилон, кај што тој беше наречен цар на четирите страни на светот. Безредие е, хаос и кошмар во моето сеќавање од дниве што поминаа. И ужас. А сакав убаво да ти изложам, сè по ред, со постапност, со логична поврзаност како кај старите историчари кои го одбираат најинтересното и најважното од сè што се случило. Но сега знам дека таа моја намера, таа искрена желба отиде во неврат, ја однесе водата. Јас сум еден возбуден и очаен човек кој ги загубил својот мир и својата сталоженост, кој е сосема распарчен. Што можам сега да изнесам во ова мое бележење. Да ти го искажам мојот сопствен хаос, оваа целосна парчосаност на мојата психа. Но, дали тоа ќе биде доволно за да ја согледаш вистината што се случуваше тука и што и натаму се случува. Досега сум се соочил само со мртви, со стотици и илјадници мртовци. Со искапени, крвави, обезглавени трупови, со распаднати воини заборавени по краиштата на бојните полиња, што ги откриваше само кружењето на мршојадните птици и нивната сопствена реа. Се соочував со мигови на умирања, со погледи што гаснат откако градите се пробиени со копје, со кркотот на крвта во пресечените грла, со вресокот на оние што умираат под опсадените ѕидини облеани со запалена смола ... Но тоа не беше ништо, тоа беше секојдневната глетка што ја има човек кој тргнал низ светот како придружник на големата армија, на воинствена, победоносна, опитна војска. Како придружник на нејзиниот војсководач околу кого, во сите битки, најмногу се гинело. Тоа беа мртовци и умирања. Сега, кога умре Александар, се соочив со самата смрт. Во судбината на еден човек, ете, го видов и големото воздигање човеково (кој знае дали тоа бил вистински возлет) и, еве, на крајот на сето она што му било прорекнато, се соочувам и со вистината за смртта, со вистинската смрт. Оти оваа смрт, веднаш тоа го помислив, го уби и царството, ја погуби и големата идеја за хармонијата, го сопре пресоздавањето на светот. Не знам дали сум ти напишал, а не знам и дали некому сум му рекол, (зошто тоа, исто, беше една од опасните теми), но, јас го мразам овој град. Тој е во сè спротивставен на сè она што сакам. Ова не е полис каква беше Теба, каква е Пела, па и самата Атина, кај што сите меѓу себе се познаваат, кај што од едниот на другиот крај бистрооко момче може да препознае секого, кај што од агората на која сакаш страна може грлест маж да довика кого сака. Не, ова е еден огромен јазол од урнатини, од улици, пазаришта, ѕидини, шанци, канали, палати, храмови, бркотница од премини и слепи улици. Ова е една непрестајна врвулица од Персијци, Сиријци, Грци, сега и Македонци и Индијци, црни и бели, богати и сиромаси, робје што се збогатило и има свои робови и слободни луѓе што станале питачи на безбројните агори, пред многуте огромни храмови на некои чудни божества. Тоа е мешаница на луѓе, пци, јазици, коњи, каравани камили, тешки коли. Тука како да се забрани од целиот Икумен сите убијци, разбојници, крадци, лажговци и измамници, питачи и парталковци, сакати што се влечат низ прашината. Но ова е град и на богати благородници, на моќни свештеници, на скапи куртизани кои во цврсти, блескави коли со фригијски коњи ја газат и ја креваат истава прашина. Можеби најмногу ја мразам токму неа, таа прашина, сегде присутна, жолта, неуништлива. Таа плови низ реката и каналите, вечно матни, како да се без длабина, како да се разлеана и разблажена кал, таа го затвора небото – изгревите тука се жолти како кога палиш факел во мрачен храм. Пладнињата се суви и зачадени како при безветрена вршидба кога многубројни робови, со тешките лопати, фрлаат нагоре жито а над нив се креваат и се лелеат думани жолта плевел и се шират наоколу. Сè е пожолтено. Луѓето, куќите, дрвјата, тие ретки, осакатени и закржлавени дрвја, сè е посипано со тоа болно жолтило. Градов, овој огромен, недогледен и недооден град повеќе е слика на хаос и смрт, на распаѓање одошто претстава за живот, за растеж и напредок. Ова е град на измама, лажен град. И токму Александар како да ја зголеми таа измаменост, таа прелаженост на овој мегалополис, како што го нарекуваат. Како минувач кој го следи својот пат, кој има некоја цел, сигурен сум дека би минал низ Вавилон без некој восхит. Сè е градено од сушени тули кои предизвикуваат додатна прашина. Сето тоа безредие од слепи улици и сокаци, засводени премини кои не водат никаде, огромни ѕидиша кои не опкружуваат ништо, го гори постојаното сонце кое не ти кажува ниту кое доба на денот е ниту каде се страните на светот. Реката која излегува одненадеж пред човека не знаеш каде тече зашто стои меѓу своите калливи брегови. А честопати не знаеш ниту дали си крај реката или до некој од многуте големи канали исто така застанати и матни. А јас, можеби ќе останам тука до крајот на животот, во ова споулавено и болно место. Дали би можел да го напуштам местото на гробот на Александар? Не знам зошто но верувам дека тука ќе остане неговото тело. Можам ли да отидам некаде, јас, неговиот придружник, неговата сенка, неговиот слуга, дали јас, кој веќе немам што да бидам во животот, а и не сакам да почнам да бидувам нешто што досега не сум бил, до својата триесет и трета година, дали можам да го напуштам Александар? Јас кој сум бил дел од неговата облека, од неговото богатство, состав на неговите ергели и ѕвериници, дел од воздухот кој го опкружува, зафрлок во неговата оружница, можам ли да бидам нешто друго? Не, сигурно до крајот на живото ќе останам она што сум бил под Александар – ништо. О, да, бев назначен за негов личен оружар. Тоа беше мојата улога во животот која никогаш не сум ја извршувал како што треба, која ја мразев, како што го мразам и оружјето, од сите видови, па и овој мој кус меч кој постојано ми е препашан околу половината. И Александар ја знаеше таа моја немилица, таа одбивност кон она што сум иако никогаш за тоа не сме прозбориле ниту збор. Но не ме испушташе, ме држеше во тој омразен круг и јас молкум, како најдолен послушник, го прифаќав тоа. Но, каде би пошол јас од овој омразен град, од оваа омразена положба кога никој никаде не ме чека, ниту во Македонија, во Пела, кај што сум роден? Ме чека таму само Антипатар и неговите послушници, ме чека македонски нож во грб, некаде крај Езерото, во ноќ која бучи низ трските на брегот и ги крие чекорите на убиецот. Да, се чини ќе останам во овој град, како сенката, како непотребен плитер на патот. А ете, брзам да ти соопштам што се случи на собирот, но писалката ме води на друга страна, како самата да пишува, како да бега да ти го опише она за што јас сакам да те известам. Верувај учителу, тоа е една подмолна битка меѓу мене и ова парче дрво што треба врз папирусов да го набои она јас што сакам. Но тоа си има своја желба, свој ум, и ми ја води раката, ми ги пишува буквите, ми ги насочува сеќавањата и мислите онаму каде тоа сака. Цврстите влакна на неговиот врв, кога ќе посакам да го скротам и да напишам нешто што треба да ти соопштам, како да се накострешуваат врз грбот на дивиот нерез од кој се искорнати и ја разлеваат бојата во неразбирливи знаци на некое нечитко и незнајно писмо. На многу места, кај што има мачканици и чкртаници, знај дека сум се борел против ова проклето оружје, најопасно од сите што сум ги запознал а, верувај, сите оружја ги знам, и оние што никогаш не се појавиле на бојното поле, што останале само како скитници или идеи во нечии глави или како единствени примероци во оружницата на Александар. Знам, треба да сум сам, да ти го соопштам само она што се случува, но не можам. Она што се случува невидливо за мене, тоа е сега поважно од сè друго, кога Александар зад мене, во онаа мала, царска сала за одмор во големиот театар. И многу работи се случија но во моето пишување јас заостанав зад нив и еве, уште одам кон царската палата, уште сум на припекот пред нејзината колонада, иако тоа било пред којзнае колку дена. Во пишувањето не можам да ги искачам тие десетина скалила пред влезот во палатата, да влезам во големата престолна сала и да застанам на своето место. Та и тогаш, кога одев таму, нозете ме враќаа назад, кон театарот зашто веројатно знаеја дека моето место не е таму, дека во палатата на договорот на старешините веќе не постои, го нема. Што сум јас таму! Чиј оружар, чија припрата, кому сум му нужен? Па сепак ме повикаа. Дојде еден од прислугата на некој од диадохите: – Господарот те кани на важен договор – започна момчето со испрекинат глас, зазбивтано, сигурно трчало дотука. Тогаш забележа дека не го сфаќам добро, дека тука, во оваа смрачена сала, седнат на мермерната плоча до нозете на Александар кој е прекриен со пурпурна покривка, неговата реч ми излегува бесмислена и смешна зашто единствениот господар на Икуменот никого повеќе не може да покани на никаков договор. И кутриот паж, загледан во контурите на прекривката, збркан, вцрвенет, пропелтечи: – Те канат во палатата, сега, напладне. И како некој да го влече со јаже, назадечки истрча кон ходникот, надвор, на светлост, во топлина. Не можев да го препознам, не знаев кој му е господар – Селеук, Пердика, Лаг? Сите велможи веќе одамна имаа создадено препознатлив знак за својата прислуга и за своите мали, одбрани гарди. Беа тоа посебните бои на наметките, златните копчи кои ги држеа појасите, белегзици што се носат околу мишките, челните украси. Овој на розовата наметка со темни рабови имаше копча со златна глава. Да, може да бил од прислугата на Птоломеј Лаг, со знакот на светата египетска сфинга. Птоломеј знаеше многу за Египет, му беше наклонет. Таму беше и неговата Таис, убавицата на целиот Икумен, како што велеа некои. Повикот ме збрка, ме изненади: зошто сум им сега во палатата, таму кај што ја минаа оваа непроспана ноќ, збрани за да донесат одлуки кои ќе бидат важни за царството. Што можам јас да правам таму, што можам јас да придонесам. Никогаш, за ништо мојот збор на бил ниту баран ниту ценет. Ах, понекогаш, кога Александар прикажуваше нешто во што ниту самиот тој не верувеше , малку ќе се подзавртеше наназад кон местото кај што знаеше дека сигурно сум, и без да го дозаврти погледот до мене, ќе побараше потврда за она што го кажува, повторно, како само по себе да се подразбира дека ќе ја добие: – Нели е така, Архидеј? – и сигурен дека јас сум таму, на своето место и дека со бавно, свечено кимнување на главата го вистинотворам она што го рекол, ќе продолжување, светнат, поттикнат како дете од родител, уште поживо и позабрзано со своето кажување на кое, и онака, никој не се спротивставуваше. Зошто ли ме викнаа, што ќе сум им јас и кој од мене сега ќе бара потврда и за што? Но отидов во палатата, во престолната средна сала, темна по блескавото сонце на плоштадот, студеникава и тивка. Оддолу, кај што прислугата ја вршеше својата работа, се слуша далечно, тивко ѕвечење на големите сребрени садови, ѕвон на огромните авани во кои се толчат коски за зачинка на месото и, што во мигот ми се стори страшно и оскрнавувачки, одекнуваа весели, високи гласови и довикувања, се извишуваа кујнските наредби на младите мајстори од Инд, вешти во готвењето зеленчуци, и грлестиот глас на главниот готвач, Македонец, кој месото го готви така што не се препознава дали е од камилски бут или од ребренца од младо јаде. Се извишуваат тие звуци до смуртената тивка темнина на оваа сала со празен престрол. Сите се тука, околу големата маса на Советот – Пердика, Селеук, Птоломеј, Пцевст, Лизимах, Касандар и Јолас, Еумен и Мелеарх, сите се на своите места, само Неарх возбудено шести низ салата, како брод без весла и едро. Кога ме здогледа зарече нешто но си го пресече зборот. Јас полека минувам низ самата средина на салата, покрај Неарх, се искачувам по скалилата кон престолот, одам надесно зад него и како што никогаш не сум направил седнувам на дебелиот ирански килим на кој е и самиот престол. Седнувам на она место на кое со години сум стоел. Но сега го нема Александар и нема кому да му стојам. Неарх пак заречува нешто но и тој седнува на своето секогашно место до Селеук, пробира во садот за овошје, зема портокал, го преметкува во раката и го враќа назад. Тоа е единственото движење што се случува крај масата. Сите се неподвижни и замолчани. И сите гледаат во мене, како да очекуваат од мене нешто, како да се загрижени за мене. Проговори Птоломеј. Неговиот грлест, јасен глас сака да биде смирен и прочистен, зборот да биде краток и разбирлив. Не , не е тоа наредба, не се навикнати на мене да ми наредуваат иако не ме сметаат за рамен, тоа е просто изненадување на еден заклучок, соопштување на една одлука кон која не може да се има никаков привик или протест и која Лаг се труди да ја искаже како и јас да сум учествувал во најзиното донесување. Лаг почна оддалеку. Очите кои непрестајно му шетаа од еден предмет на друг, од рачките на престолот, преку украсното оружје на Александар на задниот ѕид, зад престолот, по капителите на столбовите, се запираа на копчите на неговите сандали и не погледнуваат ниту во едно лице а ги избегнуваат и моите очи. Тие скокотливи очи не се во согласност со одмерениот глас кој тече рамно, без паѓања и нагласки. – Ти Архидеј – вели Птоломеј – ти беше најблискиот до Александар, поблизок одошто кој и да е од нас. Тоа е невистина и штом на таков начин го почна својот говор, да ме измами за да ме одоброволи за нешто, знаев дека одлуката што ја донеле и што тој ми ја соопштува е против мене. Но молчев и сакав да му ги дофатам очите. – Ти беше неговиот најсакан и најмил. Ти му беше и утеха во тешките часови, придружник во сите походи, поддршка во сè што тој замислувал. И ти си најповикан меѓу нас и сега да останеш крај него, да му бидеш поткрепа и помош и во смртта. Ова матно, нејасно говорење на Лаг не ветуваше ништо добро за мене. Ми беа зготвиле нешто од што самите сакаа да се извлечат. – И затоа никој од нас немаше право да си ја земе чесната и благородна задача да се грижи за Александар сега. И сите знаеме дека тоа би била и негова желба и одлука ти да се грижиш за неговото тело до привремениот погреб. Да бидеш крај него, да останеш до него дури не биде подготвен за пренос во постојаната царска гробница. Тука рамниот глас се поколебува како мазна, брза вода над висок подводен камен и Лаг брзо, мимолетно погледнува во оние што седеа спроти него, првпат им погледна во лицата, им ги побара зениците и јас разбрав дека и од нив бара согласност и поткрепа. Тогаш и мене ме погледна првпат, му ги видов стежнатите очи кои сигурно на моето лице открија некоја неприемчивост и одбојност та забрза, со одмавнување со раката, да се врати назад, на она што во мигов најмногу ги печеше. – Но, да го оставиме тоа сега, сега е најважно да се зафатиш со подготовката на царот за привремениот погреб. Пак се колебаше и видов дека не кажува сè што знае и кога почна да дообјаснува сетив оти пак нешто премолчува и крие. – Царот треба да се подготви да може да опстои тука, во Вавилон, дури не се изгради раскошната гробница и не се изврши царскиот погреб. Окото му е несигурно и збунето. – Како што доликува на Големиот Цар – дополнува со она што веќе го беше рекол, и завртува погледот кон Неарх, кој меѓу замолчаните диадохи пак метка портокал во раката. А тој го остави портокалот, почна да станува и само тој, меѓу сите други ми се обрати, сигурно со она што не го изрекол кога влегував во салата. – Како е Александар? – ми прошепоти. И тогаш се сетив на она што ме глочкало и ми тежело во малата сала, крај телото на царот – го беа оставиле таму, го беа напуштиле. Никој не се појави цела ноќ дури јас преседував крај неговите нозе. Никој не намина, никој не испрати барем некого од пажевите да види каде и како лежи царот. – Мртов е – му одговорив, иако знаев дека сака да ме праша како се крепи мртвото тело, дали почнало да се расипува. И почнаа да стануваат сите, да се раздвижуваат по преседаната ноќ, по смртта, по целово претпладне. Без да се поздрават меѓу себе, без некој друг да рече нешто некому или да ми се обрати мене, се упатуваат сам по сам меѓу столбовите и кон излезот и кон внатрешноста на палатата. Полека се празни престолната сала и втрчуваат забрзани, развртени пажови да ги прибираат заборавените предмети од набрзина заминатите господари – нивните златни пехари, нивните сребрени чинии (ноќва пиеле вино и јаделе), тешките броеници, копчите од сандали, зафрлените наметки, заборавените павкала од сандалово дрво и ноеви пердуви. Забележувам дека нема заборавено оружје што секогаш била најголема грижа на пажевите и во мигот се присеќавам на таа необичност што цело време ми паѓала в очи: никој во салата не беше под оружје. А порано сите, ама сите до еден, доаѓаа со украсни мечеви, со куси ножеви со рачки од слонова коска прошарна со вметната златна жица и скапи камења. Сакам, учителу, да ти искажам нешто срамно за мене самиот: почнав да одбирам од тие работи со оружјето кога тоа престана да биде само средство за одземање на животи и кога стана знак на богатство, престиж и добар вкус. Тоа оружје беше доказ дека моќнокот има добри мајстори кои работат и за него. Не оружари, зашто со тие сечила најчесто не можеше да се заколе ниту јаре, туку мајстори златари, кувенџии, кипари, минијатуристи, јувелири. Тоа беа истите оние мајстори-уметници кои прво почнаа да ги красат нивните жени и куртизани со скапоцен укит па потоа и нив да ги китат и да ги контат со тие скапи и вредни но неупотрбливи предмети. Јас, како оружар, знаев колку тој незаситен занес по украсно оружја го срдеше Александар, но исто така знев, а самиот се срамев од тоа сознание небаре јас сум виновен, дека токму тој, Александар, бесен и лут поради болна желба на другите, ја беше започнал таа болест. И неговата лутина се однесуваше на изненадата што го снајде кога забележа дека и другите се китат со тој негов– Александар сметаше дека смо нему му припаѓа – сјај и раскош. Но, има, учителу една голема разлика меѓу него и сите други кој Александар не можеше да ја воочи, од една страна зошто беше лут, од друга, зашто малку се познаваше себеси. Но, сите моќници немаат потреба да се запознаат себеси или кого и да е друг. Доволно им е што другите ги познаваат онака како што тие, велможите сакаат, по силата, свирепоста и бездушјето кое предизвикува страв. Но, сакав за друго да пишувам, за оружјето. Неговото украсно оружје можеше и да убива и тоа пожестоко и подобро од сите боеви комплети што се трупаа во неговата оружница. Најукрасеното, најскапото, најреткото и најубавото оружје што го красеше тука, во Вавилон, ѕидот зад престолот беше и најубоитото. Мечевите, копјата, стрелите, топузите со синџир, кусите, широки ножеви со златни рачки, сето тоа блескаво оружје, претоварено од мајсторство, украси и убавина, беше од цврсто железо, седум-осум пати прековувано до вжарено црвенило, за в миг да биде згаснато во крбли планинска вода, преварувана за да излезе и она малку таложено белило, преточувана и прецедувана од сад во сад, чувана во дебели амфори во длабоки суви бунари. Да, јас сето тоа го знам, сето тоа што произлегуваше од неговата занесеност по оружјето. И кога ќе му дадеа такво копје, меч или мавало, тој ќе фрлаше брз и бегол поглед по украсите на рачката, по златото и јантарот, по сребрените делови втопени во сечилата за да се испише во нив името на имателот: „Ова е меч на Големиот Цар Александар, покорен подарок од трговците од Дамаск“ или од некој друг град, од некои други дародаватели. Сите покорни, како што беше ред и како што се очекуваше да се потпишат. И тогаш со страст и љубов ги испитуваше сечилата, бодежите, остриците, смртоносните шилци, ситноста и подвижноста на синџирите кај перјастите мавала, рамнотежата кај копјата. Не го интересираше убавината зашто тој веќе навикна да ја подразбира или не ја забележуваше, не знам. Го привлекуваше убиственоста на оружјето, неговата моќност да удри, да пресече, да прободе. Ако беше острица мораше да може, откога ќе ја лизнеше со широкиот, белузлав јазик подлактицата, да ги бричи неговите цврсти, црвеникави влакна, ако беше убодно оружје мораше на ноктот од палецот, а ноктите му беа тврди, бели и широки, да направи напречна решка со мал, лесен допир, со движење кое оди бавно оздола нагоре. Ако тоа бил нож, мораше со брз, кус замав на неговата силна рака да ја пробие тешката, дебела плоча од македонски даб на големата маса во царската дворана. Да, учителу, оружјето за него беше занес и страст, тоа беше посредник меѓу неговата волја и смртта. А кај неговите сатрапи, другари и блиски, таа страст кон оружјето како алат на занаетот, на убиствениот занает на војната, се престори во плитка, неразборна страст, во неразумна наклонетост кон убавината која не може да ја изврши својата задача. Мислам, и тврдам, дека тука, токму во тој однос кон оружјето – а боговите нека ми сведочат дека не говорам како личен оружар на царот зашто тоа никогаш, според моето чувствување и моите склоности не сум бил – во сфаќањето на смислата на мечот, па бил тој украсен или не, се зацрта разликата меѓу Александар и сите други. Хефестион, на пример, оружјето го сметаше како средство да стане херој, да се прослави со победи, да се истакне како воин. Птоломеј на оружјето гледа со потценување зашто смета дека неговата вештина на умот и на јазикот, може да надвие секакво оружје. А Александар го сметаше оружјето само како носител на смрт, на уништување, на завладување. Тоа за него немаше цена зашто немаа цена и целите што ги остваруваше со него. И крајната цел – власта, моќта, владеењето. Веројатно само јас можев да ја видам таа пукнатина која зјапа меѓу него и неговите блиски. А таа делба се појави најпрво како мала цепутка, та почна да се шири не само во смислата и видот на љубовта кон оружјето, туку во постигнувањето на крајните цели со него. И почна и да се шири и да се длаби, како гибелна пропаст каква што нашата Темна Река ја издлабила при долниот тек. Разделила два брега и не можеш да ги премостиш, не можеш да ѝ се доближиш на водата, та оние што се на едниот брег никогаш, може, нема да се допрат со оние на другиот. Уште тогаш, во детството, почна страшна пропаст да се вденува меѓу животот на Александар и на сите други. Сите го знаеја, или барем го чувствуваа тоа, освен него. Но и тој, особено последниве години, почна да се осамува. Го фаќаа несоници, стана сомничав кон сите. А јас, еве, иако се откажувам во себеси, и пред тебе, од мојата положба на личен оружар на царот, позната и призната положба која предизвикувала и длабока зависливост и црна омраза кон мене од многумина царски додворувачи, сепак говорам за оружјето. А ова мое говорење тешко дека некој ќе може да го разбере та затоа ти го доверувам само тебе, учителу. Малу е недомислено но јас сум сигурен дека е точно. Уверен сум во тоа дека овие мои зборови се крепат врз нешто што го знаевме само јас и тој, Александар. Само ние знаевме за таа негова страст кон сè што може да убива. Тоа беше страст кон смртта, болна понесеност по убивањето. Може, учителу, во него да бабрела и зреела некоја мисла дека колку повеќе животи ќе земе, ќе уништи, ќе згасне, толку ќе се продолжи неговата бесмртност. Да, можеби е ова што ти го пишувам знак на лудило што ги погаѓа сите оние што се соочени со неразрешлива загатка која целосно ги обзела, та нејзиното решение го бараат и надвор од човечкиот ум. Но просуди и за оваа злобна помисла, полна омраза и мрачна желба за крајна одмазда што често се јавувала во мене кон него. И, ете, јас пак говорам за оружјето. Тоа е моето проклетство од кое сакам, а не можам да се ослободам та да го проценам точно овој мртов човек, овој предизвикувач на боговите, овој господар на смртта и сонувач на бесмртноста. Суров господар и лош сонувач. Токму како што и јас сум негов промашен толкувач, поранешен а никогашен оружар, кој од својата тесна и несовршена знаја сака да проникне во нешто што далеку го надминува. Учителу, разбери го мојот пелтечав напор нешто да ти објаснам и да ти откријам. Ти ќе го отфрлиш она што произлегува од самољубието кое секогаш несреќно се вкрстува со незнаењето. Помини го сето тоа низ твојата островида и безмилосна помисла та така, сепак, ќе може да ти се открие нешто од вистината за Александар. А денес седам поразен над белината на папирусов, чекам да ми мине студената пот од мислата што ми се јави, не од мене, туку како некој да ми ја дошепна, да ми ја кажа скришно, како на сон. Сурова е таа мисла како пробод со копје за фрлање кое лесно влегува во живото месо, ама заострените шкрги не даваат да излезе. Поразен сум, растреперен и вџашен. Гледај, по ракописов, каква тревога ме свила. Но можеби најмногу за тоа што стана и што беше Александар, ќе сведочи оваа мисла која дојде од никаде и, сега гледам, од секаде. Од сето она што го правеше Александар. И токму моето неврзано пишување, моето постојано навраќање кон оружјето, кон она што секогаш најдлабоко сум го мразел, таа моја осакатеност, ќе ти рече нешто што е вистина за Александар. Еве, можеби тоа е вистина за него: не сакаше тој да го освојува светов, да гради безгранично царство, не, тоа само му беше бескрајна и неограничена можност за да ја постави својата моќ како што однатре го тераше неговата судбина – да владее со луѓе, да ги крши, да ги менува, да ги магепсува и да ги потчинува, да чувствува – ох каква ниска пакост од моја страна! – да знае дека ги престорува во нешто што ним им е омразно и страшно, што ги возмутува до дното на битието, што ги споулавува. Да, се чини дека тоа е вистината, тоа е Александар! Та еве, и јас, без да сакам, ти пишувам за мене, за мојата одвратност кон себеси. И, сега ми се чини, ништо друго тој не успеал освен сите луѓе со кои дошол во допир, сите воини, сите полковници, команданти, диадохи, сите блиски, да ги скара самите со себеси. Да, да, таа е вистината, тоа е единственото, најголемото дело на Александар. Тоа му била, се чини, дарбата, тој мрачен, подол пристап кон луѓето. Но, што ти пишувам, што сум се зафатил со себеси?! Александар е повеќе, повисоко и подалеку од моето просудување. Инаку јас не би бил она што сум – сосема немоќен и збунет известувач кој ти пишува сè што ќе му дојде под писалката. Па сепак. Во бунтот на Македонците, во таа голема и неотповиклива непослушност што му ја искажаа македонските воини – фалангата, хертариите, заднината – пред извесноста на некои нови планови за воен поход, токму тогаш видов како во секој воин, во секоја стисната вилица и тупаница, во секое ококрено око и зјапната уста се буди омраза кон самите себе. Бликнува тој бунт кон сопствената послушност, кон самата своја суштина. Кај сите беше тоа некое гнасење од себеси оти се воини во некое залудно, изместено и лудо војување. Беше за мене страшна таа слика на храбрите, на бестрашните Македонци наеднаш свесни дека владеел со нив, неодредена и нејасна, еден човек. И дека создал од нив нешто што веќе не сакаат да бидат. Дека сите нив, кои тргнале по него за доброто и славата на Македонија, ги вовлекол во некои неизвесни и матни походи кои ниту ним, а воопшто не на Македонија, им се нужни и важни. Ги престорил во воини кои се борат ширум светот а заборавиле на доброто на својата татковина. Ниту еден војник тоа не може да го сфати и да го поднесе. Ах, тие лесно можеа да го убијат тогаш. Тој стоеше пред нив, пред редовите на збитата фаланга, со завртен грб за да не ги гледа а и тие да не му го гледаат гневот на лицето. Стоеше и кусите, моќни прсти му се грчеа и му се опуштаа како да ги дави еден по еден и како да ги отфрла, омрцлавени и лесни, небаре лушпи од исшмукана смоква. Сега, седејќи над овој папирус, размислувајќи што да ти пишувам, сфаќам дека не го убија зашто разбраа оти се мразат себеси и ако некој треба да биде убиен тогаш е тоа секој од нив зашто допуштил да биде она што не сака. Ама што ти пишувам јас, што ти дрдорам, во името на боговите, го пречкртувам сево ова а ти изгори го, изгори го веднаш. А што? Јас сум виновен пред тебе. Сето она што се случувало тука последниве десетина дена, откога на мојот папирус му се навраќам како на несакана жена, како на мојата Егрипи, боговите нека ја вразумат та да поживее во мир со себеси, јас го забошоткувам, го прескокнувам и го премолчувам. Знам и зошто. Сега знам. Затоа што она што се случувало е толку ужасно, долно и гнасно, та не ми дава ниту писалката, а јас уште помалку сакам, да го опишам онака како што било. Но, колку и да доцнам со опишувањето на збиднатото, знам, сепак ќе дојдам до таа извесност, од која нема да избегам, потреперувам и морници ме полазуваат. Но, да, морам да се вратам кон текот на настаните, да ги следам по ред, да ги опишувам онака како што сум ги видел и доживеал. Можеби е добро што доцнам со пишувањево и опишувањето зашто откога нешто ќе помине, колку се оддалечува низ времето како да го гледаш од поблиску. Застанав кај повикот во палатата, кога ми соопштија дека треба да се грижам за привремениот погреб на Александар. Првпат слушнав тогаш дека може да има привремен и постојан погреб. Секогаш сметав дека погребот е една единствена случка кај секој смртен, како раѓањето. Но, ете, кога се работи за цареви не мора да биде така. И сега, во сеќавањето работите ми се разјаснуваат. Сега дури знам што сум видел тогаш: не само несигурните и зашестени очи на Птоломеј и не само лицето на Неарх. Се сеќавам и на стариот Пердика кој ги гризе муцките, и на Селеук, мирен како Сфинга, првпат без онаа бесмислена насмевка на лицето, и на Касандар кој недвижно седи и гледа во нешто далечно што никој друг не може да го види. Се сеќавам дека сите беа различни, не беше тоа Собир кој е едногласен та и однесувањето на оние што нешто одлучиле да е слично. Едногласно одлучиле мене да ме задолжат со натамошната судбина на телото на Александар, но секој од нив имал во тоа некоја своја умисла и сметка. Сега тоа ми осамнува, како да излегувам од мразна и темна пустинска ноќ, наеднаш, без мугра, во светол и жежок ден. Само ми го изнесоа своето соопштение и ги снема од салата. И еве, сега, се соочувам со тоа задолжение допрва свесен во што навлегов и за што се зафатив. Не сакам да бидам нечесен ниту кон себе ниту кон тебе – јас го прифатив тоа задолжение, не како чест, туку како нешто подразбирливо и природно. Ми пречеше само општиот здив на присутните, прелажноста во него, а само тој им беше заеднички, со кој Лаг ми го соопшти она што требаше. Избегаа од обврските, се измолкнаа како предавници. Го признаа својот пораз пред смртта што ги надмина нивните моќи. А можеби била тоа и посакувана смрт? Не знам. И тогаш, пред десетина дена, само пред една декада која човек во животот може и да не ја забележи, соема да ја испушти од сеќавањето, за мене почна еден друг живот. И овие десет дена ми се сторија подолги од сето мое живеење а и во иднината сигурно ќе ме следат, нема да ми дадат да стареам на мира. А во текот на овие дни ми се смени и веќе поминатиот живот. Сè што било, а сè за мене во минатото било во врска со Александар, сè сега се изменило, сè е сега поинаку и поинакво. Ми се изменија и мислите и спомените. Да, кога сите се разотидоа и јас, последен, излегов од престолната сала, од нејзиниот молк и дојдов пред новиот театар, бев веќе некој друг, непознат за себеси. Околу театарот ѕуни вавилонската врвулица, се мешаат најразлични луѓе, се слушаат непознати, разни, неразбирливи јазици, караници и весели извици, како ништо да не се случило, како ништо да не било, како во театарот да не е најголемата смрт што сите нè погодила. Или не. Овие развревени луѓе, оваа безимена толпа се метка на сите страни, оди по своето секојдневије, со своите секогашни мисли, со радостите и болките што на сите им доаѓаат од нивните животи. Не забележувам пред театарот стражи, нема на скалите љубопитна толпа која секогаш ја опкружува куќата на мртовецот. Како да нема никого во малата царска одаја за одмор. Влегувам во сенката на челните столбови, се искачувам по главните скали. Како и секогаш тука се меткаат или лежат питачи, болни, сакати, крадци, итри измамници, џвакачи на катран, мамурливи пијаници. Сиов џган на овој огромен и одбивен град. Како внатре да не е царот, како никогаш да го немало, како да не постоел. Низ првата полутемнина на коридорот кој води кон малата сала минувам, веќе одделен од градската врева. Факлите, кои секогаш гореле кога во театарот бил царот сега се догорени. Оние факли од цврсто дрво, при врвот обвиткани со дебел обвив од вутри сплетено јаже, натопени во смеса која свети бело, полека гори и малку чади. А во салата гледам дошле црни робови, робови или нечии слуги. Двајца, полуголи, седнати крснозе врз мозаикот од обете страни на мермерната маса на која лежи Александар, и мавтаат, со бавен ритам, со широки ладала од лесна, ‘ржена плетка во рамка од цврста индиска трска, со ноеви пердуви на краевите. Уште на влезот го чувствувам провевот. Салата е осветлена со четири бронзени ламби со мирисни масла поставени во аглите. Светилата се повеваат од провевот и сенките на ладалата од тој трепет и од своето движење се плеткаат во брзо безредие по столбовите. Тоа го гледам, и сето тоа е нечујно, а озгора, откај царската ложа кон која водат скалила, проползува и тука сматно дневно светленце. Оттаму слушам мрмор, па извици и неразбирливи зборови изговорени бесно, како пцости. А Александар некој го поместил, му ги исправил згрчените нозе, го подотскрил и го оставил така, недопокриен, полугол, со небрежно префрлена прекривка до половината. Озгора екнува караница на непознат јазик и јас сакам да го прашам робот што ми е поблиску, завртен со грб, но в миг се одлучувам за оној отспротива, што може да ме види. Извикувам, тоа ми беше намера, но испуштам пискав детски глас: – Што е ова? Црниот не ми обрнува никакво внимание. Дали не разбира или јас не го застрашувам што секогаш ми се случували со робовите. Кон мене тие, чии да биле, каде и да било, беа секогаш рамнодушни. Робовите, како и коњите, намирисуваат опасен и опачен човек. Тој останува да седи, а очекував дека ќе срипа престрашено, и само да не се судрат ладалата, само да се движат во постојан ритам, како крила на голема птица кои се доближуваат во напорот да летне, да се одлепи од земјата, но никогаш не се судираат, не се среќаваат. А дали од мојот писок или караницата секна сама од себе зашто дошло до мигот кога се вадат ножеви, кога се потегнува оружје, или се, на заедничко олеснување, потрошени сите зли зборови, та скараните задоволни од она што го рекле, заборавајќи го она што им е речено, се разотидуваат сите како победници. Во салата се притемнува зашто многубројните тела се спуштаат откај ложата и го затињаат скудното денско светло. На скалилата најпрво забележувам два чифта неверојатно различни нозе. Едните, босите, темни и огромни како столбови та и скалилата не им го собираат стапалото, мазни и бавни, другите се белузлави, тенки, обраснати по писките со црни, остро наежавени влакна кои спроти светлината добиваат виолетов отсев, брзи, потскокливи, во лесни, цврсти сандали. Не знам кои се овие луѓе, што бараат тука и посакувам да имам до себе некого од царската стража. А јас сум сам, со мојот кус меч но без волја за битка а, ти го знаеш тоа, и без моќ на борец. Но се чувствувам, како и секогаш, заштитен од ова спрострено тело, од едното, темното, подотворено око, од накосо покажаните заби, светли и како готови за цврстото каснување, до коска. И наеднаш нозете подзапираат. Големите стапала се смируваат газејќи настрана на две различни скалила а оние брзите слегуваат уште скалило подолу та им ја здогледувам должината на писките, мали и криви, но бргу бргу се враќаат три погоре. Им го знам поривот, зашто ниските, само така можеме, поткачени, да ја сочуваме еднаквоста во расправијата. Но обајцата потслегле толку што веќе можеа да ги видат моите нозе та подзапреле пред да се соочиме, во заедничка нерешителност. Но брзите нозе в миг исфрлија пред мене, меѓу две мавнувања на павкалата, околу мермерната маса на која лежи Александар, мало човече, маже под мојот број, но спечено и жилаво, слично на голема мува зујка, влакнесто и ококорено, низ чија уста се истураа купови зборови кои се превтасуваа и се мешаа во една пискливо-гркланска смеша од која јас ништо на разбрав. Низ годиниве што ги минав надвор од Македонија се изнаслушав разни јазици, почнав по нешто и да разбирам од некои, но никогаш не можев со сигурност да кажам кој е тој јазик што го слушам и чии зборови ги фаќам, тешко, како разулавени црцорци, но сепак ги повелам, им ја следам трагата, и кога ќе ми се стореше дека ми се разбегале, успеав да фатам по некој, да им го прекинам безредието и да подразберам нешто. Но овој човек не успеав да го поврзам ниту со еден јазик, ниту со една земја зашто и изгледот му беше непоимно единствен. Како самиот себе да се разбираше и како само самиот на себе да личеше. Од него биеше реа на застојан пот, на мешани треви и на смола. Но тој водопад на зборови малку секна кога нè покри обајцата сенката на огромниот, бавен Индус. Тој ја отвори устата, белозаба и црвена меѓу мустаќите и брадата црни како крило на гавран и на моја ужасна вџашеност проговори со истиот глас на џуџестиот – писклив, извиклив и неразбирлив. Обајцата говореа истовремено, како нашите овчари во Македонија што пеат песна на ист глас со исти гласови та понекогаш не знаеш дали пее само еден а од некоја блиска карпа песната му се враќа и му се придружува во пеењето или пеат двајца, прегрнати, образ до образ, како од една уста. Но обајцата мавтаа со раце и ги поткрепуваа своите зборови со остри движења-малиот мавташе од рамења, големиот само од лактите. Сфатив дека иако гласовите им се исти, а за мене и јазиците слични, тие меѓу себе не се разбираат. И јас викнав со сета сила. – Доста! – засрамен што и мојот глас е исто пискав како и нивните, та беше само како ехо на она што тие го врескаа. Престанаа да зборуваат, ги вкрстија рацете на гради – прво тоа го стори малиот – ги наведнаа главите пред мене. Тогаш забележав дека озгора веќе слегле десетина мажи поделени во две нееднакви групи. Зад големиот Индус, беа слични црномурестите мажи со остри бради, светнати со мирисни масла. Зад малиот стоеше неговата тајфа, сите со долги, црни камиларски наметки. А зад сите нив, стоеше кај скалите, во црна наметка, само еден човек. Се потпираше на порталниот столб, а врвот на камиларската ќулавка достигаше дури до капителот. Лицето му беше во сенка. Сфатив дека се тоа тајфи што ги следат двајцата скарани водачи и дека некое големо недоразбирање ги донело на исто место, тука кај царот. Погодував дека се тука заради подготовките на Александар за привремениот погреб. Молчевме. Од устата на Александар изби звук на ждригање, како по тешко јадење, и ладалата пренесоа здив како да пукнал рибји меур. Малиот потскокна, вресна како да му брцаат в око и бидејќи сфати оти не ја разбирам таа негова врескотница го затна носот и покажа на Александар, како да е жив и да сторил некоја срамна работа. Огромниот потврди со глава, на некој необичен начин како кај нас што се менува за да се рече „не“, но целиот негов изглед покажуваше дека е согласен со писокотот и гестот на својот противник. Па сепак, тие водеа една беспомошна битка кој да надвие, кој да остане на бојното поле како победник. Двајцата пак почнаа еден кон друг да истураат реки зборови и да се прскаат со плунките. Почнаа и да се удираат в гради. но јас како да насетував кој ќе победи. Огромниот црномурен човек се удираше отсутно со левата рака – а левораките ги има малу а најмногу несреќи паѓаат врз нив – но како да е не негова, туку туѓа. Целото тело беше неподвижно, само подлактицата мавташе и чукаше со тупаницата во десната, месеста града, мокра од пот, та по плескотот на ударите отскокнуваа чудно бистри, обилни капки. Како при перењето темни, зимски војнички наметки од козина кога во бистра речна плитковина, врз мазен камен жените удираат со пиралки и пиралките, со шлапкав звук исфрлаат капки во кои е смешана солта на војничката пот. А малиот човек се удираше со цврстата тупаница, преку лесната ленена наметка прво во пропаднатата градна коска та одекнуваше како да чука клепало од дабова срцевина во војничкиот табор. Јас ги кревав рацете, го втиснував мојот писок во нивните, но не можев да ги запрам. На Александар лицето и косата му светнаа. Лицето бело а косата црвена и жива, потреперуваше во ветрето на ладалката и блескаше на попладневниот зрак кој ѕирна во смрачената сала како кос прозрачен столб. Писна пак малот човек, прискокна кон Александар да го помести од допирот на сонцето, но брзо се премисли, му ја испушти главата, ја содра од себе наметката и почна во неа да го лови зракот. Гледаше во светлото петно на платното загнат да го згасне, да го избрише од главата на Александар тој опасен, расипувачки допир. Ја завртуваше главата, брзо како птица, за да види дали му сени на тоа лице кое повторно, без зракот, стана темносиво, мртво. Во тој миг ми се јави спасителот. Алкалез. Убавец, кадрав и румен, згоден, па сепак строен и силен. Откога ме поздрави со брз клек и со склопени дланки пред лицето, се загледа преплашено во Александар. Окото, подотворено, темното, озабената насмевка и црвената коса подоживуваа кога провевот на ладалата ќе ја занишаше ленената ткаенина во раширените раце на човечкото. Алкалез почна да трепери пред царот кој миговно де ќе се насмевнеше накосо, зајадливо и ќе намигнеше со окото та пак ќе умреше без зракот. Тој беше тукашен, вавилонец од колено и ги зборуваше сите јазици што боговите ги создале од крај на крај на светов и кои, сите се среќаваа во Вавилон. Мислата му беше матна, како на сите оние кои знаат многу јазици зашто зборовите им се мешаат, де од еден јазик, де од друг, влегуваат во мислата, се туркаат и се сопињаат меѓусебно, та таа доаѓа до устата пелтечава и несредена. Но, Алкалез беше највештиот преведувач во Вавилон зашто неговите од поколение во поколение сите беа преведувачи на царски дворови, кај војсководци во походи, кај трговци кои тргуваа преку три мориња, во пророчишта кај што доаѓаа разни луѓе од многу народи, во дипломатски мисии, меѓу народи кои говореа јазици за кои никој не слушнал. Алкалез беше личен и единствен преведувач на Александар. Алкалез ги знаеше сите тие јазици и преведуваше од еден на друг со леснотија каква што немаше неговиот јазик кога не преведува. При преведувањето гласот му беше рамномерен но сиот од радосен извик и од задоволство и уживање оти го прави она што никој на светов не може да го направи подобро од него. Тој восхит од самиот себе, таа торжествена, радосна монотоност на неговото предвидување имаше само еден недостаток – не го следеше гласот на кажувачот та и молбените и тажовните гласови со кои доаѓаа пред Александар разни баратели, во неговото преведување звучеа восхитно, радосно и певливо. Но на Александар тоа не му пречеше зашто беше сигурен дека Алкалез до збор точно ќе преведе и тој што вели и други што му рекле. Мене пак, постојано ме чудеше една состојба во неговата глава. Кога при преведувањето, ако соговорниците на царот или самиот тој нешто ќе препрашаа, Алкалез, она што веќе го беше изрекол не можеше да го повтори. Веднаш му избегуваше од главата во невратен заборав. Тогаш, растреперен, трепкаше возмутено и со возбуден глас, како што говорат артистите во старите трагедии, ќе препрашаше на јазикот на говорителот што е речено и кога ќе му повтореа пак ќе продолжеше да преведува со весело, со отворено грло и напнати гради. Сега веќе Алкалез зборуваше со обајцата во исто време, со големиот и со малиот, запирајки им го зборот, де на едниот, испречувајќи им ја својата розикаво-бела дланка пред уста. Недореченото, што тие го сметале за необично важно, им остануваше на незадоволните лица кога ќе беа запрени та се издишуваше во празен, лут издив, подготвен, меѓутоа, да изнесе куп зборови. Ги водеше во разговорот де едниот де другиот напред, како што вешт воловар, по тесен и кривулест пат води несложен ѕевгар со живо дреново стапче. Добичето кое ќе го швркне по муцка ќе подзастане, другото ќе продолжи да влече и колата ќе мине по свиокот по волјата на возачот. Алкалез мене ме гледа в очи. Му ја чуствувам вината кога ми се обраќа, несигурноста во гласот. Одбегнува да остане насамо со мене. Кутриот, мисли дека сум бесен на него зашто ми ја одзема Египи, мојата жена од Суза, а не знае колку сум му благодарен што ми ја мавнува од предочи, што ми ја симнува од вратот со сите нејзини хирови и злости. Сега ми се обраќа, со поглед во откриеното тело на царот, поресен и пребледен од таа глетка, која чудо, мене не ме трогнува. Дали веќе се навикнав на ова мртво тело, вакво, смалено уште повеќе од смртта, или некако, без и самиот да знам, го очекував ова, и ова самрачна одаја, и овие пискливи, непознати зборови со кои Алкалез се расправа, и овие едномерни ладала. – Благороден Архидеју – говори Алкалез со мртов, негов глас, не со оној кој што преведува – тука се две групи на мајстори за подготовка на царот за погреб. Овој, Рамез од Мемфис – и покажа на малиот, кој штом ги чу тие два збора, кои веднаш ги разбра, ја подисправи ставата и заусти нешто да каже, но Алкалез го пресече со движење на раката – тој е тука пратен од благородниот воин Лаг. Ете, тоа беше Алкалез. Веќе со години името на Птолемеј, кое е изведено од нашиот стар, македонски збор војна – птоломес, тој го преведуваше со воин на грчки, на кој сега мене ми се обраќаше. И никој, никако не можеше да го одучи од тоа. Птоломеј, самиот правеше шеги со таа неистравлива грешка на Алаклез, веројатно единствената што некогаш ја направил немаше веќе начин, никаков, да ја исправи. – Воинот Лаг го препорачува како најпроучен во целиот Египет во вештината на мумифицирањето. Како што вели самиот тој, Рамез, неговите предци ги сочувале од смртта сите големи цареви на големото царство на Амон Ра и на Озирис. Сите се тие во своите камени гробници заедно со боговите. Овој, другиов, Наханџа Ахти, дојде со нашата војска од исток, од дворот на големиот цар Пор. Досега работеше со своите вешти и учени луѓе на подготвувањето за погреб на херојот Хефестион – и Алкалез покажа на групата Индијци, на левата страна, кон нозете на Александар. Наханџа Ахти сето време стоеше како отсутен, загледан во ништо, а само при споменот на името на Хефестион нишна со главата и лицето уште повеќе му се повлече во себе како да му доаѓаат некои драги сеќавања од непоимна дамнина. – Тој е најголемиот мајстор за балсамирање кое трае и го држи телото како живо сè до мигот кога ќе се запали погребната клада. Оној што Наханџа го балсамирал, гори брзо како борина, му горат и коските на нозете, и забите, кои се, како што вели тој, најцврсти пред огнот. Сево ова од Алкалез го извлекував збор по збор, со многу прашувања и потпрашувања и сега го излагам не токму како тој што го рекол, туку како што јас го сложив, за себеси, за да знам што е и како е со овие луѓе. Но, малиот Рамез, штом Алкалез заврши, највероватно го беше разбрал последниот збор, оган, потскокна како жегнат и како со грсти да фрла нешто нагоре, просвирка низ предните заби. Разбрав дека сака да го рече најлошото за умеењето на Наханџа, дека неговото знаење само придонесува мртвиот да се претвори во ништо, да отиде низ ветерот заедно со чадот на кладата. – Наханџа Ахти, балсамувачот, го препорачал благородниот Селеук – појасни на крајот Алкалез. Тогаш високиот човек од сенката, оној во темна камиларска наметка кој сето време стоеше без да се помести и молчеше, проговори, мене ми проговори без да ме ослови никако. Знаев дека ми говори мене зашто говореше македонски. Со длабок, мрачен глас. – Лаг ти го препорача Рамез. А јас сум тука да ти ја олеснам работата. Ќе го земеш Рамез. Насмевнатото лице на Наханџа, кој сигурно разбрал што ми говори Македонецот та сфатил дека ја загубил битката, не ја предвести неговата ненадејна постапка. Со тоа насмевнато лице, тркалезно како што ги цртавме лицата на луѓето во детството, Наханџа замавна со огромната лева тупаница токму меѓу плешките на наперчениот Рамез кој одлета меѓу мене и Алкалез, со кркорење на одземениот здив, право низ ходникот, кон излезот. Огромниот Индус го заобиколи Александар и ја поведе тајфата нагоре, кон излезот накај ложата. Но кога минуваа крај Македонецот, за чело повисок и од Наханџа, се подиставија како пред тигровски кафез, за должината на неговата шепа што може да замавне низ решетките. Остана, така, овој дел на мојата задача да ја извршам без да направам избор. Изборот беше направен и без мене. Од ходникот се довлечка Рамез со крајно задоволство на лицето, со прст вперен кон скалилата кајшто заминуваа противниците, со едно писклаво „а“ во грлото кое јасно говореше сè за Ниханџа, за неговиот срамен пораз и за неговата јасно и јавно призната некабожност да ја изврши задачата како што треба. Ги испишував претходниот ден овие зборови што ти ги упатувам не како нешто важно и значајно што треба да ти го соопштам. Сакав да ја видиш и да ја разбереш сета нискост, сиот срам, што се насобра околу мртвиот цар. Се грабаа за него како мршојадци две тајфи, се караа и се расправаа како пазарџии, како продавачи на украдени коњи. Му го грабнаа достоинството на смртта како што се стргнува наметка од куртизана. Го понижија. Не можеа ли Селеук и Птолемеј да се договорат? Не можеа. И кога се среќаваат сите говорат едно, а прават сосема друго. Сите тие некогаш другари, миленици на царот. Сега ти го пишувам ова, учителу, а пред мене претстојат многубројни описи на таа бедна и недостојна негрижа кон царот. Се сеќавам на смртта на Филип. Паузаниј беше веднаш погубен. Во Пела се збраа сите велможи. Преплакани, со црвени очи, без да се срамат од солзите. Царската гробница се подготви веднаш. Достојна за цар. Се збраа во Пела сите Македонци, фалангите, хертариите, но и селаните, овчарите, занаетчиите. Сите беа на тој погреб. А тука!? Нема никого крај Александар, само тие учени мумификатори, само робовите со ладалата и оној висок Македонец кој ме гризе со погледот. А градот бучи околу мртвото тело, се слушаат свадбени веселби, се трупаат карвани со прекупена стока. Оваа смрт, кога војските го напуштија градот кон полските табори, никого повеќе не го интересира. Што може да биде мојата задача во подготовките на привремениот погреб – само да потсетувам дека царот е мртов, дека го нема Александар. Ништо повеќе, но, тоа е, се чини, најпотребно. Како Рамез ќе ја изврши работата не знам. Но јас си ветив, а така, молчешкум му ветив и на Александар, дека сè што се случува со него и околу него ќе биде под мое око. А не знаев, ниту можев да сонувам, дека подготовките за привремениот погреб ќе бидат тешки и сложени како подготовка за воен поход. А тие започнаа со неколку грлени крикови на Рамез, со брзо раздвижување на луѓето од тајфата и само со една реченица која Алкалез ми ја преведе: „Благороден Архидеју, ние, прочуените мумификатори, за сè што ќе ни потреба при подготовките на царот, ќе се повикаме на твоето прочуено име.“ – Не, – им одговорив – моето име не е прочуено. Ќе се повикате на Птолемеј. Тука подзастанав за да не им преведе Алкалез на нивниот јазик да се повикаат на некаков воин. – Ќе се послужите со истакнатото име Лаг, кој ве препорачал да се грижите за царот, како и мене што ме одредил од негово име и од името на другите благородни Македонци да се грижам за вашата работа. Тогаш сè ќе ви биде дадено. А јас сум тука само да надгледувам што и како се прави и праведно но остро да ја казнам секоја изневера на желбите на Лаг, секое ваше самоволие во нивното толкување, зашто јас сум единствениот, избраниот да бидам толкувач на неговата волја. Откако Алкалез го отпеа со гргорливи гласови преводот, Рамез и тајфата се поклонија до појас со општ мрмор кој и без превод разбрав дека значи колнење во боговите дека сè што ќе сторат ќе биде за доброто и за напредокот на подготовката. И се растрчаа. Никој не се обѕираше на Александар. Седнав под неговитре стапала и пурпурната прекривка се слизна на мозаикот. Беше тука, гол и згрчен, како да го набива тврдото легло, исклештен како сега да ќе се провика да ги снема и Рамез и Алкалез и ладалата и тајфата. Ме зачудија неговите лузни: и онаа на бутот, пресечна, од меч. Кај Граник ли беше ранет или кај Ис? И онаа на слабината, прободна, никогаш не разбрав од тешко копје или од копје за фрлање, и сите тие други лузни кои за живота беа мртви места, места на телото кај што е победена смртта, но во кои и се задржала. Лузните секогаш му беа модри, при капењата пред жртвените церемонии стануваа сè помодри, темни, како млади полумесечести или ѕвездести делови на мртовец прилепени кон живото и силно тело. А сега токму тие места беа најживи. Врз белината на снагата лузните оживеаја, со боја на девојчински усни, како смртта да ги разубедила и сега живеат свој живот на тоа мртво тело, како имела врз сув даб. Ме зафаќаа струите на ладалата, ми ја мрзнеа потта и се чувствував како пред болест. Овој месец, дезиос, во Македонија е најубавиот. Во долините веќе заврзало раното овошје, веќе зеленилото, она нежно и кревко прво зеленило ги бои полињата а горе, на планините, во небеската ведрина, блеска снегот од кој паѓаат надолу бистри, студени потоци. Се наежувам од тие сеќавања, тука, пред ова мртво тело кое целото му припаѓало на тој крај, на тие брзи реки, на тие гори што сите ги има пројавано и преодено. Но, никогаш, ниту еднаш за целото десетлетие на походите тој не си приспомна, барем пред мене, за нашите краишта. Само кога Македонците се побунија тој им рече со презир, со гнасење, со лутина која му го кривеше лицето. – Одете си дома! – и тоа беше изречено како казна, како нешто што го одзема достоинството, нешто што е долно, срамно и понижувачко. А јас, јас и на јаве ги сонувам тие краишта, знајните места на детството и на младоста. Дали сега, во ова тело останал некој спомен, некоја тага или и во смртта тоа најде само бес, само страст и жед? Ми приоѓа Македонецот. Висок е, косата му е побелена но не како што побелува костенливата коса со боја на пепел, туку како што старее црната коса со јасно белило. Брадата му е избричена, но веќе неколку дена заостаната та се гледа дека му е побелена. Повисок е од сите што ги знам, а мене и Рамез не надвишува како бродски јарбол, одвај сме му до пазува. – Јас сум Македонец – ми вели пак на нашиот стар јазик за да нема никакво сомневање во неговото тврдење. Станувам но тој ме враќа назад. – Седи – вели и од погледот врз мртвиот цар знам дека мисли оти кај што сум, тука ми е и местото. – Учениот Рамез ме издели од сите и ме награди со должноста да ти толкувам сè што ќе се прави. Сега веќе премина на грчки и веднаш во гласот му се вдена некоја лажност, или подбив искажан со добро смислената говорничка реченица. – Јас сум Аминта – рече и почека да го доживее ефектот на тоа древно име кое не смееше никому да му се дава ако не е од вистинска лоза. – Ме викаат Итан – рече низ една заговорничка насмевка и јас знаев дека е од видна македонска куќа, од колено, зашто тие куќи, скришум им даваа имиња од старите цареви на првородените синови за потоа да ги забошоткаат со прекари и додадени имиња. И имаше царско држење, исправен, седокос, силен, уште млад, кај четириесетипеттата, не повеќе. Во овој човек имаше сигурност, сила, способност за одлука, сè што ги краси првороденчињата од прочуените македонски куќи. Но што бара овој човек во тајфата на Рамез, што бара таму овој воин, а не можеше да биде ништо друго освен воин, мирисаше на битка? Впиена му беше миризмата на потта, крвта и правта, миризмата на тие три војнички солила во која се вплеткува и острата коњска реа и благиот мирис на восокот со кој се натопени копјата и стрелите, тешките седла и тетивите на лаковите и киселкиот здив на мечот, кога е кован во дипли, што го испушта при извлекувањето од ножницата, и здивот на виното, и онаа задушна запара од измешани тела, машко и женско, која од мажите никогаш не се брише, а од жените испарува веднаш. Не го познавав, или не можев да го препознам, а некогаш сум го знаел. Тоа не можеше да биде веројатно. Во македонските фаланги имало стотици вакви воини, со повисоки или пониски чинови, токму вакви од кои ништо не може да се избрише белегот на војната. Не, овај Итан, овој царски поименик, не бил никогагаш ниту орач, ниту градинар, ниту овчар или козар, ниту имал занает освен војната. Тој е еден од оние што ги создаде Билипо, од оние што му ги остави во наследство на Александар, наследство повредно од сè. Тие ја разурнаа Теба и ги покорија сите Хелени, тие го победија Дариј, тие одеа по мачните патишта кон големиот источен цар, тие ја победија пустината Мекран заедно со Александар. А и нему само тие се осмелија да му откажат послушност. И знаеја дека сета одмазда што подмолно ја врши врз нив, сменувајќи ги со Персијци, е бедна игра зошто Александар без македонските фалангисти, колку и да се малубројни, е голорак, изложен на постојана опасност да биде урнат од царската височина, да му биде одземена царската моќ, во брз и неизбежен преврт. А за Александар е подобро и вака да лежи на оваа плоча од Мармара, одошто да останеше без престолот. И за живот не го плашеше смртта, туку само падот. А овој Македонец стои пред мене замислен, а строг, дури суров израз му го менува лицето како сенка од облак кога минува над осончено поле. Знам дека тој беше една од поткрепите на Александар, но и една од постојаните грижи: што ќе помислат, што ќе речат за оваа или онаа постапка или одлука на царот тие, македонските воини, и, што е најважно – што ќе сторат. Молчиме. Освен робовите со ладалата – гледам сега се други помлади и подобри, та провевот е посилен – тука сме ние тројцата Македонци: Александар, Итан и јас. Сакам одоколу но веднаш прашувам прво, за да имам, сепак, некоја јасност со кого имам работа. – Тебе Птолемеј ли те одреди на оваа должност? Итан се сепна. Се загледа покрај мене во лицето на царот. – Не, – рече – Александар ме предодреди за оваа должност – и загадочно се насмевна а потоа почна сериозно да ме гледа, да станува сè посуров во лицето и тврдо како да прекратува караница, ми рече: – Ќе чуеш, оружару, ќе чуеш приказна која ќе ти биде чудна и непријатна – и пак се насмевна, гледајќи во лицето на царот и забите му светнаа накриво, исто како тоа мртво лице, како во едната страна на устата да крши лешник. Во тој миг повторно се врати Рамез и во салата заечија неговите извици, неговото мавтање и потскокнување ја вознемирија и онака разбрануваната самрачност. Но, се покажа дека Рамез знае што и како работи. Во мумифицирање не се разбирав, ниту сакав да се запознавам со тоа, но морав сè да следам, сè да знам и да разбирам. Најпрво ме зачуди виното. Го носеа во големи амфори, со катран одбележани со некои неразбирливи и нејасни знаци. Се јавуваа на разни амфори, разни, мали или големи ознаки. Итан нишаше со главата и говореше имиња на македонски краишта – Пела (како ме погоди тој збор!), Тесалија, Филипион. Внесуваа амфори со вина војници од некоја од персиските фаланги, неми, не погледнуваа во царот, излегуваа молчеливи од кај и влегле, како рамномерна низа мравки. Не му реков дека вино никогаш не сум пиел, но тука, при последниве два збора, Итан покажа доволно одвратност кон Вавилон што и мене ми го исполни срцето. А тој како да дозна дека ми ги погаѓа мислите додаде: – Во овој град кој гори од сонцето како риба на сушалка не ни го носат виново да го пиеме туку за да ја лади оваа одаја, за да ѝ даде оддишка на оваа застаната крв, да не поцрни и да не почне да го загинува телово, да го јаде однатре како што ‘рѓата го јаде оружјето во небрежно чуваните складови. Го знаеше и тоа, дека оружјето во многу складови навистина почнало да ‘рѓосува. Сакав да се оддалечам од местово, од овој проклет злобник кој со едно отворање уста двапати ме каснува , но како да ја насети мојата намера, а можеби била и видлива од моето лице или од некое движење кое не сум можел да го повелам, Итан стана со еден брз замав и тргна кон ложата од кај што доаѓаше веќе присенчената вечерна светлина. Тогаш гледајќи го висок, во наметка долга до подот, забележав дека во одењето се ниша како јарбол на брод. Одеше како да се бранува , зашто од долгата наметка во еден ритам се вееше над мозаикот, и широките раменици, во напорот да го совладаат тоа нишање правеа мало, грчовно движење кое секогаш успеваше да го одржи во рамнотежа, да го врати во оската која се стреми право кон небото. Се заврте пред скалилата и речиси со истиот оној глас на завршување караница, во која се пали една закана за одмазда, прошепоте, но во оној шепот што подалеку се разнесува и од гласниот викот, со шепот на полни гради чија издишка врви преку забите како преку бродска пила. – И за ова ќе чуеш приказна, оружару. Пак ми ја прозре мислата во која беше љубопитство за тој негов брановит ôд и го снема во квечерината која надоаѓаше однадвор без да може да го расипе самракот кој тука беше постојан како мирисот на катран во бродско корито. Да, тој можеше да ме прозре, да ми ги сознае мислите, не знам како, но можеше, и тоа ме правеше како да сум разголен среде агора, пред толпа која ме плука. Посакав да здивнам, да излезам горе во ложата, но Александар не ми дава, сиот вака згрчен, како да се устремил кон мене со молба да не го оставам, да не биде насамо со Рамез, со овие непознати и натаму ненужни луѓе. И помислив дека последен пат кога бил насамо со некој непознат тоа било со тебе, учителу. При твоето прво доаѓање нè повикуваше сите, еден по еден во твојот дел на гимназиумот во Миеза, во стариот храм. Со него се задржа најдолго. И, еве, сега, тој пак треба да остане насамо со некого кого не го познава, а знам, имаше непримерен страв да останува сам со непознати луѓе. Го избегнуваше тоа на разни начини, но скрито, со забошоткување. Се срамеше од тоа како од срамна болест. Кога пратениците на Дариј, по битката на Ис, сакаа насамо да ги изнесат пред тебе условите на Дариј (срамни за него, та затоа било замислено да ти ги речат само тебе) ти возмутен, пробледнат, стана од престолот и ја изрече прочуената реченица : „Александар нема да се крие од својата придружба , нека пратениците на Големиот Цар ним им го речат она што тој ми порачува, а ако моите блиски сакаат нешто од тоа да скријат од мене, тие нека го сторат тоа„ и излезе од царскиот шатор навидум горделиво, но кога мина покрај мене, го почувствував бранувањето на стравот во целата твоја душа. Не беше тоа чин на гордост и доверба кон твоите генерали, тоа беше бегство. Не, нема да те оставам, тоа ти го должам, нема ни миг да бидеш сам со овие непознати и груби луѓе. Се нарекуваат учени, а знаењето им е највалканиот занает што може да се замисли. Ќе останам, колку што ќе треба, додека силите ме држат, до самата смрт ако мора. Се враќа Рамез. Сега е тивок но брз. Гледам колку работи завршил до самракот. Во салата влегоа две девојки од Индија (може и жени на некои наши воини) со оние свои мали разбои што ги држат меѓу колената и ткаат ленти, одвај колку мојата педа широки. Во војската на Пор тие сигурно биле ткајачки на завои. Седнаа во по еден агол завртени кон ламбите, опколени со амфори од кои бие лад и мирис на смола и нем. А, еве, еден од тајфата доведува уште жени натоварени со балиња бел, ишчукан лен, со вретени и со фурки. Рамез пак скокна како да го нагазила кола, почна нешто да вика и да ги разбркува сите. Ги туркаше и жените, и своите од тајфата, ги кутнуваше во брзината, сигурно без да сака, зашто се завршуваше исто така брзо и ги поткреваше, за пак да ги поттурне кон излезот. Итан, наеднаш, без да сетам дојде зад мене почна да ми толкува што се случува. Сигурно излегол низ ложата, слегол преку седиштата па излегол преку сцената и куќичката за артистите и обиколил околу целиот театар та пак влегол низ главниот портал. – Рамез вели дека колку повеќе живи здивови ќе се измешаат низ салава, толку потешка и сигурно понеуспешна ќе биде работава што тој треба да ја изврши за да ја отклони смртта од царот. Затоа, како што гледаш, и амфорите со ладното вино на два часа ги менуваат. Токму ке спотнат, ќе фатат роса, што значи дека ја собрале влагата и го застудениле воздухот, доаѓаат други, студени и суви. А овие се носат веднаш со коли во таборите на фалангите околу градот. Слушам дека војската пие но молчи. Дали нешто се готви или е тоа поради смртта на царот, оние што ме известуваа не ми рекоа. Не умееја да оценат. Јас ценам дека војската ќе дојде да ги празни ризниците, да си ги наплати заостанатите долгови и ќе се растури по сатрапиите. Но, ќе видиме. А и нашиве здивови тука ќе пречат, подобро е да излеземе горе, во ложата. – Ох, замисли – ме чука по колено со глас кој прска од затскриена веселост, од подбивка – во амфитеатарот се дојдени артистите да му оддадат почит на Хефестион, како што за денес нарачал самиот Александар. Ќе говорат оди од најпроучените поети од Грција, Сирија, Персија, Египет, Македонија напишани во слава на Хефестион. Водачот нивни, тебе познатиот Ариј, најстариот меѓу артистите, настојува да се изврши таа почест на „божествениот Хефестион“, И него за малку ќе го направеа бог, ха! И Ариј моли да те прашам за дозвола да го сторат тоа. А јас само ти кажувам, не те прашувам. Ме погледна со она лице што наеднаш се бојадисуваше со суровост. – Ги разбркав од твое име – се насмеа исклештено и од под наметката, која само го обвиткуваше неговото голо торзо, сето сплетено од набабрени жили и мускулни јазли, извлече долг меч, со двофатна рачка, и се поигра со него. Беше тоа тежок, цврст но совитлив и ѕвонлив меч, еден од најдобрите што сум ги видел, но, за мене, од непозната изработка. Можеби од Индија, може од уште подалечна земја. Стана од мермерната плоча на која седевме кај нозете на Александар и занишан истрча по скалите. Десниот чекор му ечеше по камената подлога, левиот му беше нечуен. Станав и јас, ја префрлив, најпосле, црвената царска прекривка преку телото на Александар, зачуден зошто тоа и порано не сум го сторил. Но, вака покриен, Александар го почуствува како да се оддалечил, како да го снемало наеднаш во неговата смрт. Подобро било да го оставев откриен. Но, покривката почна да се повлекува, прво од главата, од намигнатото око и исклештените заби, па надолу, како и царот да ја сфатил мојата мисла па ја симнува од себе таа граница што го одделува од светот. Наежавен гледав како се случува тоа оживување, но во мигот, зад мене се истури гласот на Рамаз, малку посмирен, не со оној јадосан и бесен тон и видов дека тој ја повлекува и ја прибира покривката и како што ја влече си ја клопча на градите и се труди, колку што може и гласот и ликот да ги приспособи како за обраќање кон еден од благородните Македонци. – Дарежлив господару – воскликна радосниот глас на Алкалез од темнината, зад некој од столбовите во салата – ние ќе почнеме со подготовката, и ако господарот милостиво сака, нека си го земе своето место во царската палата, меѓу нему рамните. Тука и гласот на Алкалез се препна зашто јас го извлеков мојот кус меч и в миг беше под грлото на Рамез, како самиот да скокнал без да го води мојата рака. И почуствува како тој кус меч, подарок од Александар, сака да влезе во тоа незаштитено грло, да го пресече тој престрашен, очакарен поглед, да ја замолчи таа уста. Но од неа излезе крик на ужас, рацете со голи дланки го отфрлија мечот од што дури и рамото ме заболе и Рамез, со гнев покажа на матната , жолта водичка, која се ширеше меѓу нозете на Александар по белиот мермер. И во тој миг, со гргорлив звук како од грло кое ја враќа храната бликна од царот, со клокот, уште таа течност, но крикот на Рамез го покри шумот на нејзиното извирање. Писокот почна да се кине во раздели кои означуваа зборови и реченици но јас, како што тоа му успеваше на Алкалез, со крената дланка пред неговата уста, го запрев тој изблик, замешан со реата на мртовец која почна да се шири покрај сите мирисни масла и смоли што гореа во салата. Од зад столбот пак пропеа Алкалез. – Последен миг е да почнеме, ако веќе не е и доцна, зашто штом телото почнува да се претвора во вода и да се смирисува само најдобрите можат да го спасат. Веднаш, веднаш треба да почнеме! Гледав во Рамез, кој од скротената брзаница, се преместува од нога на нога, ја тутка на градите црвената прекривка и не свртува поглед од баричката, која станува сè поматна и се шири и, еве, веќе се прелева преку работ на плочата и капе, шлепкаво на мозаикот. – Добро – велам – почнете веднаш, но сакам сè да биде пред мои очи. Ако ги затворам очите ќе престане со работа. Ако заспијам и вие ќе спиете, ако излезам сите ќе излезат. Рамез, загледан зад мене, кај столбот кај Алкалез, откај кон него извираше распеаниот грлест глас на преведувачот, нишаше потврдно со главата, подрипнуваше на место, воздивнуваше, но одвреме навреме гледаше во мечот што уште ми беше в рака. Тогаш осумина носачи на тешко тезгере со кое се пренесуваа камењата до горните катови на опсадните кули за да бидат фрлени брз ѕидините на опсадените, внесоа во салата камен тланик што фалангите го носеа со себе, на воловските коли за снабдување. Во него, со толчник од цврсто дабово стебло, се толчеше просо за каша, се дробеа коски за чорба, се ситнеше пченица за коњите кога немаше зоб, се ломеа на ситно засушените погачи за попара кога походите беа гладни. Сега, гледам, тланикот ќе служи за дробење сол зашто големи грутки внесуваа други носачи, на грбовите, на оние самари што носачите ги имаат само во овој град. Солта беше, исто така, земена од некоја од фалангите, уште недадена на стоката да ја измазни и издлаби со рапавите јазици. Грутките беа кршени, со остри рабови. Рамез веднаш ги набрка, со гаснење, спотнатите носачи, кои не обрнувајќи никакво внимание на мртвото тело мрмореа нешто незадоволно, се обѕираа кон мене, зашто некако разбрале оти јас сум оној кој се прашува за сè. Поради мечот и облеката, веројатно. – Нека им платат како што им било ветено – му дофрлив на Алкалез, а тој ја отпеа наредбата, при задржани но лути извици на Рамез кои се стивнаа во воздишка и тој излезе по носачите. – Птолемеј веќе му платил два таланти за сите трошоци – од некоја сенка се јави гласот на Итан. – Сега, колку што може сè ќе зема од војската по повелба на мртвиот цар, и нема за тоа ништо да плати. А кај што мора да плаќа, ќе стега како прворотка со напречно дете – ем сака ем не му дава. Молчевме. Сега ладалата ги мавтаа две црни момчиња, дремливи од едноличниот ритам на движење, уморни, со тапа здодевност во очите. – Сега низ сите фаланги се бара смола од црн бор. Таа е бистра, лесно се топи и бргу се стврднува. Кога ќе се проџвака восок од диво саќе и со бела земја од Македонија, и полека ќе се грее во ќуп кој е ставен во друг ќуп со варена вода, од зора до зора, како што ќе се стврдне така останува. Тоа е главното полнило за телото. Смолата можат да ја најдат само во старата македонска фаланга, во мојата поранешна. Десетгодишна е, во неколку ќупови бележани пред печењето, надолж, со детски прсти како што беше стариот обичај на смоларите на Македонија. Го погледнав залудно. – Па зошто не му речеш на Рамез? Зошто да бараат залудно кога ти знаеш и што бараат и каде е тоа што го бараат? – Ох, – изусти небрежно Итан – ако навистина бараат и ќе ја најдат. Ако не најдат значи лошо си ја вршеле работата па ти ќе треба, како што самиот им се закани, да ги казнуваш. Би било добро, – говореше тој како да следи некоја умна мисла – би било најдобро да го казниш за секоја грешка со по половина талант. Тогаш не би смееле да направат повеќе од четири грешки, а? Носачи внесуваа некаква клупка, всушност моето походно и единствено легло. Го препознав дури кога се загледав подобро, по мојата летна прекривка. Го наместија внимателно, како да носат крошна со царски син, пред столбот во чија сенка се таеше Алкалез. Се повлеков кон леглото, Седев и веднаш ја препознав олеснувачката вдлабнатост на леглото која одмора, во кое сум преспал најмногу ноќи од мојот живот. И наеднаш и оваа сала, и овие мртви и темни агли, и овие амфори што ни ја собираат потта и здивот ми се сторија како познат дом во кој се вратил и во кој се одмора, по ритуалното капење Александар. Тогаш станав свесен дека освен оваа постела, украсена со сребрена жица и преслечена со меко платно под кое се прошиени зимските меки пердуви од гуска, јас немам ништо навистина мое на светот. И кај што е постелава што јас лично сум ја нарачал при еден поход во Атина, таму ми е домот. До мене седна Итан. – Но, оружару, знаеш ли што се случува сега? Погледнав – ништо. Сè изгледав наоколу нешто да не пропуштам, не, ништо не се случуваше освен што ладалата ги бркаа сенките и го менуваа воздухот со студените ќупови. – Што се случува? – реков несигурно. Ништо не се случува – дореков малку налутено зашто Итан веќе ме беше совладал, веќе ми се беше наметнал. Сигурно насетил дека не можам без господар, како жедна вдовица без маж, и полека ми се престоруваше во владател. – Не, господару! – дали чув во овој збор и една мала примеса на потсмев? – Не, се случуваат многу работи, гледаш науката на мумифицирањето вели дека ништо што е важно за мумијата не смее да се случи надвор од кругот што го чинат седумдесет мажи фатени за раце. Но мумификаторите, сите до еден, низ целиот Египет, па и овој Рамез, се итри и досетливи. Затоа се бара висок, долгорак маж. Се мерат меѓусебе многумина. Ќе ги стокмат прстите од едната рака, лице в лице и се шират кој ќе достаса подалеку од спротивната рака на другиот. Донесе Рамез од египетската гарда на Птоломеј десетина мажи, црни силни и стројни, та го токмеше двајца по двајца, дури не остана еден, млад, повисок и од мене. И се премерив со него, најдофатен од сите Еѓипќани. Можеше ќуп за жито, преку најширокото, да преграби. И се стокмивме, се соочивме, се допревме со градите и со едната рака – прст до прст, рамо до рамо. И со другата рака што ја оптегнуваше колку што може подалеку та слушав како ребренцата му крцкаат, со средникот допре само до коренот на мојот средник. А беше повисок од мене. Во што беше работата, оружару? Немаше никаква измама. Се вели: колку е човекот висок толку може да премери со раширени раце. И така е . А тој, ете, повисок од мене а јас го надмерив. Е, што беше работата, те прашувам – и Итан исфрли здодевен здив. – Како тоа оружару? – Јас молчев без сила д го одбијам неговото напорно дрдорење, скован под неговата моќна десница која ми ја префрли преку рамениците та ме чукаше со тупаницата дури по десната слабина што ми го одземаше здивот и ми ги матеше мислите. – Рамената. Тоа е одговорот благороден оружару. Сето тоа високо племе има тесни раменици, а широките рамена го шират и прегработ и премерот. Та така јас бев тој што на Рамез му измери седумдесет префатки на раширени раце, та сега, сосе оваа сила, сосе царската ложа и централните места на благородниците, па и целата орхестра и голем дел од сцената, до куќичката за артистите, сè е опкружено со јажето што јас седумдесет пати го премерив. Сега тоа свето место на нагијата на мумифицирањето и не верувам дека тебе нема да те испадат оттука. Ете, не верувам. Дури обратно, мислам дека ќе те искошкаат како последен питач. Не трпи оваа мистерија неповикани. Молчеше едно време како да ме премерува дали сум од оние што навистина можат да бидат неповикани, нахалници, силници што не прашуваат никого кој е послаб од нив каде им е местото. Молчевме и тој како да заборави за што зборуваше или следеше некоја мисла неспомната или потекната од зборувањето но што мене не ме поттикнала да ја следам, да ја промислувам натаму да ја развивам. А тој имаше таква мисла зашто наеднаш рече, рече нешто што и имаше и немаше врска со она што го говореше пред тоа. – Ете, веќе и флотата почна нешто да дава за привремениот погреб. Да, јажето, што го премерувавме, е токму од царските бродови, од новата флота, од оние јажиња што ги држат јарболите од четирите страни. Неарх може се противел зашто чекавме од самрак до мрак дури да го донесат тоа јаже на брза воена двоколка. Двоколката беше од самата царска гарда, од оние парадните, со позлатени крилја од Пегаз, со црвени лесни тркала. Молчевме и тишината ми беше потешка од гласот на овој циник, од неговото подбивно и закачливо дрдорење. – И? – реков за да го поттикнам. – Е, сега е сиот тој заграден простор исполнет со вредни работници, со вешти раце, со добри мајстори. Па, се ткае на оние меѓуножни разбои, се преде ленот, го чепкаат и го чистат од откршоци од стеблинките. Горат многубројни факли и неколкумина пажови се грижат да ги менуваат догорените, а кај што нема место за вденување факел, а треба да се осветли, стојат како партенонски статуи и го држат над глава светлото. Горат и три огна. Од првиот, од сандалово дрво, а морам со жалење да ти кажам, дека за него ги употребија сите седишта од царската ложа, па и од местото на кое ти си седел, малку назад и лево од царот... Но, добро, и онака веќе нема кој да седи во царската ложа, зар не? Та од тој оган е земена пепел, уште топла, та прво е просеана на решето за пченица, па на решето за просо, па на ситно сито, та не излезе повеќе од козарска торба пепел. Е, таа пепел, на другиот оган ја преварија во пепелница, три пати да фати клуч, па ја цедеа низ најситно цедало во чист сад, како што се цеди козјо сирење. Го слушав со гадење, со грч во стомакот како пред повраќање, но не можев да се спротиставам. Ја разбиваше осаменоста на ова место и го внесуваше, сликовито, горниот свет во овој самрачен ад. Продолжи овој бесчувствителен Итан, продолжи како да сака да ми ја растури душата. Сè со некои описи на ситни, дребникави нешта за кои ништо не сакав да знам. – А на третиот оган, топат биволски лој, од подгрчманикот, во чисто маслиново масло, ама на тивко, да не зоврие, да не прегори лојот. Сега веќе сигурно лојот е стопен, и полека со долга лажица, таа е во алатите на Рамез, го тураат топилото во пепелницата од сандалово дрво која врие на сандалов жар. Сè полека лажица по лажица. А еден одбран мајстор, меѓу постарите, како во бутин за маштеница чука во тој ќуп и дотура од скутината бела земја. Од онаа земја, од високите пасишта од Македонија, над Темната Река. И во тој бутин се тепа каша врз која се крева пена, која скипнува преку бутинот, бела како снег, и студена. Низ неа огнот си го испушта студот. И сува, зашто од водата ја зема само сувотијата на пепелот. Сега ќе влезе Рамез со полн, златен сад од таа пена, и ќе го намачка царот, та целиот ќе биде како да е мермерен кип што лежи. Но ќе заборавев... Да, двајца од тајфата, може ги забележа оние двајца дебелкави, слични, со црни брадички како на прчови, но добро, такви брадички носеле во Египет нивните древни цареви... Е, да знаеш, нив Рамез веќе два дена ги држи гладни. Сега седат крснозе на подолните седишта подалеку од огновите на царската ложа. – Ти реков ли дека таму ги запалија, во ложата? – и ме тупна насмевнато по десната слабина. – Да, таму – рече. – Да, седат а до нив се дрвени садови со густежот од пепелницата. Во едната рака држат камен за точење, а во другата ножевите што ги точат. Прво ги точат оние за бричење. И не се сети дека сета пена е само заради бричењето? Не? Е па за тоа е. Гледаш дека на царот, по смртта, му подникнала брадата. Ене, лицето му се црвенее како месечинка на залез. А ене и на градите. Гледаш, и на рацете и на нозете се подаваат диви влакна. Рамез само косата ќе му ја остави. А мене нешто од реченото почна да ме гризе, да ме глочка и кога тој помолча, воздивнувајќи од некои други мисли, без намера да продолжи, јас не издржав. – А зошто гладни – прашав. Итан се сепна, прекинат од размилата што ги примирила. – Гладен си? – Ме праша и малку како да просевна виновност во неговиот глас, што уште повеќе ме раздразни зашто си зел некое право што го нема и што не ми е потребно, да се грижи за мене. -Зошто точачите ги држел гладни – свикав, свесен дека постапувам како дете. Но тоа прашање не можев да го исфрлам од себе, ќе ме изедеше, ќе се вртеше во мене како сврдел што мора на крајот, да продре низ дупката што ја дупи низ дрвото. Итан се смееше тивко, како да сака да го сокрие смеењето, но и како да сака да ми покаже дека заслужувам потсмев. – Е, гледаш, гладни ги држел заради плунката. Кога ѓе го макнат каменот во густото од пепелницата треба да ги тријат ножевите за бричење дури пепелницата не се исуши. Е тогаш треба да плукнат и плунката трипати да им се исуши и пак да макнат. Работата е во тоа што плунката треба да биде ретка, гладна. Кај нозете им стои парче месо, и пресечен лимон, како што јадат Грците. Та при секое плукање на каменот устата им е полна со плунка. А гладна плунка и ножот го прави ненаситен. Бев згрозен од овој говор пред ликот на мртвиот цар. Се чувствував и јас како оскрнавител од самото тоа што го слушнав. И од тоа што тој успеа да ме вовлече во овој неприкладен разговор кој го гнаси местото на смртта. А тој, се исправи, ме погледна озгора, со суровото лице на убиец и како да ми ја чита душата ми рече: – Та зарем не сакаш, како што рече самиот, да знаеш сè што се случува. Го гледам, потсмевот му чади од очите, го виѓава моето згрозување но не ми дава да здивнам, да се смирам. Се наведнува и заговорнички, скришум ми прошепотува право в уво та го чувствувам огнот на неговиот длабок здив, како да ме пали ковачни мев. – Слушај – вели – те знам, и знам дека нема да дојдеш до такви мисли, но и ти да знаеш дека сите овие девојки и жени што влегуваат, што се плеткаат тука со разбои, вретена и бутини не се жени. Разбираш? Не се. Во местото кај што се мумифицира цар нема место за жени. Не смее ниту една жена да пријде во кругот од седумдесетте машки опфати. Немој ништо да си помислил за нив. Тоа се мажи, момчиња, преоблечени, избричени од првата мов, нацртани. Некои и служат како жени во фалангите, но не се жени. Тоа уште повеќе ме растреперува и сакам да го избркам но знам дека нема да го сторам тоа та сакам да станам и да си заминам. Влегува Рамез со придружба. Две млади девојки од тие што ми ги опиша Итан, со подврзани коси, шамиите бели, преку лицата. Само очите се гледаат, црни и оцртани со црнило. Носат куп нешто бело во испружените раце. Помислувам – тоа е пената. Но, еве ги двајцата точачи на бричовите (дали се уште гладни?) со сребрени чинии со занишана, пифтиеста пена. Чиниите се од палатата. Во нив постојано имало овошје. Девојките, гледам имаат мускулести писки и жилести стапала, ги рамнат рабовите на товарот што го донеле. – Крпи за бришење – прошепотува Итан. – Ќе има многу вода. Знам, сите мртовци што пиеле многу вино тешко се сушат, водлести се, не можат да се доцедат – продолжи тој со своите гнасотии. Да, Александар пиеше многу, пиеше со секого, во секоја пригода. Очите ќе му светнеа и тогаш боите уште повеќе ќе се разделеа – медовата и костеновата. Но јазикот никогаш не му се сплеткуваше, нозете го крепеа, но стоеше малку повеќе расчекорен, како на лаѓа. Одот му беше прав, говорот сврзан. Но умееше пијанството да го искористи за постапки кои и се очекуваат од пијан човек иако ги вршеше со трезна глава, покрај многуто вино што го имал испиено. Но, еве, веќе почна мачкањето со пена. Двајцата точачи, едниот од едната, другиот од другата страна, почнуваа откај главата. Брзо го снемува црвенилото на косата, потоа лицето го добива мермерното белило, па вратот и градите, стомакот, нозете. Телото се подистава од брзите допири на двајцата гладни а Рамез му стои над главата, го држи ножот за бричење високо, како да е до гуша во вода та сака да го сочува на суво. Со едносложни гргорења упатува каде уште да се мачка. Намачкани се и прстите на нозете и меѓу прстите. Рамез почнува од челото, внимава да не ја потфати косата и да не ги допре веѓите и клепките. Внимателно работи околу ушите, допира до секое влакно, мласка со устата од задоволство. Лицето и грлото ги минува со два-три долги потега и во тишината се јавуваат ножот и брадата со чкргот и лутина. Кога стаса до линијата на градните пипки премина на левата рака. Да, секогаш почнуваше од левата страна. Потпазувните влакна ги собра со едно движење без да пуштат глас. Како да го пошти царот, едно по едно ги секнува влакната од горните страни на прстите. Надолу, преку мекиот мев, под градите, минува брзо, како да коси. Рамез, како да длаби со ножот за бричење, допира до сите влакнести места. Во салата, во сребрени садови кадат смоли и горат мирисни масла, како сами од себе, без оган. Сигурно ги вжештуваа надвор и ги внесуваа внатре за огнот да не ги загрева. Низ чадот, Рамез ја крена главата кон таванот и изрече неколку измешани грлесто-пискливи гласови како да се надзборуваат страчка и гугучка. – Предната страна, што секогаш била свртена кон тебе Амоне – одекна веселиот напев на Алкалез од кој сите, па и Итан, се стресовме а Рамез и подрипна , та прогргоре уште неште брзо и налутено и преведувачот молкна. Една од девојките ја собра пената од неговата лева рака, од рамото до дланката, кој што го бришеше ножот за бричење та крпата ја врза во мала бовча и ја стави меѓу двата купа кај нозете на царот. Потоа зедоа нови крпи и почнаа да го бришат внимателно, триејќи како да светнуваат некоја од мермерните статуи на палатата. Се јави црвенилото на косата, збувната по бришењето, без лепило на претсмртните потења. Лицето, сега со затворено око и стегната уста, како во некој пркос беше побело од мермерот, а крпите темнокафени. Прашината на Вавилон и тињата на неговата рака во која ритуално се капеше царот беа збришани од неговото тело. Втиснувани во мирисни масла во секоја пора од кожата тие се таложеа како црвенилото од виното во старите амфори. Лежеше мирно како буден, само што ги затворил очите спроти некое сонце само нему значајно. Затоа и тој имаше и некое свое сонце. Понекогаш со него одеа две сенки, спротивставени. Едната напред , другата по него. Но, еве пак не го оставаат на мир. Му подвлекуваат раце под мишки, под колена, го поткреваат токму толку за да потстават под него широка сребрена посада, па го исправаат , како да сакаа да го седнат, а тој противејќи им се, им се отслизнува од рацете и ја ниша главата де напред, де назад, де на страните, како да го одбива, со гнасење, тоа потно допирање на своето чисто, бело тело. Александар не поднесуваше да го допираат. Мразеше близина на луѓе од која можеше да им се сети здивот, не сакаше да седне кај што некој веќе седнал, не можеше да поднесе туѓа облека, па макар пред тоа ја носеле само цареви. А што му прават сега! Ах, богови, како постапуваат со него! Рамез дава знак да го поткренат, така како да седи над сребрениот сад. Зема некој од своите алати и прочепкува во царот и од него се истура, како од матен извор, шупутка темна течност. Таа каша се доцедува и Рамез ја тргнува алатката што ја употребил. Во садот што го извлекуваат, брзи боси нозе што се подаваат под белите наметки, го изнесуваат тој дел од водата на Александар. Но, што му прават, што му мислат! Го држат така само миг, поткренат, па сложно, како да товарат вреќа на високо, во преполна кола, го креваат нагоре брзо четири чивта силни раце, го вртат во воздухот и го ничкосуваат помешечки врз плочата, нечујно како да спуштаат пердув. Сега, пак, му се гледа темната кожа на грбот. Личи на беломевна риба. Му го мачкаат тилот со пената од вториот сад, рамената, плеќите, крстот, слабините, нозете. И Рамез пак приоѓа, сега со друг нож за бричење, ја собира пената со широки движења, го брише ножот на својата лева опакудланка, па натаму, сè погоре и погоре и над лактот, до рамото. Го бришат. Ох што му прават на Александар! Го тријат, го рпаат со памучните крпи, сега, по грбот кој секогаш се смета за опачна страна на човекот, како да светнуваат мозаик кој ги загубил боите. Наежавен очекувам грбот да се вцрви од тоа рпање, но тој побелува, слабините од скокот потреперуваат, нозете се прпелкаат и на крај телото се смирува, како да е задоволно што го оставиле на мира. Но, не, пак го потфаќаат четворица од тајфата, го занишуваат меѓу себе, го фрлаат нагоре и во летот го запираат во вртењето токму кога грбечки е завртен кон плочата. Го потфаќаат и полека го спуштаат без да се чуе ниту шум, како што птица станува јајце. Лежи со зафрлена глава, со пропаднат стомак. Рамез пак се обраќа кон него. Го разбирам само зборот Озирис со долга омега и со две извикливи ити, со уста наместена на изговор на ета. Од заднината се подаде гласот на Алкалез кој се обидува да ја преведе и таа молитва, но некој бргу го прекинува, како да му ја покрива устата со дланка и низ салата уште неколку мига цивкаат одеците на оние две извикливи ити на Рамез. Што му прават, што сè му прават на Александар! Му ги чешнат нозете а Рамез клекнува меѓи нив. Личат на војници кои земаат насила жена. Се фаќам за мечот да го прекинам ова осквернување, но Рамез ја подава раката и му тутнуваат во отворената дланка тенок долг камен, му принесуваат кадилник и сад со масло, тој го натопува и го накадува па пак го крева над главата каменот а мирисното масно му капе врз црно-виолетовата коса и пропаѓа во неа. Така клекнат со замижани очи свртени кон небото, стои неподвижен и пак гргори молитва. Жените, но, да, момчињата, го мачкаат Александар, чувствувам по тој нов мирис, со палмино масло, но му го мачкаат само стомакот и подребрицата. Рамез клечи неподвижни со кренато црно сечило. Принесуваат четири големи позлатени садови во кои на пировите се гостело слатко црно вино со натопени смокви, урми и суво грозје. Тоа се длабоки тешки садови со високи капаци за кога ќе се поткренат, од под нив в грло, в нос, в очи да удри опивната миризба на слаткиот пијалок кој пијаните ги трезни а трезните ги опива. Секој од садовите го ставаат на по еден агол од мермерната плоча. Двајцата од помошниците приоѓаат кон телото и го наталкуваат ребрениот лак, кој и онака остро се истакнува, и по самата подребрица, полека, од обете страни, дел по дел, исцртуваат со сандалов јаглен, кој е мрсен и остава јасна трага, лак што од последното ребро во права линија се спушта до ципите. Станат сум од леглото без да сетам, стојам зад еден од помошниците и ја гледам оваа шара која личи на прозорците на храмовите на царот Пор. Кога помошникот се повлекува наназад, се судира со мене, се врти, мал и дебел та носовите не ни се судираат поради неговиот мев. Се проврткува, со паника се вгледува во замижаниот Рамез и сака да ме оттурне, но јас отстојувам под притисокот на тоа тешко и несмасно тело и од корицата од левиот колк вадам мал, остар нож што го имам од детството, со проста дрвена дренова рачка но со сино сечило со кое може коска надолж да се пресече. Рамез ги отвара очите, скокнува лесно од колена на стапала, брзо и ненадејно како скакулец, го оттурнува помошникот и се соочува со мене, со каменот кој не го спушта. Ни јас не го враќам ножот во ножницата. Го гледам, виѓавам дека устата му штрака но во ушите ми е само гневот на мојата крв, глас не му слушам. Ме сепнува веселиот кликот на Алкалез. – Господару овој камен не смеам да го испоганам со нечија крв зашто е свет камен од Еритреја. Но, ако не си отидеш оттука ние ќе си отидеме. Овој чин е само за посветени очи. Кога се подготвува фараонот за пат кон боговите, кога треба да се врати назад меѓу нив, ни синот фараонов, кој станал фараон, немал пристап на местото кај што се вршени подготовките. Секој натрапник кој неповикан се нашол на тоа место бил убиван и дури последната капка крв не му ја испиела песокта не бил закопуван. Господару, благородниот Птолемеј ме задолжи да го испратам царот кај боговите како што доликува. Ако не ми го овозможиш тоа ти ќе ја сносиш вината. Гласот на Алкалез ми ја покажува состојбата од смешната страна. Му се насмевнувам в лице на Рамез. – Слушај ти, мојот нож ме моли за таква валкана крв каква што е твојата. И, да знаеш, ќе те преполовам, па макар ниту капка крв да не ти протече. Твојата работа ќе ја завршат овие твои помошници, овие дремловци, подобро и од тебе. Мене Советот на благородните ме задолжи за оваа подготовка и јас ќе бидам тука или на кое било друго место јас кај што сакам да сум. Врши си ја работата и остави ме мене на мира како што се договараме уште отпрво. И не ти велам да не се обѕираш на мене. Напротив, секој миг треба да знаеш дека сум тука. Ако нешто погрешно или лошо направиш има меѓу твоите помошници и такви на кои им е речено да ми дадат знак. На првиот знак, од тебе, од еден Рамез, ќе направам двајца уште помали! Како туѓа уста да ги говореше овие зборови. Никогаш, со никого жив не сум говорел вака. Ниту во најголемата лутина, по тешки навреди, не сум изустил закани. Што ли се случува со мене? Овој Рамез ме натера да извадам нож и да испоганам јазик. И, дури Алкалез му преведува на Рамез што сум рекол, се прашувам сепнат, дали е тоа проклетството што сите нè удри, нè измени по смртта на Александар. Како секој од нас да зел по малку од моќта на овој мртовец, како да не префатила таа негова болест за моќ, откога него го снема. Или пак досега сите бевме замолчени од неговиот глас. Она што тој го велеше беше единствената вистина. Та сите молчевме, потпрени врз него. И силните како Птолемеј и Неарех, оние што умееја да водат цели војски, говореа и работеа според реченото на оваа стисната уста. Но, јас! Јас кој ретко говорам, а гласот не ми префрлува од еден до друг крај на одајата, јас кој сиот живот сум шепотел, сега, наеднаш извикувам како да треба да ме слушне цела многуилјадна фаланга! Сега, кога него го нема, сите можеме да ја покажеме силата, волјата и моќта. Но како ќе се разбереме, како ќе се стокмиме, на кој начин ќе живееме така, сите силни, сите своеволни и самоволни? Секој сам, секој скаран со секого, секој против секого. Сево ова, учителу, ми минува низ срцето со грч и студенило. Сега ми излегуваат пред очи сите дамнешни другари од вчерашниот собир (ох, тој се случи пред десетина дена, но јас сега допрва ти пишувам, сè по ред), кога сите ги криеја очите еден од друг, кога се разотидоа како да не се познаваме, кога само ми соопштија што решиле – јас да се погрижам за привремениот погреб. Како да е тоа некакво решение! Ништо не рекоа за војската, ништо за благајната, за сатрапиите, за погребот на Хефестион, за наследникот. Сигурно цела ноќ се расправале за сето тоа, но ништо не решиле освен што се согласиле со тоа мене да ме задолжат со што ме задолжија. Да, што ќе биде со наследникот на престолот? Рамез е уште пред мене, поднаведнат и растреперен. Како по будење, по мирен глас кој му подарува милост – Александар умееше така, со промена на гласот, да го смени времето, да го разведри или наоблачи небото, – му велам како на долен слуга, како роб. – Ајде, работи, времето не чека – и тој се ведне, отстапува назадечки и мрмори, на тежок грчки, од грло, два збора што ги научил: Да, господару, да господару. Седнувам на клупата, премален како да сум товарел жито, зазбивтан, но без здив, со брз тупот во градите, со нозете како да не се мои. – Зошто не го растрбуши, песот – ми мрмори Итан со тешка здодевност во гласот. – Точно е, без него работата ќе се заврши полесно и побргу, напреку. Подзастана. Чекаше ли јас нешто да речам или сакаше да ми излезе пред мене мојата слика: јас со крвав меч во рацете а лево и десно од мене двете половини на Рамез пресечен вдолж, сосема разделени, ги подаваат грчовно рацете да се доближат, да се здружат, за пак да се спојат. – Никого не сум убил и не мислам да убивам – реков точно онака како што чувствував. Како што бев сигурен дека ќе биде до крајот на мојот живот. – Може да убиваш, па мислам дека ќе убиваш, оружару – ми вели со еден чуден, напрегнат израз на лицето, со она лице со кое пророчиците гледаат во иднината. – Но добро направи што не замавна со ножот или со мечот. Можеше и да го извлечеш, но ако мечот тргнеше во замав, било во сек или пробод, кон Рамез, јас ќе ти го прободев тилот, еве тука, та ќе останеше жив, но само главата ќе ти беше жива, а сè друго мртво. А зошто, е, некогаш ќе ја чуеш и таа приказна оружару. Го чувствував притисокот на неговиот железен прст на тилот, веднаш под черепот и само од тој тврд допир како да се почувствував фатен. Седам и молчам. И гледам. Рамез пак влегува меѓу нозете на царот, а нозете на Александар му се лесно провиснати преку рабовите на плочата, како во одмор. И тогаш Рамез полека го спушта остриот камен од Еритреја, токму под градната коска. Влегува сечилото, во тишина, што наеднаш оживе а сигурната рака ја мери и длабината на прободот и брзината на секот. Сече по исцртаната трага како што утредента ми објасни Итан, сè е тоа добро согледано: и колку е дебела кожата, и поткожниот лој, и мускулите, и стомачната обвивка. Треба да се отвори внатрешноста без да се засече нешто внатре. Особено не цревата. Ако тие истечат работата станува макотрпна и неизвесна и главниот мајстор веднаш му го отстапува местото на првиот помошник. Се смета оти оној што згрешил не може и натаму да не греши. А правилата, при мумифицирањето, во секоја постапка се цврсти и строги. Но лицето на Рамез не го покажуваше тој ризик во кој се впуштил. Пред сè беше тоа лице на познавач, да речеме на домаќин кој пред многубројното семејство треба да расече диња. Треба да ја поравни кај опавчето и така исправена да стои, без ни малку да е наведната на ниту една страна. Потоа, тоа вистинските глави на семејството го прават брзо и точно, се разрежуваат вдолж толку парчиња колку што дињата има делници. Но, се сече малку од под врвот. Па се потфаќа токму од кај што започнуваат засеците и со еден удар се пресечува кубето на врвот, два прста од цветникот. Тогаш кога домаќинот со сериозно лице ќе ја пушти дињата таа се отвора како расцутен цвет чиишто ливченца остануваат заедно, а во тепсијата секому му припаѓа по едно парче, а има по едно и за боговите, и за воините.Тоа знаење се применува без страв, со сериозност и со почит кон чинот што се врши. О, какво е ова блеење, за дињи и за домаќини! Писалката ме завела во сматни спомени од детството и дури го пишував ова пред очи го имав татко ми, Потив. Сево, ќе го пречкртам преку средината, одозгора надолу, да биде како ненапишано. Рамез ми заличе на човек од такви слики, запаметени од дамнината на детството. Но, ме сепна, остро како удар, самото мое враќање во тие дамнешни времиња, кон лицето на татко ми што и го паметам низ такви две-три сматни помнења. Да, реков дека постојано ќе бидам тука, дека ќе гледам сè што се прави, дека ќе настојувам да разберам сè. А ваму при пишувањето, мислам на некакво сечење диња! Точно е дека ми дојде токму тогаш, при првиот сек на Рамез, таа далечна слика но тоа не беше поради сличноста на Рамез со мојот одвај запаметен татко. Да имаше нешто во обата лика, и во овој што сега го гледам и во оној што ми дојде од сенката на спомените, нешто слично, сосредоточено, сериозно, напнато. Но, јас, всушност, си отидов од сликата на онаа сматна одаја во другото време кога имав семејство, кога бев дете. Во времето што сите овие години јас не го посетував а и го бркав од себе кога тоа сакало да дојде во сеќавањата. Избегав за да не пишувам што се случуваше со Александар. А сакам сè по ред да ти изнесам, зашто еве, тоа е судбината негова, тоа е она што го снашло потоа, што станал и што постигнал. А знам, дека како лекар, ќе те интересира сè што прават тие прочуени египетски мумификатори чие знаење и вештина од секогаш се обвиткувале во мистерии и се чувале како тајна, Но, сигурно во сè има доволно безредие, така што, доколку дојде до тебе овој ракопис, ќе му го предадеш на некој од асистентите што утредента ќе ти изнесе неколку занимливи известувања, ако воопшто ги има во ова писание. Но, те молам да обрнеш внимание на тоа дека пишувам како сите оние што не се надеваат на трајноста на своето дело, затоа пишувам на тенок, фин папирус, кој трае помалку и од човечкиот живот, а не на пергамент, што го употребуваат оние чија вообразеност ги гони да влегуваат во траењето на времето, најчесто без никаква основа и потреба. Но еве, сега во мислите пак се враќам во салата за одмор. Помошниците од страна, внимателно влечат нагоре, та пресеченото место полека се дели од телото при што Рамез, со брзи движења , со еден друг, мал, остар камен, пресечува сè што го држи стомачниот капак за внатрешноста на телото. Полека го отвораат, а оние што кружат со кадалката ги забрзуваат круговите и како да нафрлаат клоба мирисен чад над телото та тие се тркалаат едни крај други, пред да се искачат нагоре. Оние што светат се наведнале над телото откај главата за да не пречат во работата, а оние со ладалата престанаа да павкаат за да не трепери светлото и кадежот да си го најде вистинското место. Го одделија целиот капак и го спуштија надолу, како фута, до самите колена. Во белото тело се отвори црна дупка, како гроб . Имало ред во сè, како што ми објасни подоцна Итан, но и мајсторот имал право да оцени што најпрво ќе вади. Не знам како е по редот, но Рамез прво се зафати со цревата. Може, затоа виде дека стравотната реа која била затворена во телото, и која само малку протекла надвор, доаѓа токму оттаму. Три работи се прават најпрво. Се подврзува горејадникот, веднаш над желудникот, се подврзува жолчката кај што влегува во цревата и тоа како папоче на новороденче, на две места па меѓу нив се сече, и се подврзува големото црево најдолу, при излезот. Потоа полека, полека со малиот камен се пресечуваат сите нишки што го држат желудникот, па се вади прстестото црево. Рамез побара да му осветлуваат од поблиску кога кога почна да го извлекува, како змија од дупка, тенкото, мазното црево кое е долго 30 педи. На половина застана, а помошникот што ги прифаќаше цревата во големиот златен сад престана да ја врти главата лево-десно со што го следеше секое движење на Рамез, како да купува скапа тантела па се плаши да не му дадат помалку. Рамез го подврза меурот, го пресече цревцето дури долу и почна да го вади, нежно како да го бричи, да го ослободува од кончестите жили и ципи што го држеа. Го извади, а внатре отежнуваше течноста та се чинеше како Рамез да држи цедало за сирење. И бабулето го стави кај цревата и продолжи да ги извлекува. Кога дојде кај големото црево, кое постојано еден од помошниците го поместуваше да не пречи, да не се сплетка мазното цревце, Рамез како да оддивна, со еден замав на раката го извлече, фатено прекусреде зошто веќе беа исечени сите врски што го крепеле во телото, освен последната. Долу пресече со едно брзо и одмерено замавнување и цревото се отслизна во златната чинија. Рамез побара крпа, го избриша каменот, рацете до лакти и испи голтка вода од земјениот сад што му стоеше кај нозете кога слезе од плочата. Потоа им дофрли нешто на помошниците и брзо излезе надвор. Сега бил мигот да принесе жртва за успехот што досега го дозволиле боговите, со молба да помогнат и натаму во оваа тешка работа, чиј тек може да биде непредвидлив а излезот неизвесен. Излегов и јас горе во ложата а по мене тргнаа чекорите на Итан, тапиот и бесшумниот. И тој нешто им дофрли на помошниците кои одговорија со мрмор како несложен хор. – Им се заканив да не гибаат ништо дури не се вратиме – ми рече кога веќе бевме надвор. Тогаш одекна стивниот тупот, како некој далечен да удира на тапан. Сакав да се стрчам пак надолу зашто звукот личеше и како некој со плоштина на меч да удира по ребрата на Александар. Но ме запре Итан, ме фати за мишка така што, како што бев забрзан, а тој ме вкопа в место, ќе ми се навинеше раката во рамото. – Почнале да толчат сол, како што им наредил Рамез – ми објасни Итан. А зошто ќе служат сите тие десетина-петнаесет огромни грутки сол и зошто ја толчат немав никаква претстава и никој ништо не ми кажуваше за тоа. Надвор беше ѕвездената мугра, со темно небо и со големи расплинати ѕвезди но на исток веќе се сретчуваше темното во проѕирно синило. Беше свежо , само во мракот кој почна брзо да се разретчува од нашите очи по светлината на салата, дури долу, длабоко, на сцената гореа три факли и недвижно седеа три човечки фигури во бело. Но сепак се движеа зашто оттаму доаѓаше она ситно, брзо штракање на малите разбои. Слеговме надолу и мислев на тоа колку лесно го одреков зборот. Го оставив Александар сам со сите оние непознати луѓе. Итан, кој се чини можеше да чита и мисли, рече: – Без нас сите оние во салата се преплашени до смрт што останале насамо со Александар. Не можев да смислам да се плашат од плашливецот?! Но Итан го рече тоа со увереност на човек што ги познава луѓето. Страв господареше со Александар, а тој со стравот господареше врз луѓето. Не верувам дека некој го сакал. Може некои од оние што му биле подалеку и го ценеле, но блиските се плашеа од него. Ете тоа е вистината за Александар – размислував дури слегувавме кон сцената. -Зарем и ти се плашеше од него, ти слободен и благороден Македонец – првпат му се потсмевнав на овој човек кој во мене гледаше, откога се сретнавме, со отворена шегобијност и подбив. Веќе бевме во кругот на светлината на факлите што уште успеваа, пред утринското светло – а тука утрата бувнуваат наеднаш – од мракот на ноќта да фрлаат игриви сенки наоколу. Итан застана, ме заврте за рамо кон себе и рече, како да е сам, како човек што сам со себе говори во празна одаја, гледајќи над мене, над моето лице кренато кон неговата височина. – Да сигурно се плашев кога не го убив навреме. Момчињата, преслечени во девојки зашто вршеа женска работа, ткаеја и секој во скутината имаше навиткано тркало завој. Со колената го држеа разбојот, а кај прстите на нозете, меѓу стапалата, го стегаа брдото. Толку исткајуваа пред да оптегнат нова основа. Тоа го правеа со едно клопче шетајќи го од колената до стапалата со брзина што тешко можев да ја следам. Не знаеше човек каде е клопчето , како маѓесници ќе го покажеа долу кога мислиш дека е горе. И секое продолжување на ткаењето се чинеше како да е прошиено со претходното, но тоа беше само вткаена линија, а кросното, малечко, така што секогаш беше покриено со калешата дланка која шеташе, на тоа растојание од педа место, како крило на пчела која полетува па ти се чини дека е во исто време на две места. Кросното си го вкрстување патот со гребенот без никогаш да се судрат, и само гребенот ги набиваше конците во ткаенината со брзина со која во ушите ни чука крвта кога се тркаме со брзите робови тркачи. Платното го навиткуваа во колца и го биеја отстрана со дланките, за рабовите да му бидат рамни. Обајцата имаа исто исткаено и рацете секогаш им беа на истата страна на кросното и чукаа во исто време. И се слушаше како да ткае еден разбој. Итан стоеше кај третиот факел и разговараше со човекот седнат на земја, чиишто што лактови , зашто го гледав одназад мавтаа како да сака да полета, да се одлепи од земјата за која беше цврсто залепен со широкото тело. Тркалезниот грб навестуваше истакнат мев од другата страна. Кога малу наближав слушнав дека зборуваат македонски. Пријдов и видов дека човекот плете јаже од три клобиња од чист коноп. Говореа за морнарицата. Овој човек Итан го ословуваше како Саг, односно, како што беше вообичаено во некои краишта на Македонија, па и во Пела, како „сине Сагов“ за да се искаже почит кон семејството и кон потеклото на човекот. Овој син на Саг, најпрво во Еге, кај што бил роден, потоа во Филипион, во којшто дошле многу македонски семејства, по рудниците на сребро, бил јажар. Во работилницата на Филипион работел со татко му Саг и со тројца браќа. Имало работа преку глава, зашто во рудниците јажето е нешто што е најпотребано. Но кога Александар почнал да ја гради првата флота, Неарх ги забра него и најмладиот брат, зашто јажињата на бродовите се уште поважни одошто во рудниците. Помладиот брат пропаднал со еден од едрениците што ги фатила луња кај брегот на Индија, кај што големата река Инд влегува во големиот океан. А тој работел во создавањето на сите нови флоти и пловел по сите мориња, иако пловењето, како на планинец му паѓало мачно. Од прекумерното нишање секогаш си го истурал мевот, па постојано морал да јаде и, еве се здебелил. А сите од семејството Саг се слаби,„како добро усукано јаже за врзување на галиите за брегот“. Рацете секавично му работеа, а трите клоба постојано летаа така што едно секогаш беше слободно во воздух, како што тоа го прават забавувачите со лимони или нарови при веселбите што ги приредуваа богатите благороници, па и самиот Александар. Синот Сагов воздивна. – Ех – рече – еве сега последен пат плетам јажиња за царска потреба. Што ќе прават со нив не знам но треба да сплетам уште волку, колку што сум сплел. Од сите три дебелини. Едни колку за мрежа со која фаќаме риба во езерото кај Еге, други колку што се јажињата со кои се нарамува снопје и трети колку прстов – го покажа малиот прст и, за чудо, дланката му беше цврста, прстите тенки и силни а горните жили на опакудланката испакнати како прстите на пајка во кожичката. Но, сите ортомари, до староста, имаат силни и брзи раце, кои секавично се движеа наспроти бавниот, расплинат глас, цврсто го вплеткуваа јажето. – Ако дадат боговите, ќе тргнеме дома – рече на крајот и со тој завршеток кој отскокна од дотогашното бавно кажување, како што од монотоните бранови на нашето езеро наеднаш искокнува гладен, сребрен клен, синот на Саг сметаше дека се оддолжил на нашето љубопитство. Престана да ни говори а брзината на рацете како да се вдвои. Меѓу ножните палци беше провлечено најдебелото јаже, а со нив и го затегнуваше делот што го плете и го оттурнување во плитка кошара веќе сплетеното. Колкумина ли беа, колку стотици, колку илјадници вакви вредни занаетчии, мајстори, ковачи, бовчари, грнчари, златари, шивачи, готвачи. Колку илјадници прости луѓе, селани, орачи, градинари, пчелари, овчари, млади, пред кои стоеше мирниот работен живот, колку ги имаше тие недолжни што станале воини во овие долгогодишни походи на Александар. Беа откинати од огништата, оттргнати од семејствата. Им беа сменети животите, им беа насочени на јалова страна, не водеа кон ништо. Ќе се вратат ли повеќето или ќе останат расеани во плитки, војнички гробови, или задомени во туѓи земји со туѓи обичаи и неразбирливи јазици. И зошто? Зарем само за тие походи кои не ѝ служеа на Македонија, а беа ли од корист и за оние што беа победени, покорени или слободни од нечие друго ропство. Не. Колку што знам сите чувствуваа дека нешто загубиле. И зошто сето тоа? За на крајот да лежи таму она раскинато тело, како што ќе му се раскине царството кое мислел оти го создал а само минал низ него, низ тоа непостоечко царство, како што лутиот северен ветер минува преку езерото под Пела, го бранува и го мати цела ноќ, а утрото пак е мирно како ништо да не се случило. Одозгора запеа гласот на Алкалез. – Мудриот Рамез се врати и ве чека да ја продолжи работата. Тргнавме нагоре по седиштата, како по киклопски скалила а во ложата веќе беа донесени ќупови со смола, обележани вдолж со детски прсти, а неколку мажи, гризеа диво саќе, го исплукуваа со гадење медот и го џвакаа восокот за сосема да неблажи. Итан се насмевна, а јас овој пат конечно, му ја признав на Рамез способноста да најде сè што му треба , макар морал да го преврти светот. Слеговме во салата која сега ни се стори самрачна и задушна, и Рамез штом нè здогледа се наведна над Александар како над бунар, почна да загледува, да офка и да се чука, онака поднаведнат, по коленици. Брзи куси реченици му излегуваа од уста како да исплукува нешто влакнесто, несоџвакливо. – Загрижен е за џигерот – ми објасни Итан. – Се плаши дека ако почне да го вади може да му се распадне в раце. Вели дека никој, па ни еден цар не може да живее со таков џигер. На места е тврд како саќе од оса, и така е издупчен, на места како песок, растурлив, та може со прст да се дупне. Со гроза си ја донесував сликата на тој џигер кој живеел во телото за да му ја донесе смртта. Но како ќе се слушаше ова, што сега го говори Рамез, да било речено пред живиот Александар? Како ќе му речеше некој дека смртта си ја носи во телото. Замислувам, измислувам разни сцени на бес, на замавнат меч, на она што навистина би се случило ако некој му проговорел така на Александар. И в миг се фаќам себеси – тоа го мислиш за да не си во оваа сала, да избегаш во мислите оттука, го смислуваш тој суров, убивачки одговор на Александар, за да бидеш оправдан за чувството дека врз силникот, сега, се врши праведна одмазда. Нека го черечат по волја на боговите за сите злодела, а ги имал многу, но и за непресечените глави кои сега, во мојата мисла, ги пресекува. Мајсторот почна полека да го извлекува од разгмечената утроба тој распаднат дроб. Бараше големиот златен сад да се доближи сосема до телото и просто го претураше џигерот во него. Извикуваше пискливо и монотоно „ај, ај,“ и кога го претовари тоа модро и пифтиесто тело, почна брзо да издава остри наредби, покажувајќи му постојано три раширени прсти на помошникот кој со широка бела крпа го покриваше садот и со здодевност повторуваше, со главата дека сè разбрал како што треба. – Ете – рече Итан – остана Александар и без џигер. Цревата му ги однесоа на реката, кај што прво ќе принесат жртва, а потоа помошникот цревар ќе ги мие, ќе ги превртува, ќе ги избели и истенчи па низ бабулето или низ големото црево да можеш да видиш и млада месечина. Е, со џигерот е друга работата. Пак ќе принесеш жртва само не знам на кој бог, оти ни се измешаа македонските, хеленските, египетските, персиските, индиските, феникиските, сириските, да не редам уште, – остана со седум наброени прста. А оној гаден потсмевлив тон исплива горе како измет кога ќе го испуштиш во езеро. – Откако ќе ги смилостиват сите тие богови, ќе треба да се најдат девет молзни биволици. Млекото му ги земало отровите. А по секое топење во млекото треба да се измие во три чисти води и сето тоа треба да се заврши до пладне. Кога е сонцето највисоко џигерот треба да биде чист, да мириса на пресна риба и да се залее со мед кој тече и влегува во сите празнини. Итан потоа ми објасни дека џигерот ќе го потисне со златни тегови заедно со гуштерницата и сплинката, ќе се затвори во златниот сад чиј капак по рабовите ќе се облее со растопено олово та ќе остане „затворен во медот и садот, како жолчката во белката и лушпата“. Рамез го извади срцето така што двете големи жили ги пресекол подолги та заличе на одрана глава од јаре кому му проникнале веќе рокчиња. Со восхит го вртеше во раката, беше големо и тешко, а од него се лачеше чиста црвена крвца. Го ставија во третиот сад и за миг Рамез во раката го држеше веќе душникот и ги отресуваше белите дробови. И белиот џигер отиде кај срцето во третиот сад . Тапо тропаше толчникот така што камените плочи под нозете потреперуваа. И тој, третиот сад в миг го наполна со сол помошникот, еден од дебелкавите. Ја набиваше таа ситна, песочна сол, бела како најбел снег, во која од белината на нерамнините се покажуваше нежно синило. Дебелкавиот внимателно ја рамнеше солта, и кога сосема ја измазни застана. Беше загледан во садот како да чека срцето пак да зачука или дробовите да шмркнат воздух. На лицето му се разлеа светната насмевка, кога оздола, од солта почна да расцутува нежна розова дамка. Таа се ширеше бавно а веќе се јави и нова дамка, и трета. Се пробиваа оздола стремејќи се во ширењето една кон друга и почнаа да се спојуваат и веќе поголем дел од површината беше розикав одошто бел. Во третиот сад беа и бубрезите, и лојот кој го изгреба однатре, од празнината на мевот и градите. Наеднаш царот беше испразнет, отворен како зрела овошка без семка, лесен. Знаев што ќе се случи. Потреперив од чувството кога сол ти ставаат во жива рана, за да не се влоши, подобро да прездрави. Солта ја длаби болката, зашто секоја рана има болка што ѝ прилега, но солта ја зголемува како да е раната поголема и подлабока. Ја замислив болката што ќе израсне од купот сол затворен во оваа бунар-рана, го замислив нејзиното ѕверско виење, нејзините вжарени ножеви што сечат и вртат низ утробата, низ градите до грчмакот. Ох, богови, што му прават на Александар! Треперев и одма ја сетив болката на левата мишка. Таа болка што како на некој друг да му се случува. До мене на леглото не седи веќе Итан, Егрипи ми ги беше забила ноктите во мишката. ѝ ја гледам раката со побелени зглобови од грчовниот стисок, ѝ го чувствувам тешкиот, забрзан здив до моето уво, ѝ погледнувам в лице, во очите подзамижани од страст, во отворената уста полна плунка. Таа е во екстаза, не ме гледа, како да не сум до неа, морав да знам дека ќе дојде тука. Тука бевме тројца што нешто сме ѝ биле во животот. Александар, всушност, ѝ го покри целиот живот, ѝ го затемни погледот за сè друго. Се омажи за мене во Суза само за да може да биде поблиску до него. Не знам дали тој го знаеше тоа, никогаш не спомна ништо, па и кога во Статира, зад престолот, нè повика, сите што бевме на свадбата во Суза оженети, на дарување, да ни посака слога, деца, среќа, Егрипи тогаш со темнозелените очи, како јантар потопен во маслиново масло, ја убиваше Статира со погледот. Беше од позната персиска лоза, принцеза по колено и се омажи за мене оружар на царот. Моето благородништво не постоеше. Моите беа, ти учителу знаеш, прости луѓе, дрводелци, и тоа што татко ми загина храбро, како војник на Билипо во Тракија, во македонска традиција имаше значење но, за Персијците тоа не беше од никаква важност. А звањето оружар кај Дариј го имаа млади пажови од видни куќи, но само по полнолетството , кога добиваа војнички чинови. Инаку кај големиот Цар, оружари беа вешти занаетчии, ковачи, дрводелци, но и златари, кујунџии, мајстори за амови и за сета коњска опрема. Тие беа од долните луѓе, од народот. Мојата положба на дворот на Александар значеше нешто поради заедничкото учење кај тебе, учителу, и поради долгогодишната блискост во големиот поход, поради моето постојано место, при сите аудиенции, зад престолот, малку лево. И оваа принцеза ми припадна мене на големата свадба во Суза. Првата ноќ ја минавме во мојот шатор на истово ова тесно легло. Не сакав да ноќевам во градот во куќи кај што бевме натрапници. Таа беше молчалива, недвижна и чувствував дека не ми припаѓа. Остана моја жена но се однесуваше како слободна куртизана. Навраќаше во мојот шатор без никакво објаснување, некогаш ми се умилкуваше, некогаш доаѓаше како стија, ме навредуваше со тешки обвинувања и клевети. Некогаш ми се потсмеваше, ми говореше каде и со кого била. Боговите ми се сведоци дека тешко ми паѓаа сите нејзини доаѓања зашто ниту еден нејзин вид не ми беше близок. Не ја мразев, но сакав да биде подалеку од мене. Не ја поднесував во моја близина како што никој не може да поднесе до себе куче што без причина по цел ден лае. А ми беше на некој начин и одбивна. Беше убава, сè на неа можеше да блеска како да е создадено од чисти ѕвезди – и очите, и насмевката, и лицето, и рацете, и одот, движењата. Но јас знаев дека има гнасна и опачна душа и единствената жена на која прилегаше, може и единствено човечко битие што ѝ беше слично и блиско, беше Олимпија, нашата кралица, мајката на овој мртовец. Може затоа, според некои незнајни закони на боговите, тој толку силно ја привлекол и ја направил неизлечиво болна по него. Откога првпат го виде Александар за неа заврши дотогашниот живот, и почна нов, со измачување и несреќа. Откога првпат го виде почна да ја бојадисува косата со индиска боја а ѝ беше, инаку, црна кај подникнатото, но ја боеше исто темноцрвена, како неговата. А тука беше и Алкалез кој ѝ се приврза но, не, туку кого таа го маѓепсала, го фатила во пајажината на својата лошотија, та го цица, го гризе и го јаде, а тој како кутре оди по неа, ја чека пред вратите кај што влегла дури да излезе, пред куќите во кои останува по неколку дена дури не ѝ се здомачи, пред мојата порта кога ќе намине кај мене за да го истури својот гнев. Но за чудо, кога ќе го забележи, или кога ќе сака да го забележи, со него постапува многу нежно, како со мало дете та и таа се променува. Го снемува од нејзиниот лик, од одот, од гласот, она што се препознава како мешаница на куртизанско и адско, та таа заличуваше на млада мајка, на доилка која сè на светот би дала за своето чедо. И тоа се мигови на среќа за Алкалез. А таа знае, по некое куртизанско чувствување , кога треба да го забележи Алкалез, кога да му го даде своето тело и својата измамна и престорлива љубов, и знае колку дни или декади ќе го држи тоа пијанство. Но, гнасно ми е да зборувам за неа. Имам навика, секогаш, кога како збесната ќе го напушти мојот шатор или дом, да ѝ речам на послугата сè да измете и да избрише а јас принесувам жртва на царскиот жртвеник, и го обавувам ритуалното капење. А морав ова да го напишам, за да појаснам за Александар, за судбината на една од неговите идеи, за свадбата од Суза. Повеќето од тие женидби, а и на хроничарите им беше речено дека ги имало само во царскиот ден, кога Статира стана призната жена на Александар, точно дванаесет илјади – повеќето пропаднаа, се растурија. Отидоа неброени таланти за залудни подароци. Во што беше бесмислата на таа свадба? Во нејасната мисла да се измешаат Македонија и Персија. Но, начинот беше бесмислен. Македонците не беа подготвени да живеат со жени какви што се Персијките. Во Македонија, па и во Грција, жените се в куќи , сите треба да бидат повеќе или помалку Пенелопи, да ги чекаат своите воини од бесконечните војни и лутања. Персијките, пак, се жени слободни и во постапките и во однесувањето. А слободни се и на јазик. Не верувам дека Персијците толку се уплашија од Александар колку што се плашеа од своите жени. Па и самиот Дариј, кога жената и ќерките беа во наше ропство, беше преплашен што ќе му се случи, што сè ќе му биде речено и сторено, кога ќе ги ослободи и кога тие пак ќе го грабнат во свои раце. И сигурно е најсмешно тоа што Александар, кој направи, може да се рече, пресметан и вешт потег кога ја зеде за призната жена Статира, ќерката на Великиот Цар, на Дариј, чиста Персијка, може најперсијка во душата, самиот се најде во чудо кога таа, иако не доби дозвола да биде царица, ги зеде работите во свои раце, та цела царска палата, сосе штабот, гардата и царот, почна да трепери само од нејзината појава. Александар мораше постојано да бара добри причини за да го нема во палатата. Или ја надгледува градбата на флотата, или да оди во поход против некои разбунтувани сатрапии, или да удира темели на некој нов град. Птолемеј го ширеше потсмевот за таа слабост на Александар и може тоа му одзеде најмногу од онаа мистериозна египетска божественост, опасна и моќна, и го доближи повеќе до божеството во една грчка или македонска смисла, до нашите богови, кои како и самиот Александар, честопати живееле во страв од своите богињи и нивната непостојана и превртлива женска природа. Патем да ти спомнам – може Птолемеј, најумниот од сите твои ученици од Миеза, со премисла го истуркал Александар од таа положба токму на египетско божествено потекло, ја прекинал приказната што се ширела дека не му е татко Филип, туку некаква змија која во исто време била и богот Амон но и последниот египетски голем фараон. Така Александар ја изгубил волшебната можност да биде и бог и цар во Египет, во истиот оној Египет врз кој и Птолемеј фрлил око. Тоа го знаев од порано, а еве, тоа се покажа и сега. Зашто Птолемеј веќе се готви за на пат за Египет. Но, тоа добро ќе го видиш и ќе го разбереш од вестите што сигурно доаѓаат до тебе од дворот во Пела. Па, сепак, сакав да ти кажам дека и тука се гледа на сите работи и од опачната страна, како впрочем на сите дворови што ми се познати. И, еве, Егрипи седи до мене. Ми ја дере мишката, трепери, ги стиска бутовите, шепоти нешто неразбирливо на својот јазик. И наеднаш гледам колку ми е туѓа оваа жена Егрипи – тоа ѝ е променетото име, вистинското не сум го чул никогаш. Се разбираме мошне тешко зашто грчки знаеше малку и ги знаеше, главно, гнасните зборови и неколку цели реченици што се употребуваат во кавга. Сега збивташе до мене, загледана во изнакажано тело и мене ми се стори толку гнасна и долна што ѝ ги забив прстите од десната рака в лице, речиси си го доближав палецот и средниот низ нејзините образи. Устата од напречен ѝ стана исправен процеп а ѝ протече густа плунка низ брадата. Очите дотогаш страсно подзамижани, ѝ се отворија, од изненада и гнев, но јас вкопан во нејзиното лице ја скротив и ја дотуркав зад столбот до Алкалез. – Води ја оттука – прос’скав. – Да не ја видам! Таа се обиде да ми ја грабне раката но остана така со растреперени прсти кога ја пуштив и го допрев мечот. – Да ве нема – прошепотив зарипнато и во нејзините очи прв пат здогледав страв. Алкалез беспомошно ги рашири рацете и, како секокогаш кога не преведуваше промрмори глупост која само нему можела да му падне на ум. – Па таа дојде тука пред тебе, господару. Скришно. Дојде под прекривка со мене и со оние што го донесоа царот тука, од летната палата каде што умре. Пелтечи кутриот. Моли таа да остане зашто е тоа, знае тој со чувство на куче кое го разбира својот господар, нејзината единствена желба во овој миг. – Надвор – крикнувам на сет глас и од тој извик и раката ми е полесна и побрза, мечот е веќе надвор, до нејзиниот папок, и таа отстапува, не толку од мечот туку од моето лице, зашто ме гледа со зазор и паника. Излегува назадечки, а во оддалечувањето, не , не ги одделува очите од мене, и дури од крајот на ходникот го врти погледот кон Александар, но тој е од неа скриен од столбот, од Алкалез кој ја следи, од Рамез и од помошниците застанати како палисада меѓу царот и нас. Се завртиле кон мене, сите осуммина од мојот крик. Рамез се поклонува и говори нешто брзо, шепоти некое признание, зашто поклонувајќи се, ги стокмува дланките пред градите, како што Египјаните им се молат на боговите. Итан, и тој меѓу нив, ми довикнува. – Добро што ја откри и што ја изгони зашто го гнаси местово – не знам дали ми преведува што рекол Рамез или ми кажува што мисли тој, но се чини дека е и едното и другото, Јас сум спотнат од гневот, кој еве, вторпат ме стаписува со својот изблик, зазбивтан сум и замелушен од самиот себа. Се доближувам до плочата а групата се дели. Тројца преминуваат од другата страна, Рамез кај нозете, а ние, јас и Итан, остануваме од левата страна на царот. Но тројцата помошници се разместуваат долж телото, така што за мене и за Итан не останува место. Се подиставам и гледам дека не сум погодил. Александар не го полнат со сол. Тука се јажињата што досега ги сплел синот Сагов. Клобата се суви и бели. Секој од помошниците држи по едно клобо. Рамез дава знак и првите двајца помошници, со најтенкото јаже, седнуваат на мермерот и се поместуваат така што ги пофаќаат стапалата на Александар в скут и почнуваат со работа. Рамез прво со кадилото ги опкадува клобата а помошниците со чисти крпи ги бришат рацете. Потоа почнуваат од палците на Александар. Им го вкрстуваат канапот на врвот па преку тоа па преку тоа почнуваат да ги обвиткуваат ред по ред. Тоа ме потсетува на нешто познато, нешто што ми го поттикнува сеќавањето. Така, во детството, пред повеќе од дваесет години, токму годините во кои загина мојот татко, игравме со една играчка, со вртелешка. На конусно дрво, на чиј врв има железен клинец, навиткувавме, откај клинецот, токму вакво јаже, ја исфрлавме играчката, а едниот крај на конецот, откај поширокото, го задржувавме в рака. Таа почнуваше секавично да се врти а се чинеше дека само стои исправена врз клинецот. На горниот, широкиот крај, врежувавме решки од кои вртелешката свиреше. Немаше две со ист звук. Брзите раце веќе ги обвиткуваат и другите прсти, така што стојат подраширени. Капакот на утробата е вратен назад и телото до среде гради е покриено со лесна покривка од лесна памучна ткаенина. Вдлабнатината на празната утроба е страшна. Се чини дека под прекривката нема ништо, дека градите, со рацете и главата, се одделени од колковите и нозете. Веќе целите стапала се обвиткани, до глуждовите. И најтенкото јаже е потрошено. Сега исчекоруваат помошниците со средното јаже кои почнаа да навиткуваат од глуждовите, кај што притегнаа јамки, кон колената. Работеа брзо. Најдебелото јаже, третиот чифт помошници го навиткаа околу бутовите, а Рамез постојано проверуваше со црно тврдо дрвце, зашилено како стилет, дали јажињата се доволно цврсто припиени кон ногата и навивките една кон друга. Тогаш синот Сагов донесе уште шест клоба, му пријде на Рамез, му ги тутна в раце, и без да погледне никого, освен што фрли бегло, рамнодушно око врз царот, излезе надолу, кон ходникот, бришејќи ги патем рацете како човек кој завршил сосема една работа и нема намера да мисли веќе на неа. Ги обвиткаа, со сите три јажиња, и рацете на царот. Сега личеше на брод кој отстрана има спуштено тешки кесести плетенки од коноп за да не се повреди коритото од карпите на пристанот, или од судар со друг брод. Беше брод со спуштено едро, празен и неживотен. Не знаев што значи ова навиткување јаже, но беше вршено со ритуално кадење, едновремено и рамномерно од обете страни, та помислив дека рацете и нозете се готови, мумифицирани, само што треба да се обвиткаат со платно. И навистина Рамез зеде еден тркалезен врзоп платно и полека почна да го натопува во еден сад. Мислев дека и тој е со мирисно масло зашто го имаше насекаде: во ламбите, во одделни садови, ладалата беа натопени со тие миризливи масла. Не беа од една билка така што се мешаа разни мириси. Но не, беше тоа обична вода. Сакав да предупредам, да предварам зашто сигурно се работи за забуна: досега се водеше строга грижа да се избегне секоја влага, а сега, наеднаш сето тоа се нарушува . Итан кој сигурно умееше да чита мисли, или јас веќе сум направил исчекор и сум ги напнал градите да пуштат глас, ме задржа и онаа негова муцка, пак се исцрта со подбивка. Рамез внимателно почна да ја навиткува левата нога со таа мокра обвивка, но процедена од работ на садот. Едниот помошник ја држеше таа нога крената право нагоре та и кога беше обвиткана целата, помошникот ја држеше исправена, потпрена на рамото. Така обвиткани со коноп и мокро платно му ги држеа кренати и рацете и нозете. Внесоа лесно, полско легло, од дрвена изработка. Постелата е мрежеста, е за летни дни, но во шатор, ако се префрли покривка од козина, може да служи и зиме. Полека го пофаќаат Александар подмишки и за нозе и го пренесуваат на тоа разлелеано легло. Итан ме фаќа за мишка и ме повлекува надвор, кон ложата. Излегуваме во светлиот ден, во сувата жештина, во која може леб да се пече. Долу, на сцената, во заградениот дел, поставен е шатор, од оние четириаглести, високи и просторни шатори кои им припаѓаат на крилните команданти и на командантите на брзите коњички единици. Слегуваме надолу а по нас го носат леглото со Александар, покриен со лесната, бела прекривка. Околу шаторот, се белеат простирки прекриени со три-четири прсти дебел слој сол. Солта што ја собирала водата од студената сала сега се суши за други потреби. Во сиот неред кој владее наоколу, во сето движење и врвулица што мене ми се чинат метежни и бесмислени, има некој ред, некоја мисла што однапред ги подготвува работите та се одвива како што треба, според законот на мумификацијата, кој е, се чини и доволно строг, та да се запазуваат сите предвидени мистерии, но и доволно лабав за да се пушти во такво тајно и посветено место, кај што се врши мумифицирањето и Егрипи. Влегуваме во шаторот, во сувиот лад во кој на припеков може и вода да зоврие и олово да се топи. Го внесуваат Александар и го ставаат точно меѓу влезот и средниот столб на командниот шатор. Почнуваат тивко да се веат шест ладала со перја од нови крилја по краевите. Секое е натопено со инакво мирисно масло, па во шаторот владее, во сета жештина, и мирисно бунило. Рацете и нозете на Александар што помошниците ги држат исправни, почнуваат да потреперуваат, да се подвижуваат од некое ситно, трескавично грчење. Итан ми говори нешто, но не го разбирам. Го препрашувам. – Што? – велам и сакам да му кажам дека треба да замолчи, дека ова што се случува со Александар е страшно, дека сигурно страда како никогаш во животот што не настрадал. Но тој со мирен глас ми преповторува. Вака, најдобро му се цеди црното од рацете и од нозете. Конопите, кога ќе се наводенат се стегаат и исцедуваат сè што има во жилите, во месото. Кога паднав плен кај Тракијците, ти си бил уште мал, гледав како мачат луѓе, вака, со јаже. Наши, Македонци, кои биле ѓоа фатени како шпиони. А беа обични селани, војници што се обиделе да избегаат од плен. Им ги обвиткуваат главите со суво јаже та потоа малку ќе го наводенеа и чекаа. Со врзани раце и нозе со потенки, суви јажиња. Има разни маки и разни мачни смрти. Прво, од влагата, ќе почнеа да се собираат најтенките јажиња на рацете, зад грбот. Се засекуваа до коска и од крвта уште повеќе се воденеа и стегаа та ја кршеа и коската. Тогаш врисокот и прпелкањето ќе секнеа малку. Но потоа ќе почнеа да сечат меса подебелите јажиња на нозете та одново ќе почнеше рикањето од болки како да рикаат животни а не луѓе. Но и таа болка ќе ја затнеше сопствената крв. Но главата! Тие јажиња, најдебелите, обвиткани преку челото и надтилникот почнуваа најодзади да стегаат. Гледаш, работата беше толку промислена. Тие тешки и дебели јажиња се топеа со крв, од онаа, внатрешната страна и крвта ќе секнеше едно време а јажињата ќе продолжеа да се стегаат околу главата. Очите испаѓаа надвор, гласот секнуваше, засипнат, а вратовите се грчеа и се тегнеа за да го извлечат черепот од тој обрач што сè повеќе се стега. Кога прв пат ќе пукнеше коската целото тело почнување да се тресе како од треска. Од второто пукање, по некој час, кое ќе одекнеше како да се крши сува гранка преку колено, телото ќе се исправеше и така здрвено отскокнување од земјата, не како самото да скока, туку како земјата да го отфрлува. Од третиот пукот на черепот телото веднаш ќе остане неподвижно, како стрела да го пробола окото и излегло од тилот. Итан умееше да избере миг кога нешто не требаше да се кажува та ќе го кажеше, како и оваа проклета приказна за Тракијците мачители, за кои никогаш ништо не сум чул, и која сигурно ја измислил за да го повреди царот, односно моето чувство кон него. Да се спотне моето сожалување со ужас, и да ме казни што воопшто се јавило тоа чувство во мене. Никој волку длабоко не го мразел Александар, молчешкум и со страст, како овој човек. Зошто? Ќе ја научам ли некогаш таа приказна? Прстите на стапалата и на рацете на Александар почнаа да се грчат, да се шират и да се собираат. Рамез ја мавна наметката од телото и фати стомачниот капак да го витка во врзоп, како што јас го виткам папирусов. Му принесоа сад со сол а тој се загледува де кај колковите, де нагоре под ребрата. И рацете и нозете фатија да се отимаат, да се виткаат и да потпукнуваат, а во чистата внатрешност почна да се цеди црна течност и водичка со крвца. Рамез ја нафрлаше солта да го собере, да го впие тој оцедок , и колку што растеше купот постојано беше завалкан од таа црно-црвеникава поплава со реа на гнилежна смрт. Утробата се полнеше со сол а нозете и рацете, како да ги мачат тешки костоболки се увиткуваа де на една де на друга страна, прстите се чепатеа, крцкаа коските од стапалата и дланките. Помошниците почнаа да ја исфрлаат солта со грстови и при наплив на нова течност нафрлаа нова сол која пак впиваше и впиваше. Кога јажињата сосема се исушија, телото насекаде го исчистија до последното завалкано зрно сол. Рамез почна да го полни трупот, да го порамнува и на крај ја затвори таа нова чиста и сува сол во внатрешноста на телото. – Сега ќе се чека до вечер, за да се смени солта – рече Итан. – Солта ќе се уши однатре а ладалата ќе носат сув и жежок воздух и чад ќе го сушат однадвор. Кога виде дека јас чекам а прашањето се подразбира а јас не го изговарам, само рече: – Главата – потем покажа и меѓу нозете. – И тука – рече. – Но пред тоа теба да се одвиткаат јажињата и рацете и нозете да се мазнат со дрвено мазнило, да се мачкаат со мирисни масла и да се кадат со суви корења од пустинско трње. Во шаторот беше пеколно жешко, па почна да ми се темни и нозете да не ме држат. Но го гледам го донеле од салата и моето легло и низ навевите мрак, во шаторот во кој беше светло, зашто низ стишната ленена ткаенина, внимателно премачкувана со ленено масло и восок, влегуваше јасна светлина. Одозгора прокапуваше, поради жештината, по некоја капка од премачканото. Шаторот беше сосема нов, неупотребуван, зашто со првото отворање ќе се налепеше врз него онаа ситна прашина што се крева во сите воени табори па не му дава на мачканото да се топи и да прокапува. На неколку копја, чии што врвови ги вглавија меѓу плочите на сцената, на оние куси копја за фрлање , растегнаа прекривка за да не капе врз Александар. Но таа непредвидена неугода го намалуваше проветрувањето, а како што рече Итан „колку повеќе жежок ветер го допира царот, толку побрзо телото ќе биде готово за потопување“. Не знаев за какво потопување се работи, но молчев. И надвор врз шаторот веќе нафрлаа прашина. Не одблиску туку оддалеку, за да не паѓаат и песокта и чакалот врз шаторот. Фрлаа спроти некоја струичка во воздухот која и единствено може да се открие со фрлање на прашина во височина, со палење оган, со оптегнување стрела право нагоре или со отворање на бродско едро. И однадвор повесма и валма сенки се движеа преку платното и ретко, сигурно по неколку фрлени лопати, ќе тропнеше зрно песок како од тие облаци што се тркалаа преку шаторското небо, да се навестува порој со првите ретки ѕвонливи капки. Палеа корења во земјени садови кои низ жарот прво се провиткуваа и ќе прошетаа како змии на оган па ќе прочадеа со густ лут чад. Сите излеговме од шаторот, со насолзени очи, закашлани. Рамез излезе последен, задоволен, подвижен и брз, неуморен. Даваше наредби, распоредуваше, испрашуваше. Прво имаше тешка расправија со еден од џвакачите на восокот. Очигледно не беше задоволен од она што го сториле. Му беа донеле плитка кошница со исплукани изџвакоци восок, не поголеми од лешник, кои одвај го покриваа дното на кошарето. Рамез зеде неколку топчиња, ги поџвака и со гадење ги отфрли. Со еден водопад зборови полни со тешки и и х, како од благото да му залетнало во грлото, се расправаше со незадоволните џвакачи. Итан се изнасмеа. – Пусти будала – рече и кога чекав да ми преведе, само одмавна со рака. – Пушти го, будалетинка – се насмеа повторно и ме погледна. – Гладен ли си? – а од самото спомнување на храната, пред овие изџвакоци и брзото потсетување на она што сè сум видел последново деноноќие, ми се крена утробата и в уста ми пливна отровна лутина од празниот стомак. Но, од под наметката, од мала чиста торбичка, Итан извади тврда црна погача, испукана во која влегле грутчиња јаглен, и парче суво говедско месо, поцрно од погачата и потврдо, солено како морска вода. Ги знаев тие војнички јадења кои и во пустина, токму како и на снежни планини, со недели можат да останат нерасипани. Во торбичката отстрана, имаше зашиено ножница за остар нож, како што тоа го има на сите вакви војнички торбички кои во војската ги викаа „декади“ зашто можеше десет дена да се прехранува војник во поход од три погачи и две сушени меса. Само ако има вода. Тие „декади“ во пустината Мекран убија повеќе војници од сите непријатели на Македонија заедно. Итан ми стави комад од погачата на колено, како да делка дрво, со силни движења ми насече тенки резанки месо кои паѓаа право на комадот, како есенски лисје, па, токму како што треба сосема го покрија. Јадевме полека зашто таа војничка храна мора бавно да се џвака и да се троши доста плунка за да се натопи. Вода не ја топеше, иако после јадењето бараше многу вода. Ја топеше само плунката, цврстите вилици и тврдите заби. Александар ги враќаше и во Македонија кои прерано ќе обеззабеа, зашто во походите му беа пречка исто колку и ранетите и сакатите. И со овај познат вкус, вкус на војната, на поход, на далечни времиња и предели, ми надојдоа спомените за она што било. Ништо точно не ми доаѓаше во сеќавањето, само една слика, која можеби никогаш токму така не се збиднала, но која на повеќе слични начини често се повторувала. Седиме со Алекександар пред шатор, во некое вакво пладне и ја јадеме оваа храна и уште суви чешнина лук. Неговото брзо џвакање не му го запира зборот. Говори меѓу џвакањата како да нема залак в уста. Секогаш говори за нешто што не го знае, за нешто што допрва треба да го научи или да го открие. Зима е, во походот кон високите планини, седиме пред шаторот, во блескаво пладне кога око не можеш да отвориш од заслепувачкото сонце на големите снежни врвови. Во долината нема снег. Во заветот на шаторот е дури и топло, а Александар говори за пелинот: „Тукашниов пелин, кој го има многу под овие високи гори е и поцврст и погорчлив од нашиот“. Јас не можам да направам разлика, зашто не се сеќавам на нашиот пелин, а тој валка во дланката топче од таа модрозелена билка, со сребрена опачина на листот, каснува од згмечените лисја и стеблинки и потврдува: „Погорчлив е, многу погорчлив. Сигурно е и полековит. Треба да се види како народот тука го употребува. Како го готви“. Потоа говори за мрзливоста на нашите лекари, за нивната незаинтересираност. Или тоа го говорел на некое друго место, не знам. Но уште му ја гледам устата, вилицата, како ја совладува оваа тврда и сува јадачка, како од џвакањето му потскокнува коската до увото та дури и слепото око се движи, а тој говори, како повеќе да е гладен да дознае нешто, па макар и за тој пелин, одошто ѝ обраќа внимание на оваа храна што ја дели со војниците. Но, тој и ги натера воините снабдувачи и готвачи да пронајдат војничко јадење што секој војник може со себе да го носи. Во една прилика, на дворот на Пор, кога нарача за тамошните достоинственици да се изнесе на трпезата од ова војничко јадење и кога тие ги смуртија лицата од првото каснување, тој набрзина ги пофали главниот снабдувач на војската Тротин и главниот дворски готвач Ахилеј кои, наводно, ја измислиле оваа храна. Обајцата се засрамија од таа царска пофалба. Зашто во фалангите влезе шегата: „Да каснеме малку Тротин и Ахилеј“ која ја следеше смешната војничка расправија, кој е што од двајцата, кој е погача а кој е месо, која никогаш не доби разврска. Сега седам така со Итан. И нему силната вилица му го подвижува сето лице, острото јаболкце прави неверојатно долги качувања и слегувања на жилестиот врат кога со мака голта од сувотијата на залаците. Рамез седи во сенката на шаторот, крснозе и одбира од корењата што се сушеле на седиштата на тротоарот. – Прашај го дали за подготовките на телото за пат кај боговите – научив дека најмногу го погаѓа ако ова што го прави го нарекувам со ова долго име – дали употребува и пелин? Корен, лист, било што од пелинот. Итан му се обраќа на непознатиот јазик но го разбрав тонот. Му се обраќа како што им говориме на изветреани, наглуви старци кога сакаме да ги подналутиме, ако се досетат дека им местиме шега, а ако не се досетат им се смееме зад грб. Кога заврши, Итан безобразно ми намигна, насмевнат со онаа крива, озабена насмевка. Рамез потскокна, влакнестите нозе ги раскрстија колената и тој клекнат, згргоре нешто брзо и остро, си ги затнуваше ушите, дватрипати секавично си ја покриваше устата со дланката меѓу зборовите уфрлаше многу од своето прочуено „ај, ај“. Итан ми се обрна мене со суров глас, како да ме кара. – Мудриот Рамез, поради твојата положба на благороден, на еднаков меѓу најмоќните, ти дозволи да присуствуваш на мумифицирањето, што е спротивно на сите закони, зашто тој, колку што е лекар толку е и посветен свештеник кој ја чува тајната на мумифицирањето и ја пренесува на своите посветени наследници. Оној што не е посветен не може да ја открие тајната. оној, како тебе, што само гледа ќе мисли дека сè научил , а сигурно е дека само опаку го сфаќа она што го видел зашто тајната е невидлива. За неа не се зборува, таа не се пренесува со збор туку само од колено на колено. Итан го искажа тоа со јасен упрек кој го радуваше Рамеза зашто пак ги скрсти нозете и климаше со главата. – Ете, го смиривме мајсторот. А дека е лекар, најдобар што сум го сретнал, јас можам да ти потврдам. А дека е мудар и тоа е точно. Сакав да објаснам дека не ме интересира мумифицирањето, само дека сакам да знам што се случува со Александар, што станува со него. Досега знам само тоа оти безмилосно го касапат, го мачат, го убиваат, сурово, џелатски, и по смртта. Но само одмавнав со рака. Никого не го засега што сум јас, ниту му е некому важно дека јас тебе те сакам, учителу, да ти објаснам што стана со царот во кого ти толку малу веруваше. За сега само знам дека не го погребуваат по македонски царски обичај како што е погребан Филип, со оружјето, со царските обележја, со штитот, со златните украси, со свечениот оклоп. Како што прилега на владател. Александар го подготвуваат по некои фараонски обичаи за некаков привремен а потоа за некаков неизвесен постојан погреб, а уште не се знае ниту гробот каде ќе биде и каков. А, еве, и јас чувствувам во тоа и се чувствувам долен, измамник и предавник. Рамез отиде во шаторот со грст избрани корења. – А знаеш, науката на мумифицирањето е проста. – вели Итан – Еве, ова месо, го гледаш, тоа е мумифицирано. Ќе се стави во каче со сол, ќе се потисне со камења па откога низ отворот на качето ќе отиде водата, ќе се прочади, ќе се суши на сонце и ветер, и тоа ти е. Не сум прашал, но знам дека на бродовите месово трае со месеци. Ако не го изедеме ќе отиде и тоа кај боговите – се клештеше низ залакот и не можеше да остане само на тоа, та заклучи со наместена целемудреност, која на цинизмот му даваше уште потпршка. – Па добро, нека гризнат малу и тие војничка храна. Потоа стана, си ја зачисти наметката и некако остро ни рече: – Сега, за главата подобро не влегувај. Чувствувам како бледнеам, како ми остинува потта врз лицето. Го гледам, мисли дека ме одвратил од намерата но се слушам себеси: – Ќе влезам – и ги чувствувам нозете како ме носат кон влезот на шаторот. Сега воздухот го тераат кон една страна, од влезот преку телото на Александар, кон другата страна, кај што целото задно крило беше покриено. Кога седнав, гледав до крајот на сцената, до куќичката за артистите. Но никој како и да не помислуваше на главата на Александар. Сите помошници беа зафатени со кадилниците, ги разместуваа според некој план, со ритуално, молитвено мрморење. Поредени се пак кај страните на шаторот, полн со тешки миризби и лут чад, но во кој воздухот сепак постојано се менува. Помошниците почнаа да ги развиткуваат јажињата од рацете и нозете. Редум, како што беа завиткувани. Се појавија прстите. О, чудо! Очекував згмечена маса, модра, крваво-црвена од притисокот, но тие беа бели. И како што спаѓаа јажињата, се покажуваше снежно белата плот. Но беа останати втиснати траги како кога ќе се ослободи жива рака од тесен прстен или белегзица. Јажињата ги прибраа во нова рогузна кошара, исцртана со црвена и жолта боја. И фатија да му ги мазнат нозете и рацете. Беа кренати нагоре, ги мазнеа со црни, полукружни штичиња што постојано ги топеа во мирисно палмово масло. И почнаа да се рамнат кружните вдлабнатини а маслото да тоне во белата кожа, таа го пиеше како што пустинска земја го пие дождот. Почнував и јас да да чувствувам леснина, како да гаснам скоравена жед, да чувствувам како нозете и рацете ми се одмораат по непреспаната ноќ, како ми надоаѓа сонот. И сакав тоа да биде еден сон без сништа, сон кој ќе ме излечи и ќе ме закрепне. Но не можев да се спуштам на леглото, да се испружам покрај царот кој исто така лежи, тука, пред туѓи луѓе. Можев да спијам само кога сум сам во шаторот или во одајата. Во Миеза спиев со Неарх и Харпал и со ноќи сум се преврќал, со отворени очи, слушајќи го нивниот сон. Тогаш ми запре и растењето и ми остана навиката на лесно спиење, кое како пајажина се кине само од зрно песок. Но седејќи низ дремливите очи, видов како Рамез приоѓа кон другата страна на носилката, кон главата на царот кому сега рацете му се покрај телото. Се обзира наоколу и мрмори нешто. – Излези со време – ми прошепотува Итан, без лутина но со закана. – Очите не се вадат дури има сонце на небото а еве само што не зашло. Гледам дека си папсан, дека си капнат не од несоница, туку од она што го гледаше. Излези, зашто немаш сила. Гледам, може и разумот да ти се помати. Знам такви случаи. Но јас, со стисната уста, сега сосема разбуден, станувам и се приближувам до Александар. Што и да видам тоа ќе биде во врска со него како што и досега во мојот живот сè било во врска со него. Рамез ме гледа но знае дека сè би било залудно. Ме гледа како да не сум тука или како да сум од стакло. Долу, на плочите на сцената, стои отворен сандак, заправо плитка дрвена кутија од измазнето дрво, почна со некакви ножеви, камени секачи, дупчалки, мазналки, со кадилници, со пергаментни трабички, подредени во некој ред што е очигледен, но знаен му е само на оној кој ги употребува сите тие предмети. И, на едниот крај здогледувам дланка, човечка дланка , обвиткана со платнени ленти. На неа пишува само еден збор „Ис“. Тоа беше некоја рака пресечена во битката, пред десетина години, која Рамиз ја мумифицирал. Сега е како урнек на неговата вештина, па ја покажува како што грнчарот го покажува најубавиот, најшарениот грнец. Последниот денски знак згасна, надвор веќе се раѓаа ѕвезди. Црниот помошник зеде од кутијата еден крив нож. Со такви ножиња ги ретчиме лозите во рана пролет, а зеде и еден мал сад со рачки, сосема мал, колку во него да може да застане пола јајце, но рабовите му беа остри, зашто помошникот ги поминување со парче кожа од рибјо куче. Рамез побара да се присветли подобро, пријде кон Александар прво одлево и пак му го отвори она, темното око. Црнката одвај се покажа, завртена нагоре, дури под веѓата. Помошникот му го подаде ножот и го пофати горниот капак. Влечејќи го надолу сиот образ, Рамиз направи нечуен, брз кружен сек, го остави ножот и ја дофати малата, остра цедилка. Го зацрпи целото око. Се слушна како наточениот раб гребе коска во очната длабнатина и окото со црнката која гледаше право во мене излезе, како јајце од својата корупка. Го ставија во четвртиот златен сад. И дури гледав што станува со тоа око, Рамез веќе го превртуваше во садот и она, светлото кое не ме виде а и јас само слушнав како шлапнува во садот. Така се стасаа тие разнобојни светла што цел живот беа разделени. Сега, во темнината на златната празнина, веќе не можеа да се видат. Лицето на царот стана наеднаш старо, пропаднато, смалено, сплескано како под коњско кпопито. Се завртев во мигот кога носеа нова сол, слушнав како со пердушка ја чистат утробата, како ја метат солта. Излегов надвор во ведрата ноќ, со оддишка која не можев да ја запрам. Немаше никого околу мене, само тивко паѓаа ѕвезди, се цедеше златна прашина од небото. Во шаторот се лееја сенки, се движеа тела, а во жешката ноќ првпат, по толку време, бев сам. И тогаш, во тој миг решив утрото, со првото сонце, да продолжам да ти пишувам, зашто ова што се случува со Александар мора да дојде до тебе. Од шаторот излезе Итан, се проѕевна и се протегна. – Треба да отспиеме – рече. – Готово е. Ја испразнија и главата. Сега очите, јазикот, мозокот и тестисите се во еден сад. Тие не трпат сол. Само се залеваат, полека, со смола и се чека нивната вода да исплива горе, да се исцеди, па садот се затвара со олово. Се проѕевна пак, помина околу орхестрата и седна во првиот ред. Шлапна со раката на местото до себе и јас отидов таму, седнав на топлиот камен, уморен и несреќен, под закрилата на овој цврст и бесен човек. – Човекот е смртен затоа што деловите на телото не му се на вистинските места. Кога мумијата ќе отиде кај боговите, тие од четирите урни ќе ги разместат сите органи како што треба и дури тогаш човекот станува бесмртен. Говореше како учител, без иронија, без сарказам, без подбив. – Веруваш ли во тоа? – прашав по извесно време. Тој тогаш се насмеа но си го пресече смеењето и пак проговори како да е сам. – Верувам дека и на Александар некои делови на телото му беа испомешани. Дали добрите богови ќе им го најдат вистинското место, не знам. За мене, барем, неговата бесмртност ќе заврши со мојата смрт. Молчевме. Од шаторот доаѓаше тивко мрморење, ритуалниот напев, монотон, заспивачки. – Јас немам намера да бидам мумифициран. Сакам да скапам во земјата. Во Македонија, како и сите мои предци. Знам дека никој од нив не отишол во бесмртност, зашто кога ги прекопуваме старите гробови ги наоѓаме само коските на предците, златните украси, ‘рѓосаното оружје. Македонските богови не дозволуваат човек да им се доближи во бесмртноста. Она што веруваат во Египет може да се однесува на нивните фараони, но не и на Македонците. Александар е син на Филип, Македонец, и тој ќе си отиде во својата смрт како секој од нас. Залудно е сево ова. Не може ништо да се измени во неговата судбина – бавно говореше Итан. Но јас бев доволно измачен од сè што се случуваше со Александар за да дозволам на толку едноставен начин да се одрекне можноста за неговата бесмртност. – Но тој пријде токму кон Амон-Ра, големиот бог на Египет. Во неговиот храм, во пустината, Амон му ја вети бесмртноста. – А ти не верувај во секоја будалештина што ќе ја видиш и што ќе ја чуеш. Ако му ветил бесмртност немало ниту да умре – ме удри по рамото и ми рече: – Ајде сега да се одмориме. Ќе одиме да спиеме на едно убаво место кај што сонот е лесен, кај што се будиш одморен и здрав. Излеговме од театарот. Надвор врвулицата беше потстивната но луѓе имаше, раздвижени низ ноќта, брборливи.Имаше и врискот, и женска смеа и тупут на растрчани нозе. Имаше живот. – Почекај тука – ме запре на влезните скалила на театарот Итан и темната наметка в миг му ја изеде мракот. И по пловина час (веќе бевме научиле да ја чувствуваме таа вавилонска мера за времето), кога веќе придремував, Итан дојава на голем персиски коњ, а водеше по себе уште еден, за мене. – Па, да одиме – раче. Јававме кон Мардуковата порта молчејќи. Мојот коњ го следеше Итановиот и јас почнав да дишам некако со цели гради. Пред себе имав некого. Го поминавме првиот и вториот канал и навлеговме во палмовата градина. Дојдовме и до третиот канал. – Водата во каналите е, ако умееш да нацрпиш, почиста од речната. Влези полека, држи се за јажево – и ми тутна в рака јаже – еве ти мев. Ќе внимаваш оти се слизга. Мевот ќе го држиш подалеку од себе зашто ќе раздвижиш тиња. Каналот, барем на ова место, немаше подзидок од камен и јас слегував до косиот слизгав брег во смлачената вода и чекав да се наполни мевот, да доклобучи. Кога го поткренав од водата сетив дека сум премален и слаб. Итан ме повлекуваше со јажето, врзано за седлото, терајќи го коњот полека кон палмите. Се напивме. Водата ја разбуди жедта, та пиев неумерено и алчно. Итан ги раседла коњите и ги фрли седлата до коренот на палмата. – Спиј – рече. Во кадилницата распрета жарче, стави малку јаглен и мирисна смола, легна и се завитка во наметката. Јас се завиткав во прекривката, слушнав како коњите зацапуваат внимателно во каналот, како пијат, и како водата им капе од муцките кога ги креваа главите. Слушнав како комарците ми виорат околу главата и покрај кадежот кој требаше да ги тера, чувствував како ме касаат но, рамномерното дишење на Итан ме успа без да сетам. Ете така ги минав првите два дена од смртта на Александар. Утрото кога се разбудив во палмовата градина, сонцето беше угреало, но како секогаш, но како секогаш, изгревот беше цевен, а сонцето уште не грееше. Не знаев каде сум, зошто сум тука. Целото тело ме болеше и таа болка ми приспомна на сè што било. Иако два дена бев речиси неподвижен покрај телото на Александар, ме болеа и рацете и нозете, и грбот и мевот, сè што можеше да боли болеше при најмало движење. Итан го немаше, мојот коњ беше приврзан за една палма, со зобница на муцката а во градината ечеше од гласови, од смеа, од брзи извици, како наредби. Палмите ги чистеа од непотребните, долни лисја, за стеблата да извишуваат. Станувам со мака и невешто го оседлувам коњот. Во годините откога јававме на седла никогаш самиот не сум оседлал коњ. Тоа го правел или мојот паж или хертеријата кој ми беше даден за придружба. Тешко се снаоѓав во замрсеноста и нередот на градните ремења, на оглавникот и уздата, на долниот ремен. Коњот треперливо го поднесуваше моето незнаење. Но за каде се подготвував? Каде требаше да отидам? Прашањето ми се јави, како некој да ми го прошепотел в уво а јас, возмутен, немав одговор. Кога најпосле го оседлав коњот, кога ја свиткав прекривката и ја приврзав за војничкото седло, јавнав и ги пуштив уздите. Коњот, слободен, пројава низ палмовата градина, премина преку каналите, мина низ Мардуковата порта и заоде низ сплетканите улички и тесни премини на исток од Мардуковиот храм. Некаде, кај што беа пазарни места, коњот ја пробиваше толпата со гради. Очигледно беше од добро научените јуришни коњи кои не се плашат од мешаница и врева. Застана пред една широка, засводена двокрилна порта и не сакаше да се помести наспроти моите напори. Мислев дека ќе ме однесе пред театарот но, тој, еве, ме донел кај што нему му било поилото. Се подотвори едното крило на портата и непознат, белобрад човек воскликна: – Глеј, глеј Потивовиот син! Што бараш ти тука? – искрено вчудовиден, со благ глас ме праша човекот, како да сака да ме одврати од ова место, да ме спаси од нешто. Сакав да одговорам, заустив дури и да речам „Коњов ме донесе“ но се исправив од некој срам кој ме обзеде, а подоцна, откога промислив видов дека тоа чувство било оправдано, дека потекнало сепак од моето достоинство, кое некако се разбуди по смртта на Александар. Но, дали достоинството може во човека, туку така да заспива па да се буди? Не, не може. Јас не сум го имал. Ако е нешто можно тогаш, сигурно тоа чувство првпат почна да се раѓа во мене. И место да признам дека коњот ме донел како најобичен немушт товар одговорив: – Коњов... дојдов да го вратам коњов. Човекот ми ја затвори портата пред нос и јас останав во уличката притиснат кон високиот ѕид од беспрегледен карван камили, врзани во низа една за друга, кој најверојатно се упатил кон Мардуковата порта. Тешките кошеви ми удираа во ногата, цврсто стегнатите балиња ми ги чешаа рамењата, а камиларите се довикуваа и ме поттурнуваа сосема до ѕидот. Носеа памук, а во кошовите, покриени со платно, беа ќупови со нешто што имаше познат мирис, и дури си ги испитував ноздринките, брзо и бучно се отворија обете крила на портата и црномурно, намуртено момче го пофати коњот. Влегов во пространо двориште во кое владееше неописливата мешаница. Трчаа со врискот деца, гореа огнови на кои во огромни ќупови вриеше нешто. Во еден оддалечен агол скротуваа коњ, глутница кучишта се прпелкаше во очајна битка низ прашината. Од еден кафез, под стреата на една од зградите, ’ржеше диво, мавтајќи со опашот надвор од решетката огромен тигар, се сушеше во неколку редови, на јажината распнати меѓу ѕидовите по аглите, најразлична облека, од камиларските наметки со ќулавки, каква што имаше и Итан, до лесни женски облеки и испрани завои со жолтило од поранешната крв. Низ таа мешаница на стотина луѓе, жени и деца, коњоводецот, трчајќи, така што коњот брзо забодина, ме водеше десно, кон местото кај што кротеа коњ, пргав едногодишен абраш, кој во еден миг ме погледна со виолетовото, избезумено око. Таму се отвораше нов премин и се влегуваше во просторни штали за педесетина коњи. Момчето го запре коњот кој сакаше да влезе на своето место. – Слези, земи што е твое и оди си – како со камшик ме шибна со зборовите, и од намуртеното, незрело лице, му блесна омраза кон мене, кон мојата облека со позлати, кон украсената рачка на мојот меч и кон златото на мојата ножница. Сјавав покрај тоа момче кое веќе научило толку длабоко да мрази. – Ништо не е мое – реков и се упатив назад низ преминот кон дворот. Сега, кога го гледав од мојата височина и кога го изодував со сопствените нозе двориштето ми се виде уште попространо со делови што не можев да ги догледам докрај. Бучавата ми се стори уште посилна, мешаницата посплеткана, безредието непоимно. И од сиот тој залелеан свет, од кој ми се вртеше во главата, зашто бев научен на ред, на предвидливи движења и познати положби на сите предмети, пак изникна белобрадиот, ме запре и ме повика со еден остар гест да го следам. – Не, не можам да дојдам со тебе зашто имам неодложни работи. Ти благодарам, но морам да одам. Човекот се заврте кон мене, дури и не подзастана, ниту рече нешто, само пак остро ми мавна со раката да го следам. Јас неодлучно (секогаш неодлучно!) подзастанав, но сепак тргнав по него. Влеговме во една од вратите околу дворот во самрак и лад. Заодевме под еден долг, тесен трем. Одлево имаше редица врати, оддесно долг, поплочен двор со слеп ѕид. Сфаќав, по бесмисленоста на распоредот на сите овие делови од просторот дека одиме низ некои древни остатоци на палата или храм, коишто потоа поколенија ги доправале, преградувале и доѕидувале за свои потреби кои никогаш не биле ниту добри, ниту мудро одредени, та секогаш уследувале нови преградувања, уривања и додавања. Тремот на неколку места беше прекинат та навлегувавме низ густата колонада во долгиот двор, па пак се враќавме во самракот на тремот. Тогаш видов оти слепиот ѕид е огромен та го затемнува местото и дека во него, до кај што можев да догледам, немаше отвор. Но, отвор сепак имаше. Всечен во ѕидот, осамен влез кој низ коридор (дали низ самата дебелина на зигуратниот ѕид) нè доведе до сличен двор каков што пред малку напуштивме. Во првиот миг ми се стори како да се вративме откај што тргнавме одејќи само право. Тоа ме вознемири, ми го запре здивот за миг, но видов дека го нема тигарот, дека гори само еден оган, дека не се сушат алишта насекаде. Тука имаше некој поинаков ред, немаше кучиња и деца, немаше мирис на ѕверови и коњи. Од сенката на еден столб, како да излегува од никаде, искрсна пред мене Алкалез. Застана како да сака да ми го попречи патот, ме гледаше со престрашени очи, поднаведнат, за да ми биде в лице и со грчовен шепот, без ред и смисла, почна да ми говори фаќајќи ме за раце. – Благороден господару Архидеј, не влегувај, чекај, стој, не, врати се – не можев да му го прекинам тоа неврзано шепотење зашто штом ќе изустев нешто ми ги стискаше уште посилно рацете и шепотеше погрчовно и побрзо. – Немој, застани, запри. Таму е. Тогаш разбрав и се насмеав, но Алкалез токму тоа го протолкува на свој начин, како ништо да не сум разбрал и во длабока издишка, пребледен прошепоти пискливо, како луѓето што говорат од стомак: – Таа е таму. Кога го оттурнав да поминам тој го искриви лицето во безгласен плач, и од големите, волски очи, прскаа кон мене ситни солзи кои засветкаа на сонцето. Белобрадиот нè гледаше со весело љубопитство, ме повлече за рака. – Боговите ни ѓи праќаат будалите за да видиме со каква казна можат да нè погодат – промрморе. Ме повика да влезам во една од куќите и од утринската сончевина се најдов во застојаниот мрак на живеалиштето. Имаше само една пространа одаја. Беше наместена како живеалиштата на пониските свештеници при храмовите. На цврстиот кревет со тенка, тврда постела, лежеше Егрипи и во полутемнината зајадливо светкаа нејзините зелени очи. Итан не го забележа веднаш, беше во најтемниот агол, во својата темна наметка и прво му го видов блесокот на забите. – О, Просуле, пријателу, добро е што ми го доведе благородниот Архидеј, најцврстиот пријател на големиот Цар, зошто тука е и неговата благородна невеста, та сите ќе отидеме да положиме жртва на дворскиот жртвеник за вечноста на нашиот светол Александар. Вџашено го слушнав овај говор на Итан зашто луѓето најмногу се препознаваат по говорот, а ова што го слушнав не беше Итан. Можеше да биде Стазикрат или Никонор, или кој и да е од ненадарените говорници што го следеа учениот Изократ. Но, кога Просул проговори ми се откри и подбивноста на Итан. – Благороден Аминта, – изрече Просул – боговите ми ја открија твојата желба да го најдеш залутаниот Архидеј, благородниот доглавник на светлиот цар. Итан ја препаша наметката и поучно му се обрати на реторот Просул. – О, учен и преучен сине Агдонов, благороден Просуле, светлиот цар сега плива во вода со некоја египетска сол та никој не му е потребен. Просул затрепка со очите, замолча замислено, и дури тогаш открив дека човекот не е секогаш цел. – Ајде, – рече Итан, и без да се обѕрнеме кон Егрипи излеговме во дворот кој почна да се усвитува од претпладневното сонце. Без да се обѕира, Итан провика во тишината. – Мудар Алкалезе, каде си, каде ја криеш својата светла муцка? Кутрата Егрипи цела ноќ не преспа со твоето име на устата. Оди кај неа и напладне, кога ќе бијат големите клепала да бидеш во царската палата, оти ако те нема, ќе те фатат фалангистите на Птолемеј и ќе те предадат на учениот Рамез да направи од тебе пастрма за боговите. Итан ми намигнуваше, заговорнички, и навистина, се појави Алкалез, светнат, со очи од кои уште прскаа солзи но веќе ги бришеше радосна насмевка и влезе во куќата. Итан сега се заврте кон мене, со сурово, стиснато лице и со мачнина помислив дека ќе ми говори за Егрипи. Но сепак не проѕрев што ќе ми рече, како само тој да беше надарен со таа дарба да проникнува во моите мисли. Ми рече: – Денес, напладне, ќе се состанат во царската палата сите генерали на Александар и сите други видни Македонци од фалангите и од блиските сатрапии. Ќе се говори за местото на гробот на Александар. И да не те викнат ќе отидеш таму, ќе застанеш на твоето старо место и ќе слушаш. Ќе те чекам вечер во театарот, кај Александар. Се заврте и зачекори со својот брановит ôд кон излезот низ големиот ѕид. И што? Прво, не знаев каде сум. Може долгиот, висок ѕид да е дел од големата кула може од Мардуковиот храм, а тие да беа на спортивните страни на градот. А може да е дел од некоја стара крепност, изградена пред сегашниве утврди на големиот Вавилон. Тргнав назад, под сенката на тремот и го назрев, дватрипати Итан, кој со долгите чекори како развеано црно едро се оддалечуваше во иста насока. Кога влегов во дворот тој веќе јаваше накосо кон излезната порта. Решив најпрво да го земам коњот. Во шталата не беше она намуртено момче туку пристар, снизок човек, кој на коњите им тураше вода во долгите поила. Ништо не рече кога побарав да ми го оседла коњот. Работеше без збор и без да ме погледне, без никаков израз на лицето. Но, знаев дека така постапуваат само Македонците кога се лути и сакаат да го искажат несогласувањето со она што го исполнуваат. Ако прозборат само збор тогаш не ја исполнуваат наредбата и тоа е веќе бунт. Прв пат навлегував во вакви места. Многуљудниот Вавилон живее вака, во полуразурнати живеалишта, во места кај што никој не би живеел освен во овој град. Просул и смуртеното момче влегоа во преминот кон шталите. Човекот Просул пак стоеше како да е соземен. Момчето ме гледаше со омраза, со воздржана желба да ми рече или да ми стори некое зло. – Благороден Архидеју, мојот син Протол сака да ти искаже почит во нашиот дом. Биди добредојден, во мир и со чест. Момчето ме погледна и се заврте, а Просул ми даде знак на покана да тргнам по него. Просул ми се доближи и почна да ми шепоти брзо, на македонски. – Ќе му речеш на Александар дека Просуловиот син Протол пред два дена дојде од Македонија со уште стотина млади воини наспроти желбата и наредбата на Антипатар. Човекот говореше присебно, брзо и јадровито. – Ќе му кажеш дека Протол ја изучи воената вештина кај Антипатар и на повикот на Александар само тие, стотина се одѕваа. Избегаа од Филипион, два месеци ги сотираа коњите и стасаа тука, кај што и брзите линии минуваат за повеќе од месец. Ќе му кажеш дека е најдобриот јавач, дека сариса може да држи и под левата и под десната мишка, дека кусото копје за фрлање го забодува на рамно половина стадиј од линијата, дека со долгиот меч може да пресече портокал ако му го фрлиш со сета сила, не ти, туку и Итан да му го фрли од дваесет стапки. Вжештениот шепот немаше крај, но од брзиот ôд човекот тешко дишеше, збивташе и засипнуваше. А Протол одминуваше брзо, со остар чекор од кој се чита лутба. Влеговме во една од куќите, во самрачна одаја, полна со застојан здив, реа на бајати јадења, на зажегнати масла на ламбите. Момчето нè пречека во полутемнината. – Ете, благороден Архидеју, ова е домот на мојот татко Просул. Еве, ова се неговите жени, овие три стари, валкани плашила. Говореше македонски и жените кои очебијно не беа Македонки, трпеливо ги продолжуваа своите работи. Една, најтемната, плетеше мрежа, другите во матна, скрвавена вода миеја црева и чкембиња. До толчникот, во аголот, беше веќе истолчено житото и се киснеше во вода. – Ете зошто Просул го загуби разумот низ Мекран. А овој, тука – покажа на едно суштество кое на огништето ставаше суви лепешки од камила – тоа е наш роб, слуга. Слугата, безимен како и жените, не се обѕирнуваше, го разгоруваше огнот за да запре чадот. – Ете зошто војуваше македонската војска. Но, влези и во други врати, секаде е ова што го гледаш. Војската не е само во таборите на фалангите. Тука се ветераните, оние кои немаа каде да се вратат со наградата од еден талант, оние што со Филип ја освоија Тракија. Тука се како просјаци, како последни сиромаси, победни и од робовите во Македонија. Александар ги доведе тука. Ги прати и во неврат на Исток, ги понижи зашто се опкружи со Персијци. Кое добро беше тоа за Македонија, оружару? Што нема кој да ги зголемува стадата? Што не се раѓаат деца? Што низ Македонија ползат сакати воини? Што дојдоа болести за кои никогаш не се чуло кај нас? Или е нашата добивка во тоа што сите победени, и Персијците, и Хелените и сите оние војски на исток ги научивме да војуваат? А сега? Сега кога тој е мртов? Грција ќе се крене против нас, персиските фаланги ќе не изметат оттука, а во земјите од исток веќе нема да стапне македонска нога. Во исто време Просул ми мрмореше в уво. – Синот Просулов те поздравува во нашиот дом, благодарен Архидеју. Добре си дојден сине на мојот пријател Потив. – Така е сине Потивов, така е. Просул и Потив беа пријатели. Та врсници беа. Потив е погребан со почести, во Македонија, а дваесет години по неговата смрт, неговиот собрат Просул со збркана душа, како будалетинка, живее во оваа смрдлива дупка. Зборовите почнаа да го задушуваат а плунката му стана бистра како солза. Горчлива. Раката што ја држеше речиси сето време вперена во татка си, како во виновник или крадец, почна да трепери и момчето истрча надвор како да бега од нешто страшно и гнасно во што и самото има удел. Мене ме фати мачнина, утробата ми настаса в грло и од што ја запирав ме облеаја солзи, а Протол ми шепотеше со страст и со крајна преданост. – Гледаш сине Потивов, благороден Архидеју, боговите го дариле Протол и со силна реч, со мисла и мудрост. Слушна како говори? Мудроста му е дадена од Атина, а храброста од Арес. Речи му на Александар да го прими во македонската фаланга. Тракијците ќе треперат пред него. Речи му на царот дека Македонците од второто колено во неговата војска се спремни да одат со него до Парапанисадот, до Темната Земја, до самото сонце, таму кај што изгрева. Речи му кога ќе оживее. Го прекинав со брзо завртување кон него. Бистриот поглед на цел човек не може да го поднесе матниот или запалениот поглед на нецелиот. Но овојпат неговите вжарени очи во допир со моите полни со ужас се отклонија и зборот му запре и премина во неразбирлив мрмор. – Ќе му речам Просуле, сè ќе му речам на Александар. Не плаши се, јас го држам зборот. Просто избегав од самрачната одаја, врвев покрај влезовите низ дворот, покрај тие грла на мрак и реа, покрај ѕверската смрдеа на тигарот кој се смирил и мижуркаше мрзеливо со жолтите очи, покрај огновите кај што се преваруваа облеки во пепелницата, меѓу кучиња со залепени слабини и деца со вошливи глави. Секаде имаше преполно луѓе, затворени во безизлезот на својата беда. Беа тоа и Македонци и Сиријци и Асирци со маслосани, тврди бради. И Персијци. Беше тоа вавилонскиот народ, дел од огромната маса која живее во овај загаден град. Живее тој народ далеку од погледите на благородните, закопан во својата нечистотија. Во претрупаните згради, во визби кај што се газат луѓето меѓусебе, под стреи кои некогаш биле делови од господски градини. Градот е огромен, но тром, во распаѓање. Она што се урива никој не го поправа, новото што се ѕида е од денес за утре, со лажен сјај и тенки темели. Со големи трошоци, со месеци, десет илјади луѓе, по наредба на Александар се трудеја да го обноват Мардуковиот храм. Успеаја само да ја расчистат урнатината. Таму Александар, во некои од внатрешните дворови на храмот, изгради и царска палата и театар. Но градбата беше лоша и нема да преживее ниту човечки век. Имаше и мермер, и мозаици, но сето тоа беше устроено врз темели од сушена тула, без потпирка врз цврст камен. Ретки се тука дождовите, но многу се годините што се пред нас. А и печењето земја, она големо мајсторство на некои од вавилонските порти беше заборавено. Изумреа луѓето кои ги вградија лавовите во високите ѕидови на големата порта Исхатар, кои на земјата, со печењето, со бојата и мазнилото ѝ даваа цврстина на катник. И Александар сакаше во овој град да ја зацврсти својата престолнина, зашто Вавилон е центар на светот, но градот не му се даваше. Успеваше да се урне повеќе одошто Александар можеше да изгради. Никој не знае, но најголемата жртва што ја стори Александар за мртвиот Хефестион не беше по брзата линија, со вдвоени јавачи, да се побара мислење од Амоновиот храм дали да му се оддадат на Хефестион божествени почести или почести на херој. Не беше тоа ниту негова тага по блискиот човек искажана со тридневното молчење и затворање во царските одаи и во себе. Најголемиот доказ за жалта беше дозволата да се урне дел од градските бедеми за посмртната клада на Хефестион. Александар ја уриваше со твојата престолнина. Немтурот од шталата ми го приведе коњот. Како сето време да одел по мене без да го забележам. Низ стиснати усти, без да ме гледа, прос’ска како змија. – Итан рече дека не треба да го враќаш. Штотуку јавнав низ мешаницата и мрморот на дворот, се разли одекливиот глас на Протол, глас на царски известител кој по просторните агори ја објавува царската волја и повелба. – Александар е мртов! Умре Александар! Со ѕвонлива монотонија, како радосен восклик, но и како гневен одѕив ечеше тој глас. Гласникот трчаше низ дворот, ја извикуваше својата вест пред сите врати, но сè остануваше немо, никој не се вознемири, сите си ги вршеа работите рамнодушно, прекусила. Протол дотрча до мене задишан, со насмевка што ни го растега лицето по лоша комедија. – Никого не го интересира Александар! Виде ли! Чу ли! Мртов е, заборавен два дена по смртта. Оди и речи му го тоа. Нека го чуе и нека отиде кај своите богови откога го дознал тоа. Никому не му е грижа што е мртов. Никому! Како никогаш да го немало, како да не бил ниту роден. Последните зборови пак ги извика со глас на гласник, но не ја разби мрзеливата размрмореност на двориштето. Само тигарот му одговори со стравотен рев кој никого не го возмути, но на мојот коњ кожата му поигра та рој од муви се разбегаа. Протол ми ја раскрили портата и излегов во тесната улица. Пред да ја затвори по мене, пред да му се скрие ликот, му довикнав: – Како го викаат? – и по забуната и неразбирањето на неговото лице додадов: – Коњот. Процепот меѓу крилјата се смалуваше и, пред да му ја снема и линијата на носот, ми дофрли: – Викај го Александар. Се пробивав низ градот, низ толпата, низ тесните премини и само гледав сенката да ми биде пред мене. Коњот безобѕирно влегуваше во толпата која се разделуваше со врескот пред неговите моќни гради. Уште беше рано да одам во царската палата, но сакав да отидам некаде во познатите делови на градот зашто вака се чувствував загубен и заробен како во лавиринт. Улиците беа преполни со луѓе, стока, добиток, кучиња. Толпата се движеше во сите насоки, а во улиците кај што имаше пазар или во кои имаше дуќани и работилници слегував од коњот зашто можев да изгазам некого та да ми се нафрлат со ножеви. Ме гледаа со затворени лица, загадочни и цврсти. Но беа заканувачки. Не излегов кај Мардуковиот храм од страната на палатата, туку од кај театарот, од подолната страна. И тука разџагорената толпа врвеше по своите кривулести и случајни патишта. На скалилата пред театарот дремеа истите питачи (можеби беа други, но војниците, свештениците и питачите личат меѓу себе како јајца). Имаше и еден свирач кој, на прескок, удираше по жилите на својата харфа и со засипнат глас ги пееше оние бесрамни песни кои го развеселуваат народот во Атина. Но, тука, кај што малкумина разбираат грчки, тасот му беше празен, а гласот напукнат. На погорните скалила, кои уште беа во сенката на тимпанонот, лежеа, како мртви, двајцата кутреци што џвакаат катран, со црна плунка што им се цеди низ испиените образи, низ бушавите бради. Помислив дека Птолемеј треба да испрати постојана стража пред театарот. Но се сепнав: може тоа треба да го направи Селеук кој, чинам, молчешкум, се постави за протектор на Вавилон и на источните сатрапии. Но, кој ќе знае кој што треба да направи. Јас барем имав јасна задача: да се погрижам за привремениот погреб. А денес ќе се расправа ли и за привременото место на гробот? Јас ќе останам на тоа Александар да престојува тука дури не се изгради гробницата. И сега сфатив дека за мене прашањето било решено. Гробот треба да се гради во Македонија. Не во Пела. Јас бев приврзан за тоа место, но Александар, знаев, го мразеше. Може во Миеза? Или, да, тоа би било најдобро, во твојот град, учителу, во Стагира која Филип, по тракиските пустошења, ја обнови. Да, тоа може да биде помирително решение. Зашто не верувам дека Антипатар би се согласил, по убиството на Перменион и на Филота, да го прими Александровото тело во Пела. Стојам пред театарот, ги држам уздите на коњот, нема за што да го врзам, нема кој да ми го прифати. Да го оставам веднаш ќе го украдат, или некој од питачите, или овој пејачот, или онај волшебник со змии во кошарата кои, како и тој, неподвижно лежат и гледаат со црните, празни очи во ништо. Целиот простор, кај што се оставаа двоколките и коњите кога се даваа претстави, беше сега исполнет со тезги на продавачи на раното овошје и на разни зеленчуци, со колички на улични трговци, со столови на бербери кои вадат и заби, лекуваат со пијавици и пресекуваат чиреви, со грнчарски изделки кои се ефтини и со садови и корита од дрво кои се неверојатно скапи. Бесмислено стојам пред скалилата на главниот, царски влез, а и коњот станува немирен без јавач па му ја затегнувам уздата. Во задните градини на царската палата, во шталите, беше мојот коњ, Устор, ситно планинско коњче, кое крај овој воен персиски коњ би стоело како ждребе. И коњот ја решава работата. Рамномерно, вешто се качува по скалите кон сенката. Оди како човек, а скалите што се мерени според човечки чекори не се погодни за коњски. Но овој коњ, за чудо, умее да се качува. Прескока по една скала и одот му е рамномерен. Застанува во сенката над двајцата ошумоглавени спијачи. Му ја откачувам уздата од едната алка и ја врзувам за крајниот столб, кај што сенката најдолго ќе остане. Влегувам во самракот на ходникот кој води кон царската сала за одмор и веднаш го слушам тешкиот толчник како далечна грмотевица. Очекувам да минам низ салата па по скалилата нагоре, преку ложата па низ седиштата кон сцената и да влезам во шаторот во кој го оставив Александар. Но, веднаш го здогледувам спружен на мермерната плоча и таа ненадејна средба ми ги потсекува нозете. Еден од помошниците ми притрчува во пресрет, длабоко ми се поклонува, ми зборува нешто, и, очигледно, ми го препречува влезот. Го заобиколувам и застанувам пред Александар. До градите е покриен со нова, незакрвавена прекривка. Очите и образите му се пропаднати, телото му е смалено, но, очигледно дека е исполнето со нешто зашто прекривката под градите не е пропадната. Ја отфрлам и одвај го забележувам полукружниот сек како розов конец. Телото потреперува од ударите на тешкото дрво во аванот. Мириса на анисова смола и дури сега забележувам нешто, кога откривам, наеднаш, едно прашање кое досега не можев да го најдам во себе, иако ме дразнело од зад мислите. Бев како човек кому ременот на сандалата му го сече глуждот, но тој, потонат во грижи, не го забележува тоа дури наеднаш нешто не го потсети – ако види како некој друг си ја преврзува сандалата та и тој ја открива својата болка која го глочкала ама не знаел дека е тука. Да, зошто овие магови од Египет ниту еднаш не закадија темјан? Палеа и кадеа разни смоли и мирисни масла а никогаш темјан. Кај нас, во Македонија, при секој обред, при секое принесување жртва, кадиме само темјан. Го има, ти знаеш и најсиромашната куќа иако чини колку златото. Така и го продаваат, на мали веѓи. Ќе се стави златна пара во едниот, а на другиот тас со два прста се рони темјан, дури тасовите не се израмнат. – Зошто нема темјан – реков и почувствував како ременот од сандалата некој да ми го одлабавил, па не го допира садното. Мускулестиот, црномурен човек му преведе брзо на помошникот што прашувам. Тој, како да сака да го имитира Рамез, ме оттурнува, зошто беше останал зад мене, се испречува со раширени раце пред мене и истура гргорливи зборови, престрашено и пискливо. Толчачот ми преведува, накусо, дека темјанот за мајсторите е забранет. Не смее ниту името да му се спомне. Очигледно човекот е Грк иако има фараонско лице, па дури и брадичка како фараоните од старите лози. Тука, во Вавилон, се измешале и луѓето, и јазиците. Би било полесно кога, да речеме, овој Грк би си го сменил телото со Рамез, кој по ликот беше роден Атињанин. Но мешаницата во Вавилон не може без вакви смешни замени и вкрстувања. Го оттурнав помошникот. Му се обратив на Гркот кого и вчера го гледав како толчи сол. – Што правиш ти, човеку – го прашав мускулестиот Грк кој толчеше силно и рамномерно само со едната рака. – Ете, денес дробам ленено семе. Вчера дробев сол. А овој, Тамес, – покажа на помошникот кој им беше познат по лик но не му го знаев името – го цеди, сега, ене таму лененото масло од истолченово. Таму кај што покажа не можев да видам што има. Зашто веднаш до плочата стоеше голем саркофаг, издлабен во бел монолит со барелјефи од лов, од војна и од богатска куќа со многубројно семејство, со персиско писмо. Саркофагот, веднаш се гледаше, беше чистен од прашина, но вавилонската црвеница му навлегла меѓу зрната, неизбришлива како бемките кај црвенокосите луѓе. – А што е ова? – прашав очебијно глупо зашто Гркот, менувајќи си ја раката со која толчи едноставно рече: – Саркофаг. – Знам, но зошто е тука? Зарем во туѓ саркофаг ќе го погребат Александар!? – Не знам – рече Гркот – го донесоа утрово. А мене тука ме забраа. – Кој те забра? Зошто? – Па дојдоа од нечија гарда, на Селеук или на Птоломеј, долу на вежбалиштето и ме забраа, со извадени мечови. Јас сум атлет, борец со тупаници, познат сум во цела Грција, победник сум во сите борби. А дојдоа со мечови и ме забраа како да сум роб. Не ми рекоа ниту зошто, ниту каде ме носат. А ете, ме донесоа кај царот. – Зошто? – Па ете, да толчам сол и ленено семе. А и јас се прашувам зошто, а овој, Тамес, ми вели дека тоа не е моја работа. А јас му велам дека сум се борел и во Мемфис и во Александрија и дека сум мајстор токму за Египќани. А тој пак молчи, не кажува. Треба да му ја скршам муцката за да каже. Зашто ниту еден Грк не сака да прави нешто ако не знае зошто го прави тоа. Па ниту еден умен човек, сигурно. А еве овој, Тамес, кади сешто наоколу а кога човечки го прашуваш зошто не пали темјан а тој, се гледа знае зошто, ама не пали. А Гркот, благороден Архидеју, и кога не прави нешто сака да знае зошто тоа не го прави. Атлетот беше зборлест и напорот од тешкиот толчник кој јас едвај со двете раце дватрипати би успеал да го поткренам, не му го скусуваше здивот, не му ги проретчуваше зборовите. – А ме викаат Херакле, зашто сум се родил голем, колку едногодишно дете. Така и сум растел. Нема во цела Грција кој да ме победи. А кај вас, во Македонија, има ли добри борци? – Кај нас – реков – луѓето се вешти во борба со стапови. Херакле се насмеа грлесто и широко. – О, благороден Архидеју, не лути се, ама тоа се варварски борби. – Не знам – реков – но зошто луѓето, кога сите веќе имаат стапови би ги оставиле стаповите та би се тепале со раце. Или ако веќе сите имаат мечеви зошто би ги отфрлиле? – За да си ја покажат силата и вештината. Зошто на олимпијадите се фрла диск кога тоа фрлање никому не служи? А? Туку да се види кој е посилен, кој побрзо ќе се заврти и кој токму кога е мигот, од вртењето ќе го исфрли дискот. Ете, благороден Архидеју, затоа се прават тие работи. За да се види кој човек колку може и колку умее да го прави она што му е дадено од боговите. Тамес му пријде, ѕирна во тланикот и му промрморе нешто. Сигурно му рекол да запре зашто Херакле го поткрена толчникот, Тамес со обете дланки го прифати и ја доцеди надолу мрсната каша та почна да го празни тланикот во плитка земјана тава. Заобиколив околу плочата. Саркофагот ми достасуваше до брадата, та малу се извишив на прсти за да погледнам внатре. Беше од убава, внимателна изработка, со мазни внатрешни страни, само на дното имаше неизбришлив отпечаток од дрвениот сандак, од некое темноцрвено дрво. Ми се стори дека дното е подебело одошто треба да е зашто ми доаѓаше над глуждовите, до половина писки речиси. Потоа загледав: беа ставиле валчести дрва под саркофагот. Така, сигурно, го тркалале низ ходникот и низ салава. Надвор, се сетив, имаше мрсни петна по скалите, иверки и повесма коноп. Го влечеле преку две кедрови греди, зашто такви беа деланките, та ги подмачкувале со масло а саркофагот го влечеле со дебели јажиња за бродски товар. Деланки, масло, колчишта! Ете, го прашувам ова неврзано бладање но сакам да се знае дека веќе не мислев на Александар, туку мислата ми беше во дребникави работи, какво што беше ова досетување. Не, на Александар веќе не мислев, не на овој што лежи зад мојот грб. Признавам дека овие три дена честопати мислев на оној Александар, од нашите младешки години. Мислев на Миеза кај што го минав моето најубаво доба. Сега мислам дека заедно со Александар заврши и мојот живот. Одземени му се целта и мислата на моето живеење. И кога ќе заврши оваа подготовка, кога ќе се изврши привремениот погреб, ќе чекам да го однесеме телото на царот во Македонија и ќе бидам чувар на неговиот гроб. Тогаш влезе Рамез. Нозете брзи како на верверица доскокаа по скалите озгора, од ложата. Или не ме виде зад саркофагот, или не ми обрна внимание, не ме ни погледна. Гледаше во она што го прави Тамес. – Прашај го, Херакле, победнику во сите борби, мудриот Рамез, зошто те забрале да ја вршиш оваа работа кога за толчење можат да се грижат и двајца обични пажеви. Зошто јунак како тебе го зеле за оваа работа, иако, знам, чест му е на секој да помогне во подготовката на царот за средбата со боговите. А и зошто е тука овој саркофаг? Првото прашање имаше повеќе за цел да го придобие за преведувач силниот Херакле, а второто беше она на кое сакав да добијам одговор. Херакле, кој беше престанал да толчи ги бришеше измрсените раце од бутовите, кај што го попрскала ленената каша како вавилонска кал кога, по дожд, ќе протатни бојна двоколка. Телото му светнуваше од тој нанес и мускулите му испакнуваа под кожата како под неа да има многубројни, мали животинки кои се местат во легалата меѓу неговите широки коски. За овој разговор на Херкул му беа потребни само рацете. Му се обрати на Тамес и долго објаснуваше, со запирање и мавтање, прекинуван и препишуван од помошникот што точно сакам да дознам. Темес потоа на Рамез со брзи зборови, кои се препнуваа еден од друг, со брзи движења кои беа насочувани кон мене, кон саркофагот, кон Херакле, кон тланикот и кон Александар, му искажа сè на Рамез кој сето време се преместуваше од нога на нога и потскокнуваше како мајката Геа да го удира по табани. Тој, брзаница, му возврати на Тамес исто така со куп зборови. Сега настана повторно преведувачка расправија меѓу Тамес и Херкул, со широки гестови кои беа запирани на полпат. Си ги фаќаа рацете да се доразјаснат со повторување на исти зборови, со нишање на главите, при што Тамес честопати одново почнуваше со исти гестови и гримаси, колку што можев да разберам со исти зборови да му објаснува сè одново на Херакле, кој имаше израз дека сè разбира. Силниот Херкул најпосле ми се обрати мене и сè што имаше да каже беше оти него не го зеле зашто за ова толчење ќе требаше двајца кои би се потеле и би збивтале и би го расипувале воздухот а нему, на Херакле, од оваа работа не му протече ниту капка пот и не му се забрза здивот. А лененото масло е за лененото платно. – А за какво платно зборуваат, не знам – дообјасни. – А саркофагот им треба да го стават Александар во некоја вода од Египет. Се вртев наоколу да не се појави однекаде Егрипи та да го дофатам Алкалез, но неа ја немаше, сигурно сега му ја земаше главата во прегратка и ја нишаша како мало дете во куќата на Итан. – Каква вода од Египет – прашав. Но Гркот, кој беше зборлест како да му прекипна од преведувањето почна да се оправдува. – Благороден Архидеју, тешко разбирам за што се работи зашто јас малку знам персиски – рече со стеснување. – Бев едно време во персиска фаланга, прв борец, победник во сите борби со борци од сите фаланги, од сите гарди и сите сатрапии. Па и самиот голем цар Александар ги пофали, двапати, мојата сила и вештина. Таму научив персиски. А овај Тамес, бил лекар во некоја персиска сатрапија не знам колку време. Не се разбравме најдобро зашто ми се чини дека зборовите кои јас сум ги научил не ги научил тој, а оние персиски зборови кои ги знае тој, не ги знам јас. А каква е таа египетска вода, не знам. Е, знам дека во неа треба да стои седумдесет дена, да, тоа ми кажаа. Египќаните кои, се чини, ги разбираа грчките бројки, зашто Египќанин, која и да му е професијата, секогаш е по малу и трговец, повторуваа со грголиви гласови на грчки konne „седумдесет дена, седумдесет дена“ а Рамез, за да биде потврдата поубедлива, и брзо мавташе со остроносата глава, како врабец во просо. Се завртив кон Александар а брзоногиот Рамез доскока, ја потфати прекривката и повторно му ја нафрли. Почна да му ги притиска рацете и нозете и се загледуваше дали длабините од допирот се длабоки. Рацете му се мрсеа од миризливите масла, задоволно ги триеше, та пак, со вешто движење на дланките ќе ги порамнеше вдлабнатите места. Програка нешто што Тамес му го кажа на Херакле а тој ми рече: – Александар е добро. Ох, какво и кое добро може да биде сега од Александар. Зло е со него! Му го парчосаа телото, му го исколваа џигерот како орелот на Прометеј, му ги разнесоа цревата како пустински мршојади на престарена камила, му ги ископаа очите како на робови што ги учат за питачи, го мачкаат со овие масла како што се мачка куртизана по зајдисонце. Што сè не му прават! Какво е ова добро и што може тука да биде добро! За гробот ќе му решаваат други, царството ќе му го расчеречат како и телото. И што е најлошо, најтешко, во Македонија веќе сите го заборавиле освен оние што го замразиле. Оти омразата нема заборав. Ми се јави лицето на Протол, згрчено од омраза како стара сандала на сонце и во ушите ми одекна оној отров што му се лееше од јазикот кога го изговараше името на Александар. Ми згорчи во душата се завртев и излегов надвор. Коњот се беше одврзал, но стоеше на место и, како да ме позна, мавна со главата и тргна надолу по скалите, а моќните мускули под блескавото влакно се затегаа и се опуштаа како што силниот променлив ветер го набира и го затегнува едрото. Одев по него и бев пак исполнет со некоја сигурност зашто имав кого да следам. Тогаш заклепаа од разни храмови, гимназиуми, пророчишта, ѕвездочатници, попладневните клепала на Вавилон. Прво започнуваше големото, вековно клепало кај храмот на Гула, кај што се мери времето според движењето на сонцето, на месечината и на ѕвездите. И звукот на тоа клепало, во кое удираа тешките дрвени чекани со чкарови и јажина за затегнување, го поземаа поблиските клепала та се ширеше низ Вавилон гласот за прекршувањето на денот како што петлите во Пела еден до друг ги преземаат трите утрински пеења. Забрза и коњот та му ја подзедов уздата и низ мешаницата, пресекувајќи ја некако агората, покрај бучните менувачници и тезгите на трговците со недвижнини, на позајмувачите на пари, излеговме пред царската палата. Првпат видов дека стражи беа го заградиле целиот простор пред палатата. Персијци, со знаците на царот – изгрев со црвено небо и златно сонце, со сонот по Исток. Но, меѓу нив видов и Грци и Египќани со различни наметки и знаци. Гардите беа поделени. Грците беа од едната страна на приодот, Египќаните од другата, а царската гарда составена од Македонци, го сочинуваше широкиот лак околу целото чело на палатата. Во двоколка, низ прашина, со свиреж на камшик, со бесни асирски коњи се довезе Неарх. Стасавме во исто време. Тој отскокна од двоколката и му ги префрли уздите на пажот. Ме сочека, зачуден, иако неговото, секогаш мирно лице, ретко можеше да се види што чувствува и што мисли. – Од каде ти е коњот – ме праша и со цврста рака помина преку растреперениот врат на животното, кое ја отимаше муцката па морав да му ја попуштам уздата. – Не знам – реков, онака како и што беше. Неарх се насмеа и топлина ми мина низ срцето: беше тоа неговата дамнешна, младешка насмевка од Миеза, и тогаш многу ретка, поретка и од твоето муртење, учителу. – Па тоа е коњ од царската ергела. Каде го најде? – Не, знам, ми го дадоа. – Зарем не го препозна? – воскликна Неарх и повикуваше со рака некого од палатата. Се стрчаа двајцата млади пажеви со знаци на морнарицата и со трепет, со страв го прифатија коњот и тргнаа кон задниот дел, кон шталите. – Па тоа е Тврдоглавиот, зарем не се сеќаваш? Се качувавме по скалилата и Неарх ме задржуваше со рака под мишката, ме завртуваше кон себе и ми го подаваше своето лице со кренати веѓи и подотворена уста, која сака јас да проговорам, со оној напрегнат израз кој очекуваме да премине соговорникот, да му го поттикне памтењето. – Не – реков – не се сеќавам. Тој одмавна со главата. – Па тоа е оној персиски коњ кого Александар необично го ценел и го сакал но Тврдоглавиот, еден од најдобрите бојни коњи како што викал и самиот Хефестион, не можел Александра ни да го поднесе во своја близина. И кога ќе успеел да го јавне, со помош на многубројни коњушари, Тврдоглавиот одел назадечки. Нема со Александар направено ниту чекор напред. – Не си знаел за тоа? – речиси воскликна секогаш воздржаниот Неарх и пак се насмевна. Нешто како да сум научил, се сеќавав на некоја таква шега која шепотливо се ширеше зад грбот на Александар – „По Вологлавиот налета на Тврдоглавиот“. Но, никогаш не сум сакал да се мешам со тие шегобијци. А за царската ергела сакав колку се може помалу да знам. Доста ми беше и мојот Устор, кого ретко го јавав, најчесто се возев на колите со кусите копја, под сенчестата платнена покривка и врз моето походно легло. – Неарх – реков кога веќе бевме до влезот, стоевме еден до друг со куси сенки на жешкото сонце – Неарх – повторив – каде ќе биде гробот на Александар? Ме погледна со оној затворен поглед кој не кажува ништо, од кој лицето му стои како опсадена тврдина. – И јас сакав тебе да те прашам за тоа – рече. – Мислев дека ти знаеш зашто беше определен да го подготвиш привремениот погреб. Влеговме во палатата, меѓу редиците на денската стража во која препознавав и лица а на повеќемината му ги знаев и имињата. Што чуваа тука сите овие блескаво вооружени гардисти и војници? Токмуглави и сличнолики. Одбрани и по род и име и по бој и сила. Што чуваат тука? Го чуваат празниот престол а царот им е на двесте чекори од тука, сам, незаштитен и беспомошен. Но, да, се чини дека сега престолот е поважен од мртвиот цар. Денес ќе се види кој го сака кај себе царот, а по некое време, не многу далечно, ќе се види и кој го сака престолот. Денес, како што можев да прочитам на лицето на Неарх, ќе се молчи, а потоа, кога ќе се бара наследник на престолот, ќе се вкрстуваат и мечеви а може и да се судираат фаланги. Ова мое претскажување доаѓа и оттаму што секогаш во палатава, во Вавилон, ми доаѓале црни, тешки мисли, морничави соништа и беспричински стравови. Такво место беше овај дворец, оваа градба создадена врз некои прастари постројки, но поставена така што темелите не ѝ се потпираат врз древните, легнати и вкоренети темели, туку ги пресечуваат и ги прескокнуваат, се потпираат врз гнила почва, врз тиња од некои незапаметени поплави и потопи. И темелите ѝ се од сушена тула и од остатоци од старите храмови, та нерамномерно тежи врз празнината под себи и постојано ѝ се отвораат ѕидовите, таванските греди се извлекуваат од лежиштата. Столбовите кои се довлечени од Мармара губат почва, а се одделуваат и од она што ѓоа го носат, скалилата се оддалечуваат едно од друго. Мозаиците се криват како оздола да ги потфаќаат нерамномерните бранови. Палатата е правена набрзина, со луѓе кои не ги познаваат материјалите што ги вградуваат, со слабо платени работници. Нејзиното распаѓање почна уште од времето на градбата а се чини дека е незапирливо како и распаѓањето на царството. Пред три дена, не , пред четири, пред да се закаже овој совет на диадохите, Александар лежеше во престолната сала, на смртното легло и им одмавнуваше, како за збогување, со снеможената рака, на Македонците од фалангата која целата мина, човек по човек, покрај царот, на проштевање пред да го однесат во дворецот на Набуходоносор. Тогаш престолната сала имаше изглед на цврст храм кој ќе трае во времето за да им се принесуваат во него жртви на царот и на боговите. А сега, кога влегувам таа ми стои како полуурната, испразнета, та на видело излегла сета нејзина трошност, како кога стара куртизана, со набелено и нацртано лице, ќе ја симне наметката. Забележувам дека скапоцените ќилими се кренати. Тешките ткаенини од ѕидовите врз кои, зад престолот, беше изложено победничкото оружје на Александар и украсното оружје што му го врачуваа пратеништвата на многу градови и народи ги нема. Престолот е прекриен со црвена прекривка, така што не се гледаат златните лавовски шепи што ги држат потпирките за рацете. Скапоцените садови во кои секогаш имало вино, овошје, мед, ореви и суви смокви и урми, ги нема. Ги нема ни златните ламби, златните кадилници, сребрените алки кај што се вденуваа сандаловите факли. Затоа просторијата одекнува од чекорите и гласовите како секоја празна одаја од која жителите се иселиле. За триве последни дни смртта како да влегла во оваа сала, како да го убила и овој дворец. Застанувам на своето место, зад престолот, малку налево. Неарх отшетува покрај столбовите од левата страна кон главниот влез. Од обете страни, во просторот зад столбовите има многу луѓе, кои стојат и шепотат та се тегне едно примолкнато ѕунење како од мува во бочва. Од зад мене, откај што дојдовме со Неарх низ царскиот приод, влегува Селеук. Палатата како да се свива под неговиот огромен бој. Кога минува покрај мене како да чекорат столбови. Неговите нозе речиси се опчекоруваат а раката што ми ја става на рамо, тешка и опфатна како самар, само малу му е подвиткана во лактот. Знам дека не умее да шепоти па ништо не ми вели, се спушта надолу, кон Неарх, но застанува среде сала и се загледува во своите сандали. Откај влезот за приеми влегува Птолемеј, а меѓу столбовите се згуснува неговата придружба. Откај столбовите се пробива Мелеарх а го здогледувам и Пердика кој доаѓа среде салата, до Селеук и Птолемеј. Доаѓаат и неколку сатрапи, Македонци, од блиските сатрапии. Зад столбовите се преполнува со луѓе, и како да ги поттурнува некој се појавуват Лисип и Апел и златарот Пирготелес. Свештениците излегуваат од зад колонадата, и измешани, се брануваат во дното на салата. Тука се и грчките и персиските свештеници, и некои сосема непознати кои дошле со разни пратеништва што смртта на царот, кому му се упатиле на додворување и поклонение, ги испреварила. Сега сигурно се трудат да дознаат кога и каква ќе биде церемонијата на погребот, макар и на привремениот, па да останат во Вавилон и одблиску да гледаат, со свои очи, што и како ќе се случува по Александар, потоа. Ги интересира како ќе се движи судбината на царството чиј тек оттука може најдобро да се прозре та да се вратат во своите кралства, сатрапии или провинции со јасни совети за оние кои ваму ги пратиле. Влегуваат и командантите на фалангите, на асирските стрелечки полкови, на хипатистите. Се држат настрана, близу столбовите. Никој нема оружје во салата освен мене. Мојот краток меч моето ноже од детството се единствените сечила, се чини, во целиот дворец. Шепотот прераснува во џагор кој постепено замолкнува зашто среде салата, подгрбавен, како некому постојано да му е поклонет за понизен поздрав, стои старец, во темна наметка со златна везба, какви што за времето на Дариј носеа персиските големци. До него стои Селеук, ама и над него – поднаведнат како даб врз грмушка, над подгрбавениот старец. Старецот се завртува кон сите четири страни на салата. Му ја здогледувам ретката долга брада, итрите очи под белите, паднати веѓи. Гласот му е шепотлив и засипнат, беззабата уста го прави шлапкав и полн плунка. Тој глас, кој сепак го замолчува џагорот и шепотот прска низ салата како тенка шупурка од дупнат мев. Замолкнува наеднаш старецот и се загледува надолу, како да го очекува ехото на својот глас да му врати од некоја страна. И наеднаш како да засвире весела харфа гласот на Алкалез, на грчки, ја исполнува салата. – Благородни доглавници на царот Александар, мудри свештеници, храбри воини, верни слуги негови, јас, Патиј, чуварот на Вавилон, свештеник на храмот Гула, слуга на покојниот цар и на неговиот сакан, благородниот Селеук, ве поздравувам на овој собир на кој сме дојдени со болка, со тага и чемер, поради загубата што сите нè погоди како ровја. Да, беше тоа Патиј, еднаш го бев видел на гозба кај Селеук, со лик на пустински чакал, човек без никакво значење, со празни титули. Но, еве сега Селеук го наместил да говори во негово име. Работите почнаа, значи, наопачно, со причек, претпазливо. Со една внатрешна насмевка си го најдов местото во хиерархијата што Патиј ја искажа во говорот, меѓу верните слуги на Александар. Сега пак говореше Патиј, на шушлив персиски јазик. И наеднаш ја видов вистината: разликата меѓу овој лукав старец, меѓу неговиот поглед што лута на прескок, меѓу неговиот шлапкав и шушкав глас, меѓу скриената смисла на она што го кажува и ѕвонливиот напев на Алкалез беше безмерна. Она што радосно и полно со живот, што не прашува за смислата туку самото од себе скипнува од внатрешната радост, од среќа што постои под сонцево и ѕвездите блеска во гласот на Алкалез, немаше врска со болката и тагата, со ударот на рофјата што сите нè стаписал. Сигурно Алкалез, со својата напевна и радосна толкувачка вештина, иако сосема точно, од збор до збор, во секоја нијанса на смислата го преведува она што Патиј го говори, без да сака ја разоткрива целата лага и задна примисла на неговиот говор. – Со голема грижа на благородните диадохи – тоа значи било местото во говорот кога старецот се заврте на обете страни околу себе кај што стоеја видните Македонци – царот се подготвува за привремен погреб. Но зошто, зошто да не остане царот тука во Вавилон, кај што царувале и други големи цареви, Хамураби, Набуходоносор, Ксеркс, Кир. Зашто Александар, по многу, многу години на Вавилон му го врати престолното достоинство. Но, јас знам, дека и други градови, и големата Атина, и престолниот Мемфис и Александрија, кој тој самиот ја устрои на местото кај што големиот Нил влегува во морето, дека сите тие имаат право да го чуваат телото и да ја богослужат гробницата на големиот цар. А неговата родна земја, Македонија, во која се погребани нејзините храбри владетели, мудри државници, благородни негови претходници и предци, таму кај што и неговиот премудар татко, царот Филип, почива во златна гробница? Зарем не треба таму да е гробот на нашиот боженствен херој, на славниот Александар Македонски? Зарем нема околу него да никне ново, прекрасно цвеќе од солзите на неговата мајка, чесната Олимпија? Зарем смее Вавилон само за да го запази своето престолно предимство да им го одземе првенството на сите тие други места кои му беа во срцето на царот. Вие ќе решавате праведно, да ја исполните неговата волја која тој не ја искажа, но, вие, што цел живот вода од исти извори со него, што сте се хранеле на иста трпеза, вие ќе ја одгатнете во себе неговата желба и така ќе постапите. Замре последниот акорд на гласот на Алкалез и во штамата која остана да виси под распуканите тавани, се насобираше нелагода и лебдеше мачнина на мигот како мртовечка реа над бојно поле кај што немало победник. Започна шепотот меѓу мноштвото зад столбовите. Сигурно сега од грчки реченото шепотливо се преведува на разни други јазици. Пак завладеа молк, само се слушаше шум на сандали кога тежината на телото се преместува од нога на нога. И само чкрипотот на палатата која тонеше или се издигаше, одвреме-навреме ќе ја помрднеше тишината. Тогаш, неочекувано истрча Стазикрат со двајцата помошници, завртен со грб кон мене, сочелен со Патиј. Проговори со длабок, звучен глас каков што имаат во пророчиштата. – Благородни и достоинствени доглавци на Александар, негови сакани соборци и другари, ви се обраќам вам, кои сте учеле кај мудриот Аристотел, за да ви помогнам да го најдете патот кон местото кај што треба со боговите да векува моќниот цар, господар на четирите страни на светот, храбриот и умен ваш другар прв меѓу сите, Александар Македонски. За една одлука која треба да го стави царот Александар во центарот на светот нема само еден пат. Да беше само еден немаше да владее молк меѓу вас. Има два пата, обата со божествени обележја. О, храбри, мудри, во тагата што ве исполнува најдете сили да го одберете оној кој е повистинит од вистинскиот. Вие знаете дека се гради мртовната клада на херојот Хефестион. Неговото тело во саркофаг од скапоцено дрво, опкован однатре со тенко олово и со позлати, чека кладата да биде готова и да го предадеме на светиот оган, кој ќе го вознесе во височината. И, ете, кога над таа клада, ќе се крене уште еден кат со резбарени кедрови греди, со сандалови статуи, со жртвени подароци за боговите, таму ќе биде местото за Александар. Тој, заедно со Хефестион, ќе помине меѓу сенките на хероите и ќе отиде по својот пат, ќе продолжи кон живеалиштето на боговите. Во тој миг еден од помошниците разви фина, бела ткаенина меѓу две дрвени држалки (веднаш забележав дека се тоа рачки од куси, дренови копја за исфрлување, та за миг спомените ми го премрежија она што се случува). На платното кое помошникот го пренесе по четирите страни на салата, беше нацртана погребната клада на Хефестион која се издигаше шеесет стапки, врз основа од по еден стадиј на секоја страна. Сега се издигаше над таа конструкција уште една нова која личеше на престол. Сè беше насликано во живи бои. Долу беа нацртани и фигури на луѓе кои клечеа или беа длабоко наведнати а беше насликан и огнот кој беше почнал да ја обвива кладата со светли, змиски јазици. Се пренесуваше мрмор зад столбовите кај што помошникот ја пронесуваше сликата. Селеук уште гледаше во своите сандали, Неарх гледаше во празно, Птолемеј го следеше одот на помошникот. Молчеа. Стазикрат го очекуваше ефектот од својот предлог, но мрморот стивнуваше, а благородните молчеа. Архитектот повторно го исполни просторот со својот длабок глас од кој ме полазуваа морници. – Другиот пат ќе ве одведе, благородни и храбри миленици на царот, мудри и праведни исполнители на неговата волја, кај нашите вистински богови, кај оние на кои младиот цар им ги упатуваше своите први молитви и им ги принесуваше – и тој со раката му даде речиси незабележлив знак на вториот помошник кој го разви своето платно. – На Олимп! На Олимп! – со триумф и патос како од маѓепсана шума низ која беснее Еол се разли длабокиот, грмотевичен глас на Стазикрат. – Таму му е вистинското место, зашто тој меѓу нас, луѓето, беше само привремено, само да го создаде заедничкото царство на сиот Икумен и да го прошири до источните страни, до Парапанисадот. А сега треба да отиде на Олимп, меѓу боговите, како божја рожба. Помошникот ја прошетуваше сликата, а и него го следеше мрмор но, одвреме-навреме, ќе го прободеше тој рамномерен шум стрела на кикот, запрен со закаснат јазик. Кога се заврте кон мене помошникот, откога ги обиколи двете страни на салата, ја разбрав и причината на тој потсмев. Олимп беше насликан од северната страна, онака како што се гледа од Македонија. Од многу синото море, извлечено со боја од сипа, се издигаше сивозелениот Олимп околу чиј врв, како круна, без нанижани гердани од облаци прозрачени со сонцето кое озгора ги ширеше прстестите зраци. Но, врвот на планината го немаше. Место него се издигаше камена, пресечена пирамида на чија зарамнета згорнина беше устроен огромен храм, со безбројни столбови, на чиј тимпанон, завртен кон морето, беше длабок барелјеф на Александар кој тера бојна двоколка. Наметката се вее зад него, во едната рака ја држи уздата, во другата мечот. Ги здогледав Апел и Лисип како се протуркуваат во толпата меѓу столбовите, вцрвенети од запрената смеа. Птоломеј со оној одмерен сарказам, со кој умееше да говори и со Александар, со тоа префинето оружје на својот ум и јазик му се обрати на Стазикрат, како да се сами во целата просторија. – Од тебе, морам да ти признам, очекував многу помалку, но ти ни понуди дело кое мора да биде запаметено. Жално е, а и самиот тоа го увидуваш, но не можеме да ги оствариме двеве твои величествени замисли. Ќе видиме. Ако се согласат сите други, јас ќе се определам со сето срце, полно со љубов кон Александар и со почит кон твоето дело кое не заостанува зад неговото, за Олимп. Тоа ќе му даде можност на многу поколенија да му се оддолќуваат на Александар Македонски за неговите дела кои ќе траат и кои ти така убаво ги прикажа. Неколку поколенија ќе треба да ја рамнат планината на боговите, моќниот Олимп. Исто толку ќе треба да ја градат пирамидата, а уште повеќе поколенија, сè врвни каменоресци ќе треба да го стројат храмот и мавзолејот. Затоа сум ти благодарен, а им благодарам и на боговите, што ти дадоа таква дарба да можеш да ни го покажеш вистинскиот пат за оваа тешка и одговорна одлука. Стразикрат се поклони, вцрвенет од гордост, нечуствителен за потсмевот и глув за смеата која веќе гласно се ширеше меѓу столбовите. Помина покрај мене со крената глава кон една од внатрешните одаи од палатата од кај што раководеше со градбата на кладата на Хефестион. По него, усрамени, ситно потрчнуваа помошниците за да не се посопнат на плановите што бргу-бргу ги виткаа во траба. Работите сега тргнаа уште поопачно. На подбив и шега. А во една случка, колку и да е важна и сериозна, ако се вплете шега ќе се заборави сè друго. Та затоа и анегдотите за познатите луѓе живеат поживо од нивните дела. Тие се познати повеќе по шегобијно паметење одошто по она што го создале. И овој надуен и глуп Стазикрат, како да не му бил доволен Атос сега ја измисли и оваа будалштина со Олимп. Тоа може ќе се врзе за неговото име, но ќе биде вмешан и Александар кој за Атос за малку ќе го пратеше архитектот да повесла на некоја од галиите на Неарх. Но сега лежи беспомошен, неподвижен и незаштитен, на двесте чекори оттука а овде, кај што треба да се донесе одлука која тој немоќно ја чека да се успокои, се бие шега со тоа. Но пак се распростре молкот, само во групата свештеници се чувствуваше некоја раздвиженост, се шепотеше од уво в уво. Пак се јави Патиј со својот шушлив шепот, не гледајќи во никого, како никому да не му се обраќа. Го разбрав само зборот Олимпос, но од колонадата се оддели Пцевст и застана до Неарх, на левата страна од полукругот кој го чинеа диадохите и Патиј. Алкалез со полни гради, со отворено звучно грло го искажа она што го пропелтечи чуварот на Вавилон. – Мудриот доглавник на царот убаво се определи. Гробот на Олимп ќе биде најдостојното место за Александар Македонски. Сета војска, сите силни и бестрашни мажи со кои Александар го создаде царството, таа чесна и умно замислена работа ќе може да ја заврши меѓу два снега на планината. Ако почне сега со работа, кога тука ќе пожолти лисјето телото на Александар ќе почива веќе во светлината кај што престојуваат боговите. Беше јасно дека Патиј сака да ја испрати сета војска, натрупана околу Вавилон, распрскана во разни утврди низ персиските сатрапии, во еден безмислен потфат та да се ослободи од обврските да ја храни, да ја плаќа и да ѝ робува. И тоа беше смешно и плиткоумно. Но уште пред да стивне гласот на Алкалез, Пцевст почна да говори. – Благородни, ве поздравувам сега кога го немаме царот, а треба да донесеме царска одлука. Војската е готова сè да даде и сè да даде, сите фаланги и полкови, морнарицата, дадоа сè што досега од нив се бараше за да се подготви царот и за привремениот погреб но и за патот кон боговите. Александар бараше од нас да одиме на исток. Отидовме таму до Парапанисадот. Бараше од нас да минуваме пустини и ги минавме сеејќи ги коските низ нив. Но Александар не побара од нас да ја градиме кладата на нашиот најистакнат јунак, возвишениот херој Хефестион. Да ја градеше таа клада, по желбата на царот, војската, да, таа веќе ќе беше запалена, а Хефестион ќе беше меѓу сенките на Ахил, Парис и Хектор. Но, царот нареди да се отвори благајната и да не се бројат талантите што ќе им се платат на дрвосечачите во Либанската гора за кедровите стебла, на возарите кои ќе ги пренесат до Вавилон, на дрводелците, на резбарите и на скулпторите што ја стројат и ја украсуваат кладата. А, во исто време, највештите дрводелци, градители, јажари, ткајачи од војската, ја градеа новата флота. Затоа, за гробницата на царот, каде и да биде, каква и да биде, треба да се отворат царските трезори, да се најдат најдобрите архитекти – тука Пцевст помолче неколку мига за да се разбере неговото мислење за Стазикрат – а ги имаме најдобрите сликари и скулптори – и покажа на местото каде што предмалку стоеја Лисип и Апел – ги имаме најдобрите каменоресци, ги имаме најнадарените градители на градови, ѕидари, мозаичари. Војската ќе помогне – тука Пцевст пак подзапре за да го истакне она што сакаше да го рече та, по навика, ја спушти раката на она место кај што требаше да биде рачката од мечот. – Но, сега, на веста за смртта на царот, многумина досега замолчени ќе отворат уста. Уште повеќемина обезоружани ќе земат оружје, некои, што досега само мечтаеле за својата слава, некои – тоа го нагласи – за својата поранешна слава, ќе се кренат и со јазик и со меч да го парчосаат царството на Александар Македонски. Дали војската да го урива Олимп, или да го брани царството од уривање? Кога Алкалез почна да го преведува реченото на грчки, Пцевст пак се повлече меѓу колонадите. Но, прозборе Мелеарх. Мелеарх прозборе! Говореше тешко и бавно. Понекогаш мислите му залутуваа, па говорот му излегуваше неврзан и бесмислен. Затоа избегнуваше да говори. Но, еве, сега прозборе! На сет глас, со надуени жили на вратот и со испакнато чело повика: – Во Македонија, каде сакате да биде Александар!? Таму ќе биде, таму ќе го погребаме! Целата македонска фаланга и коњицата ќе го следат! Дури да стасаме гробот ќе биде подготвен, над Пела, на ридот кај што се гледа целото езеро и планините, од кај што се шири целото македонско поле! Задишан, спотнат, но одлучен тупна со ногата во мозаикот. – Зарем тука да биде царот!? Ако не го однесеме во Македонија, ние, ние сите, – тој покажа на полукругот – ќе отидеме во адот, сите ќе бидеме проколнати од македонските поколенија. Македонија го созадала, таа и ќе го има! Ако не решиме сега, гробот да му биде на македонска земја, македонската фаланга ќе дојде и ќе го однесе телото на својот цар, во својата, во неговата земја. Тука Мелеарх, како да папса, го загуби здивот, остана растреперен, возмутен, диво се вртеше околу себе како да ги бара оние што ќе му противречат. Тогаш, токму Алкалез го пропеа првиот збор на Мелеарх, Пердика ја крена раката и го замолче. На половина глас, речиси со шепот, но остар и одеклив, на македонски му се здаде на Мелеарх. – Ти и не можеш да говориш за Македонците. Од твојата уста сакам да чујам зошто фалангите не се снабдени, зошто се раскрева и се распродава воената храна, зошто низ градот може да се најде сè што е во воените складови. Зарем ако го нема Александар војската треба да гладува!? Кој ги смалува воените стада, како борбените коњи се наоѓаат низ скрити штали во градот!? А дали Александар ќе биде погребан во Македонија не е твоја работа. Зошто ти се тие клетви? Кого проколнуваш од името на неродените? Пердика полека се доближуваше кон Мелеарх, го мелеше погледот, та тој препален, пред крупното, раскрилено тело на Пердика, погледна беспомошно како од некого да бара спас. Пердика, на македонски, му го пресече преводот на грчки на Алкалез. – Ти да молчиш! – му се загна и го истурка зад столбот. – Кога ќе те повикаме, тогаш ќе преведуваш! Да не сум те чул веќе да блекнеш! А ти – му се заврте на Мелеарх, исто така на македонски – ти знаеш што говориш. Знам и јас зошто го говориш ова. Што е, не гледај ме, не сум јас Харпал – Пердика слободно му пријде на накострешениот Мелеарх, отпуштен и лабав, та и на Мелеарх му смекнаа жилите но погледот му остана див и блескотен. – Антипатар, кога чу за болеста на Александар веќе ти прати заповед: телото на синот Филипов не смее да биде пренесено во Македонија. Мислиш дека тајните можат да се сочуваат? Не, храбар Мелеарху, не! Знам што ти испрати Антипатар по брза линија. Знам. Мелеарх се заврте и низ главниот влез, растуркувајќи ги свештениците како да јава борбен коњ излезе. По него, пробивајќи се низ разнишаната маса зад столбовите отидоа уште неколкумина Македонци. Јас ја знаев приказната. Уште по убиството на Перменион, Антипатар се зарекол дека ќе му се спротивстави на враќањето на Александар, жив или мртов, во Македонија. Таму тој ги имаше со себе македонските ветерани, а го држеше и клучот на најважната ризница, ризницата на македонската младеж. Веќе со години, од смртта на Перменион, праќаше сè помалубројна обнова за македонската фаланга и коњица, та Александар создаде македонско-персиска фаланга во којашто повисоките чинови предимно ги имаа Персијците, освен главните командни места. И, макар да се преведеше оваа бесна расправија на грчки и персиски, никој, освен Македонците, немаше да ја разбере. Да, Мелеарх беше поттикнат од Антипатар да го сопре доаѓањето на царот во Македонија. Но, никој немаше да разбере зошто тој се заложи гробот да му биде во Македонија. Тоа беше една чисто македонска итрина. Мелеарх знаеше дека што и да рече ќе му се спротивстават Пердика и Проломеј, та затоа и се заложи токму за она што не сакаше да биде остварено. И како да успеа во тоа. А со него беше согласен и Пердика, зашто тој како најстар, како наследник на прстенот, ја сакаше за себе Македонија. Сакаше да го измести оттаму Антипатар но не го сакаше во тоа свое идно владеење близу до себе и гробот на Александар. Затоа го нападна Мелеарх за растурањето на војничкиот имот иако тој не можеше да биде виновен за тоа. Пердика ја сакаше Македонија, зашто оттаму лесно се владееше и со Елада, оттаму можеше да ја обновува војската по источните сатрапии и по египетските градови. Со тоа би ги исполнил соништата и желбите на сите македонски воини: Македонија да биде центар на царството. Мрморот, кој растеше во салата, говореше за тоа дека Грците, Персијците, Египќаните, Бактријците, дека сите сакаа да разберат во што е таа македонска караница меѓу двајцата кои мислат исто. Но пак се јави Птоломеј на грчки, и му даде знак на Алкалез да пристапи и да преведува. – О, почитувани собраќа, соборци, поданици и обоготворувачи на Александар Македонски. Знам дека тешко ќе биде да одлучиме каде да ѝ го одредиме местото на гробницата. Знам дека сите сакаме да го имаме во своја близина неговото чудотворно тело врз кое и натаму ќе се крепи и ќе расте царството. Тука Птолемеј остана со крената рака, знак дека ќе го продолжи говорот но дека ќе направи пауза. Итриот Птолемеј. Веднаш прозборе што треба да изрече. Ја кажа најголемата лага зашто очигледно им беше на сите дека секој сака што побрзо да се ослободи од проклетството во негова близина да биде гроб кој ќе фрла врз сè, врз луѓето, врз дрвјата и врз владеењето, сенка подолга од сенките на пирамидите на изгрејсонце. Во таа сенка сè ќе биде закржлавено и џуџесто. Никој ќе нема моќ а власта ќе се врши со неодминливо прашување на погребаниот цар: што да се прави и како, во секоја прилика. И оној што ќе успее да го протолкува, според своја желба и мерка царскиот совет и што ќе ги увери другите дека е најверен толкувач, ќе ја има таа измамна власт. Ќе настане битка меѓу толкувачите. Меѓу лукавите и итрите, не меѓу умните, храбрите и способните. Сите знаеја дека таа сенка е како сенка на орев во која не смее да се спие оти замелушува и под која ништо не може да никне. Кутар Александар! Алкалез го доцрцори преводот на персиски а Птоломеј, сè уште со крената рака, продолжи. – Му реков на Стазикрат дека не можеме на двете места, и на Олимп и на Вавилон, да имаме гробници на Александар. Јас себеси си ја товарам жалта што не можам да ја имам гробницата на царот и во мојот престолен Мемфис, кај што има дрвени храмови посветени на Амон кој имал отворени уши за гласот на Александар, но и во Александрија која тој ја устрои според најубавите особини на Тир, на Атина, на Екбатана и на Вавилон. Знам дека Филота ќе жали што не може да биде во сицилија, Кајнос во Суза, Лизимах во Тракија. Сите ќе жалиме зошто гробот на Александар може да биде само на едно место. Алкалез го заврши преводот, а Птоломеј ги рашири рацете. – Но, луѓе, од целото царство, мудри свештеници и на Мардук и на Зевс и на Озирис, благородни наследници, храбри воини, та ние не сме тука забрани, како што на почетокот ни навести и Патиј, да го определиме местото на гробницата на царот. Па како можеме сега тоа да го решаваме? И зошто? Ние сега треба само да решиме каде ќе почива телото на Александар привремено, дури тој самиот не ни го прати својот знак кој ќе ни ја покаже желбата каде да почива, та од целото царство да му доаѓаат на поклонение. Знае ли некој, според некој знак и намек на Александар, кое е тоа среќно место, тој град, таа сатрапија кај што ќе биде гробницата? Уште седумдесет дена телото на Александар, како што тоа го велат мудрите и вешти познавачи на запазувањето на телото по смртта за средба со боговите, треба да биде потопено во чудотворна и тајна сол од Египет, пред да се обвитка и пред да можеме да го сместиме со достојни почести во привременото престојувалиште. Ете, тоа треба да го решиме. Да ги оставиме сега на мира и Олимп, и Пела, и Вавилон, и Александрија. Како што велат мудрите мумификатори, оние што учеле од оние што со колена ги подготвувале големите египетски фараони за средба со боговите, најдобро место ќе биде во целиот Вавилон местото кај што и сега телото се наоѓа. Во ладната царска одаја за одмор, под ложата во големиот театар. Ете тоа е работата што требаше да ја завршиме, а не да се грабаме за Александар како да е воен плен, да го понижуваме како да е неспособен самиот да нè упати што треба да направиме. Нема да проговори прстенот на Пердика туку ќе проговори самиот цар. А ние ќе ја почитуваме неговата волја. Таму кај што ќе биде гробот на Александар, таму ќе бидат добредојдени сите, од четирите страни на светот. Таму ќе устроиме светилиште зашто Александар ќе биде еднаков меѓу сите богови. Ние треба да ги исполниме нашите најитни обврски. Да се погрижиме во сите делови на царството, на сите четири страни веста за смртта на Александар Македонски да отиде како што доликува, со тажни пратеници. Зашто по брзите линии таа веќе стасала. Најдобрите јавачи и најбрзите коњи се сменуваа на секои триста стадии, облеани со пот и пена за да ја разнесат таа вест. Но треба сега и повисоки пратеништва да отидат и патем, во секој кат на царството да ја јават целата вистина: Александар ќе се сретне со боговите и со нивна помош, а со наша верна придружба, ќе бдее врз царството, тоа да се закрепнува и натаму, да се збогатува, да ги множи своите стада, да ги шири своите лозја, маслиници, овоштарници и ниви, да ги вдвојува кошниците со пчели, да отвора нови патишта и рудници, да му пловат бродовите претешки од скапоцени товари по сите реки и мориња, до големиот океан. Секој од нас, таму кај што ќе отиде треба да го разгласи ова. Птолемеј ја најави, вака, заобиколно, својата намера да одјава брзо за Египет. Веќе се знаеше оти ги завршил подготовките и дека, можеби, веќе утре ќе замине. Тоа беше смислата на „високите пратеништва“. Птолемеј продолжи: – И да помислиме на големата обврска што нè чека: да именуваме вистински, достоен наследник, или наследници на Александар. Јас знам – Птолемеј тука го напушти тонот на добростив учител – пак ја крена раката и го извиши гласот – и сите ние знаеме дека и во тоа ќе нè подучи Александар, дека кога ќе дојде мигот ќе ни ја соопшти со непогрешливи знаци својата волја. Јас знам, зашто сите ве познавам дека ја кажувам и вашата мисла. Откога Алкалез го заврши преводот на персиски, Птолемеј му даде знак да се повлече, се врати и тој на своето место, зашто зборувајќи ја беше заобиколил целата сала и остана во молк, со затворено лице, неподвижен. А јас мислев само на онаа бегло уфрлена синтагма „или наследници“ што ја изговори Птолемеј. И сега ми ја потврди значајноста на тој така, божем случајно уфрлен исказ. Тој низ заби, на македонски, им се обрати на тие, наследниците, што беа околу него. – Да излеземе сите заедно. Ајде, тргнувајте! Се раздвижија и како фаланга се устремија кон излезот. Свештениците се иставаа како наеднаш да ги зафатила зататнета глава на суводолица. Никој не се обѕирна да погледне дали и јас доаѓам. Значи добро сум го разбрал: повикот не се однесуваше и на мене. Се завртив и отидов во внатрешноста на палатата кај што имав мала одаја, до големиот склад на личното Александрово оружје. Имав олеснувачко чувство дека сум се ослободил од наследниците и дека сега самиот ќе одам по својот пат, без да следам никого. Во одајката го немаше леглото, та легнав врз неуредно грутчесто и тврдо легло, се склопчив со оддишка на уморен полјоделец. Замижав и со насмевка почувствував како да сум во Миеза, уморен од дијалози и истражувања. Пак ме обзеде мојата неизлечлива болест да мислам на тоа среќно доба од мојот живот. Може да е болест, но може и да е единствениот лек кој ми дава сила да останам здрав во ова тешко време. Беше фатило доцното попладне, зашто жежок зрак, како меч, косо влегуваше во мојата одаја и во него трепереше вечната прашина на Вавилон. Сум заспал без да сетам и се разбудив во тишината на ноќта, измачен од тешки сништа што ме превртувале по калдрмата на мојата постела. Се разбудив без да дишам, напнат да се сетам на тие стравотии што Хипнос ми ги носеше речиси секоја ноќ. Но нив ги немаше, сум ги заборавил пред да се сетам што биле и какви биле. Пред да тргнам се истрив со сува ленена крпа која, кога ја топи потта од злите сништа, подобро го чисти лицето одошто млачната вода на Вавилон со мирис на тиња. Ги престегнав сандалите, го опашав мечот и излегов низ задниот двор на палатата, потоа низ градината меѓу цвеќа и палми, кон шталите. Момоците што ги чуваа коњите, Египќани според грлестата смеа и забите што им блескотеа на светлината на малата ламба, не се ни завртеа да ме погледнат. Коњите беа проретчени, многу места беа празни, поилата суви а зобниците висеа превртени, преку гредите за врзување. Прво го најдов Устор, стоеше како сирак, на крајот од просторната штала. Не ми се израдува, не ја ни помрдна главата. Му остана наведната како на замислен старец. Со тешка црпалка му принесов вода во поилото, пиеше со одмори. И пак остана така, наведнат. Му ја наполнив зобницата газејќи низ небрежно растурената зоб во складот и почна, кутриот, да џвака со оние малкуте заби што му останале. Беше ждребе кога јас уште бев мал. Татко ми со него отиде во поход, а само тој се врати. Му одминале годините, та сега му се броеја деновите. И, како секавица, ми мина мисла која пресечува низ градите: тој ми е единствениот близок на светов. Тврдоглавиот го најдов, уште оседлан, во другата штала, кај што беа коњите за двоколките. И во темнината му го видов грбот како се издига, како посветло небо меѓу таванскиот мрак и ниските ’рбети на фригиските црни коњи. За’ржа оддалеку и кога му пријдов лесно ми го гризна рамото и ми го допре лицето со вратот. Му донесов вода, не дочека ни да ја истурам во поилото, почна да ми пие од раце и сеќавав како црпалката бргу ми олеснува. Му ја извадив уздата, му ги отпуштив рамењата од седлото и му дадов зоб. Кога заминував имав чувство дека се врти по мене и ме гледа со мудрите очи. Во својот живот никого досега не сум нахранил и напоил. Првпат сега, овие две души, од моја рака примија храна и вода. И наеднаш, сè што досега сум го поминал, и дружбата со Александар, и службата што ја имав кај него – сè, сè, и Егрипи, и походите во кои сум учествувал, сè ми се виде празно и бесмислено. Може, да останев во Пела, да ја сохранев мојата мајка, за чија смрт дознав цела година подоцна, ќе доведев во куќата жена која ќе ми родеше синови и ќерки та вечерва ќе седев крај Езерото, со мажите рибари, ќе пиев вино од цврсти лејки, ќе мезетев кадена езерска риба и ќе бев човек. Но сето тоа ме одминало, сум го испуштил, сум го промашил. Наближував кон театарот, а ѕвездите, жолти и крупни ми се матеа, ми се вдојуваа од солзите и срцето повторно ми беше отруено од омраза кон Александар. Пред театарот беше штама. Ги немаше ниту питачите, ниту спијачите. Веројатно навечер заминуваат во палмовите градини. Уште од ходникот го видов разнишаниот отсев на ламбите од салата. Беа само двајца робови со ладала и двајца помошници кои се бавеа во еден агол, а на плочата, до нозете на Александар, седеше Итан. Веднаш стана и ме потфати за мишка да отидеме кај скалите. Но јас се отимав од цврстиот зафат, сакав да постојам тука, покрај Александар. Итан ми ја пушти раката. – Ете, ја исчистија солта, последен пат и излезе сува и чиста, ене гледаш – ми покажа на кошара од цврст рогоз или кора од бело дрво, во која беше израмнета крупна, бела сол. Го немаше ни тланикот, ниту цедалката за ленено масло. Александар како да беше пак раскинат на две – од истакнатиот ребрен лак до колковите покривката речиси лежеше на мермерот. Го гледав. И никогаш не можев да знам што ќе ме обземе од неговото постојано живеење во мене – страв, приврзаност, сожалување, љубов и омраза. Тие се сменуваа и се мешаа во мојата згасната душа. И кога во неа нешто ќе се разбудеше или ќе се раздвижеше, секогаш, на крајот, ќе испливаше, без јас да сакам, некоја мисла за него. Сè почесто, сè посилно избликуваа тие штири цвеќиња на омразата и јас сè повеќе се плашев од себеси. Зашто сè повеќе си ја стоплував душата со тој отров кој ми ја печеше утробата но ми го будеше заборавеното чувство дека сум жив и дека сепак постојам и без овој човек, кој мислеше дека сум на светов дојден само заради него. Итан со здодевност почна да ми објаснува. – Сега ја матат таа египетска сол во ќупови па ја претураат во саркофагов. А водата ја земаат, од големиот, од третиот канал. Отстојува во едни ќупови, па ја прецедуваат во други низ ленено платно послано со памук. Еве, од пладне се матат со тоа. Помошниците земаа со црпалка сол – не видов некоја разлика меѓу таа и оваа во кошарата, нашата. Ја рамнеа солта во црпалката и со мрморење на некои таинствени зборови ја мешаа со раце за да се растопи во водата. Солта ја земаа од една, меѓу неколкуте вреќи. Го опкадија ќупот и, со мрморење ја принесоа водата и полека ја тураа во саркофагот. По плискотот ми се стори дека е дополу наполнет. – Кога ќе го наполнат саркофагот, ќе го потопат Александар со сè златниот оклоп. Но не за да го украсат туку златото да го држи потонат. При поефтините подготовки тоа го прават со камења, но кога ги готвеле царевите во Египет тоа се правело со злато. Та ете и Александар го готват како египетски цар. Не, не смее ниту со железо, ниту со олово, оти египетската сол ги растопува. Последниве работи Итан ми ги кажа брзаница, влечејќи ме кон скалите. Во ложата брзо се рашетуваше Рамез и погледнуваше кон небото. Рамез почна нешто да му објаснува: – Вели дека не знам која ѕвезда кога ќе дојде, не знам каде ќе биде точно време телото да се потопи во течноста. А тоа ќе биде, како што тука велат, по еден час – ми објасни Итан. Рамез уште нешто говореше но Итан одмавна и ме повлече меѓу јажињата кон сцената. Излеговме од кругот на јажињата, па низ куќарката за артистите која беше непреградена, бедна и празна, се најдовме над театарот и влеговме во сплетканите улици. Во некои имаше врвулица народ, некои беа пусти, од зад некои ѕидови се слушаше врева на гласови, песна, караници. Многу народ тука дење спие скриен во лад, а ноќе јаде и работи , кога ќе подостине воздухот. Наеднаш Итан раскрили една тешка прекривка од козина и влеговме во полупразна крчма во која во аглите седеа луѓе крснозе, врз рогузини и шепотеа. Првпат влегував во вавилонската крчма, вкопана длабоко в земја со големо огниште во средината. Огнот го чистеше воздухот, но ја вжештуваше просторијата та лицата беа испотени, наметките разврзани до папоците. На огнот чадеше месо. Итан ја разгрна наметката и го испружи својот огромен меч пред себе, на ниската софра од мека палмовина. Дотрча мало, вртливо човече. Итан нешто му кажа и брзо ми преведе: – Ќе пиеме скиснато млеко од биволица заматено со црно вино – од царската комора е, да знаеш, оти тука пијат само некакво благунаво вино од палма. Ќе јадеме јарешко печено, од предното и ражени питулици. Почувствував глад и се сетив на коњите. – Ги наранив коњите – реков. Итан ме погледна зачудено, со неразбирање, одмавна со раката и ми рече, обѕрнувајќи се наоколу. – Зборувај слободно, македонски. Почнав со рескок, незаинтересирано и на брзаница но тој ги поклопи со левата дланка двете раце, ми ги пригмечи така што ми запукаа ковчињата, го крена десниот показалец во закана. – Сè по ред и полека – ми с’ржа. – Ајде, рече, напиј се – и ја крена земјената канта. Пиев од проматеното млеко со вино. Личеше на крв што при колење шупурка од раздраното грло на добичето во широк сад. Имаше клобуреста пења и опор вкус. И почнав полека, редум. Ако, учителу, ова нешто може да ти значи, треба да ти кажам дека сиот опис на средбата во палатата го напишав најлесно, најбрзо и најточно зашто веќе еднаш му го бев раскажал на Итан, со труд да му го пренесам сето она што се случуваше точно како што било. Та кога тоа го пишував, како мојот сопствен глас да ми го шепотеше и чуеното. Писалката самата ги испишуваше зборовите, послушна и покорна. Итан потпивнуваше и потпрашуваше по нешто. – Патиј беше до Селеук? Јас се присеќавав. – Да, реков. Стоеше до него ама и над него – поднаведнат над згрбавениот старец како даб над џбун. – Така, така – рече Итан и насмевката му се стврдна и му се искриви. Слушаше гледајќи ми в очи, потпивнуваше и одвреме-навреме, низ заби прочкртнуваше „така, така“, со онаа, иста замрзната насмевка. Слушаше и ме гледаше како да гледа низ мојата глава зад мене. Но кога го спомнав Птоломеј погледот му се изостри точно во моите црнки како вжештена игла. Послуша малку па запре, преграбувајќи ми ги дланките со железната рака. – Чекај, повтори како точно тече: „Не можам да ја имам?“ Јас се подзамислив и пак го чув смирениот глас на Птолемеј. – Рече точно: „Јас себеси си ја товарам жалта што не можам да ја имам гробницата на царот и во мојот престолен Мемфис...“ Итан тука ме прекина со стисок кој ме заболе како двоколка да ми минала преку рацете. – „Престолен Мемфис“ – ги подвлече зборовите како да сака да им ја изврти смислата, – Го слушаш ли тоа: неговиот престолен Мемфис! Си има, значи, и престол, и престолнина. Уште само да знаеме до каде ќе му биде царството и ќе можеме да му ги дадеме сите титули: цар на Египет, хегемон на Феникија, покровител и ослободител-заштитник на Сирија. А Лизимах ќе царува на Силиција или Бактрија, овој ваму, оној онаму, секој ќе си има свое царство и царштина. А Александар ќе си лежи во египетското солило. Но, може така и му треба. Станувај, станувај први да му го кажеме сево ова дури не го дознал од своето божество местото кај што ќе отиде право од солилото. Ајде, дури се испече месото, ќе се вратиме. И веќе стана, веќе се нишаше кон излезот, му дофрли нешто на топчестото крчмарче и брзаше, брзаше така што поттрчнував за да го следам. Во театарот влеговме кога на Александар веќе му ги врзуваа заштитниците на писките. Еден од помошниците ги плеткаше горните ремења за штитот на бутовите, златниот граден оклоп и шлемот му стоеја до главата. Златниот оклоп Александар го навлекуваше само кога примаше воени претставништва од земји кои уште не ги освоил, а пратениците доаѓале да му искажат покорност и благодарност што ќе бидат под негова заштита. Пирготелес го имаше изработено од Дариевото украсно злато, од неговиот свечен златен оклоп и од скапоцените камења што беа вградени во него. Му го местеа оклопот на смаленото, голо тело. Тој стоеше преширок и лабав. Рамез не обрнуваше на тоа никакво внимание. Се здаде кон Итан и му прос’ска неколку брзи зборови, му забрмчи пред лицето со уште повеќе движења. Итан го ислуша со крената веѓа. – Пердика рекол дека златниот оклоп треба да го донесат, откога ќе завршат работа, во неговите одаи во палатата. Главата на Александар потона во шлемот и со бледилото, со пропаднатите очи и образи беше тоа лице на старец врамено во злато. Полека го креваа шестмина, го иставија од плочата и го наднесоа над саркофагот. Го спуштаа во течноста така што останаа по две педи и откај нозете и откај главата до краевите на саркофагот. Го спуштаа со грлени командо на Рамез, со неговото непрестајно подрипнување. Јас се качив на плочата така што можев да го видам под светлината на ламбата што до мене ја држеше Рамез над главата и дното на саркофагот низ бистриот мирисен раствор. Телото полека ја допре површината. Го придржуваа во тонењето до кај што им допираа рацете и на извик на Рамез сложно го испуштија. Потона до дното и низ разбрануваната течност избиваа клобурци од оклопот, од градната празнина, од шлемот. Стапив на крајот на плочата, со рацете го допрев работ на саркофгот и го гледав Александар како мирно лежи , успокоен во бистрината што мермерот ѝ ја даваше на течноста. Итан стоеше кај главата на царот, наведнат од својата височина и гледаше со мртви црни очи како да мисли на нешто друго. Течноста се смири а одоздола, како бисерни ниски се искачуваа ситни клобурци што бесшумно ги снемуваше на површината. Излегуваа како летачки солзи од малите процепи на очите. А тогаш веќе го ставаа капакот правен по мерка од тешка кедровина, со оној опоен мирис што тоа благородно дрво го испушта дури е пресно режано. Итан ме повлече за мишка и на излегување се заврти и проговори како да изблува најцрна пцост или клетва. – Ти го распарчија царството а никој на ти го прима гробот. Излеговме. Ме одвлече во крчмата кај што јарешкото чадеше на нашата софра. Принесуваше дебелкавиот крчмар пресни ‘ржени питулици и уште две канти вино со млеко од биволица. Итан го врати пијалокот со едно одминување на раката и прозборе нешто остро, со онаа расипана насмевка. – Ќе пиеме сега чисто вино, отстојано, а нескиснато. Ќе пееме македонски песни и ќе направиме кавга во крчмава. Се разбудив болен. Како искршен. Со ѕун во главата и шум во ушите. Беше рано утро зашто во прозорецот небото се гледаше проѕирно како далечен, редок чад што го осветлува сонце. Беше свежо и лежев на мојата постела. Сеќавањето ми беше секнато, како однесено од некоја вода која тежејќи брзо и бесшумно искривува и развлекува сè, та одразот на бреговите во неа е разбрануван и несигурен. Најлошо беше со устата. Однатре беше тврда и сува а јазикот здебелен, корав, здрвен. Ужасна жед ми гореше во целото тело, а околу мене се ширеше смрдеа од која ми се поткрена утробата. Очите не можеа да се подвижат ниту на една страна оти кај и да мрднеа ги пречекуваа острите шилци со болка. Замижав и сетив иако од дишењето ме боли меѓу ребрата. Се чини дека сонот пак ме занесе или пак паднав во некој подземен процеп зашто штом ја поткренав главата, одајата се заврте наопаку и почуствував како тонам во некој густ мрак. Пак се разбудив попладнето, премален, искасапен од внатрешен оган, со силна желба да бидам мртов. Кај моите нозе, врз шаторот седеше Протол со наведната глава и цврсто, бесно стегнати усни. „Еве дошол да ми ги пресече маките“ – помислив и чртлива воздишка, како да згазнал некој со тврда, сува сандала врз мермер на кој има направено песок, ми излезе од разгорената утроба, низ залепената уста. Протол се сепна, ми пријде, се загледа во мене со мртво лице како да гледа нежив предмет. Потоа зеде мев, ја извади затката со заби и ми ја нанишани шупурката в лице. Чувствував како водата ми ги измива скоравените потови, како ми влегува в уста, ме гуши но и ми ја гасне жедта, ме милува и ме лекува. Протол причека да дотече и последната капка и, пак без да рече нешто, ми принесе грне и мала црпалка и двоумливо стоеше над мене, како да ќе почне да ме рани. Но ми го стави грнето на постелата и си отиде. Беше тоа чорба од бравски опаш со ситна леќа која наутро, со смешано скиснато вино и со лук, во сите вавилонски крчми се готви за пијаниците. Одлежав уште четири дена. Почнав да потекувам како отруен или како каснат од змија. Доаѓаа Протол и Итан со лимони и кисели кашички, со млеко, како кај болен. Петтиот ден Итан раскажа како сме пиеле, како сме пееле, како сум се тепал со дебелкавиот крчмар кој ќе ме убиел со толчник ако Итан не го ифрлил надвор, како сум сакал да одам и да го извадам Александар од египетското солило зашто, како што сум велел, сигурно беше оживеал. Како сум плачел за мојата мајка која умрела, без да ја видам, пред седум години... Немав сила да му го пресечам зборот, но така и слушнав, како сето тоа да му се случувало на некој друг. А постојано мислев на ужасот што го снајде Александар. И како сите немоќни, слаби и болни што чувствуваат разбирање и сочувство со сите што имаат слична судбина, ме жегна страшна тага за него, како никогаш да не сум го мразел. И вечерта, десеттиот ден од неговата смрт, го продолжив ова пишување, без почин и во ноќни часови, седнат на постела, потпрен на сувиот ѕид од плитер, со таблата за пишување на колена, опколен со испишани и празни траби папирус. Пишувам и не знам што сè имам напишано. Зазорно ми е да препрочитувам, а треперам од тоа да не ти се стори пишуваново недугаво бладање. Но, веќе не можам да се откажам зашто по болеста, пишувајќи, палејќи ги понекогаш папирусите, пречкртувајќи по нешто за да надополнам со друго, се премислував дали да престанам или да продолжам и постојано пишував, пишував. Мислев и премислував. Та може и да продолжам да ти пишувам но може никогаш да не ти го испратам напишаново. Првиот ден по мојата болест се одржа во палатата најзначајниот собир, се постави прашањето за наследник. Тоа беше десеттиот ден по смртта на Александар. Се двоумев дали, онака снеможен, да отидам на таа расправија, но Итан ми се закани дека ќе ми ја пресече главата ако не бидам таму. И кон пладнето, низ тесните премини на оваа набрзина правена градба, се довлечкав во царската сала. Ми се стори уште победна зашто немаше толку луѓе меѓу колонадите, та се наѕираше плитар на главните ѕидови од кои украсните ќилими беа кренати. На своја голема зачуденост видов дека ја вратиле на место, десно од престолот, големата маса и тешките клупи кај што обично заседаваше главниот штаб кога се подготвуваа походи, кога се уточнуваа разни планови за утврди, кога се усвојуваа нови оружја, кога се вршеа прегрупирања во фалангите или се именуваа сатрапи и генерали. Александар никогаш не седнал на таа маса. Или седел на престолот, или расшетувал низ салата или бил во своите одаи. Но неговиот збор во сè бил последен. Секогаш најмногу беше заинтересиран за разни именувања, било во војската или во сатрапите, а особено по тешките измами и кражби што му ги нанесе Харпал, за сите оние што имаа можност да ги замешаат прстите во царката каса. Тогаш обично седеше на престолот, како да не го интересира она што се случува, а Еумен, мудар и учен човек од Кардија, прв до царот за сите невоени работи, ќе го предложеше кандидатот. Понекогаш Александар ќе допираше „Кој е тој, речи ни нешто за него?“ и Еумен по ред, смирено, ќе ги изложуваше сите доблести и добродетели на човекот. Александар климнуваше со глава, прашуваше дали пергаментот на повелбата за поставување е готов. Секогаш беше готов и тој врз широката десна потпирка на престолот, преслечена со фина ткаенина, валана во царската валавница во високите планини, прекриена со меко штавена козја кожа ќе го втиснеше својот прстен во пергаментот кај што еден од пажовите се тенко перце ќе капнеше мирисно масло. Прстенот секогаш оставаше јасна, длабока и неизбришлива трага под украсно напишаната повелба. За утврдите Александар не се интересираше премногу, зашто, како што самиот велеше, не постои утврда која не може да се заземе. Тие заседанија тогаш беа брзи и плодотворни зашто сите знаеја дека ако Еумен предложил некого тоа потекнува директно од царот. Ако Неарх изнесува потреби на морнарицата веќе сè било договорено со Александар. Ако Дејад предлагал некое ново оружје, Александар сигурно веќе го видел и го побарал. Сакам тука да изнесам сè по ред, како се случи еден од тие претходни договори. Еден ден, за време на првиот престој во Вавилон, Александар ме повика. Шаторот на Александар беше поставен во палмовите градини околу летната куќа на големиот цар Набуходоносор, во крајбрежната свежина кај што цвеќињата се полеваат со бразди. Дојден беше Дејад со еден чуден стап. Кога го поткрена, ни се стори дека е тоа камшик со долга рачка што го употребуваат возарите на тешки коли со три ѕевгари, па можат да ги шибнат и воловите предводници. Дејад, несигурен, го вртеше в рака тој непознат, тежок предмет, и со сета претпазливост, како што секогаш умееше, почна неодредено, за да не биде тој замешан, да го излага прашањето само пред нас двајцата. – Неколку дена, господару, доаѓа кај мене еден човек, Персиец, и кажува дека тој, Берзас, бил оружар кај големиот цар Дариј, кого ти го порази, и дека го измислил ова оружје, најубистено што еден пешоодец може да го носи. – Дај да го видам – нетрпеливо рече Александар. Му го зеде оружјето од раце и почна да го разгледува. Дејад отстрана почна да објаснува, покажувајќи со прст. – Долу на алката е врзано трипати плетено црево од камила. За да стои суво се врти со восок и стои собрано во козјово бабуле – и го подаде од десната рака бабулето. – И тука се врзува со конопот, – и го покажа и конопот и како се врзува. – На слободниов крај жилата се врзува во примка – и ја покажа примката колку да се провне палец. Околу вратот и беа цврсто навиткани прстени од цревото, та стоеше цврста како мала бесилка. – Тоа е, значи лак кој секогаш стои исправен, а кога треба да се свива лакот вака – Дејад го позеде и безуспешно се обидуваше да покаже како тоа се прави. Се откажа и пак му го препушти правиот лак (како бесмислено звучи!) и дообјасни: – Тогаш примката се натнува на закачката од другиов крај – и ја покажа закачката. Александар го меткаше предметот меѓу рацете, го туткаше бабулето, го помириса. – Восок – рече, а Дејад тогаш подаде уште еден, речиси исто толку долг предмет кој му беше обесен на грбот со ремен, ситно украсен со мали ресички. – Еве тука се стрелите – ми ја даде мене таа долга кеса. Вчудовиден, здогледав во неа ореви. – Ореви – му реков на Александар. – Какви ореви, адот да ве голтне обајцата – с’ржа тој и ми ја грбна кесата а го отфрли првиот лак. Се вџаши во оревите и полека потфати еден. По него почна да се молкне темното тело на најголемата стрела што некогаш сум ја видел. Врз врвот на стрелата беше наврена скожурчена лушпа од недозреан палмов орев, пресечена долу и кога Александар ја извади, видовме дека е исполнета со тврд восок. – Богови – прошепоти Александар кога се загледа во врвот на стрелата, остар, да извадиш трн од петица, а рабовите на триаголното прободно тело, беа наточени како нож за бричење. Александар го отпушти Дејад и се зафати со лакот. Се обиде да го пресвитка преку колено, но дагата се вдлабна колку за педа. Ја зеде в уста примката, та напна со обете раце де го свитка лакот, опрен со едниот крај вземи и речиси ќе ја донесеше закачката до примката, напинајќи со сета тежина на своето силно тело на џиновско џуџе, со куси раце и нозе, со моќно торзо, а мускулите му се грчеа како подвижни порки под кожата. Но лакот почна да го надможува, та јас прискокнав, оти ми с стори дека и мојата слабичка рака ќе го победи тој простор од два-три прста. Но тогаш Александар го испушти и стиснатиот здив од градите и лакот кој ми отскокна меѓу очи така што сè ми се заврте. Ми се стори дека шаторот паѓа а јас стојам, дека големиот, скапоцен килим замавнува и тврдо ме удира по плеќи. Над мене го гледам бесното лице на Александар кој кине парче од мојата наметка, ме крева, ми ја тутнува в раце крпата. – Бриши се – ми нареди, загледувајќи ја раната од железната закачка среде чело. Јас ја бришам крвта од очите потоа го притискам бликотот и, таа, како секогаш, брзо ми запира, сигурно зашто ја имам малу. Оттогаш ми е среде чело оваа лузна како од змиско каснување. Александар бесно се вртка низ шаторот со лакот в раце, замавнува како со камшик и краткиот остар свиреж како да го смирува. Наеднаш, осветлен, со еден засил ја крева вдолж и ја превртува тешката маса, ги доближува клупите, одмерувајќи го растојанито меѓу нив. Ги стави краевите на лакот по една стапла на секоја клупа и јас сфатив што мисли. – Седни – ми рече, не обѕирнувајќи се на моето крваво лице и лакот под мојата тежина се свитка колку за педа. Александар ја фати јамката, ми ги прејавна бутовите па и тој оптежна и колку ги олеснуваше прстите од нозете врз килимот, толку пропаѓавме, а јамката наближуваше кон закачката. Одржувајќи рамнотежа само со едната нога ја навре јамката и потскокна, повлекувајќи ме и мене нагоре. Стоевме обградени со лакот и жилата која уште спушташе најдлабок ѕун од харфа. Пречекорив надвор, поревајќи се, а Александар веќе го држеше лакот и ја испробуваше ѕвонливата жила. – Оној што ќе го оптегне овој лак како што треба ќе мора да има сила да свитка сариса во обрач, или, што веќе се виде, со една рака да нè крене обајцата. Потоа ја загледуваше стрелата. Врвот ѝ беше како врв на меч, сплоштен, но на крајот беше дебел токму колку телото на стрелата. Задното перо беше од крило на несит, скратено колку половина педа. Сигурно, прво со нагорено железо било дупчено низ срцевината на дренот, па потоа со тенко сечило беше направен процепот за да влезе перото. Со тенка сребрена жица, обвиткана низ чешелот на перото околу стрелете тој процеп, а жицата вметната во однапред врежан жлеб. – Златарска изработка – со тивок восхит рече Александар. Одназад, кај перото, засекот за жилата беше полукружен и токму прилегаше на средината на жилата обвиткана колку за два прста со црвен коноп. Лакот насреде имаше железен опков со полукружно лежиште за стрелата, а целата должина му беше матна, како премачкана со смола, но мазна. Александар ја одмери стрелата на прстот и токму на една третина од врвот ѝ беше рамнотежата. Ја пофати како што се пофаќаат кусите копја за фрлање и според неговата ниска става таа и можеше да биде копје. Тогаш ја намести стрелата на жилата, ги напна мускулите, но кусите раце не му даваа да го приближи врвот до железниот држач, остануваа уште цели две педи. Веќе бесен, сосема возмутен, Александар легна на грб, виде дека сандалите ќе му пречат во намерата, просто ги растргна од нозете. Премери надвор низ триаголникот на главниот влез во шаторот, се опре со табаните на лакот, а со рацете ја затегнуваше жилата. Стрелата, добро навосочена и очигледно внимателно мазнета со кожа од рибјо куче, лесно се лизгаше наназад и кога остана надвор од лакот само врвот, Александар ја пушти. Свирежот на жилата го стаса тап удар и брмчење на забодена стрела однадвор. Од плеќи Александар веднаш се најде на табани и бос истрча надвор а јас по него. Во палмата, триесетина чекори од шаторот уште трепереше стрелата, забиена цела стапка во стеблото. – Богови – прошепна Александар и кога од крилните шатори за стража и прислуга почнаа да се подаваат љубопитните глави тој со еден удар на кусиот меч ја пресече стрелата сосе деланка од палмата и сега од делнатата белка на стеблото заканувачки нè гледаше строгата црнка на пресечената стрела. Александар наеднаш збеснат, со бела пења во аглите на стегнатата уста го извика, го крикна името на Дејад. Тој веднаш искрсна пред него. Видливо се трудеше да изгледа мирен. Но очите му беа преплашени. – Господару, ме повика. Александар без да го гледа крикна: – Веднаш да ми го донесеш тој Берзес – и се упати во шаторот уште со мечот во едната рака и со чолакот од стрелата во другата, бесно стисната, со белнати зглобови. Пред да се исуши плунка на песок Дејад дојде со еден висок човек, подгрбавен од висината, нослест, со насмевка која сигурно низ сиот живот, од детство ја носел од носот. И почна неговата приказна на тежок, одвај разбирлив грчки, со превод и објаснување на Дејад кај најнеразбирливите места. Приказната накусо кажуваше дека тој, Берзес, како оружар кој работел на копја, еднаш, по смртта на Дариј, тука во Вавилон, во старата оружница на Големиот Цар, која сега веќе работи за македонската фаланга, над гредите на сушалната за кусите копја, нашол поврзано снопје од врвушките на дреновите стебла. На времето тие врвушки ги носеле со коли во една друга работилница кај што правеле стрели. Но, по доаѓањето на македонската војска, таа оружница престанала да работи, та на таванот, кај што одел чадот од сушалната за копја, се трупале тие врзопи. Не биле за оган во сушалната зашто брзо гореле, со силен пламен, та копјата во стегите би се кривеле и би се упропастувале. Почнал да мисли како да се искористи таа непотребна плевел. Се обидел и вака и онака. Се распрашал и му рекле дека стрелите ги правеле од тенките краеви на тие врвушки. Тоа беа стрелите на Дариевите асирски стрелци, долги три стапки. Берзес се сетил на приказната за стариот татко, за деветте синови и деветте прачки. И тогаш почнал да испробува. Врвушките биле, главно, од најтенката страна долги по шест стапки, колку што била и должината на пресечениот дебел дел користен за кусите копја за фрлање. Е тогаш тој зел по осум прачки, ги скусил на по пет стапки па ги споил во сноп четири со дебелото, четири со тенкото, да се прелапнуват по четири стапки а среде го ставил деветтиот прат. Попрво два од по три стапки од секоја страна та добил врзоп од шест стапки, токму колку што тој бил висок. Мерка за дебелото му бил прстенот на жена му што од свадбата, како сите персиски жени го носела на средниот прст а за тенкото му служел прстенот на ќерката, која како сите персиски девојки носела прстен од сребро на малиот прст. Врзопот бил изедначено дебел на секое место, по целата должина. По разни проби, откога ги држел пратовите во ленено масло почнал да ги намотува, така распоредени, со тенко јаже добро натопено во восок, та биле стегнати како „прст на фараон во гробницата“, токму така рече. Потоа ги насмолувал со жешка смола неколкупати та снопот станал тркалезен. Александар слушаше напнато, сосредочен над секој збор како јастреб над гулаб. Потоа, кажуваше натаму Берзес, врзопот го пикнал во добро измиено но непревртено црево од камила. Едниот крај го опковувал со железна фатка на која имало алка за која ја врзувал жилата, другиот пак, со опков со закачка. Жилата ја плетел од три распорени и усукувани црева од камила, сушени на ветар и топени во мек восок. А стрелите ги правел од истите врвушки, долги пет стапки. Лакот морало да стои прав и само пред фрлање стрела да се запне жилата, но секогаш од другата страна. Зашто кога лакот ќе се ослободел од жилата останувал малку искривен и затегот бил послаб. Затоа закачката потфаќала, разделена како змиски јазик од обете страни а алката се префрлувала од едната на другата страна. Александар праша дали ја пробал стрелата. Берзес насмеан, со задоволство, кое насмевката му ја правеше уште повесела, кажа дека со првиот лак и со првата стрела, гаѓал прасе, врзано половина стадиј далеку. И тука виновно се насмевна. Во устата ставил лешник, го оптегнал лакот та со своите раце како весла на галија, покажа како тоа го направи, и кога ја пуштил стрелата го испуштил и лешникот со собраниот стрелечки здив. И пред тој да му падне пред нозе прасето веќе сите четири ги имало свртено кон небото, а стрелата го пробола одназад и му излегла низ устата, како ражен. Колку лакови и стрели направил, полека, трудејќи се грчкиот да му биде прост и разбирлив, го праша Александар. Четири лакови, рече Берзес, и за секој лак по четири стрели. Александар постоја како да промислува нешто, та без да рече збор или да се обѕрне назад низ шаторот, го помести прекривот на задниот влез, од сончевата страна, и сенката, брза и коса му премина преку платното кон страничните шатори на гардата и веднаш брзи сенки минаа по платното наваму и во шаторот се натрапија десетина гардисти, од оние што беа користени за ноќни посети, за тивки снемувања на луѓе, но и за јавни егзекуции. Неколкумина се нафрлија врз кутриот стрелотворец, го истуркаа од шаторот со извиени раце до под плешки, со подзината но занемена уста и со поглед за помош кон Александар. А тој бесно го тресеше за врат Дејад. „Што мислел овој парталко, викаше во бес, што. Македонските стрелци да оптегнуваат стрели лежејќи на грб, со кренати нозе како проститутки. И ти ми го донесе овој будала?“ Потоа се заврте кон четворицата гардисти што останаа и чекаа наредба. Нив, мирно, како да им наредува да ја сменат стражата им рече: „Ваквите лакови од старата оружница а ги има три, и ваквите стрели – им ја покажа торбата со стрелите – ќе ги донесете и заедно со Архидеј ќе ги ставите во мојата оружарница.“ Тие, како грабливци наведени на трага веќе зачекорија со трчечко движење, но тој ги запре со рака. „На жената и на ќерката на овој човек, Берзес, ќе им го земете сето злато и сребро, прстени, белегзии, ѓердани, обетки, сè, сè.“ И кога со најголема лутина требаше да продолжи да им нарача да му ги донесат и нивните глави, застана, со матен поглед, и со задишан збор рече: „И дајте им по еден талант“. потоа се заврте, отиде кон аголот кај што му беше походната постела, легна грбечки и заспа со отворени очи. И никогаш повеќе не стана збор за тоа оружје кое царот не можеше да го совлада, и никогаш веќе не се чу името на Берзес. А, ете, сакав само да соопштам една постапка на претходен договор која не стаса до масата на генералите. Но, пак мислата дека треба да те известувам што станало со него по неговата смрт кон таму ми ја водеше раката. Зашто, еве, ќе се води разговор за заменик. А кој ќе го замени џелатот кој на жртвите им подарува цел талант злато? Јас знам дека никој не може да го замени и дека само ќе испливаат над водата на вистината скриените желби и страсти, омрази и презири, завери и тајни спогодби. Знам дека ќе биде гнасно, но ете, болен и скршен одам таму, на тој собир на кој, место да се закрепне царството ќе се изостри покрупна поделба отколку што се случи на Советот кој решаваше за местото на привремениот погреб. Сè знам и одам таму, не поради заканата на Итан, туку затоа што сакам да ги чујам оние гласови кои никогаш не се чуле. Разбрав дека, дури лежев болен, неколку пати и Птолемеј, и Селеук и Пердика, определувале ден за собор на Советот, но постојано се одлагаше зашто или некои не доаѓаа, или оној кој што закажал, пак праќал известители дека се откажува од намерата. Десеттиот ден по смртта на Александар, Еумен прати јавна покана до сите што можат нешто да помогнат да дојдат во палатата. Тоа беше мошне неопределено, та можеа улиците на Вавилон што водат кон палатата да се исполнат со љубопитници кои ќе оневозможат секаков разговор како на боречки натпревар кај што не може да се разговара за патот на ѕвездите. Но можеше да излезе и доста мудро. Кој нема да дојде на таква расправа за која има своја мисла или самиот е кандидат, ако знае дека сите други ќе бидет таму? А повикот не беше упатен од некого кој е со намера за престол та самиот да има некоја стратегија која ќе ги збрише сите други. Во Еумен сите имаа доверба. Затоа, сепак, се изненадив кога во престолната сала не видов многу луѓе. Потоа разбрав дека Птоломеј ги набројал на пергамент луѓето кои можат да дојдат и му го дал на заповедникот на стражата. Но, сите генерали додавале по некое име ама никој не се осмелил да пречкрта некое што веќе било забележано. Беа тука сите видни свештеници од градот, беа тука и високите чиновници на дворот, чуварите на трезорот, луѓето кои Александар ги праќал во важни или помалку важни пратеништва во разни замји, предводени од Еумен, а беа и сите главни генерали – Селеук, Пердика, Птолемеј, Леонат, Касандар Антипатров, Лизимах, Неарх, Мелеарх. Наеднаш, од внатрешните одаи се појави Роксана со мала придружба од одбрани слугинки и постари жени на видни македонски чиновници и воини. Ја пречека молк, кој стана и одбивен по шепотната врева. Во истиот миг Статира и Дрипетис, со грчки слугинки и придружба од видни Гркинки, просто ме поместија настрана, минаа и застанаа, исто така до првата скала која води од престолот надолу. Тогаш ја здогледав и Берсина со Херакле. Ако некоја од овие жени сакаше да биде понапред ќе беше подолу. Тоа ги задржа на таа линија на која беа еднакви. Херакле веќе ја беше достигнал по раст мајка си и неговата црвенокоса глава потсетуваше на нешто познато, но ликот го имаше од мајката – тенки усни, мал нос и големи, зачудени очи. Берсина беше десно од Роксана, беше без придружба, како жена која има само една потпирка, една надеж, синот единец. Јас полека се оддалечив од моето постојано место зашто не можев да останам редум со сите жени во кои сега зјапаа и свештениците и генералите и чиновниците. Роксана, снеубавена од бременоста, облечена во облека на тага така што плодот во неа да биде повидлив, стоеше пред престолот како секој миг да сака да седне во него. Статира имаше нешто величествено во себе. Беше вистинска кралица и по става и по лик. Стоеше слободно, како да се лелее во воздухот зашто благиот провев ѝ ја нишаше лесната персиска туника околу нозете. Бистата ѝ беше оптоварена со златен укит, со скапоцени камења. Ја носеше и дијадемата на кралицата – мајка. Гледаше прво во очите на сите што гледаа во неа, со лице на статуа и од неа се ширеше некоја чудна треска, како веќе таа да владеесо светот. Сестра ѝ, вдовицата на Хефестион, со расплетена коса и во облека на тага стоеше со стисната уста и наведнати очи. Статира меѓу тие расплетени и проплакани жени беше единствената со царско држење. Јас се вмешав меѓу чиновниците на дворот – та и јас бев некаков службеник за личните потреби на царот – но така го одбрав местото, кај десните столбови, што и трите царски жени и генералите да ми бидат видени. Зашто тука почна да се згрутчува една напнатост како меѓу ѕверовите кои се демнат. Еумен, кој седеше на чело на масата, како да го почувствува тоа палење на огнот, та во тишината која лазеше по столбовите и ѕидовите, го поткрена гласот, малу над шепотот, и без да гледа во никого почна полека, со раздели, да ги реди зборовите. – Никој не може да го замени Александар – рече. Иако знаев дека е тоа само реторски почеток, ми се стори како да го слушам сопствениот глас. Тоа што јас сум го напишал веќе, така или приближно така загуби секаква смисла. Место да го искаже она што јас го разбирав со тој исказ, тие зборови сега шупливо заѕвонија. Празно. Место да искажат една вистина дека толку суров, самољубив, подмолен и праведлив човек тешко ќе се најде за да го замени Александар, тие искажаа една голема заблуда. Зашто јас знам оти секој може да го замени Александар. Секој од генералите. може само Селеук и Мелеарх не. Но јас, исто така знаев, дека никој не може да ја замени онаа страст на Александар за откривање, за промени, за нови светови, глад за напредок, за владеење кое ќе нема граници. Ниту ќе може да се најде замена за неговата благост, трпеливост, разбирање, кои ненадејно се јавуваа во него. Кој ќе се најде да го замени во гладта по нови сознанија. И кој ќе биде како него постојано исполнет со нови, огромни планови кои не се правеа од корист туку од љубопитство. Еумен молчеше за да можат сите да ја сфатат вистината што ја кажа, целосно да се помират со неа, па според тоа и да се раководат во судбоносната расправа. Јас уште мислев на Александар: каде ќе се најде човек со толкава цврстина и настојчивост, кој со таква страст и преданост ќе ги исполнува своите замисли. А сугурно е, и за тоа би дал да ми ги ископаат и обете очи, дека не ќе може да се најде човек со такви грандиозни замисли пред кои ниту луѓето, ниту земјите, ниту народите, не беа важни за да се постигне целта. Но не само меѓу тука присутните, туку во целиот Икумен не верувам дека може да се најде некој кој во себе ќе носи толку спротивставени особености, толку божествени моќи и толку човечки слабости. Еумен повторно, шумно зеде здив во пропаднатите, тесни гради, и проговори пак со својот тивок глас одвај чуен, та сите го запираа дишењето, ги вртеа ушите кон него. – Сакам најпрво да ги слушнеме претендентите да го кажат она што треба да го знаеме за нив. Колкава им е блискоста со царот, колку тој ги сметал за доблесни и достојни, какви се нивните намери, колкави им се моќите – остана така, поднаведнат, како да ќе продолжи, но замолкна. Тишината почна да паѓа од сите страни како снег, како да се пласти и да се шири во општата бесшумност. Дури и палатата престана да крцка и да стенка. Напната и таа во грчот на неизвесноста што и мене ми ја замрзнуваше утробата и ми го одземаше здивот. И тогаш, со небрежен глас, како да говори за нешто што на сите ни е познато, што се подразбира, што е толку очигледно па и самото зборување за тоа е непотребно – се јави Статира. – Има ли некој под овој покрив кој припаѓа на две најистакнати царски семејства какви што се на мојот татко, Великиот Цар Дариј, и на мојот маж Александар Македонски. Сите знаеја дека маж ми, Александар, ги поуби подлите убијци на мојот татко. Сите знаете дека мене ме одбра за своја призната сопруга и царица. Една од придружничките на Роксана ѝ преведуваше со брз, растрган шепот, што зборува Статира. Роксана не научи ниту грчки, ниту македонски, ниту персиски. Говореше со убав, певлив глас на бактриски јазик. Никогаш со Александар немала проговорено, како што се кажуваше, ниту збор, без помош на некоја од своите прислужнички Бактријки кои знаеја грчки. Роксана врисна кон масата кај што седеа генералите. Лицето ѝ се нафрли со грди црвени петна, а врискањето ѝ излегуваше од стегнатото грло како некој да ја дави. Алкалез го преведуваше нејзиното крикање да како да кажува весела шега, која, еве, в миг сите ќе ги изнасмее. -Оваа жена лаже! Таа на мојот господар Алкесандар му припадна како робинка. Само неговата безгранична добрина ѝ допушти да остане на дворот! Само Статира се поднасмевна, ценејќи го сигурно, писокот на Роксана и напевот на Алкалез како сосема спротивни и неспоиви. Продолжи, како ништо да не се случило, како Роксана да ја нема во салата. – Зошто, благородни генерали, последователи на Александар Македонски, зошто тој, мојот господар, својата престолнина ја устрои во Екбатана, кај што е дворецот на мојот татко, Дариј, па потоа ја донесе тука, во Вавилон, кај што престолуваше и Дариј? Зошто Александар не го однесе својот престол во некој од богатите источни градови, зошто не се врати во Пела или Атина? Тој беше мудар и надарен со размисла која гледа далеку. Затоа тој одеше по мислите на мојот татко, Великиот Цар, Дариј. Јас, еве, ви говорам на грчки зашто мудроста на Александар ме упати да го учам тој јазик. И тоа беше вистина. Веднаш по свадбата во Суза, Статира, по првата брачна ноќ помината со Александар, престана да зборува персиски. По своја волја се опкружи со Гркинки и за една година говореше грчки како родена Атињанка. – Зашто Александар Македонски го правеше сето тоа? Зашто господарот сакаше во царството да се спојат грчкиот јазик, персиското устројство на големата држава и македонската мудрост и херојство. Па тука сме, храбри и благородни генерали, воини со кои Александар го победи и мојот татко, Македонци, умни и праведни. Таа малку помолче и почна да слегува низ престолните скали, со женски предизвик, но како да е во транс, со поглед кој гледа во неа самата и таму го пронаоѓа она што дотогаш таа не го знаела. И како маѓепсани чекавме или пак да проговори, или да падне врз мозаикот, како пророчица, со пена на устата, со раце и нозе кои во грч се пореваат на сите страни. Како да го слуша внатрешниот глас на високата повела и како со туѓа уста од длабината да го соопштува тоа непорекливо решение на судбината. Таа ја обиколи масата. Сите седеа загледани пред себе, само Птолемеј ги набљудуваше лицата, под око, скришум. „Тој е значи“ – помислив. „Не може да биде поинаку: Статира го слуша во себе неговиот глас, тој говори низ нејзината уста“. – Кој ќе биде наследникот – проговореи Статира како наеднаш да се разбудила и како таа да го поставува прашањето за кое никој не бил свесен дека ќе се постави. Тогаш, со лутина кон сите оние што можат да бараат поинаков одговор, првпат го повиши гласот, во кој внесе и сигурност и конечност на одлуката. – Вие – извика таа и ја заокружи масата со својата разголена рака, рака чиј создател не бил Дариј туку Фидиј. – Сите вие, храбри, мудри, благородници. Сите вие кои на Алексндар Македонски сте му ги подариле најубавите години и највозвишени дарби. Вие кои со него заедно сте крвавеле. Има ли некој меѓу вас кој нема рани на телото? Нема. Има ли некој кој не му дал, барем еднаш, совет на Александар што тој не го послушал? Нема. Има ли меѓу вас некој што некогаш не го послушал Александар? Има ли? Потоа, пак со небрежност, но со умора во гласот и телото рече: – Та и вие знаете дека сте вие наследниците. Кој подобро од вас ќе го чува она што заедно со царот го создадовте. Јас, ќерка на Дариј, жена на Александар Македонски, ве прогласувам за негови наследници – ги прекрсти рацете на градите и остана среде салата затворена во себе. Пак доползе молкот, бавен, како полжав што остава непостоечка трага зад себе која е од ништо, но пак се гледа. Статира умееше да се однесува, зашто во тој молк сега го втисна својот предизвик, та сето она што го рече сите мораа да го мерат и да го проценуваат. Тешко дека некој од генералите можеше да се спротивстави, директно, на тоа стојалиште. А и немаше зошто. А Статира, ако се прифати овој нејзин предизвик, и натаму остануваше жена на Алекандар Македонски која ќе ги ужива сите почести. Ако, пак, се избере еден наследник, тој ќе доведе своја царица и Статира ќе биде само вдовица на еден владател чијшто наследник, и да не направи ништо друго, ќе менува сè што било создадено од претходникот за да ја омаловажи неговата заслуга, а да ја возвиши својата работа. Во тие случаи, вдовиците исто така, се сметаа за грешка, за лош избор на поранешниот цар, та брзо ги снемуваше во мракот што секое царство го има барем во еден мал агол, во тој најгуст, најлеплив мрак во кој се крие невратот. Почувствував како во молкот кој почна да оптежнува сè повеќе и повеќе, како што мртовецот сè повеќе им натежнува на носачите до далечинскиот гроб, учествуваме сите што бевме збрани. Секој со своето молчење придодаваше по капка живосребро тежина и тишината почна да мириса на омраза. Роксана го избра најнеповолниот миг да настапи од своето место пред престолот. Се очекуваше тврд, машки глас кој ќе одекне решително, заповедно и ќе го прекине тоа мачилиште на тишината. Сите како да очекувавме да одекне ѕвонливиот, секогаш малку напнат глас на Александар. А се јави таа, Роксана. На својот брз, бактриски говор, на раб на плачот, со засркнување, кресливо, кривејќи го лицето, држејќи го лицето, држејќи го со вкрстени прсти стомакот одоздола, така што испакнуваше не полутопчест, туку зашилен. Алкалез неколкуте нејзини брзи, извикливи реченици почна да ги преведува на грчки како да објавува радосна вест за раѓање на царски син. Јас, Рушанак од Бактрија, жена на најголемиот цар, Александар Македонски, носам негов син и наследник. Неговите очи нема да го видат, неговите уши нема да го слушнат првото плачење, тој не дочека самиот да му го предаде царството. Но ниту неговиот татко Филип не дочека да го стори тоа за својот единствен син и син на благородната Олимпија. Господари, умни и правични, сите знаете дека царството му припаѓа на овој царски пород. Никој не може да му го одземе, зашто боговите ќе ја исполнат правината и никој смртен не може да ѝ се спротивстави на божјата повелба и на царската волја. Зошто Александар кога го зачна мојот плод рече „ Царице моја, ти го храниш во себе идниот цар на Икуменот“. Роксана молчеше а солзи ѝ течеа од наведнатото лице, ѝ капеа по тажовната облека, над папокот. Веселиот глас на Алкалез, кој ги расипуваше тие солзи, уште ечеше во салата кога третата жена, Берсина, на грчки, па и на персиски, ѝ се обрати на Роксана повторувајќи ги нејзините последни зборови. Но, при обете обраќања додаде само: „Зарем тоа ти го рекол?“ Роксана возмутено ја погледна, со неразбирање и со страв. Промрморе нешто на бактриски, но замолче. Се обиде да си даде изглед дека ниту ја слушнала ниту ја забележала таа жена која, со прегрнатото дете ѝ стоеше оддесно. А Берсина на грчки му се обрати на собирот. – Сите вие ме знаете, како и јас што ве знам. Знаете дека своите први мажествени години Александар ги помина со мене. Му бев достојна сопруга и му го родив синот, Херакле, Црвенокосиот, како што тој го викаше од милост. Ова дете е царски син, уште слабо за меч, но веќе длабоко надарено со ум, со разбирање, со знаење. Учеше кај најдобрите учители, кај најискусните стари воини, мудреци, математичари и филозофи кои му ги праќаше неговиот татко, Александар Македонски. Најмилата книга на татка си, големата „Илијада“ за еден ден може да ја изрече наизуст. Берсина гледаше наоколу, замолчана, ги преслушуваше лицата кои беа наведнати и ѝ бегаа од очите. Ја спомна големата „Илијада“, а кај мене остана токму набабрениот ракопис на таа херојска книга која уште го има во себе впиено мирисот на младиот Александар, оној од Миеза. Ништо не можеше да го потисне тој мирис, ниту далечните походи на кои тој не се делеше од оваа пергаментна листовка, испишана за него во кралската писарница на Филип, со крупни, еднакви букви на дворските краснописци. Александар со своите допири го пожолте пергаментот, понекаде во него се впиени петната од маслото на неговите ламби, од читањата и препрочитувањата кога бдеел над херојските судбини. Само тоа го имам од Александар. Тоа и овој кус меч. Но, учителу, Александар ја немаше „Одисејата“ на Хомер. Некогаш ја прочитал набрзина и, се сеќавам, тебе ти рече: „Зошто да ја ставам покрај херојската ‘Илијада‘ и таа приказна за некаков залутан и загубен цар?“ А токму неговиот живот беше одисеја. И повеќе од тоа – тој не се врати во својата Итака, во Македонија. Замина, залута и не се најде повеќе себеси. Тој живот помина како барање на нешто. Дали го барал златното руно, дали го барал седиштето на боговите, или крајот на светот. Не најде ништо. Берсина продолжи со воздишка. – Не, никогаш Александар не рекол дека неговиот син Херакле ќе биде негов наследник. Та кој, на триесет и тригодишна возраст, во полна сила, со намери кои уште не му се исполнети, ќе определува наследник? Не го прави тоа ниту најобичниот земјоделец, а не цар кој владее со светот и кој сака да открие и да освои уште толку свет колку што досега има откриено, од Херакловите столбови до Петречјето. Не го направи тоа, но го готвеше својот син Херакле за царско умеење, за вештината на владеењето. Може јас да сум му одмилела, та зел помлади жени, но овој син секогаш му бил при срце. Еве – покажа таа врзоп пергаменти – еве, од секој поход му испраќаше поздрави и поуки кои Херакле самиот ги читаше, ги разбираше и се владееше според нив. Ова момче е младо но со зрела душа и развиен ум. Одберете меѓу себе еден достоен тутор и тоа, по некоја година, кога ќе стаса до првото бричење, ќе биде достоен заменик на својот татко. А, ете, ја прашав Рушанак – таа го изговори тоа име на бактриски, како да е срамно – ја прашувам на кој јазик ѝ го рекол Александар она што таа нам ни го рече. Таа на разбира, та како го разбрала царот? Дали многујазичниот Алкалез бил кај нивната постела? – собирот со молк ја пречека таа злобност а само кикотот на Алкалез за миг се извиши и веднаш се пресече. Егрипи, сигурно, е зад него. – О, благородни, прашајте се и вие за тоа – продолжи Берсина. – Цар не се создава со едно ветување, со едно кажување. Та многумина од вас, мудри, знаете како Алекандар бил подготвуван за цар, зашто сите имале заеднички учители и Леонида и Аристотел. Цар се создава макотрпно, со труд н многумина, како матицата кај пчелите. Точно е, никој не може да го замени Александар. Во тој миг, Роксана на која веќе ѝ превеле како ѝ се обратила Берсина, со гнев ѝ дофрли неколку зборови, очигледно навредливи и таа, со солзни очи, со целата своја придружба се упати кон внатрешноста на палатата. Но Берсина, со непроменет глас, гушкајќи го со едната рака Херакле, незапирно и упорно се бореше за него. – О, праведни, та зарем може жена која пред вас говори невистини и измислици, која плаче кога ќе се открие нејзината лага, која тажовната облека ја облекла првпат за да излезе во неа пред вас, зарем таа може да роди син – наследник? Таа ви го ветува, но што ќе сторите ако на тоа веќавање му го ветите престолот? Берсина се бореше. Очекував дека сега ќе се јави некој од наследниците да ја поддржи но, сигурно на знак на мајката, Херакле се подистави од неа, веројатно како што го беше научила, за да ја истакне својата самостојност, да не говори од женска прегратка, и, со детски глас, започна да говори ѕвонливо, но очигледно научено, сигурно како што би ги кажувал и стиховите од Хомер. Говореше со крената глава. – Јас сум Херакле, син на Александар Македонски – не го спомна потеклото по мајка – и некои од вас се сеќаваат на мене кога бев во колепка. Вие, храбри, бестрашни јунаци заедно со татко ми заминавте во славни освојувања, во големи битки, кон изгрејсонцето. Јас бев во Дамаск од кај што мина големиот поход и растев заедно со вашите победи. Гласот, од пренапнатост, му се скина, очите, дотогаш вперени во една непостоечка точка над главите на диадохите, станаа несигурни, зашетаа по смуретените напрегнати лица, и се запреа на Неарх, кој го охрабри со брзо движење на главата без да му возврати поглед. И очите на кутрото момче, сепак, не издржаа и се завртија, со паника и крик за помош, кон мајката. А таа, сигурно претрпната, не се заврте, устоја во својата достоинственост и таа невидлива врска на Херакле му ја врати храброста и му го поттикна сеќавањето. – Јас ги следев сите ваши подвизи, јас ги страдав сите ваши рани, ги испробував сите ваши оружја и ги паметев сите планови на битките кои вие, заедно со мојот татко, ги создадовте на оваа маса. Јас уште не можам да војувам, но знам како треба да се војува. Но, со кого уште да се војува? Зарем има уште непријатели? Сите царства се победени, сите сатрапии се верни и сега треба да крепне царството, да се градат не воени туку карвански патишта, да се градат бродови кои ќе пловат по големите реки, по сите мориња и по мирниот океан, татко на сета вода. Вие знаете, а јас знам од овој аманет – тој покажа на трабата пергамент – дека мојот татко, Александар Македонски, водеше војни за да постигне мир. И секоја капка од вашата крв е пролеана за да не се крвави повеќе. Јас, и со туторот – и погледна пак во Неарх, крадешкум, како децата кои одбиваат да го кажат името на прекршителот кој е меѓу нив но ги издава погледот во него – а и како возрасен маж сакам да управувам во договор со сите вас, со сите сатрапии, со свештениците на сите вери, во мир. Здивот веќе го беше загубил, гласот му беше испрекинат, престана да зборува, иако сигурно имал научено уште. Зашто Неарх се обидуваше да го охрабри со поглед, да продолжи, но Берсина, почувствува, како што тоа може само мајка, дека Херакле ги загубил силите, му пријде, клекна пред него и го пренесе кон усните крајот на неговата наметка, како што се постапува пред признат и моќен господар. Херакле се стаписа од таа постапка која сигурно не била договорена. Се заврте, преплашено и забрзувајќи го чекорот, едноставно избега во палатата. Берсина сфати, со безнадежност во очите дека сè било залудно. И што тргнала наваму со брзата линија веднаш по веста дека Александар боледува. И залудна била сета нејзина грижа за синот, сите надежи биле попусти. Но, таа очајот го сокри во длабокото поклонување пред диадохите и така, без да крене глава, назадечки, со прекрстени раце на градите, се оддалечи. Ме трогна до солзи залудноста на сиот тој безмерен напор. Тоа беше подвиг на жртвување без изгледи за победа. Замислував како тие седум-осум илјади стадии ги минува оваа жена со скромна придружба на неколку стари слуги кои биле уште на дворот на нејзиниот покоен маж Мемнон. Како дваесетина дена ниту една цела ноќ за преспивање. Таму каде што успевал нејзиниот извик „Синот на Александар, Херакле, ита во Вавилон да го види татка си кој е болен и го вика кај себе“, кај што ќе ја познаеја, сигирно веднаш ѝ излегуваа во пресрет. И даваа најбрзи коњи, најсигурен водич. Но, кај што наидувала на станици со Асирци или Сиријци кои ништо не знаеле за неа, сигурно морала да се расправа бесно, со оган во очите. Некогаш морала и да потплаќа, да ветува, да заведува. Сторила сè, сè што е во човечка моќ. Залудно. Кога некаде на патот ја пресретнала веста дека Александар е мртов, сигурно ги вдвоила напорите, минувала повеќе од петстотини стадии за деноноќие, ги сотрела коњските замени и себеси и Херакле. Но стаса утрово и уште со мирис на патната прашина, на коњска пот, на киселата реа на попатните крчми кај што се јаде бајата храна, стаса во палатава. Залудно. Патем го поучувала Херакле што и како да каже, го испрашувала трпеливо. Сè залудно. Од смуртените лица на македонските генерали ѝ ја прочитав судбината. Само Неарх им даваше знаци на поддршка и наклонетост. Неарх? Дури сега се сетив, мислејќи на него дека не е Македонец туку Грк, од Крит. А оваа одлука ќе ја донесат Македонците. Само тие. Неговата поддршка, сигурно поврзана со изгледите да биде тутор на младиот цар, на значеле ништо. Сè беше залудно. Јас чувствував сожалување кон таа жена и некое необично разбирање за младиот Херакле. Во него, како да се видов себеси на тие години кога останав сирак, како престрашен пред сите неизвесности што беа пред мене, со стегнато срце го пречекувам секој нов ден. Кон масата на диадохите, откај дното на салата пријде Јолас, помалиот син на Антипатар. Нешто му прошепоте на брата си Касандар, кој брзаница отиде зад столбовите, од кај што се чу мрморлив шум, подвижување на телата и остар шепот кој нешто наредува. Секому можеш да му го препознаеш гласот, но шепотот никому. Не знаев кој сака да се наметне и кому. Наеднаш, од зад столбовите, излезе едно човечко суштество, како од приказните. Со клепан шлем поставен однатре со овчо руно, веројатно денеска светнуван со песок, со ремени и градни оклопи од двојна биволска кожа, зајакната со железни скопци, во сандали кои се држеа на истите ремења, како и штитниците на нозете, сè од биволска, двојна кожа утрово премачкана со мек восок и маслиново масло. Како да воскреснал некој воин од старата македонска војска од времето на Аминта. Човекот имаше бела брада, светната и зацврстена со растопен лој. Беше исправен, а голите раце, обгорени од сонцето, му беа цврсти. Кожата ја исполнуваше тврдо месо а ставата му беше права. Дојде среде сала и проговори на македонски. Гласот ми се стори познат, но при првите зборови не можев да го поврзам со никого. Но, Просул! Беше тоа Просул. – Јас немам име, зашто вие не ме знаете. За вас сум јас непознат човек. Но, војсководци македонски, јас сум многу, јас сум сите. Повеќемина сме ние, ветераните, од сета војска што ја имате во фалангите, во морнарицата, во коњицата, меѓу стрелите. Јас сум гласот на ветераните. Слушате ли? Во мојот говор има затворено цели фаланги, мртви и живи. Слушате ли како се говори во македонската земја? Во македонската земја се вратени сите оние што лежат закопани кај Граник и кај Ис, кај Гавгамела а и на местата на сите битки, зашто телото може да биде погребано кај и да е, но духот на Македонецот секогаш се враќа таму кај што се родил. Што гледаат сега во Македонија тие мртви очи? Беда, вдовици, болести, сираци, сакати. Дали Македонците за тоа тргнаа војна? Или само за да ги збогатиме оние што сме ги победиле? Да им устроиме многуљудни градови спрема кои нашата престолнина Пела стои како куп овчарски колиби од камен и кал. Што сторивме во годините што поминаа? Лутавме низ Икуменот, водевме битки, добивавме војни, освојувавме градови. Но, сега треба да направиме сè, сè најдобро и најплодно за Македонија. Зарем овој град може нешто да спаси од општата пропаст што го зафатила? Зошто ние да го спасуваме? Што бараат во овој град најдобрите градители, скулптори, најпрочуените сликари и златари? Сите тие мајстори, сите тие надарени од боговите треба да ги однесеме во Македонија, да го градат нашиот царски град во кој ќе престолува наш, македонски цар. Македонци... Просул се извика и замолче да му се врати ехото од празните ѕидови на салата и почна да ги гледа еден по еден диадохите в очи, Алкалез почна да преведува од македонски на коцне: „Јас немам име...“ но го пресече ревот на Просул. – Молкни! Запри! – и Просул направи чекор, заканувачки, како да ќе тргне кон преведувачот. – Оној што не разбира македонски нема зошто да е тука. Ние избираме наследник на македонскиот престол! Алкалез молкна како громовниот глас на Просул да му го пресекол јазикот. Не можев да видам, но знаев дека беспомошно се врти кон Египи а таа му ја става раката на рамото, го смирува со стисокот, го успокојува со погледот. Просул продолжи. – Македонци, вие знаете како се избира наследник на царот. Од сите македонски краеви доаѓаат во Пела првенците од сите фаланги, видните офицери, највисоките свештеници, воените ветерани. Старците. Сите го потврдуваат изборот на наследникот. Та така беше и по смртта на Филип благородниот. А сега? Зарем овие жени од Персија, од Бактрија, од Грција, треба да ни кажуваат дали некого ќе избереме и кого ќе избереме! Зарем ние сме робје а тие господари? Та, ете, тука сте сите вие, од сите краишта на Македонија, тука се офицерите од македонската војска, нашите свештаници. Просул пак замолкна за да им даде време на собраните да се погледаат меѓу себе, да видат кој е тука, кој не е. Молчеа и се одмеруваа, пребаруваа по аглите кај што беа уште неколку ветерани, вдовици, свештеници. – А вие, Македонци, знаете кој може да биде избран за македонски крал, а сега и за македонски цар на Икуменот, кој Македонците го освоија. Македонец! Кога го избравме Александар, го заборавивме постариот наследник, кроткиот Архидеј. Низ салата помина возмута а Архидеј, во царската облека на татко му Филип, во која тој примаше пратеништва и водеше преговори, влезе во придружба на офицери од македонската фаланга стројни, напнати и вооружени. – Ветераните и македонската фаланга предлагаат веднаш, тука и сега Архидеј да биде избран за цар. Благородниот Архидеј, синот Филипов, никому не направил зло иако му е нанесувано. Архидеј одеше и во походи но само за користа на Македонија. Не беше Александар тој што нам, на ветраните, ни подари по еден талант пред заминувањето од војската. Тоа се случи по молбата и милоста на Архидеј. Јас сум сигурен дека сето она што го кажа Просул го пренесувам точно. Мојата меморија е за приказ, ти го знаеш тоа учителу. Зашто целиот мој живот малку зборував а повеќе слушав. Слушав и паметев. Читав и паметев. Размислував и го паметев размислуваното. Но говорот на Просул сигурно сум го ослободил од оние застанувања и споредби кои тој секогаш во изобилство ги прави та го пренесувам повеќе по запаметената смисла, одошто според запомнатите зборови. Но тешко е да се следи и да се памети говор во кој мислата е растргана и бега на сите страни како просо по мозаик. Пак настана штама во која, како камшик по гол грб, свирна гласот на Касандар, кој од столбовите излезе среде салата, меѓу Просул и Архидеј. Обајцата го гледаа со матни насмевки но без омраза. – Зарем сме тука некој да се подбива со нас! Кој е овој? – покажа во Просул. – Зарем еден будала ни предлага за наследник друг будала? Го пресече Еумен. Неговиот глас, бавен но сигурен, како биволска влеча, го замолче бесниот цикот на Касандар. – Ги слушнавме предлозите на претендентите. Ако уште некој сака да изнесе подруга мисла нека излезе и нека ја каже. Потоа ќе говориме за секој предлог, зашто сите треба да ги промислиме, па да се определиме само за еден. Меѓу сево ова што се кажува да го избереме најдоброто – се обиде Еумен да го смири надоаѓањето на бесот и на омразата. Касандар го замени брата си Јолас на масата. Нешто живо му дошепнуваше на Пердика кој слушаше, но ниту одобруваше ниту одбиваше. Беше смуртен како и сите други. Прв се јави Мелеарх. Говореше со подготвено, научено кажување. – Мудар Еумене, добро нè упатуваш. И јас ќе постапам така како ти што бараше. Јас немам ништо друго да речам освен да го повторам зборот што го кажа ветеранот на Филип за синот Филипов – Мелеарх покажа во едниот, па во другиот, како што се покажува на херои и на виновници, со рака задржана кон нив, во тишината. – Архидеј – рече Мелеарх како да пресудува а раката ја спушти како во неа да држел меч со кој пресекува глава. Полека стана Неарх. Сочека да се стиши вревата што на масата и зад столбовите почна да ѕуни како да пролетува пресито улиште. И Неарх почна на македонски. Покрај нас, во Миеза, го беше научил македонскиот јазик зашто и покрај забраната да го говориме, во младешките игри од нашите краишта, на пладневните одмори, во вечерните момчешки шепотења, сите зборувавме македонски. За четири години Криќанецот го научи нашиот јазик зашто тие се годините, младешките, кога јазикот е најподвижен и најбрз та за него се лепи секој говор што ќе му го донесат ушите. Неарх го загуби во Миеза и својот критски изговор кој е брат на грчкиот јазик, та како што се браќата слични но различни, така и јазикот на неговите дедовци се разликуваше од грчкиот. Но, кај тебе учителу, кај тебе, како кај најголем познавач на јазикот на Хомер, како и сите ние и Неарх го научи тој торжествен јазик на херојските дела, на блескавите споредби, на преубавите описи, јазикот на оружјето, на смртта и на вечноста. Неарх почна со едно прашање, со тон на беседник, што ме зачуди, зашто никогаш не се појавил како говорник. – Брат или син? Да тука треба да се одбира. Тоа е патот кој самите богови ни го покажуваат. Но јас себеси се прашувам – зошто да говорам за Архидеј? Го знам од младини, откога ве знам и сите вас што сте тука, покрај оваа маса. Сакам да ве прашам: дали некогаш пред Александар сме говореле за Архидеј? Се сеќавате ли на еден разговор кај што неговото име било спомнато? Не. И Мелеарх сега првпат го изустува тоа име. А ако некогаш го изустил, тогаш го изустил кога му се обраќал на нашиот другар, Архидеј Потивов, вештиот оружар на Александар. Тука морам да запрам, учителу Моето несреќно име ми го даде покојниот татко. Беше избрано во чест на Архидеј, синот Филипов. И многупати тоа име сум го почувствувал како срам и навреда зашто го носи и малоумникот од царската куќа. Филип имаше слабост кон тој признат, несреќен син. Во Спарта би го фрлиле од нивната света карпа, за да не го труе со својата поместеност идниот пород. А Филип, напротив, на тој свој кутар син му даваше најголем дел од љубовта. Се трудеше, при секоја пригода да го научи што да рече, како да се однесе. Го покажуваше пред посетителите, гости на дворските пирови, дипломати, пред пратеништвата на разни градови. Ќе ја изиграа договорената сцена и Филип, со својата громка смеа ќе речеше: „Умен е, умен и снаодлив овој Архидеј, а?“ И го изнесуваа од салата, со оној негов матен поглед кој не гледа во ништо и со онаа насмевка која беше наместана на неговите усни само заради тоа да му се цеди плунката која не умееше да ја голта. Да, страдав поради тоа несакано име и како дете, по смртта на татко ми, честопати, во предзаспивните неспокојни часови мислев: зошто не ми го даде името Александар? Та тој беше постар од мене само шеесет дена. Тој беше роден во времето на жетвата, јас во времето на грозјебрањето. А Архидеј беше постар од нас десетина години. Тоа ми беше болка, тешка и постојана, а постапката на мојот татко Потив ми стоеше уште понеразбрана зашто болеста на Архидеј кога јас се родив, веќе не можеше да се сокрива. Но, како возрасен разбрав дека мојот татко, кога побарал дозвола од кралот да ми го даде името на неговиот постар син, сакал да го поткрепи својот крал во пустата самоизмама дека првородениот кралски син не е за потсмев, туку, напротив, за пример на другите. Може на таа постапка на татко ми се должеше повикот да бидам со Александар при неговото подготвување и учење за кралски наследник. Може, не знам. Но, за болеста на Архидеј не смееше да се говори ниту пред Александар. Тој збеснуваше кога ќе му го спомнеа овој загубен брат, изедник, кој со едната рака јадеше печено месо замачкувајќи си ги кралските облеки, а со другата лигавеше портокал. И Александар страдаше поради таа болест, како да е малку и негов дел и започнуваше бесен напад, потегнуваше дури и меч ако тоа се спомнеше пред него. Затоа речта на Касандар кај сите, па и кај мене, се одгласи како фрлање кал врз мртвиот крал. А сите знаевме дека Касандар го брани намесничкото место на татко му, во Македонија, од доаѓањето на нов наследник, на малоумниот Архидеј во Пела. Неарх, кој сигурно истото го почувствувал, говорот го продолжи поинаку без да гибне во таа рана која сега ја чувствувавме и како своја. – Не го спомнувавме тоа име зашто постојано на усните ни беше името на Александар. И сите се сеќавате на Советот во Пела, на кој од нас што сме тука, беше само Пердика, а ние, момчиња тогаш, слушавме меѓу насобраниот народ. Знаете дека некои и таму го изрекле името на Архидеј, но биле замолчани со потсмев. Знаете дека Советот го потврди Александар за крал без никој да се спротивстави. Оние што не го сакаа помолчаа но ги кренаа рацете за одобрување на наследникот. И што, сега, по седумнаесет години пак да го чуеме истото име? Зарем ќе бидеме како оној, најсиромавиот, кој пролетта ги збира по буништето коските што им ги фрлил на кучињата кога зимата го јадел месото? Зарем оној еднаш што не бил избран може да биде, по толку години во кои си го дозапустувал умот, си го гоел телото та да мора да чекори рашчепатен – и покажа на згоениот Архидеј кому подбрадокот му висеше до градите а наметката не можеше да му го прикрие натрупаното сало. – Немаме право да го споменуваме ниту тука, сега, неговото име. Тој ќе остане за сите нас што беше, тага и грижа и на Филип, но и на Александар и наша. Затоа јас сакам да говорам за синот. Вратете се назад мои врсници – погледна во Касандар, во мене, во Леонат, – а и вие постари, вратете го сеќавањето на она време кога сте ја завршиле првата декада од животот. Кој од нас можел за десет дена да прејава шест илјади стадии од Дамаск до Вавилон? Можеби Мелеарх можел, не знам. И кој од нас можел со толкава мудрост да настапи пред ваков собир, пред најпрочуените луѓе во царството? Можеби Птоломеј, не знам. И кој од нас, на глас за болеста на таткото би тргнал во долгата неизвесност на патувањето со горчлива надеж дека ќе му ја предвиди смртта? И кој меѓу сите нас, по речта што ни ја кажа би се повлекол вака достоинствено, би го оставил собирот да решава слободно без да го присилува со своето присуство?! Тоа момче е подготвено за крал, тоа ја има онаа мудрост што се наследува. А јас го знам Александар како повеќето меѓу вас, од неговата десетгодишна возраст. Само тој тогаш го надминуваше, можеби, својот син и наследник Херакле. А и тоа име, кое и Македонците го почитуваат, ќе биде ѕвезда на царството. Дајте да му помогнеме со татковска грижа и љубов на овој вистински, законит наследник кој е надарен да владее со разум, со добрина, со чест.Дајте да го овозможиме она што Александар го започнал и во што успеал, со труд кој не бара награда, за владеење кое на сите народи во царството ќе им донесе среќа. Неарх говореше во своја полза. Ако се прифатеше неговото залагање, кое во македонските глави почна да се завртува во тврд плод, би значело да се поддржи еден Грк кој поттикнува Персијка да се залага да се избере крал на Македонија едно десетгодишно персиско копиле. И во сите македонски глави светна дека семката во тој плод е амбицијата на Неарх да стане тутор на наследникот. Па кој друг ќе му даде татковска помош на малолетниот господар, ако не оној што со таков жар го поддржуваше. А простата сметка во сите македонски глави, па и во мојата, излегуваше на јасно: Неарх, како тутор, ќе го наметне натамошното градење на новата флота и подготовките за уште еден пустински поход низ Арабија. На Македонските војните и освојувањата им здодеаја како на безопашен коњ подопашните муви. И од сето тоа на македонските лица уште повидливо им се згрутчи намуртеноста. Пак завладеа молк. Пердика почна да говори од место, седејќи, дали дека беше најстар или поради привилегијата што Александар му го предаде нему царскиот прстен со печатот, не знам. Не почна одоколу, се чувствуваше надмоќен и веднаш рече: – Еве го прстенов – и ја крена десната рака со средникот подаден за да се види царската порака од претсмртната постела. – Не сум го употребил ниту еднаш зашто сакам тој да биде првпат втиснат, по смртта на Александар, на нашата повелба за наследникот. Нема да дозволам, јас, Пердика, најстар меѓу вас, овој прстен да биде употребен пред да изминат уште шеесет дена. По шеесет дена Александар ќе биде подготвен за привремен погреб – тука стариот генерал подзапре, како двоколка која со едното тркало минува преку голем камен. Не запре, но се подзасопна, сигурно се беше прекорил што го спомна тој погреб за кој местото уште не беше определено. Но зборовите му забрзаа и станаа погласни. – А за шеесет дена Роксана ќе го роди синот на Александар. Зошто да му дадеме предимство на кој и да е пред признатиот пород од жената која самиот тој ја избра за своја царица, уште во времето на походот на исток. Зошто да пребрзуваме било во полза на Архидеј, било во полза на Херакле, кога Роксана може да го роди Александар, четвртиот крал со тоа име од истата лоза. Ако на неродените и на мртвите, на идниот син и на мртвиот цар, им го одземеме правото да бидат еднакви со нас, немаме никакво право своите решенија да ги сметаме за праведни. Еумен несети дека во салата, особено меѓу оние што седеа крај него, почнува да врие, стана, потпрен на масата, загледан пред себе како да ги бара зборовите што треба да ги рече така што мрморот се стиши. Ја крена главата и со тивок глас кој ги затвора устите и ги изострува ушите проговори, обрнувајќи им се на оние што беа околу масата. – Другари, пријатели, придружници на големиот цар Александар Македонски. Слушнавме сè што се рече на ова место во овие мигови значајни за царството. Јас ценам дека ниту една уста не говореше со злоба, со пакост или зла намера. А ако имаше зборови што некого раниле го уверувам дека јас прв, кој ве свикав тука, ќе ги пресечев и ќе ги отфрлев. Сите сакаат добро да му донесат на царството, кој колку може и кој колку умее. Но во ова царство уште царува Александар. Тој сега лежи на својот катафалк, двесте чекори од нас и јас сакам сите од оваа маса да станеме, да му отидеме на поклонение и да му кажеме сè што е тука речено. Тој ќе умее да ни даде знак која е неговата волја. Еумен ја пречекори клупата и сите станаа од своите места и тргнаа надвор. Таму, под сето оружје, како да оддава почест на кралската посета на дворот, од палатата до влезот во театарот, беше гардата на Птоломеј. Стотина силни, исправени воини, избрани од сите фаланги, стоеја како ред статуи. Кога навлеговме меѓу нив, диадохите, јас, а на знак на Птоломеј се придружи и лекарот Филип, гардата го запре пристапот за сите други. Зад напречените копја останаа и свештениците, и Статира која нè следеше со погледот и кога ѝ се сретнаа очите со погледот на Птоломеј таа даде знак со главата, со телото, со очите, се заврте и се проби назад низ толпата која извираше низ излезот од палатата. Јас одев последен, како сенка на сенката и немав впечаток дека некој забележал оти сум тука. Одевме брзо, со Пердика и Птолемеј на чело. Скалите на театарот беа осветлени со факленосци. Влезот беше обрабен со црвена ткаенина. Во првиот самрак, под светлината на високите факли, оддалеку таа личеше на спотнат оган кој гори околу влезот. Ова беше подготвено, договорено меѓу Еумен, Пердика и Птолемеј. Сигурно. Но, целта не ми беше јасна. Не знаев ниту на што ќе наидеме во салата. Иако премален, истоштен од болеста, се сепнав. Онаа студенина, што секогаш, при уплав, ми ја пресечува утробата, сега в миг ме раскина, како студен меч од помислата дека јас сум задолжен за подготовката на Александар за погребот. А тој сега лежи во египетската вода. Рамез и неговите помошници изведуваат некоја налудничава церемонија за која јас немам никакво објавување. Речиси потрчав, се протуркав вон редот на стражарите, оддалечени по шест стапки еден од друг, и низ нивните сенки стасав до влезот, пред Пердика и Птолемеј да стапат на скалите. Во ходникот светеа, во секоја алка, на ѕидовите дебели факли, бесчадни, со занишан оган од провевот. Салата беше осветлена со по два факли на секој столб. Прво не видов ништо зашто плочата беше празна, а саркофагот прекриен со црна прекривка со златна везба. И дури тогаш, горе, над саркофагот го видов Александар. Стоев стаписан, а од прекасните извици, издишните воздишки и брзиот престанок на сите чекори, сфатив дека сите застанаа не помалку возмутени. Александар беше жив, во наметка што ја носеше на пировите. Рацете и нозете му беа бели и јадри, лицето смирено, полунасмевнато, а косата блескава под светлината на факлите. Селеук со својот лавји глас во обид да прошепоти рикна само еден збор: „Богови!“ Тој збор честопати му беше на устата на Александар. Се поместив настрана, кон нозете на Александар во лесни сандали со ремења околу писките на кои проблеснуваше злато и пурпурни камења. Се завртив кон полукругот, кон вџашените лица, кон отворените очи, кон јаболкцата на врвовите кои се креваа и се спуштаа како маталки во бутин. Филип, лекарот, заоде напред, стапка по стапка, како маѓепсан, дојде до плочата и клекна на неа. – Богови! – прошепоте – вие што ја создадовте оваа клима на Вавилон во која секое тело кога ќе му застане крвта се расипува за половина ден, вие го сочувавте царот како да е заспан, цел, цврст и насмевнат. Никогаш не бил поубав, никогаш пожив. Само се прашував: дали и Филип е во заговорот. Во салата зборовите на Филип се сторија непотребни зашто сите го гледаа тоа. Пердика зачекори да се доближи до лекарот, но Птолемеј клекна на едното колено и ја наведна главата. Со двоумење, но со очигледно чувство дека е неминовно да се стори истото, сите други, обѕирајќи се еден во друг, преместувајќи ги нозете, клекнаа како и Птолемеј на десното колено. Пердика се врати чекор назад па клекна и тој, го заврти погледот лево и десно и како сите ја наведна главата. Јас останав да стојам, настрана од другите. Александар некогаш барал да се клекне при неговото проаѓање, или кога му се приоѓало, но теј ред, преземен од дворските обичаи на Дариј, бргу го напуштил. Сега сите го сторија она што никогаш не го сториле, зашто сите негови блиски војсководци и советници беа ослободени од таа обврска. Всушност, не ја прифатија, а прв Клеит, Црниот, не ја почитиваше. Никогаш ниту јас не сум ја почитувал. Затоа и сега стоев, зашто ако клекнев ќе се чувствував како измамник кој прави нешто за да ги залаже другите. Но, сите клечеа од некој морничав страв, Може чуле за гласовите дека Александар не е мртов, па еве сега го наоѓаат во вечерниот сон пред, на полноќ, да замине на некој пир. Птолемеј проговори а гласот му се одбиваше од мермерните плочи та се чинеше дека устата му е таму, меѓу мермерот на влезниот дел и мозаикот околу плочата за пехари и храна. – Јас, твојот другар и брат – овој збор, брат, тој го нагласи за да разбереме дека се повикува на својата мајка Арсиное, но и на заедничкиот татко, кралот Филип – дојдов со другите твои блиски, војсководци, советници и пријатели да те известам за тоа што говоревме та да ја дознаеме твојата волја. Твојата жена, ќерката на Дариј, царицата Статира, прва проговори и низ нејзината уста ја слушнавме твојата мудрост. Сите што сме тука бевме и таму збрани. Таа ни рече: „Вие сте наследниците, тоа и вие го знаете, а тоа го сака и Александар.“ Јас имав, брате, само тоа да ти го кажам, а ако некој има нешто друго нека го каже самиот. И во тој миг, дојде удар на силен провев, брз како да се кренал ненадеен морски ветер. Сите ги кренаа главите и со ужас гледаа во Александар. Факлите се залелеаја, се рашетаа нови сенки и лицето на Александар се подвижи, наметката му се поткрена како да се издишал длабоко, со олеснување, а косата му се развиори во црвени пламења. Оживеа. Птолемеј стана, и рече само: – Ти благодарам што ќе ја израдуваме твојата царица Статира дека ја одгатнала твојата волја – и се упати кон излезот не гледајќи во никого. Излегоа сите брзо, бегајќи од царското проклетство. Никој, никој не изусти повеќе ниту збор. Сите си ги криеја мислите од севидечкото значење на неуништливиот живот на Александар, кој веќе ја достасал моќта на боговите. Јас останав. На темните скалила се раздвижија луѓе во црни наметки со ќулавки какви што носат скитачите низ Египет. Прво го слушнав чекорот на Итан, потоа доскока Рамез и се дотркалаа помошниците. Се растрчаа низ салата како да е пожар. Ги расфрлаа наметките и како добро извежбана посада на некоја голема воена машина за фрлање камења, почнаа да работат брзо и точно. Шестмина помошници го фатија капакот на саркофагот и сосе Александар го наместија врз мермерната маса. Веднаш, со трчаница, се упатија зад столбовите и донесуваа ќупови. Ги истураа во саркофагот, та по плисокот, веднаш разбрав дека е испразнет, но мравјата врвулица на помошниците брзо го полнеше од сè нови и нови ќупови. Рамез прискокна кон телото, ја разгрна наметката и со брзи офкања, со многубројни „ај, ај“ полека го отвори капакот под градите и почна внимателно но брзо да вади однатре нешто бело и лесно. Памук. Го кубеше кај што се беше залепил, го чистеше брзо со малите раце како да го пошти однатре царот. Потоа му ја отвори устата, тешко, како да отвара голема школка, та и оттаму го извлече памукот. Го извади и од очите, но таму беа впикани клоба конец. Почна да ги одмотува како да пара плетено и да го намотува преку прстите на левата рака. Очните капаци потреперуваа од таа дразба, ситно и брзо, како мушичка или песок да влегле во непостоечката црнка. Итан го извади златниот оклоп од една украсена торба и бргу му го навлекоа, сега повешто и полесно. Го потфатија телото и пак полека го спуштија во саркофагот. Не сакав да гледам како тоне. Рамез тогаш закреска, та ги извадија сите факли и некаде горе, во ложата се чу нивниот писок кога ги гаснеа во вода. Останаа само ламбите во аглите и сè пак дојде на своето место. Слегоа озгора и двајца црни, мускулести момчиња со грамадни ладала. Неодлучно застанаа, а Рамез заѕвони со кесето скриено под наметката. Извади бакарни парички, им одброја по три и им ги тутна в раце и почна да ги брка со движења со кои се тераат кокошки. Негрите почнаа да мрморат незадоволни. Наместо да отстапат се приближуваа кон Рамез. Итан застана меѓу него и нив, завртен кон Рамез, му бркна во кесето, одброја уште шест парички, ѕвечењето беше отпеано со шест пискливи „ај“, им ги подаде паричките на момчињата кои назадечкум, поклонувајќи се, истрчаа кон излезот. Итан му рече на Рамез, на македонски: – Птолемеј за ова ти платил шест златници со ликот на големиот Дариј а ти им скусуваш на овие чираци на Еол и шест бакреничиња. Рамез го гледаше со неразбирање и незадоволство. – Ха, си отидоа. Сите – дополни Итан за да знам точно на кого мисли. – Избегаа – реков зашто тој збор му беше во веселоста, во искривената муцка, во кренатата веѓа. – Ќе искршеа вратови диадохите. Ете, некому му испаднало и ќесето од потпојас – се наведна и позеде од мозаикот навистина украсено ќесе, го проѕвецка во раката. – Тенко – рече и истури на дланката десетина Дариеви бакреници. – Рамез – го извика – ете, боговите ти го вратија трошокот. Не даваат да загубиш дури им го готвиш Александар за испраќање кај нив. Рамез ги прими бакреничињата и му се радуваше на ќесето со златен и сребрен ткаеж. Итан се загледа. – На Пердика е – рече. – Ако те дознае ќе ти го удри прстенот среде чело та ќе бидеш како царска повелба наопаку завртена. Рамез го разбра името Пердика и го отфрли ќесето небаре е склопчена змија. – Еве – рече Итан – сега по оваа комедија, Александар ќе одлежи уште шеесет дена во оваа бања, па дури тогаш ќе се вратиме ваму. Рамез тука ќе преспива со двајца помошници – и покажа неодредено низ просторијата. – Стражата си отиде, но ова место, златниот оклоп, Дариевиот меч и телото на Александар го чува најсигурната одбрана. Стравот. Се исклешти и тогаш ми ги кажа приказните за живиот Александар што се ширеа како чума низ градот. – Да знаеш дека сето тоа и може да е точно. Сега се разнесува дека секому што ќе се доближи до театарот Александар му ја отсекува главата – и мавна со дланката како со меч. – Да, тоа е сигурно точно. – Како мислиш, точно – го загледав одоздола, оти ми беше близу, над мене. – Ти си ги видел, мислам, главите? Итан ја исправи муцката, ми ја спушти раката на рамо, се наведна и ми прошепоти. – Не само што сум ги видел, туку јас сум ги пресекол – се исправи и ме гледаше озгора, со поткрената веѓа, со онаа сурова насмевка од која ме полазуваа морници. – Да, се тркалаа по скалите, а телата лежеа, скусени за глава, до попладнево. Излези и ќе видиш дека околу театарот, дури до палатата и до она градилиште нема жив човек. Нема ни кучиња, зашто и кучињата го намирисуваат стравот на луѓето. Ама што беа тоа некои питачи и џвакачи на катран. Подобро е за нив што веќе ги нема – ми го смируваше ужасот на лицето. – Ќе видиш, и ти, кога ќе убиеш вторпат дека тоа е лесно, ако е потребно, се разбира. А ќе убиваш, оружару, ќе убиваш. Лицето му се искриви во некоја насмевка, озабена и замрзната како на чакал кој ќе ги чека моите жртви. Бев премален и замелушен. Беспомошно седев на плочата. Така седев на грбот на татко ми, ноќта, откога го погребавме и кога сите се разотидоа. Кога човек мисли на умрените, на убивањето, на смртта, животот му стои бесмислен и непотребен. Сега мислев пак на Александар, на тој живот што беше над сите, на неговиот стремеж да биде бог. И сето тоа што го сторил, што говорел и мислел, сите намери што уште ги имал, сето тоа што беше славено ширум Икуменот, ми се виде празно и попусто. А на врвот на сета таа огромна залудност, на таа неизмерна промашеност бев јас, мојот кутар живот кој помина во сенка, мојата пуста живеачка која сосема се обезвредени со оваа смрт. И уште ако се исполни претскажувањето од овој безгласен кикот на чакалот кој ме гледа, мојот живот ќе стане сосема поинаков. Како некој друг да го живеел место мене. Во овие шеесетина дена што изминаа, во Вавилон се случија многу работи а се разнесува уште повеќе гласови за разни неверојатни настани. Највпечатлив глас се расчу за тоа дека Александар воопшто не умрел, туку дека со брод од неговата флота заминал низ Еуфрат кон морето и кон големата пустина. Заминал сам зашто немал доверба ниту во своите генерали ниту во војската. Тоа го раскажуваа и го китеа со уверливи поединости – како не го одврзал бродот од врзиштето туку со меч го пресекол тешкото јаже и на робовите-веслачи им дал по еден цел талант злато. Потоа се расчу вест дека Александар е однесен во Македонија, со стаклен саркофаг и дека однатре им се заканувал на сите што го опкружуваа. Најчудна беше приказната што ја кажуваа многумина патници, трговци и курири што доаѓаа од Индија. Тие тврдеа дека Александар пак е таму, дека собрал голема војска и ги освоил земјите зад Парапанисадот. Со многумина од луѓето што ги ширеа тие кажувања и јас самиот разговарав и повеќето од нив се колнеа дека со свои очи го виделе сето тоа. Шеесетте дена кои поминаа беа најжешкото лето во Вавилонија, но, сигурно и во Асирија зашто Еуфрат се повлече кон средината на својот тек, а од Опис доаѓаа вести дека Тигар може да се прегази. Кога еден ден излегов на реката широкиот појас сува, распукана тиња беше вжештен та и преку сандалите ми ги гонеше табаните на брзо одење. И тогаш прв пат реката ја видов чиста, проѕирна, како мртовец кој се смалил а низ кожата му пробила бистрината на смртта. Тогаш, пред таа смалена река, помислив на Александар. Се искапив и принесов жртва, темјан и мирисни масла на царскиот жртвеник покрај реката. Тој сега беше оддалечен од неа, осамен како пустинско дрво, како реката да избегала од него. Видов дека откога Александар последен пат се искапи и принесе жртва на овој жртвеник, никој тука не наминувал. А јас веќе два месеца не живеев во палатата. Се вселив во куќата на една многудетна вдовица, која ми беше и слугинка и перачка и готвачка. Во просторниот двор чиишто куќи излегуваа на четири улици имаше стотици деца, кози и свињи. Но бунарите пресушија, та сите, по цел ден, носеа вода од реката во ќупови, со двоколки во кои се впрегнуваа луѓе, со широк ремен преку челото. Децата на стопанката, седум-осум, никогаш не знаев точно колку се, бегаа од мене и низ куќата не им се слушаше ниту глас. Сите живееја од оние малку пари што им ги давав и од она што ќе останеше од мојата трпеза. Првпат имав трпеза и стопанката се трудеше да биде колку се може побогата зашто за храната ѝ плаќав одделно. Пред ова, мојата трпеза беше скромна и скудна та и тогаш ми престануваше. Во оние бесони детски ноќи, кога низ шепот го повторував своето име, го носев пред очи Архидеј Филипов, како лакомо џвака, како незаситно голта и згоените образи и водлестата гушка му се тресат и се дрочат од јадењето, од плунчестото и шлапкаво џвакање. Тогаш почнав да одбивам храна. И мајка ми, кога дојдоа пратениците на Филип да ме одведат на учење кај Леонида, кај Александар, само им рече, со молба во очите: „Хранете го добро. И со сила ако треба“. Страдаше многу поради таа моја налудничава одбивност кон храната. Тогаш и престанав да растам, уште пред да ми се мени гласот или да ми никне првата мов. И никој веќе на можеше да ме научи да јадам. И сега, понекогаш проџвакував по некој залак, некоја смоква или урма, како да џвакам незрели дренки од нашата планина. Сè ми запираше в грло, та затоа и гласот ми остана пискав, како засипнат. Ниту еднаш, во шеесетве дена не бев во театарот, ниту еднаш не го видов Итан, ниту Протол ни Просул, ниту некој од наследниците. Навечер, понекогаш, отшетував до шталата во соседниот двор, кај што ми беа коњите, го јавнував Тврдоглавиот, го поведував за огламник и мојот Устор и одев до палмовата градина. Каналите беа суви и од тињата се поддаваа кошари бели ребра од пцовисан добиток. Смрдеше на застојани риби, нечистотија и на гниеж од која, низ тињата, избиваа клобурци како во каша на огниште. Гореше небото, гореше градот. И јас бев во пламен, во некое бунило кое надоаѓа од разни страни и се пласти како врз ноќта да паѓа уште една ноќ. Не знаев што да мислам, што чинам, што ќе биде а ниту има сметка за сопствениот живот и за иднината што ме чека. Егрипи ме пронајде. Доаѓаше, често, измамена и сега од лага и лага, им носеше на децата на мојата станодавка кошници овошје, печени меса, еребици во кисело макало, слатки, тврдо сирење, сè што преостанувало на некои богатски трпези во куќи кај што ја примаа како принцеза од второ колено, а не како моја жена. И сите тие подароци им ги даваше на замачканите деца со мајчинска насмевка, со благо галење на нивните замрсени, црни косички. Им донесуваше и износена облека од богаташките куќи, нови сандали од големото пазариште и самата ги облекуваше децата со светнато лице како кај девојчињата што ги облекуваат своите глинени кукли во облеки што самите им ги направиле. А децата ја пречекуваа како добра и дарежлива богиња, срамежливо, со наведнати глави но со љубопитни очи. Потоа влегуваше и кај мене, во мојата одаја, а долната вилица ѝ испакнуваше од гнев и омраза, очите ѝ се палеа. Понекогаш молчеше и само ме гледаше како да сака да ме раздере до живо месо, понекогаш говореше низ стиснатата уста, без да ги разделува забите и ѝ разбирав по некој гнасен грчки збор. Знаев дека ме обвинува за сите зла на овој свет, особено за оние нејзе што сум ѝ ги нанел. Никогаш не ѝ прозборував ништо. А и немаше ни што ниту зошто. Но ниту нејзе ѝ требаше мој разговор – таа имаше потреба да мрази и кога ќе ја навасаше таа страшна, опачна болест, доаѓаше кај мене да се оттиши, отровна како скорпија која го убива мажјакот. А почнав и да сонувам. Соништата ме мачеа иако не ги запаметував цели, туку на јавето од сонуваното донесував само некои парчиња, но ми се чини најстрашните. А најтешко беше тоа што некои сништа ми се повторуваа. Кога тие ми доаѓаа, барем знаев, и спиејќи, дека тоа не е вистина, туку дека сонувам но тоа не ми го смалуваше ужасот. Сонувам дека лежам гол а од нешто што ме притиска и ме врзува не можам да се помрднам, врз тврдата, распукана земја. Светло е, блескаво, се гледа надалеку до некои далечни, далечни планини чиишто снежни врвови се мешаат со облаците. Но луѓето што минуваат одат со светилки, несигурно, како низ мрак, со претпазлив чекор, како пред нив да има зјапнати пропасти или високи, остри пречки до кои трепетното светло на нивните ламби не може да допре. А право кон мене, со татнеж, јури тешка, опкована двоколка со возар и копјаник. Бесните коњи трчаат право на мене, возарот и копјаникот кои, некако ми се познати, не можат, во нивната темница, да ме забележат, моќните копита и тешките тркала ми го ближат крајот. Јас ја извивам главата и сакам да ги извикам нивните имиња, зашто ги знам, но, со ужас сознавам дека не можам да испуштам ниту глас. И пред да шлапне првиот партал пена од коњската муцка врз мене, се будам, напнат, со оптегнат врат, со згрчени раце и нем крик. И најстрашно е што од сонот не можам да ги донесам имињата ниту ликовите на двајцата од двоколката а знам дека ги познавам, но затоа што во сонот сум останал немушт, без да ги довикам, никогаш нема да дознаам кои беа. И дали ме видоа или не. Неколку пати сонував и како трчам низ палмова градина а нешто ги пресекува палмите и тие, високи и јадри, со свиреж паѓаат пред мене и зад мене. Знам дека некоја ќе ме столчи зашто градината е непрегледна а мене ми папсува силата, ми се врзуваат нозете. Трчам сè потешко, а дебелите, мовлести стебла, ме промашуваат за сè помалку и пред она на кое му го слушам јасниот свиреж на паѓањето да ме погоди, скокнувам, со рацете врз глава, наежавен, мокар од пот и долго време не знам каде сум. Сништа. Не се плашам од нивното значење, од она што ми го прорекуваат или ми го навестуваат како предупредување, а тоа е сигурно нешто страшно и гибелно. Се плашам од стравот кој во сонот ме опфаќа како мразна гробница зашто тој е потежок и од смртта. Така умирам од ноќ во ноќ и пак оживувам престрашен од идната смрт. Сништа. Но, деновиве ми се лесни и ги минувам како да сум постојано на гости. Немам никакви обврски, можам да правам што сакам и кога сакам. Но, се разбира, не правам ништо зашто покрај Александар, сиве овие години ништо и не сум правел. Но олеснето ми е што го нема, зашто откога ќе отворев очи, дури да ме земеше сонот го гледав само него, мислев само на него и за него, тој ми го исполнуваше сето живеење. А сега го нема. Дојде до мојата врата Тамес. Не знам како ме пронајде. Ми донесе парче папирус, убаво испишано, со рака на вешт писар но без знак на испраќачот или на писарницата. Ме известуваа дека вечерва треба да дојдам во театарот зашто ќе заврши мумифицирањето на Александар Македонски. Така беше напишано – Александар Македонски, без да биде наречен ниту Големиот Цар, ниту цар. Само така беше напишано името кое значеше сè, и не можеше да има никаква двосмисленост за кого се работи. На целиот Икумен имаше само едно такво име. Во овие шеесетина дена не запишував ништо. Почнав повторно завчера кога, утрото, почувствував како да сум се ослободил од Александар, како да ми олеснило што е мртов. Се стресов, од срам, од некоја нелагода и од гризбата на совеста поради тоа чувство. Но навистина го имав, како да сум отфрлил од челото ремен од количка за влечење, како да сум ѝ ги испуштил рачките и сум се ослободил од она што ми тежело. И таа количка, тој невидлив товар како да ми го запирал животот, да ме сопирал да постигнам нешто кон што сум се стремел, а таа невидлива тежина постојано ми била врз главата. Почнав да пребарувам низ моите дамнешни желби, уште од детството, кон што тоа сум се стремел а ми било попречено. Та иако знаев дека има нешто што сакав да го постигнам, нешто големо и значајно што ќе ме воздигнеше и во сопствените очи а ќе ми донесеше и почит на другите, не можев да се сетам што е тоа, не можев да го пронајдам. Тие мисли за детството, за младоста, и ме радуваа и ме растажуваа. Имаше во нив и радосни, блескотни спомени, но имаше и сурови и тешки доживувања кои и денес ги набркувам од сеќавањето. Спомени. Вчера дојде една вест. Ја донесоа поранешни војници, сегашни трговци. Тоа сè почесто се случуваше, војниците да се зафатат со занаетите што ги знаеле порано. Овие беа трговци од Крит, со бродови до Тир, потоа со декадниот карван, преку Дамаск донесоа во Вавилон маслинки, масло, ленено платно, суви риби, смокви и суво грозје. Ја донесоа веста за смртта на Харпал. Кутриот Харпал! Не знаев точно што и како му се случувало по големиот грабеж од трезорот на Александар. Бегал, низ грчките земји, се криел и на крајот стасал на Крит. Зел друго име, пуштил брада, не зборувал ниту грчки, ниту македонски, туку како златар од Персепол, само персиски. Сигурно дека веста за смртта на Александар го израдувала и в миг му се сторило дека е спасен. Но пак го нашле. Трагачите убијци го барале, му ја следеле трагата цела зима, цела пролет и летово го откриле. Александар умрел, како стрелец што веќе ја испуштил стрелата кон својата жртва, но, паднал и тој погоден, пред стрелата да ја погоди целта. Но сепак ја погодила. Не знам, трговците тоа не го кажуваа, со каква смрт го казниле. А колку страшни смрти има измислено одмаздата! Кутриот Харпал. Во Миеза спиевме во една соба, во гимназиумот, заедно со Неарх. Во почетокот му беше страв дека спиејќи ќе падне од високото легло на кое не беше научен. Кога ти, учителу, во Миеза нè повикуваше на прва средба, еден по еден во твојата просторна соба во стариот храм, тогаш обновен за твое живеалиште, на прашањето „Кој си ти?“ Харпал ти одговорил: „Селанец“. Тоа самиот го кажа и честопати, при вино, го тераа да ја прекажува таа сцена и секогаш, одново, предизвикуваше смеа. А кога мене ме праша „Кој си ти?“ јас ти одговорив: „Сирак“. За мене тоа некако се подразбираше зашто таму и бев земен, како и селанецот Харпал, како и бродарот Неарх за да може Александар да го споделува животот со разни момчиња, да дознае разни судбини. Но тој не се интересираше за нашите животи, за нашите семејства, за нашите мисли, стравови и надежи. Нè приморуваше, не знам како, ние да се интересираме за она што тој го сака. Сакам да знаеш, учителу, дека тогаш, кога ми се насмеа и ми рече „Па и јас сум сирак, но не сме исто“ ме жегна страшна навреда и понижување и долго се лекував од омразата кон тебе. Но ниту ти, ниту јас тоа некому сме му го рекле. Вечерта ја дочекав в куќи, нерасположен да излезам во жешкиот ветер кој однадвор доаѓаше како од клада. Не знам дали знаеш, но во Вавилон има чудни казнени клади. Се случувало оној што бил осуден, да успее некако, како што сакал Харпал, да ја избегне казната та живеел некаде скриен и заборавен до спокојната смрт. Но, ако му го најдеа гробот, макар по многу години, му ги откопуваа коските, му ги редеа на бело платно како што треба да стојат, ги завиткуваа и му ги гореа на клада. Да можел Харпал барем таква казна да доживее. Ете, таков ветер се движеше, бавно, но постојано деновиве низ Вавилон, ветер со тежок мирис на изгорени коски. Итан дојде првпат во ова мое живеалиште кога веќе бев подготвен за тргнување. Го прашав како ме пронашол. Тој само одмавна со раката, со здодевност која кај него веднаш се искажуваше на лицето кога требаше да одговори на нешто што е сосема бесмислено. Излезе а јас по него, препашувајќи го мечот. Ме чекаше веќе јавнат на својот голем, црн коњ со разумни очи. Најголемото, дванаесетгодишно дете на газдарицата ми го доведе Тврдоглавиот од шталите во соседниот двор. И во нашиот двор имаше големи штали но беа преполни со бегалци што пред војската на Александар се натрупаа во Вавилон при нашето прво доаѓање, пред две години. Живееја во шталите, небројни асирски и сириски семејства. Беа крадци, но нашиот двор го чуваа како да им е нешто најсвето. Коњите си за’ржаа, си помавтаа со главите, а Тврдоглавиот лесно ме гризна за рамото и ме поттурна со муцката. – Да може да го види ова Александар немаше да го дочекате зајдисонцето и двајцата – се потсмевна Итан. – А да го најдеше Александар со нас и Аминта, наречен Итан, може и ќе ни простеше. Итан се насмеа, онака на криво, но очите му останаа студени и насмевката не дојде, со ситни, остри брчки до нив. А залезот веќе надоаѓаше. Среднебо се допираа, измешани, бледо-розовата и сино-белата боја, а од исток кон тоа светло место надоаѓаше модрата небеска темница. На запад розовото преминуваше во темноцрвена запалена боја. Низ сплетканите улички, кои не ми беа познати, излегове токму зад театарот, сјававме а некој од мракот ни ги позеде коњите. Преку ронливите, тесни скалила, влеговме во куќичката за артистите која беше само дел од задниот ѕид на сцената. Имаше сега неколку легла на земјената почва. Во салата за одмор Рамез беше сам со Александар. Рамез нешто промрморе, Итан му потврди со главата и ми појасни дека од пладнето царот бил во шаторот и сега е сосема исушен од египетската вода. Сега беше врз плочата, прекриен дополу, но јас не гледав во него, гледав што прави Рамез. Со засукани ракави, од еден широк ќуп вадеше бледникава, жолтозелена смеса од смола и восок. Правеше од неа топчиња колку што беше неговиот грст. Рацете ги топеше во некој бел прав и смолата и восокот брзо му се бришеа а топчињата добиваа мов, како зелените јаболка во Еге. – Какво е ова брашно? – Не е брашно – рече Итан. – Тоа е бела земја. Во Египет ја наоѓале некаде откај што доаѓа Нил, а оваа е од Македонија, кај што тече нашата Темна Река. Има таму многу ваква земја. Ја ставаа на рани, преку меко платно, та таа ќе ја испиеше лошата крв и ќе ја запреше добрата веднаш штом ќе почнеше да протекува. Имаше неколку товари во македонската фаланга. Ја толчеа тука, ја сееја и ја пресејуваа. Рамез со земјата ги триеше засмолените раце. Ќе ги намакаше во белиот куп и зафаќаше од смолата, која уште беше смлачена. Брзо-брзо направи неколку топчиња. – Ете – промрморе Итан – Македонците, сите, сакаат да бидат закопани во македонска земја, а во Александар македонската земја ја закопуваат. Гледав што прави Рамез, без да погледнам во Александар. А тој беше тука, на плочата, стопен во нејзината белина, во крајот на моето око. Рамез нешто провика, помошниците нешто брзо загракаа и двајца му пријдоа, а тој со главата им мавна кон Александар. Тогаш го погледнав. Беше тоа мал костур преслечен со чиста бела кожа. Лицето не можев да му го препознам. Беше ослабено и издолжено, со истакнат нос, со кожа оптегната преку јаболчниците, со пропаднати очи и образи. Еден од помошниците, еден од двајцата дебелкави, но не и Тамес, помина со раката по таа кожа и се чу шум како да мазни стар, сув пергамент. Рамез, зафатен со својата работа, задоволно го одобри тоа со мавтање на главата а помошникот зеде канче со мирисни масла, чиј мирис влегуваше во ноздринките како благ чад и почна да го мачка телото со полни грсти. Како да залева жедно растение. Кожата почна да пие, да бабри и да се полни, и двајцата помошници го полнеа однадвор, со густото масло, поскапо од злато, тоа испразнето тело. Египетската сол го беше истенчила месото но ги зајакна коските и кожата. Сега, полека, месото збувнуваше од тоа скапоцено масло, бабреше и се дрочеше. Ноќта ја престојав потпрен до еден од столбовите, а одвреме-навреме одвај ја сопирав желбата и јас да втиснам во тоа тело малу живот, малу нова, миризлива крв. Работеа полека, како целата вечност што му претстои на овој мртовец да им е ним дадена од боговите. Туркаа однатре, откај рамењата и откај колковите, плескаа со рацете за да го втиснат тој нов, вечен живот во мртвите нозе и раце, во повенатите гради на кои се брануваа ребрата под тенката кожа. И полека, цела ноќ, Александар крепнеше, како што крепнеа, некогаш, неговите воини по пустинскиот поход. Беа тогаш, по Мекран, испиени, исушени, олеснети и испразнети. Но, по неколку дена одмор пак збувнуваа и се исполнуваа од храна и вода. Александар се соземаше побрзо зашто непрестајно го хранеа двајца. Му дотураа сила од сите страни и, кон полноќ, кога Рамез имаше подготвено цел куп топчиња, Александар беше подготвен да ја прими смолата со восокот. Му пристапи Рамез. Надвор веќе беше принел жртва и, сега, застанат кај главата на Александар изговараше тивки, мрморливи молитви. Тамес и неговиот близнак го опкадија телото со мирисен кадеж, и ги оставија кадилниците да го испуштаат својот тенок чад во неподвижниот воздух. Почнаа од очите. Тамес вешто го отвори левото око, го повлече горниот капак кон челото а долниот кон образот и се отвори темната устинка на празното око до белата чашка на коската. Рамез го измеси топчето од смола, малу го издолжи и почна да го вметнува, местејќи го со палецот во празнината. Како Лисип, кога од грнчарска земја прави човечки глави. Така и Рамез го изваја окото, полека, дури го доби живиот вид. И внимателно, како да затвора крилја на нежна пеперуга која не сака да ја убие, полека му ги затвори капаците. Исполнетото око, наспроти празното, стоеше како во сон. Кога беа готови очите ја отворија устата. Блеснаа забите и, како да го хранат на сила, со крупни плодови кои не може веднаш да ги проголта, му ги туткаа в уста топчињата смола, дури во душникот. Рамез налучуваше оздола, откај градната дупка кога смолата ќе излезе долу, низ празниот грклан. Ги запре кога го сети под прстите тоа наидувачко пробивање. Потоа му ја затвори устата и почна со обете брзи и цврсти дланки да ги ваја образите. Устата постојано се отвораше како да сака да го поврати тоа одвратно тесто што му го туткаа. Рамез подизвади малку од смолата и кога ја натисна долната вилица таа послушно легна со забите под горните заби. Главата беше жива – како заспана. Потоа Рамез ги натискаше градите однатре, сè до рамењата, со тие пелтести топчиња и, како да му остануваа малку од нив, со страв се обѕирнуваше кон купчето што уште останало на белото платно. И кога последните две мали топчиња ги вметна кај што беше скопил, не остана повеќе смола и Рамез со неверица вртеше со главата мрморејќи нешто. – Се чуди мајсторот како толку малецок крал му голтнал толку многу смола – ми рече Итан фаќајќи ме за рамо. – Ајде – рече – да одиме. Го истргнав рамото од неговиот стисок. – Ќе останам уште. До крај – реков за да сфати што сакав да сторам. – Ќе треба да останеш точно до пладне зашто едно деноноќие е потребно да се подготви телото по солената бања. – За што да се подготви? За што? – Па за вечната смрт – рече Итан и тргна кон главниот излез, низ ходникот. – Уште две глави се стркалаа тука. Александар не се шегувал. Сега жива душа нема во близина ниту дење, ниту ноќе. Јас ќе поминам наоколу а некој напладне ќе ти го донесе Тврдоглавиот. Ако газдата е научен да не јаде и да не пие, коњот, дур да го научиш така ќе пцовиса – се исклешти и пред да излезе подзастана. – Да го погледнам последен пат – и со очи во кои имаше и зелен одблесок на исполнета одмазда, но и некое незадоволство во брчките што му слегуваа од краевите на усните, постоја и замина. Немаше никакво друго чувство во него. Ниту тага, ни сожалување, ниту омраза. Како сето тоа да завршило со еден едноставен поглед врз тоа тело кое му било цар, кое го довело дотука низ тешки искушенија. Како да не му било цар, како да не му било ништо. Веќе зафакаше зората. Рамез, со малите дланки сега го рамнеше стомакот на Александар. Ги пребаруваше стомачните мускули кои сега беа само мали стврднатинки под кожата. Ги вајаше, преку тенките меѓи меѓу нив и ги испакнуваше во меката смола затворена во телото. Кога и тоа беше готово, кога Александар пак беше цел, почнаа двајца да му го белат лицето, да му ги црвенат со нежно-розово црвенило образите, усните, да му ги мазнат веѓите и да му ги расчешлуваат клепките со густо црнило. Пак беше силен, напнат од здравје, од некоја потреба пак нешто да планира, да замислува и да измислува како да го заврши започнатото и како да започне нешто друго. Поголемо и поблескаво. Тогаш се подаде Егрипи, како да не доаѓа од никаде, како постојано да била тука. Ништо не можеше да ја запре да дојде до Александар. Залудни беа сите крици на Рамез и на помошниците, сите нивни настојувања да ја оттурнат, да ја набркаат од ова свето место. Отскокнуваа од неа, назадечки, со крици и лелеци, со стаписаност, фаќајќи се како каснати од змија за бутовите, за мишките и колковите, гледајќи се вџашено меѓу себе со врескот. Јас знаев што е тоа. Тоа беше нејзиниот нож со цврста сребрена рачка, со остро и светло сечило од прст и пол, кое не можеше да убие, но затоа таа со сета сила – а беше силна – удираше со тој нож во дебелите меса, во подлактиците, во мишките со секавични удари а од чиста злоба, со цврстата китка го завртуваше сечилото во месата пред да го извлече, да ја зголеми и онака големата болка. Сето тоа го правеше толку брзо што очите не можеа да го видат ударот та овие кутреци не знаеја што им се случува. Рамез дотрча до мене по помош, престрашен, покажувајќи ми на Егрипи како на змија која јас треба да ја убијам со мојот кус меч. Не знаеше колку и јас самиот имав желба, одвај стивнувана, некогаш да го сторам тоа. Но само јас самиот знаев колку се плашев зашто бев сигурен дека ќе ми го оттргне мечот за голото сечило и ќе ме прободе со него и со зелениот поглед право в очи. Откога ги избоде и ги заплаши, втренчена во Александар, на персиски рече: – Јас сум жена на овој човек! Тие зборови и јас ги знаев и ги разбрав а Тамес, клекнат, со прободена, крвава дланка, тоа го прогргоре на египетски. Рамез отскокна од мене, престрашен зашто и јас му ја потврдив таа вистина со климање на главата. Но го излажав, зашто Егрипи говореше за Александар а не за мене. Стоеше над него како сега да ќе му скокне со страст и незаситност, ќе го опчекори и ќе го прекрие со своето тело. Видов дека се грчи, дека длабоко дише и дека очите ѝ се премрежуваат. Знаев, како и сите, за машката болест по мртви жени за која се слушало и се прикажувало и во старите приказни и за сегашните случки, но знаев, исто така со сигурност, дека Александар е прв маж кон кого се разбудила таква болест во некоја жена. Ја оставив да отстои колку што сака, но се завртев како што би избегал да гледам секој гнасен и опачен чин. Рамез ги прегледуваше тројцата ранети помошници. Близнакот на Тамес беше двапати боцнат и офкаше пред мене, зад столбовите во аголот. Се опрев со слепото око врз студенилото на мермерниот столб и, срамејќи се самиот од себе, очекував Егрипи во својата изместена страст да почне да касапи, да го реже, да го нагрдува. Очекував да свирне низ воздухот звукот на нејзините замавнувања, го очекував тапиот шлапот што широкиот браник на рачката ќе го истисне од телото, чкртањето на ребрата под сечилото. Стоев премален, со запрен здив и наежавен чекав како да може тие удари да се упатени и кон моите незаштитени ребра, кон моите лопатки. Кога се завртев неа веќе ја немаше. Само му го беше допрела челото со галежен, мек допир зашто имаше крвава трага од нејзините прсти врз белината на кожата, веднаш под косата. Крвта беше туѓа но тоа не ѝ пречеше да го остави својот знак. Во таборот на мајсторите се брануваше општа мешаница. Но брзо се созедоа. Престанаа да офкаат и од својот алат, од тешкиот опкован сандак од црно дрво, извадија кесенца со лековити треви, грненца со балсамови масти, биљурни шишенца во кои клачкаа темни течности, бели, тесни ленени ленти, клоба мек памук. Ги исчистија, ги премачкаа и ги преврзаа раните и пристапија кон Александар како сè да било веднаш заборавено. Доведоа од ложата две девојки, ми се стори дека се истите оние, ткајачките, со лица и тела обвиени во лесно платно, само им блескотеа низ белината на превезите очите, опцртани со црно и модро. Седнаа крснозе, лице в лице, со еден сад меѓу нив и со траби тесни ленени преврски што самите ги исткале. Тамез, со кадилница во преврзаната рака ги опкади мрморејќи нешто и кон нив и кон Александар. Ја гледав работата на девојките и првпат помислив на нив како на живи суштества кои имаа свој живот на робинки, на слугинки, на свештенички или жени. Го развиваа лененото платнено преврзје и го ставаа во садот меѓу нив. Беше дополу исполнет со ленено масло, кое и кога е пресно цедено има застојан тежок мирис. Преку работ на садот, тргајќи ги лентите напред-назад, го отцедуваа повеќето масло, та кога ги прикреваа кон мазните бутови не капнуваше ниту капка. Врз темната, сјајна кожа на натколениците натријуваа во платното восок. Го земаа од кошарето во кое на Рамез му престанале оние изџваканици од дивото саќе. Беа стиснати во грутки, залепени по неколку, но уште, и така згмечени, ги чуваа трагите од забите на џвакачите. И восокот не се делеше од маслото, се впиваше во него од брзото триење или од топлината на нивните мазни бутови, та платното, откога доби проѕирност од маслото, од восокот го добиваше она чадно жолтило на финиот стар пергамент. Надвор беше веќе светло и топло и од ложата доаѓаше навевот на зрелото лето со оние брзи, зелени муви кои бараат мртовци и смет. Но ниту една, од ројот кој ни заѕуни околу ушите, не застана на Александар. Ги одбиваа мирисите на маслата и на кадилниците и ѕунејќи, удираа како расфрлани зелени зрна во столбовите и ѕидовите и в миг, како некој да ги собра, одлетаа надвор. Девојките ја привршуваа работата и Рамез меѓу прстите го испитуваше платното. Гледаше колку му ги мрси дланките, загребуваше со ноктот да види колку восок ќе нагребе. Одобруваше со своите брзи мавтања со главата. А јас стоев и гледав што се случува, но отсутен како да не сум тука, зашто кога се фатив себеси како зјапам по мувите сфатив дека од сево ова ми е доста, дека треба да излезам, да го јавнам коњот и да си отидам од Вавилон. Но сепак и натаму стоев до мермерниот столб и гледав, пак како да не сум тука, туку како некој да ми раскажува што гледам. Александар почнаа да го обвиткуваат во платното. Како пеленаче. Во таа обвивка во која беше втисната бесмртност. Му ги снемува нозете и рацете, па рацете, прекрстени преку гради, му ги снемува со се рамената, па полека му го снемува лицето и на крајот во обвивките му гасне црвенилото на косата. „Колку смртта ќе му биде подолга од животот“ помислив кога, на крај, го видов повиен и во неколку обвивки од чисто , бело, немрсено и навосочено платно. Како голема гасеница да го завршила вртењето со главата со која се повивала и останала затворена во својата обвивка, во своето предено. Во неа веќе почнала да ’рти несопирливата сила што ќе ја престори во прекрасна лелеава пеперуга која ќе го прегризе тој оклоп и ќе одлета во бистриот воздух. Така ќе одлета и Александар од овој врзоп зашто духот нема да можат да му го затворат, да му го врзат. Еве, сега тргнаа да го обиколуваат, еден по еден, да му го опчадуваат телото со кадилници и да го осипуваат со мрморења кон Озирис. Одев по нив двете и ми се чинеше дека сум последен во тоа кружење зашто на чело одеше Рамез. Набргу, како во секое затворено оро, не се знаеше кој е прв кој е последен зашто Рамез ми се наближи и со немилица почувствував како јас да го предводам тој кружен обред, а девојките се на крајот. Кога вечерта му раскажував на Итан сè како било тој со потсмев ми рече: – Ама какви девојки, оружару, колку пати треба да ти повторам дека тоа не се девојки. Пак да не ти текнало нешто. Ти или не слушаш што ти зборувам или забораваш што ќе слушнеш. Жена не смее да влезе во кругот што го преграбуваат седумдесет мажи – пак ми повтори и ме гледаше со здодевност, мрзеливо. – Тоа сè се момчиња, но кога се вршат женските работи, предење, ткаење, восочење на платното, им ги бричат телата, им ги цртаат очите со египетско црнило и модрило, ги облекуваат во бело платно што го носат и свештениците во храмот на Озирис од Мемфис. Ете, тоа не си го знаел. Јас го гледав, не засрамен од измамата во која пак сум паднал и тој го знаеше тоа. Та пред да му речам „А Егрипи?“ одмавна со раката. – Па ти знаеш дека таа не е жена, таа е змија. А законот на мумификаторите кој го одредил Озирис, не говори ништо за змиите. Кога застанавме во кружењето, со дланки склопени пред лицата, со наведнати глави, заклепаа пладневните вавилонски клепала, довикувајќи се како клукајдрвци во ретка шума. Клекнавме и сите тие ја мрмореа пак, ми се чинеше, истата молитва, но сега не го споменаа Озирис. Јас гледав во белиот врзоп и знаев дека Александар веќе не е внатре. Ниту тој, ниту јас не бевме веќе тука. Се случија три работи минативе денови. Роксана роди син. Се обидуваше раѓањето да биде прославено како што се велича доаѓањето на светов на царски син, наследник. Но, веќе немаше кој да прославува. Палатата беше празна. Селеук беше заминал за Екбатана, Птолемеј за Мемфис, Еумен престојуваше во летното живеалиште на старите цареви, на север од Вавилон, Мелеарх замина во македонската фаланга зашто се слушаше дека таму се готви бунт. Македонците сакаа да се вратат дома. Неарх тежеше над новата флота која се градеше и се котвеше во еден просторен базен крај Еуфрат во кој влегуваше неговата вода. Сушата ја беше повлекла водата и бродовите стоеја накривени, пропаднати во тињата а коритата им се распукуваа на припекот. Ноќе, покрај сите стражи, им ги крадеа јажињата, платната од едрата, веслата, оградните греди. Кратер беше заминал за Македонија. Само стариот Пердика, како проколнат талкаше, со наследниот прстен, низ празната палата од која беа избегале и мајсторите кои постојано ја приправаа и послугата и водоносците. Роксана се обидуваше преку Патиј да свика гости на голема свеченост. Патиј Итриот ѝ рекол дека трезорот е кај Еумен, речиси празен, а градот Вавилон нема во својата ризница ниту статер зашто сè уплаќал во царскиот трезор. Статира, по сите траги на напорите што ги чинеше Роксана го напушташе злобниот глас дека не личи да се слави раѓањето на посмрче чиј татко, ако воопшто му е татко, уште не е погребан. И доаѓањето на новороденчето, кому му го дадоа името Александар Четврти, помина глуво, како и да не било. Роксана сакаше да потсети на онаа лабава обврска, која на залагање на Пердика, Собирот кој решаваше за наследник ја беше зел – одлуката да го почека породот на Роксана. Дојде породот – и ништо. Сè што тогаш беше речено беше заборавено. Пред да замине Птолемеј ме повика (тогаш уште бев во палатата), со пофалби за мојата предана работа во подготовките за привремениот погреб, за сè што сум направил, неодредено ми рече дека кога ќе дојде време – не рече од што тоа зависи и кога ќе може тоа време да дојде – тој ќе прати еден цел полк од својата гарда да го придружува телото на Александар кон, како што рече „вториот мавзолеј, во Мемфис којшто по моја наредба веќе се гради, со најдобрите египетски архитекти и мајстори, кои веќе граделе многубројни царски гробници. А потоа телото ќе го преместиме во самата Александрија, во постојаната царска гробница, достојна за Големиот Цар, кој остварил толку значајни дела, кој покорил народи, изградил патишта и флоти, освоил земји што дотогаш не биле познати. – Не може – рече – тукутака, за еден ден да се погребе таков владетел, како обичен смртник. Треба – рече – време за да сфатиме дека е мртов, па потоа да го подготвуваме за престој во смртта. А Александар мора да го подготвиме и за престој меѓу боговите. (Тоа го подвлече, со крената рака, со извишен прст и таинствен глас). А царска гробница е повеќе од царска палата зашто мора да има повеќе раскош, да биде вечна, што бара и повеќе луѓе, повеќе пари и време“. Така ми говореше Птолемеј, со замислен поглед и со бавно нишање на главата, а јас не му верував ниту збор. За тоа кога и каков ќе биде привремениот погреб „со достојни почести во привременото престојувалиште“, како што рече овој истиот Птолемеј, ниту спомна нешто, ниту, пак, мене ме праша. Кога ќе биде, каде ќе биде и како ќе го извршиме. Дента кога се разгласи во празната палата и во сосема рамнодушниот Вавилон името на новородениот цар Александар Четврти, Статира и Дрипетис ги нашле мртви во нивните одаи. Ми кажуваше командантот на стража на Пердика дека сигурно биле повеќемина убијци. Ги усмртиле на спиење, без да се чуе крик ни извик, ги задавиле со тенки, цврсти јажиња. По телата дошле некои Персијци, од македонската-персиската фаланга и се заканувале дека првото млеко ќе им биде последно и на породот и на Роксана. Се чекаше на Роксана да ѝ надојде млекото, пресечено од жалта по Александар, та детето го прихрануваше една Бактријка, доилка. Но и Роксана ја снема од палатата. Дали заминала за Бактрија, како јас што мислев, или отишла во Македонија, како што тврдеше Итан, не знаев. А веќе утредента, кога заврши обвиткувањето на Александар, се случи уште една работа која ќе ми тежи дури сум при себе. Бев договорил да дојде една група ѕидари и каменоресци, Сиријци и Грци, за да ја затвориме салата за одмор во големиот театар, која ќе биде привремена гробница на Александар. Одвај извлеков од Еумен дозвола да дадам уште два таланти за тајфата, а и за ситни трошоци – за дотур на камен, за копачите кои требаше да го вадат од длабоките темели на бањите во Мардуковиот храм или на жртвеникот, не разбрав добро, а и за мајсторот-уметник кој го длабеше и го вајаше посмртниот сандак во кој ќе биде прво сместена мумијата на Александар, пред да се положи во идниот саркофаг, во Мемфис или во Александрија. И токму тој сандак ја предизвика неволјата. Со жилестиот Сириец, водач на тајфата, се договаравме како да се почне и да се изведе работата со соѕидувањето. Јас предлагав да се издлабат праговите и на влезот и на излезот на салата, кон ходникот и кон ложата, та кога режаниот камен ќе се вглоби во тој темел, а најгорниот ред кога ќе легне во вдлабнатината на украсниот перваз, ако сè добро се вглави, ќе треба денови, луѓе, вештина и сила за пак да се поместат и разградат ѕидовите. Сириецот тупкаше со ногата врз цврстата мермерна плоча на прагот и тврдеше дека не треба да се длаби ништо зашто ѕидовите самите толку ќе оптежнат па ништо нема да може да ги измести, ниту овој на влезот, ниту оној што ќе го затвори излезот кон ложата. Потплукнуваше во зборувањето на сите страни па и кон салата кај што лежеше, под црна, со злато везена прекривка, Александар. И тогаш, молчеливи носачи беа пронесле меѓу нас некаква грдобија од човечка кукла. По нив доаѓаше средновечен Египќанин, во скапа облека а колата со која го беа донесле тој смешен предмет имаше тенки, резбарени тркала и два убави, фригиски коњи со еднакви бели петна на челата. Египќанинот мина меѓу нас, по носачите, без да се обѕирне на ниту една страна, како да не постоиме. И јас извикав по него едно кресливо „Еј!“ и тој се заврте, ме измери и пак сакаше да одмине. Јас го престасав пред самиот влез, ги заминав и носачите кои веќе беа зачекориле во салата и ги запрев. Тие ја спуштија куклата и во мене гледаше кафеаво лице со црни, светнати очи, веѓи, мустаќи и брада, врамено во златен обраб. А, темноцрвените усни, малу поразлични од темнокафената боја на лицето, беа развлечени и ми се обраќаа со бесмислената и постојана насмевка што ја носи Селеук од раѓањето. – Што е ова?! – прашав возмутено. Носачите нерешително отстапија и меѓу мене и куклата застана наконтениот Египќанин. Мојата возбуда преминуваше на него. Во тоа беа исти како Македонците и Грците. Персијците, пак, кога некој пред нив се возбудува и паѓа во оган стануваа сè постудени, посмирени и поприбрани. Така ги добиваа сите битки со зборови, победуваа во дворските интриги и во пазарењето секој Египќанин, Македонец и Грк. Контето сакаше да ме оттурне и му го видов на лицето презирот испишан како на папирус: „Какво е ова смешно човече што креска и се топори. Што сака и што може?“ И од таа неизречена но јасна навреда почна да ми се стеснува погледот. Сè наоколу почна да ми се затемнува а во светлото петно што ми остана во видикот беше омразеното лице на Египќанинот. Не знам што почнав да викам зашто не си го слушнав гласот од страшната бучава на крвта во ушите. Неврзано, испокинато, со забрзан бесен здив им креснав да ги нема, да си ја однесат во својот египетски ад оваа одвратна кукла. Зарем тие мислат дека Александар, цар на Македонија и на целиот Икумен ќе лежи во овие одвратни скопци и ќе изигрува некаков египетски фараон. Тој е поголем од сите египетски фараони заедно и тој ќе биде погребан како македонски крал а не како некој глупав јарец кој се смее како будала. И тој ми одговори. Јас не знаев ниту збор египетски како и тој што не знаел, сигурно, ниту збор македонски. Но луѓето во караница секогаш сосема точно се разбираат. Како кога различни ѕверови, кои сосема поинаку рикаат, ќе се сретнат на поилниот пат, кај што битката не се избегнува, знаат што си мислат еден на друг и што им значи рикањето. Та и јас го разбрав неговиот египетски јазик и сè што ми кажуваше: Каков е тој цар на козарите што сакаме да го погребаме со фараонски почести и кој сум јас, оскубано пиле, та да судам за вредноста на неговото дело. И дури тој се тупаше в гради, јас полн сила од бесот кој самиот ми ги водеше нозете и рацете, доскокав до сандакот-кукла, а мечот веќе ми беше в раце, та со обете замавнав и летна првата дебела деланка со брадата и долната муцка на куклата. Без да знам зошто, како и ѕверовите што ја чувствуваат опасноста од зад грб, се завртев назад и со замавнат меч кој за малку ќе му ги однесеше брадата и муцката на вајарот. Тој отскокна со нож в рака, а сега на папирусното лице му беше испишана најдлабоката пропаст на стравот. А јас, и натаму со обете раце, токму како цепач на дрва, го сечев извајаниот и украсен сандак со кусиот меч а сувото дрво, од ударите, со својата празна внатрешнина, создаваше длабок и татнежен звук на големото вавилонско клепало. И кога погледот почна да ми се бистри а силата да ми папсува, видов дека, удирајќи, сандакот сум го дотерал до средните столбови и сега лежеше таму, повеќе куп иверки одошто сандак а јас бев во салата сосема сам со Александар кој оздола како да ја лелееше и брануваше покривката. Биеше провев, беше полутемно и тивко. Излегов низ ходникот послан со деланки а надвор беше жилестиот Сириец со кого претходно разговарав. Ми пријде како ништо да не се случило и почна да ми објаснува, на тежок, одвај разбирлив јазик, дека јас сум бил во право дека темелните камења на ѕидовите треба да се вглобат и во праговите и во вдлабнатините на первазите. Објасни дека не би сакал некакви протурени крадци да влезат во гробницата, та да се расчуе кои биле тие уште попротурени мајстори што ја затвориле. Се согласи за половина талант за три дена да ја завршат целата работа, ако навреме и доволно добијат добро режан камен од ископините, кој ќе може лесно да се употреби. Така, по три дена и го заѕидавме Александар во неговиот театар, во неговата мала сала за одмор, под неговата ложа а немаше никого од неговите наследници, од неговите војсководци и сатрапи, од неговите свештеници и дворјани. Бев само јас со мајсторите ѕидари и, кога го вглобуваа, среде ѕидот, тајниот камен кој прв треба да се извади за да се разѕида, дојдоа од гардата на Пердика четворица гардисти и им рекоа на каменоресците дека ќе ги спроведат до Сирија. Тие се вџашија, се раздвижија како да сакаат да избегаат но копјата им се препречија та така и заминаа, подвртувајќи се кон мене, како да бараат спас. Тогаш, од крајниот столб на челото на театарот се оддели Итан, кого не го забележав последниве неколку дена никаде, и рече: – Нема далеку да стасаат. Вечерта му напишав писмо на Птолемеј и го известував дека тајфата на Рамез, по негова волја, ја завршила работата со подготовката на царот за патот кон боговите, дека Рамез ми побара за додатни трошоци, кои нејасно ми ги објаснуваше, уште два таланти но јас го упатив на него, на Птолемеј, кој и го одбрал да ја изврши таа работа. Не реков ништо како се изврши привремениот погреб, туку само дека „Александар го заѕидавме во малата сала“ и дека го чекаме неговиот градски полк, да го пренесеме царот во неговиот прв мавзолеј, во Мемфис. Никогаш досега не сум му пишувал на Птолемеј, та не знаев како да го ословам, а раката сама ми напиша „Благороден и светол кралу на целиот Египет“. На препрочит се згрозив од тоа, но така остана напишано зашто тоа веќе беше вистината. Понекогаш излегував и надвор од градот, низ села од земјанки, меѓу ниви поделени со тесни, високи земјени бедеми или со исто така тесни длабоки бразди. Сега беа суви а летнината изгорена. И во тоа суво и вжештено време наеднаш почна брзо да надоаѓа Еуфрат, матен, брановит, како свежо изорана нива. Некаде далеку, може во Асирија, сигурно зафатиле многудневни дождови. Беа тоа весели денови зашто реката, големите канали, мрежата на помалите, па и најкрајните бразди пливнаа во новата вода. Мораше да се пресејува по сушат, а па житните семиња станаа скапи, дваесет и петпати поскапи од најдоброто козјо ѓубре, што никогаш не било. Во градот веќе зафатиле болештиње од сушата. Умре едно од децата на мојата газдарица. Вечерта, меѓу тажачките, ја видов и Егрипи, со расплетена, темноцрвена коса, со вистинска, длабока тага на лицето бледо без белило и црвенило, мокро од солзи. Ме опфати со очи полни болка и молба за споделување на тагата. Јас излегов без да погледнам во лицето на малото, стутулено телце на мртвото дете завиткано во бела прекривка. Не сакав повеќе да учествувам во ничија смрт. На неколку дена пак се повлеков во палатата, во некогашната моја одаја која беше сосема празна. Спиев на студеникавата камена почва. И оружарницата на Александар беше сосема испразнета. Еумен посредувал при поделбата на оружјето меѓу наследниците. Мене, како оружар на царот, не ме ни повикаа. Во себе им бев благодарен на боговите поради тоа. Го делеле украсното оружје според тежината на златото и вредноста на камењата. Пред тоа, на Еумен му бев рекол дека и македонските и грчките и персиските и египетските посмртни обичаи предвидуваат царското оружје, најскапоценото, она кое царот најмогу го ценел и го сакал, да отиде со него во гробницата. Еумен ми одобри но, кога при поделбата, со стеснување, не гледајќи во никого, со шепотлив наниз зборови го поставил тоа прашање и него никој не го погледнал, како и да не го беа чуле. Делбата продолжила и завршила во молк. Не дошло до никаква расправија. Низ полињата честопати среќавав селани кои од кусите копја за фрлање направиле рачки за своите селски алатки, за копање, за плевење. Од сариси видов дека правеа руди за коли за два ѕевгара волови, потпирки за куќите, стожери за вршидба. Од две сариси и рачки од кусите копја како скалила, правеа високи скали со кои можеа да се дофатат и рамните покриви на двокатните куќи. А сариса, за да биде вистински добра, се одгледува десет години. Се пробираат на старо олеандрово дрво пет до шест од средните гранки, а сите други се пресекуваат. Моќниот корен ги потерува оставените како да цицаат од две мајки. Секоја година на тие гранки фиданките им се кастрат од горната страна, та дрвото се усукува како јаже самото околу себе, а расте право. За десет години израстува до триесет стапки за да може да се направи сариса од дваесет. Во работилниците и сушалните за оружје се негува уште една година за да биде цврста а лесна според својата големина. А сега, од оружарниците на фалангите, од складовите, го снемува тоа скапо и неуништливо оружје, се краде и се препродава кој знае за чија полза и за какви пари. Александар никогаш не дозна за тој растурџиски и грабачки неред кој завладеа во имотот на војската. Верувам дека немаше толку брзо да умре да му дојдеше до ушите таа вистина. Ќе стегаше заби за да поживее, да ја разоткрие таа долна работа и да ги казни крадците. Уште кога повторно се вративме во Вавилон, пролетва, и борбените седла почнаа, кришум, да се режат за сандали, острите врвови на копјата да се прековуваат за разни потреби, воените коњи да се џамбазат во далечни сатрапии за влеча и орање. Александар не беше добар за сариса. Имаше сила но немаше раст, фатката му беше преблизу до мишката. Неговата голема љубов беа кусите копја за фрлање. Не знам некој подобро да ракувал со тоа оружје на сила, брзина и вештина. Никој не можеше, од место, со невидливо брз замав, да го исфрли тоа копје толку далеку и толку точно во целта. На секое можеше веднаш да му ја најде рамнотежата, да го преграби со силните прсти и со исчекор да го фрли та да помине, на педесет стапки и низ најцврстиот штит и низ градите зад штитот. Одамна, одамна, уште кога бевме деца, во Пела, Александар една вечер, откога офицерите на Леонида ги обиколија нашите спални, ги угаснаа ламбите, дојде од својата одаја, лазејќи за да не го види никој, до мојата постела. Шепнешкум ми рече дека изутрина, рано, една слугинка ќе ме разбуди и дека треба да се измолкнам незабележано и да се најдеме зад дворецот. Еден коњушар ќе ни ги изведе скришно коњите над градот. Шепотот му беше напнат и радосен, здивот му мирисаше на дивина. Јас цела ноќ не затворив око од возбуда. Никогаш не сум сакал да правам нешто што не е дозволено, што не им е по волја на оние што господарат со мене. Ова што Александар ми го прошепоти со беспоговорен зазбивтан шепот, ме плашеше зашто морав во тоа да бидам смешан. Мугрите ги дочекав во треска, со запалено чело, вцрвенети очи и студени морници. Слугинката што се доближи до мојата постела во светлината на полната, есенска месечина ми ги виде отворените очи и само го стави прстот на устата. Имаше препалено лице како оние Тракијци кои Филип ги осудуваше на погубување. Александар не издржал да чека зад дворецот. Пријде и тој, на прсти до мојата постела, ме фати за мишка и ме повлече со себе. Излеговме од гимназиумот, трчавме преку вежбалиштата и борилиштата, па нагоре, до крајните камени куќи на Пела. Јас не видов кој ни ги приведе коњите, човекот се држеше во сенка, прикриен и стутулен. Јаваме молчејќи, по тесни патеки, низ темница а Александар кој беше постојано пред мене, одвреме-навреме ќе ми подвикнеше да се наведнам зашто има гранки или да го подзадржам коњот пред удолен брег. Оддесно ни се јави бледорозовото светило на денот. Јававме кон Планината. Кога се прираздени низ есенското поле, Александар запеа со силен, ѕвонлив глас една македонска песна која сите Македонци ја знаат од деца. Беше тоа песната за Планината што се огледувала во Езерото та му велела, горделивата Планина убавица, дека таа се огледува во него и дека без неа би било тоа, Езерото, празно како око во темница. А Езерото се разбранувало и ѝ рекло на Планината дека брановите што фрлаат пена и татнат на брегот се неговата сила и убавина и дека го бришат нејзиниот лик од себе. Како што песната ја откриваше својата вистина стануваше извесно дека не се пее во неа за Планината и Езерото, туку за човечки суштества, за двајца млади кои ја водат меѓу себе првата, слатка и страшна, битка на љубовта. Таа песна долго се пее зашто има многу повторувања и набројувања и Александар ја пееше и ја допеа со полно грло, со нестивнат глас и со долг, воздивлив извик на крајот, кога маглата ги разделила Езерото и Планината, кога се барале а не можеле да се најдат, да се видат. Беше веќе сончево, светло утро кога дојдовме на подгорските падини. Планината се вишеше над нас костенливо-црвена при врвот, со модро-зелени петна на боровите шуми. Крајниот извик на тага и пекање од пеењето на Александар, кога застанавме, уште ечеше во длабоките долови. Се поткачивме до една папратна рамнинка меѓу високите буки. Александар сјава од коњот и рече дека коњите тука ќе ги оставиме за да не кршат нозе низ планината. „Волците се горе – покажа кон големиот западен грб на планината – од другата страна, кај пасиштата и стадата“. Па сепак, тој го препаша мечот, ги нарамни лакот и стрелите. „Пристегни ги сандалите“ – ми рече и зачекори меѓу буките, во обработ на рамнинката. Веднаш под неа почнуваше темен и длабок дол во кој уште не влегло сонцето, исполнет со одек на постојаниот шум на некоја брза вода. Заслегувавме странечки меѓу леските од кои се стреснуваа крупни, зрели плодови. Александар ги кршеше со заби и ги џвакаше бргу-бргу та млеко му потекуваше од краевите на устата. „Еве тука – воскликна радосно – гледај, гледај!“ Јас најпрво не можев да забележам ништо, но кога тој се проби среде една густа лескова џбунка видов дека таму, во нејзиното срце, сè е суво. Погледнав надолу, низ леските во долот, и во секоја средните, високи ветки беа мртви а преостанатите зелени и плодни ги опкружуваа како тажачки. Беа суви само оние што тераа нагоре од коренот та околните не им даваа да се криват. Александар ме повика во леската и кога одвај се пробив ми ги покажа тие стебленки што беа исушени. „Види, види!“ – говореше со занес. Сите при коренот беа длабоко засечени во круг од што и се исушиле. Го извади мечот за да пресече една стеблинка, но гранките од околу му го пречеа замавот, искокна надвор, ги испресече со по едно мавнување, кои надесно кои налево, и си ослободи место. Сега за овие мртви ветки имаше повеќе милост и внимание. Ги сечеше под зарежаното, а таму беа уште живи, со напупени окца откај сакаше да потера нов живот. Кога ја пресече првата стебленка и ги искастри тенките, суви фиданки од страните, ја скрати врвушката на една стапка над својата глава и ја одмери во раката како копје, потоа пушти око по целата нејзина должина и воскликна „Право е, право е копјево како најправата трска од Езерото“. Ги обиколивме во еден друг дол и дренките. Дотаму се пентеревме и се спуштавме по опасни стрмолии. Александар незапирливо се пробиваше кај што наумил, а мене во градите ми жежеше скусениот здив. Тој јадеше и од дренките, собирајќи го лицето, но упорно ги џвакаше и, со сила, ги голташе како грутки што му запираат во грлото. И во дренките беше пустош. „Кој го направи ова, кој ги пресече?“ – прашав а тој не ја чу осудата, не сети ниту дека има укор во тоа прашање и со светнато лице ми одговори: „Јас, јас самиот. Уште пролетта.“ И во гласот му ѕунеше задоволство, самољубие и гордост. И почна да сече, сега сè повешто и побрзо. Насобравме по триесет лескови и дренови копја. Тој се јазеше по доловите и ми ги носеше а јас само ги скастрував гранчињата и ги скусував на шест стапки. Беше зазбивтан и среќен. Кон пладнето бевме готови и тој врза по триесет во цврсти врзопи. Мислел на сè. Од потпојас извади четири еднакви јаженца и цврсто ги престегна сноповите. Тој го прерамни дреновиот. „Потежок е“ – рече, мене ми ги даде леските. Се превиткував под нив и одев по шумот на неговото пробивање низ густнежот. Имаше по трагата пресечени гранки, како што си пробивал пат со мечот. До коњите стасавме кон пладнето. Сонцето блескаше на чистинката полна нежна папрат, цвеќе и пчели а низ шумата се довикуваа клепалата на клукајдрвците. Премален, со лута пот во очите, го плеснав врзопот врз земја, го опчекорив и седнав на него, бескрајно изморен. Тој веќе отпашуваше од голата снага цврсто камиларско јаже, ги врза сноповите провирајќи го јажето под врзалките. „Сега фати“, рече. Јас ја кренав леската, тој дренот та одзади му ги нанесовме на неговиот абраш. „Е, сега ти качи се, ама како жените, јавни настрана, откај леската“. Клекна, ми ги подаде дланките со преплетени прсти и кога стапив ме отфрли нагоре. „Така“ – рече и го јавна мојот Устор. „О, што добро коњче!“ Го стегна со колената, а петиците му ги вдена во мевот и забодинавме надолу. Јас се тресев врз несигурниот товар, но абрашот поттрчнуваше, бодинеше и прескокнуваше пречки како да нема ништо врз себе. Кога заодевме низ полето Александар со страст ми говореше, јавајќи напоредно со мене. „Ете, вака копјата самите се прават. Ниту еден сушар не може да ги исуши да останат волку прави и водата да им отиде а никаде да не испукаат. Ете, види“ и покажа на мазната леска врз која ми беа превиткани нозете. „Сега само да се соструже кората, да се истријат со песок и со кожа од рибјо куче, потоа да се топат во ленено масло и да се мачкаат со восок и само кови врвови – копја колку сакаш. За секој фрлач можеш да имаш не по пет, по осум, по десет!“ Кога навлеговме во вежбалиштето сонцето на заоѓање го осветлуваше пустиот простор. Дури пред гимназиумот го видовме лично кралот Филип со уште десетина луѓе од придружбата и со еден средновечен, непознат маж. Александар скокна од Устор. „Слези“ ми рече „однеси го Устор в штала а, еве, земи го и мечов, да му го дадеш на Касис, Гркот, да го наточи. Сум удирал негде и в земја, па и в камен, светкаа искри. Кога ќе биде готов земи го и задржи го. Овој меч сега е твој, оружару. И не излегвај пред Леонида, ниту пред Филип. Јас ќе им раскажам сè по ред, како било и што било денес.“ ми се насмевна благо и пријателски ме поттупна по рамо. Ете, се сеќавам на тој ден до најмала ситница зашто тој ден се случија за мене три важни работи. Станав, еве така, премолчно речиси, оружар на Александар. Непознатиот човек од придружбата на Филип беше ти, учителу, и заедно со Филип и придружбата го пречека Александар пред гимназиумот. Тој ден наполнив тринаесет години и никој не се сети да ми ги рече зборовите што им се велат на сите на таков ден: „Јунак да бидеш“. Само под покривачот на постелата најдов мало, црно колаче, што мајка ми го пратила во една од нејзините везени ленени крпи. Како мал многу ги сакав тие есенски колачиња месени со пресна црна шира, со бел багремов мед и полни со суво грозје. Најстрого беше забрането да ни се дава храна однадвор, а особено не во спалните. Но, мајка ми или потплатила или измолила некоја од слугинките. Таа ноќ, дури сите другари спиеја јас, под покривачот, грицкав од колачот кој мирисаше на дом, на нежност и на мајка. Но, иако цел ден нејаден, и тој ми се згорчи од солзите што почнаа сами да ми се леат и така без причина безгласно плачев. Така и сум заспал, без да сетам. Поплавата ги потопи бродовите на Неарх. Водата не можеше да ги крене распуканите корита полни со тиња. Се гледаа само накривените јарболи во безредие што го имаат сарисите кога војската се повлекува или е уморна. Неарх замина за Сицилија. Наследниците се допишуваа со Еумен и со посредството на Еумен. Селеук го моли умниот Еумен да му се јави на Касандар, во Македонија, дека не може да му ги испрати гардистите што ги бара зашто се потребни и во Екбатана, оти во Асирија, во некои сатрапии се готват бунтови. А, ако татко му на Касандар, почитуваниот Антипатар, предвидува бунт во некои грчки градови тогаш нека ги собере сите оние Македонци кои веќе две години не ги праќал на исток. Или, да речеме, Пердика му се обраќа, пак преку Еумен, на благодарниот Птолемеј и бара сите карвани што одат од Вавилон кон Мемфис да бидат низ Египет заштитени. Зашто и на карванските патишта и на брзита линии во Египет, се појавиле глутници разбојници та ја запленуваат поштата, ги пљачкосуваат трговците, робат цели каравани со скапоцени смоли, мирудии и персиски ткаенини. „Сакам со ова да го запознам благородниот Птолемеј, ако веќе сето тоа не му е познато“ – потцртуваше Пердика во своето писмо со посредно обвинување дека таа разбојничка работа ја вршат луѓето на Птолемеј, дури и со негово знаење и негова наредба, особено кога се работи за караваните од Вавилон. Бродовите од Македонија и од Грција што одеа за Египет никој не ги пресретнуваше со зли намери а, како што во писмото до Еумен тврдеше Пердика, стоката која од Вавилон заминувала преку Дамаск до Тир по суво па потоа по море за Грција, Египет, Македонија или до земјите на пат за Херакловите столбови, била пресретнувана и пљачкана од непознати бродови, „ако тоа веќе не му е познато на благородниот Птолемеј“. Јас добив од Птолемеј писмо во кое ме поздравува, како чувар на привремениот гроб на Александари ми кажува дека не е далеку денот кога тој ќе прати гардисти да го придружат Александар до Мемфис. Веќе не зборуваше за полк туку неодредено за гардисти. Можеа да бидат двајца– тројца па пак да бидат гардисти. А колку е тој ден блиску немаше никакво појасно определување. Сите денови од нашиот живот ни се блиску зашто никогаш не знаеме кога е последниот. Му одговорив, исто како и тој мене што ми се обрати, преку Еумен, дека ќе ги чекам, подготвено, сите негови одлуки. Газдарицата ми стана жена. Една вечер, кога деновите се скусија и се заладија, без збор, а и не можевме да зборуваме зашто не се разбиравме, дојде во мојата соба. Се расоблече, се привитка кон мене врз теснава постела и горко и тивко заплака. Беше добра жена, со предани очи, со кои ме гледаше и секогаш ги погодуваше моите желби. Зимата два-трипати доаѓаше Егрипи, во раскошната патна кола, со црни фригиски коњи. Носеше подароци за децата. Атира – така се вика мојата газдарица – излегуваше нечујно од собата во која Егрипи ги истураше врз мене своите бесови или седеше молчешкум загубена, преплашена и тажна. Атира, по нејзиното заминување, без јас да ѝ речам, ја чистеше целата куќа, а подароците им ги фрлаше на живината и на кучињата низ дворот. Наминував, поретко, кон театарот. Ѕидовите на обата влеза на салата стоеја цврсто, а никакви траги не водеа кон нив. Се прикажуваа страшни приказни дека Александар, сега по смртта со киклопски раст, излегувал ноќе и со еден удар пресекувал глава секому што ќе се доближел до театарот. Имаше и луѓе кои се колнеа дека го виделе. Итан беше постојано зафатен и на крај, преку други, разбрав што му била работата, со што се занимавал. Договараше мумифицирање на умрените, особено на богатиот свет од Вавилон, зашто тој навик, кој дојде од Египет, беше веќе навлегол во многу земји. Тајфата на Рамез неуморно работеше. Итан, кога се сретнавме, случајно, во градот, го прашав дали е тоа точно, дали е вистина, одговори со широка насмевка. – Па зарем не си знаел? Наполу ги делам парите со Рамез. Јас ги земам но му давам секогаш точно половина. Премислував малу околу таа негова работа. – А другите тајфи? Кој им наоѓа работа? Итан ме погледна сериозно. – Нема други тајфи – рече. – Ниту ќе ги има. Тешко можам да пишувам кога Атира оди некаде, по вода, во покупки или во храмот на молитва. Не знам која вера е. Децата постојано излегуваат и влегуваат во мојата соба. Ми ја земаат таблата за пишување, ги расфрлаат четкичките, ја истураат бојата, ги меткаат трабите папирус. Не ми се плашат повеќе, се туркаат кое прво да седне до мене или на моите колена. Се смеат, врескаат, ми го отпашуваат мечот. Јас сум им единствената игра и играчка. Кога Атира ќе се врати ги разбркува, понекогаш ги удира со вистинска омраза и бес та морам да ги заштитувам. Само кога излегував ја затворав вратата со цврсто резе и со алка да не влегуваат во собата. А и немам што да пишувам. Зарем за овој мој живот. Живеам како илјадници мажи ширум Вавилон. Па сепак не е така. Сето тоа е само сенка на вистинскиот живот, оти постојано ме труе, ме држи на штрек мигот кој ќе дојде. Ќе излезам од оваа куќа за никогаш веќе да не се вратам. Ќе одам со погребната кола на царот, каде и да му е гробот – во Мемфис, во Александрија, ќе бидам таму како последниот роб на Големиот Цар. Тој ме чека во својата камена зандана, во својата вечна облека и кога ќе дојде мигот ќе ми нареди да го одведам кај што боговите одредиле. Тоа ќе биде волја која не ќе може да се избегне, иако не знаев кои богови и на кој начин ќе го искажат тоа што и самиот Александар го сака. Едно утро тргнав кон летната куќа на старите цареви во која беше Еумен. Му изложив дека ближи денот, а и ако не е блиску, сепак ќе дојде, и ќе мора да мислиме и работиме за погребната поворка која ќе го допрати царот во Мемфис. Еумен помолче и ми одобри сè што кажував. Но – рече – трезорот кој му е доверен на владеење и управа, сè повеќе се празни а од никаде не се полни. Од македонската фаланга веќе дојдоа гласови дека сите осум илјади фалангисти и хиспатистите ќе бараат по два таланти за секого зашто сакаат да се дели трезорот. А нема ниту по цел талант на човек, ако дојде до таква делба. Асирските стрелци веќе се растурија по разни сатрапии кои формираат свои војски. Селеук од Екбатана јавува дека сите тие мора да бидат под негова команда. Тој собрал веќе три илјади војници, и Македонци, и Грци, и Персијци, и им се заканува на сите сатрапи што се одметнуваат дека ќе ги смени или дека ќе им ги земе главите ако не се покорат. Добро е тоа, говореше Еумен, но Селеук ги збира давачките од сите градови и тоа го прави со сила. Ги зазел сите страници на брзите линии, а карваните што минуваат низ Асирија и Вавилонија и бродовите по Тигар и Еуфрат нему му плаќаат патарина. – Но, ќе видиме, рече на крајот Еумен и ме покани да му бидам гостин некој ден зашто се готви невреме, еден од оние силни и студени ветрови што носат замрзнати дождови со песок и чакал. Останав два дена. И навистина, врнеше, а во летната куќа сè беше на свое место, и послугата, и робовите, и стражите со знакот на Александар. Бев и во храмот на Гула, кај Патиј. Тој беше веќе пролетва. Алкалез безволно ме следеше, тажен, пропаднат, несреќен. Егрипи никаде му ја немаше а не смееше никого да праша дали ја виделе, каде е, што прави. Ме гледаше со очи кои прашуваат, но не изустуваше ништо. А јас молчев. На Патиј му го изложив истото што тој го говореше на Собирот за привремениот погреб. Но, реков, сега е јасно дека волјата на боговите е Александар да остане во Вавилон зашто судбината што самиот цар ја одредил, ги наредила работите така што не може да се изгради погребална носилка на која ќе биде пренесен Александар на некое друго место – во Мемфис, во Александрија, на Олимп или во Пела. Во сите оние места кај што го чекаат неговото тело како дар на боговите. Зашто царот така го устроил царството и неговото натамошно постоење, да нема никакво сомневање дека неговиот избор бил Вавилон. И дека сакал да остане за векови тука, кај што е сега, во неговиот театар. Затоа така уредил да нема во царската каса пари за тие големи трошоци на поворката. Така одредил, така уредил та ќе остане засекогаш во Вавилон. Патиј, подгрбавен, гледаше в земја и прошушла неколку реченици. Некои ги говореше бавно, со запирање, некои брзо како друг во него да говори, некој што има одговори на сè и знае решение за секоја неволја. Алкалез ми преведе брзо, громко, со бескрајно среќна насмевка. Јас, Архидеј, сум ја заслужувал милоста на боговите зашто толку горливо се грижам за она што станува со Александар потоа. Но има и други што се грижат. Со милоста на благородниот Селеук и со големото залагање на царскиот град Вавилон, ќе се изгради достојна носилка за телото на Александар, пораскошна и од онаа што го однесе богатиот и моќен цар Кир до неговата гробница. Сега се собираат најдобрите мајстори, се купува најскапоценото дрво, се собира злато за раскошните позлати, се избираат најистакнатите уметници да ја украсат носилката а целиот народ на Вавилон ќе му приреди тажно и торжествено испраќање кон Мемфис, зашто ниту волјата на царот, ниту промислата на боговите, не го наградиле Вавилон со таа среќа да биде вечно живеалиште на Великиот Цар. И голема грешка е што и мене не ми било речено дека сето тоа е во тек та и јас да дадам мислење за сите проекти што се прават. Јас се нсмевнав од благодарност а Патиј и Алкалез паднаа во длабок, таговен молк. Уште ми беше речено и дека Дејад, во таборот на македонската фаланга веќе готви планови за катафалкот. Лисип ги подготвил сцените што ќе ги вреже во носечките кадрови греди на посмртната кола. Селеук сакаше по секоја цена да се ослободи од Александар. Така тргна работата со подготовките. Дејад навистина беше доведен но не од македонската фаланга туку од некоја источна сатрапија која сакала да освои утврден град во соседната, та Дејад на борбениот сатрап му правел нацрти на каменофрлач кој ќе исфрла на далечини од цел стадиј камени грамади од човечка тежина. Тоа оружје Александар го одби зашто беше потребен цел карван коли и камили да го носи, половина полк војска да го опслужува, а можеше да исфрли само два камења на ден. „Дур да се исфрли вториот опсадените ќе поправат сè што урнал првиот“ – рече тогаш Александар. Работниците што ги вети Патиј воопшто не беа собрани. А во Вавилон пред нашето доаѓање немало никакви градители, зашто ништо не се градело. Расчистувањето на огромниот простор на Мардуковиот храм, изградбата на театарот и палатата, поправка на големите канали, градбата на флотата, подигањето палати за новите вавилонски богаташи, привлече мајстори од Сирија, Грција, и од Мемфис. Но, се чини, тоа биле мајстори кои не можеле да си најдат работа и во своите земји. Десетината што ги одбра Дејад беа од тајфите што учествуваа во градбата на новата флота. Неарх имаше во морнарицата специјалисти за нацрти, имаше и добри дрводелкачи, но овие беа способни и за најтешките и за најфините работи. Кога се расчу дека Александар ќе биде пренесен до постојаниот гроб се разнесоа разни гласови. Се возбудија, како што слушнав, македонските ветерани. Меѓу бегалците од војската, кои брадосани живееја во Вавилон без никој да може да ги најде, преку кои одеше сета трговија со воена опрема, под рака, се расчу дека сега ќе се собира нова војска да го допрати Александар до Пела, и дека секој од придружбата ќе добие по цел талант награда. Сите ги избричија брадите и со поцрнети чела и јаболкца, а со бели образи и подбрадоци, доаѓаа кај старото бродоградилиште кај што требало да се изгради посмртната кола. Доаѓаа и потпрашуваа за враќањето во Македонија и за наградата. Кога го прашав Дејад дали е вистина дека градбата ќе се прави во старото бродоградилиште, тој се подзамисли. – Па јас мислев да се работи во колската работилница на персиската фаланга. Но, видиш, тој што се досетил за старото бродоградилиште, ете, имал право. Да, ова ќе биде градба колку брод со два ката веслачи. А според нацртите не би можела да помине ниту низ Мардуковата порта, ниту низ широкиот Исхатар. Ете, видиш, на тоа не сум мислел. Така, понекогаш, мрморот и гласовите што се шират ја предваруваат вистината. И градбата почна. За материјалот, по нацртите на Дејад, Патиј исплати девет таланти. За воловите што ќе го влечат тој товар, на смени по шеснаесет, плати уште седум таланти и уште три за воловарите и за храната на стоката која мораше добро да се згои пред поаѓање на долг и тежок пат. Требаше да се мисли на многубројни, ситни, навидум неважни работи. Требаше да се најдат четири момчиња, најдобро од робовите, на кои по завршената работа ќе им се даде слобода. Тие по цел ден ќе треба да ги катранат, без престан, оските на тркалата за да траат подолго. Но и најцврстите тркала и оски како што рече Дејад, оние кои се правени од исто стебло кедровина за да не се јадат меѓу себе, не можат да издржат толкав пат. Требаше да се носат и резервни оски и резервни тркала. За нив, и за бочвите катран, требаше нова кола. Практичниот дух на Дејад веднаш најде решение. Ќе ја земеме колата на каменофрлачот од персиската фаланга. Ќе ја влечат по четири волови од стадото што се одмора. Ќе ја вози еден од возарите кој е исто така на одмор. Доаѓав во бродоградилиштето кога почнуваа работите. Сè почна од тркалата. Се цепеше дебела кедровина. Кедарот, како и македонскиот даб, сиот е срцевина, та во тарунот и оние линии што се вцртувале пред стотини години беа исто цврсти како оние под кората. За секое тркало прво се вкрстуваа греди од мала педа. Таа мерка ја имаат вавилонците и исто се смета од врвот на палецот до врвот на малото прсте, но кога четирите прсти се стегнати, а само палецот е одделен. Така тркалата беа широки по стапка и три прста. Гредите прво се ковеа в крст како двослоен сплав долг и широк точно по шест стапки. Потоа се вцртуваше круг. Тркалата се режеа, но потоа се клепаа, накиснати, со дабови чукови, па обемот им се смалуваше, но табанот им зацврстуваше. Дури потоа се вковуваа куси клинци со дебели, ковани глави колку половина јаболко. Патиј сето тоа го плаќаше и работите напредуваа. Дејад пресмета дека колата ќе може да прави круг од триесет чекори. Не ќе може да се движи по кривулести патишта освен со вешти возари кои со подвраќање ќе го смалат кругот на вртењето. Така полека низ тие секојдневни грижи , со мали напори што ги чинев овде-онде, почна пак да ми се враќа Александар. Но, почнав некако и да го заборавам. Тоа беа две спротивни работи, но, ете се случува напоредно. Да му служев на Александар ама како да го правам тоа по некоја негова повелба, некогаш одамна изречена попатно, на која и тој самиот заборавил, а јас по навика и натаму се придржувам кон неа. Та целиот живот ми беше по навики, многу малку правев нешто по своја волја и одлука. А овој Александар, што сега лежи во Вавилон, како да е непостоечки или како да е некој друг, непознат мртовец, за кого треба да се грижам според некоја од моите многубројни навики што Александар уште од младоста ми ги направил. Чудно беше тоа и за мене. Непостоечкиот цар ми ја повела судбината. Но, така беше, така и е. И само кого ќе помислам на тоа, на таа моја лажна и изместена положба, немам никакво чувство кон Александар. Имам само презир и омраза кон себеси. А сигурно е дека оној кој те довел до таква состојба, да ти се згнаси од сопствената душа, цврсто завладеал со тебе. Еден ден, пролетта, кога се навршуваше годината на неговата смрт, по покана на Еумен, преминав во летната куќа на старите цареви. Атира ме подготвуваше за заминување предано, како да ме готви за далечен поход, за војна. Така и плачеше, скришум, а децата стоеја покрај ѕидовите молчешкум, преплашени. Честопати разговаравме со Еумен покрај водата на големиот канал во палмовата градина на летната куќа. Прислугата, персиска, од дворот на Дариј, беше скромна и добро изучена. Ноќе и дење се чуваа стражи од гардистите на Селеук. Градинарите си ја вршеа работата, во кујната имаше вешти готвачи. Но Еумен не се однесуваше како владател, туку како патник кај моќен пријател, отсутен по некакви долготрајни, трговски, градежни или воени работи. Беше мудар и одмерен. За судбината на царството не сакаше да говори, и кога ќе почнев разговор за тоа, го затвораше лицето и молчеше, како да не ме слуша. Тоа молчење беше јасен говор. Само еднаш рече: – Добро е што се разотидоа, да не се испоколат тука. Можеа значи, да се испоколат меѓу себе. Но мојот страв гледаше подалеку. Гледав како им се судираат војските, како си ги ништат градовите во бесмислени војни, чиишто победници, ако воопшто ги има, наскоро ќе бидат победени. И така, без крај и во круг, низ една постојана и крвава залудност. Така царството кое течеше како моќниот Еуфрат во стравотна поплава, пак ќе се врати во коритото, и ќе останат оние мали кралства, самостојни градови и владенија кои биле под Александар. Зашто и поплавата што тој им ја донесе била предизвикана од некои далечни дождови во непознати земји. Летото почна да нè премалува со првите горештини што ни ноќта не ги смирува. Седевме со Еумен, со неговиот главен писар, вредниот Актеј, како што го викаа, и со администраторот на Вавилон, Патиј Итриот. Ладалата на робинките ни ја растеруваа потта, праќаа клоба кадеж од мирисните кадилници за да ги разбркаат ужасните вавилонски комарци. Јас изложив дека погребната кола е готова и дека ја чекам само придружбата од Мемфис што ќе ја прати Птолемеј и ќе можеме да тргнеме. Патиј задоволно проклима со главата кога толкувачот на Еумен му прошепоти што сум рекол. Еумен тогаш рече: – Птолемеј нема да прати придружба. – Како, свикав, како нема да прати!? Па ми пиша дека ќе прати гардисти, цел полк! Еумен молчеше малку, па бавно, како да објаснува некому кој тешко сфаќа, ми кажа за писмото што вчера го добил по брзата линија на Птолемеј. Тој му јавил оти му требаат уште гардисти, а знаел дека во Вавилон имало способни воини кои останале по заминувањето на фалангите и кои можат да се пријават во неговата служба. А во складовите на персиската фаланга, чијшто тој, Птолемеј, бил долги години протектор, има седумдесет нови, богато изработени промени за неговата гарда со куси мечеви, со по едно копје за фрлање со лакови и стрели. Треба само да му се покаже писмото на крилниот војсководец Аликсен од Еге и тој ќе знае што треба да стори. – Јас веќе му го пратив писмото – промрморе Еумен и остана замолчан и замислен. Патиј пак задоволно нишаше со главата. – Треба ли и јас да го видам Аликсен – прашав. – Птолемеј порачува дека Аликсен, кога ќе ја сврши работата, ќе те побара. Седевме замолчени. Еумен потоа ги кажа новостите од Македонија. Антипатар го смирил, конечно, бунтот во грчките градови но сепак таму продолжил подмолен вриеж. Од Кападохија јавуваа дека Армарт готви војска и ја полни својата каса. Уште не се прогласил за крал но таа намера била јасна. – А умре и вашиот учител Аристотел од Стагира. Еумен продолжи да зборува но јас постојано ја слушаш само таа реченица, изговорена така, патем. Ја слушнав прво како ми се повторува како одек од устата на Еумен а потоа некој почна да ја прекажува во мене. „Умре вашиот учител Аристотел од Стагира. Умре вашиот учител од Стагира“. Не знам дали нешто сум им рекол на Еумен и Патиј, но се најдов како чекорам низ долгиот трем со брз, остар чекор, за оној што ми ја повторуваше реченицата „Умре вашиот учител Аристотел од Стагира“ ги делеше зборовите како во војничка песна која го одредува одењето. „Умре вашиот учител Аристотел од Стагира“. Седам на својата постела а тие зборови, што ми се повторуваат ми ги разбркуваат сите мисли, ми ги заматуваат сите чувства и јас седам, како карпа што го враќа гласот кој дошол до неа „Умре вашиот учител Аристотел од Стагира“ . Кому сега да се обраќам? Кого уште го интересира што стана со Александар потоа? Олимпија? Таа нема ништо да разбере. Што и да прочита, што и да ѝ се рече – таа ќе поверува дека Александар е жив, до татка си Амон. Таа секогаш била обземена од такви мистерии и смртта на Александар за неа сигурно не постои. Берсина? О, таа е преполна со Херакле и сè што сакала да дознае веќе знае. Кому сега да му се обраќам? Овие траби папирус веќе никому не му припаѓаат. Ги препрочитувам, првпат сега, во овие два дена, откако разбрав за твојата смрт. Ми се чини како да ги пишувала пишувала туѓа рака, како да сум ги заборавил зборовите што сум ги пишувал самиот. Почнав да пишувам пред една година. Пишував во оваа измината година што ги дели вашите смрти, твојата и на Александар. И сега гледам дека требало да пишувам поинаку и подруго. Треба сега да дополнувам и да појаснувам. Да си појаснам себеси пред сè. Зошто тогаш, првите дни, седев кај Рамез, во малата сала на театарот и го следев секое негово движење со кое го парчосуваше телото на Александар? Седев здрвен и вкочанет, и ми се чинеше како што се касапи тоа тело така се распаѓа и Царството. Мислев, чинам сега, дека тоа беше она најважното што сум сакал толку детално и точно да му го прикажам на учителот. А сега сфаќам оти тоа не било најважното. Она што ме стаписувало, што ме обземало е нешто што сега допрва го согледувам. Кога Александар го подготвуваа за вечниот престој меѓу боговите, сè повеќе го снемувало Александар што го знаев, што ми беше познат и го престоруваа во некое непознато, туѓо битие. А ме снемуваше и мене и животот што го знаев. Сè се менуваше – и луѓето, и навиките, и времињата. Тоа го разбирам дури сега и гледам дека сето тоа се случувало околу мене а јас сум бил во средината на сите промени. Јас. Ме осветлува тоа сознание. Да, јас самиот себеси си пишував. Што би разбрал Аристотел од сево ова, од напишаново? Не знам. Ми се чини, сега, дека ништо не сум му соопштил, иако тоа ми била намера. Понекаде, на некои места, не му се обраќам никому, па ниту нему. Понекаде, кога ме завела писалката му се обраќам на Александар. Но, учителу, кому му се обраќа оној што нешто пишува? Никому, секому. И еден чуден навев ми доаѓа од прочитаново: јас пишував за себеси, и пишуваново ми е мене упатено. Та ете, кога пишуваме некому, што и да соопштуваме – себеси се откриваваме. Како јас ги читам писмата што ми ги упатува Птолемеј? Не го читам само она што тој сака да ми напише, туку и она што говори за него и во напишаното и во премолченото. И само тој самиот, Птолемеј, може сосема точно и докрај да знае и да разбира што ми напишал и зошто. Па што би те интересирала тебе,учителу, Атира или Просул и Протол? Та зошто сум потрошил и толку папирус и толку боја за она што Рамез го правеше со Александар? Сето тоа го пишував зашто мене ме засегнало, зашто јас сум бил присутен, јас тоа сум го доживеал, тоа на мене се однесувало и ме возмутувало. Секоја постапка на Рамез со телото на Александар, сега гледам, не е она што сум ти го напишал. Ме мачела, како заедно со него и мене жив да ме распоруваат. Но, јас самиот најдобро го читам она што сум го напишал. Зашто низ сите тие болки и страдања се ослободував од Александар. Да, јас во себеси му бев роб. Јас му бев сенка, а и сега сум уште неослободен, како сенка на сенката. А ова пишување ме лекувало и ме спасувало. Та еднаш да престанам да бидам нечесен и кон тебе и кон себеси. Ова што е напишано е напишано за мене и заради мене. Еднаш, во пишувањето, за малку ќе дојдев до таа вистина. Па инаку од каде помислата дека она што го пишувам може никогаш да не го испратам? Тогаш се криев од себеси, подмолен и итар. Но еве, сега самиот се фаќам, во сеќавањето, како сум смислувал како нешто ќе ти соопштам дури тоа се случувало пред мене, или се таело и се роело во мене. Инаку го живее животот, инаку го гледа светот оној што сака да го напише тоа, макар никому, та, сè е можно, ни себеси да не се обраќа, од оној што нема такви намисли. Зашто, полека, бавно, но неизбежно. Сè што се случува, сè што се дознава и што се доживува, престанува да постои и да биде важно освен низ замислата на пишувањето. Па како тогаш може да биде она што се пишува вистинито? Напротив, тоа е лага и измислица зашто сака сè да собере во себе да опфати, и сè да заврши. Кутриот, кутриот јас! Лагата, сево ова што сум го напишал, ми станала единствената вистина. А лага е сево, како сиот мој живот, зашто дури јас пишував за Александар, него веќе го заборавиле или го паметат исто така лажно и неточно какво што сега ми стои ова што јас сум го сторил. Тоа се сеќавања во кои најмалку го има Александар. И колку што го има, него го товари една одмазничка рака, оваа рака што сега ја држи писалката. Но, ќе ја оставам, бргу ќе ја оставам и не знам дали некогаш повторно ќе ѝ се вратам. Зошто? Само затоа за да си ги видам во она што произлегло од движењата на оваа рака, своето мало, гнасно лице на човек кој немал свој живот, на послушник кого никој не го терал да биде тоа, на подмолен низок и беден одмазник врз еден голем човек, онаму кај што тој не може да се брани. Тука, во папирусов, зашто лежи неподвижен во театарот. Срамно е сето тоа што го правев и го правам. Гнасно и долно. А еве по неколку дена се фаќам пак за писалката. Едно прашање ме глочка и ме јаде. Па зошто, конечно, ова што го правам да не ми биде посветено токму мене, да не ми биде упатено мене од мене? Зарем има повеќе вистина во она што го пишуваше Калистен? Та тоа беа само фалби и префалби на Александар. Никаде не се јави онаа отровна иронија која постијано, лесно, како водата што тече надолу, му доаѓаше нему на јазикот. Та во зборувањето беше зајадлив, двосмислен и опак и кон Александар. Во пишувањето не. Сите подвизи на царот, сите победи, и кога не беа извојувани туку добиени до покорност. Итан ме сочека еден ден пред старото бродоградилиште, на излегување. Бев дошол да видам како се позлатува релјефот на Лисип и украсените носечки столбови на покривот. Колата беше готова, блескава и огромна. Околу позлатите дрвото беше обоено темноцрвено, како крв на снег. Итан не се поздрави, иако не бевме се виделе одамна, од случајната средба. -Да ја видам колата – ми рече и ме завлече пак назад, фаќајќи ки го коњот за уздата. Не зборувавме ништо. Тој сјава покрај колата а мајсторите од работилницата се подиставија , зашто просто налета на нив. Отиде кај рудите, виде дали може меѓу нив да влезе ѕевгар волови. – Треба по двајца возари. Ја поткрена едната руда закачена на крајот на гредата од оската на предните тркала, ја прошета в круг за да види како се движи. И тоа го правеше без напор. Ја креваше и ја носеше таа огромна руда како да е лесно копје. Загледуваше и разгледуваше како да ја купува колата. – Добро е – рече, го плесна одзади Тврдоглавиот, па и тој јавна. – Што е добро Итане? – Се е добро. Помолче и почна да ми набројува на долгите жилести прсти: – Колата е добра, тоа е едно. Второ ги видов воловите за влеча, добри се, сите бели од еден сој, згоени. Потоа добро е што јас ќе надгледувам како ја возат оваа кола и како ќе ги тераат тие волови. Добро е што и ти ќе бидеш со мене. Најдобро е што Александар, мртов, ќе биде со нас. – А како знаеш дека ти ќе ги раководиш возарите и воловите на колава? – Ме повикува Еумен, мудриот – ми одговори Итан – и ми рече дека тоа била една од последните желби на Великиот Цар. – Итан! – го погледнав со прекор – не шегувај се со нешто што не е за шегување. – Па добро, не рекол токму така Великиот Цар, но Еумен ми изнаприкажа многу за тоа колку Александар се грижел за своите ветерани, колку им верувал. Но што да ти кажам, сето тоа и ти го знаеш штом го знае Еумен. Е, тој само ми рече дека ќе биде добро, дека ќе се исполни царската волја и правдината на боговите, ако македонските ветерани ја придружуваат посмртната процесија до Мемфис, кај што првиот гроб на Александар ќе биде готов за некој ден. А тоа значи дека и Еумен и Патиј и Селеук сакаат да се ослободат од присуството на македонските ветерани и дека Александар нема да биде погребан во Македонија. А јас, ете, се согласувам со двете работи. Зошто не? Што ќе правиме, жити адот, во овој град на сеништа, а и што ќе ни го Александар во Македонија. Јас ниту го прекинував ниту му одговарав. Јававме молчејќи покрај Еуфрат, а нагоре и надолу одеа претоварени чамци со по неколку рала весла. На другиот брег, по патеката изградена врз земјениот насип, биволи влечеа нагоре, спроти текот, дебела товарна лаѓа. Бродарите се довикуваа преку водата, а гласовите, како крици на водни птици им се разнесуваа надалеку. – Па – рече Итан – не се израдува многу што ќе одиме заедно кај Птолемеј? – Не се израдував – смуртено му одговорив, а тој мојата нерасположба ја пречека со блескава, подбивна насмевка. – Е, па ете, ќе одиме! Потоа стана сериозен, но јас знаев дека тоа трае само миг, тој негов лик со длабоки очи, кој излегува од подбивката и веднаш потоа преминува во онаа сурова, ѕверска муцка, која не знаеш што и кога може да ти стори. Ме фати за рамо и дури слегуваше од својот коњ ме свлечка долу. Без да ми го пушти рамото ме втурка во една од крајбрежните крчми, речиси ме поткрена и ме тресна на тврдата, широка клупа. Сигурно видел протест, но и уплав во моите очи, па веднаш и со збор и со рака пресече. – Не, нема да пиеш! Ќе молчиш ако сакаш, но ако сакаш ќе ми кажеш точно до каде се подготовките. И точно кога ќе се појде. Еумен рече дека само ти го знаеш тоа. – А Еумен можел да ме праша кого јас ќе го одберам за повелач на возарите! – О, тој сакал само да ти ја олесни работата, ништо друго. Јас се обидував да останам цврст, ако треба да молчам но ако треба и да скрескам во оваа задушлива крчма, во која бедните носачи, претоварувачи, гоначи на биволи, слепци и просјаци ја сркаа својата чорба од риба и го глодаа парчето тврда, црна погача. Се гледавме в очи и Итан сега го имаше она лице како да е сосема сам во крчмата, или како да е на некое друго место а не тука, зашто се чинеше оти не забележува ни каде се наоѓа. И со широко отворените, празни очи, гледаше низ мене, како да сум прозорец. Не можев да го издржам тоа молчење, тоа неподвижно, небаре отсутно седење, а знаев дека токму сега мислата нешто му демне, се заканува подмолно и се остри како меч што се забодува во песок. – Не знам кога ќе тргнеме – реков усрамено. – Не знаеш – рече Итан и во тие зборови немаше ниту гнев ниту чудење. Тие се прошепотеа како одглас на моите. – Не знаеш – сега ми се обрати кон мене, како да го разбира и да го одобрува тоа мое незнаење. – А знаеш ли дека македонските ветерани веќе се готват за пат? А знаеш ли колку ги има тука, во Вавилон? Не знаеш. А јас не само што не знаев, туку никогаш и не помислував на тоа. Некако, сега се фаќам себеси како и го откривам бледиот навев на мислата за тоа, која некогаш ми пролетала како сенка на утринско валмо и магла низ главата. Та јас и мислев и знаев дека само Просул е македонски ветеран во Вавилон. Итан, кому суровоста почна да му прос’снува од очите како змиски јазик, благо ми вели: – Има две илјади коли. Сигурно и три илјади зашто многумина од нас стекнале, кој како, и имот и жени, некои и деца. Три илјади коли. Тоа е прво. А знаеш колку имаат македонските ветерани грла волови, крави, биволи? Колку имаат овци, камили, кози? – Не знам – велам сосема безволно но живнувам од една мисла. – Ама ниту ти знаеш – и слушам како во тој мој извик ѕвони некаков детски инает, некое ликување, зашто е најден одговор кој го понижува надуениот соговорник. Итан прснува да се смее, се засркнува од смеа и јаболкото на жилавата шија се бори за здив и брзо, како крт низ жито, ја бранува кожата. Крчмарот, кој досега настрана го држела нашата кавга, прискокнува сиот насмевнат, поднаведнат, втренчен во Итан. Ме раздразни таа хомеровска смеа на Итан. Сега ме дразни тоа што крчмарот веднаш, со осет на животно, сфатил кој е од нас посилниот и поважниот. Му скреснувам: – Вино и риба – така што сите молчаливи глави , полунасмевнати поради громогласната смеа на Итан се наведнуваат и насмевките в миг им бледнеат. А крчмарот повторно се завртува кон мене и назадечки се оддалечува брзо и нечујно. Итан ми се впива во очите, ми ја фаќа преку маса раката и непопустливо ја држи и непопустливо ја држи. Не можам да ја извлечам, а знам дека само ако го стегне обрачот на своите прсти, раката ќе ми стане каша. – Ти нема да пиеш – ми вели и потстегнува така што ме жегнува болка до рамото, до плешката. – Тргнуваме по четири дена. – Зошто токму по четири? Кој го одредил тоа? Мене никој не ме прашал! Итан го подзасили стисокот и со онаа крива насмевка, со набрана горна муцка како кај озабен волк, ми проговори меко, со некоја одвратана лажна покорност. – Па, еве, јас сега те прашувам. И ме гледа втренчено со поглед кој не очекува одговор. – А зошто, полковнику, токму по четири дена, не знам. Но уште пред десет дена го одредил часот. Дали тоа е сторено со знаење на Селеук или на Птолемеј, дали Пердика од некаде се јавил, или тоа Еумен и Патиј го разгласиле а може и Аликсен да го одредил денот, не знам. Но, добро, градот врие, а полковникот кој треба да ја води погребната колона не знае ништо за денот на тргнувањето. Знаеш ли полковнику, дека сите скелиња од Еуфрат се збрани во пристаништево? Знаеш ли дека некои веќе се префрлиле на другиот брег зашто скелеџиите дење ноќе да работат не можат да ги префрлат сите коли за четири дена. Им плаќаат во злато само за да ги префрлат. Големото скеле со кое ќе се префрли колата, веќе ги пренесува стадата овци и кози. Некои стада говеда веќе ги натерале да ја преплават реката. А полковникот седи во летната куќа и пишува во своите папируси. Јас молчам како виновник, а раката ми е помодрена, отрпната и остината. – Зошто ме ословуваш како полковник, проклет да си?! – му свикувам и се обидувам да ја оттргнам раката, но тој ми ја пушти како да испуштил пеперуга на која се сожалил. – Ох – рече кревајќи ја веѓата – та зарем самиот цар не те прогласи за полковник? И тебе и учителот на пажовите Тезикрат, и повелачот на сета дворска послуга Тинеј? О, зарем не се сеќаваш? – се побиваше Итан. Седам, молчам и се сеќавам. Да, беше тоа кога се создаваше македонско-персиската фаланга. Точно е, беа извикани и нашите три имиња. – Се сеќаваш, значи – рече Итан како да го виде моето сеќавање. – Вие тројца одбрани, храбри Македонци и уште десетина Персијци, сите бевте прогласени за полковници. Седам и се срамам и сакам да не сум тука со овој проклет напасник. Тогаш, кога Александар ме прогласи за полковник го сфатив тоа како уште една празна титула какви што годиниви добив десетина: царски оружар, администратор на индиското оружје запленето по битката со Пор, повелач на царската работилница и ковачница... Но ниту сум видел индиско оружје, ниту сум влегол во работилница и ковачница, како што не ми беа доверени ниту полк стрелци или коњаници. Како што сум бил и никаков царски оружар. Сите тие титули беа празни, без никакво значење. Ги добивав само за да му одобрам на Александар со климање на главата кога ќе му потребаше сведок или потврдител за она што го кажуваше. Многумина ме сметаа за мудар и итар. Но јас добро знаев дека не сум ниту едното, ниту другото. Но, не сакав никој да забележи оти не сум, уште помалку дека знам оти не сум. Тоа беше една од измамите врз кои се крепеше мојот живот во големата сенка на Александар. О, не ми е мене утеха, но заради вистината ќе напишам: и многумина други, безбројни животи минале така празно, со лажен блесок, за мали и поголеми услуги што му ги направиле на моќниот цар, или за устите пони пофалби за неговите дела или за верноста што му ја укажале. – Архидеј – ме повика Итан од мојата втонатост во срамот кој ползеше по мене и низ мене од сеќавањата – нешто мора да знаеш. Мирно говори првпат и без подбив и без лутина. Молчам и чекам. – Ветераните одбиваат да го следат царот завиткан во платно. Мора да се одвитка. Ако вечерва не им го пуштам гласот дека ќе биде по нивно, самите ќе ја отворат гробницата и ќе го сторат тоа. Немој да се шегуваме со нив. Треба уште да се знае дека дрвото што престана од изградбата на новата флота го запленија ветерните иако Еумен се противеше. Тоа го сметаше за царски имот со кој тој ќе управува. Но тие тргуваа со тоа скапоцено дрво. Добивката ја делеа на сите. Чесно. Ми даваа и мене. Еве – извади од под камилската наметка ќесе од козја кожа и го ѕвецна на клупата. – Но, да знаеш дека од таа добивка , најдобрите стари оружари, дрводелци и ковачи му го изградија погребниот сандук од најдобро дрво, со најдобра изработка. Ист како на татко му Филип и на Хефестион. Собираа и мед за потопувањето. Тоа, да знаеш мора да се стори. На Рамез му најдов работа во Опис, но веќе пратив коњаник да го извести, да дојде или тој или некој од помошниците. Не може инаку. Ќе се дигне бунт, а тогаш сигурно прво ти ќе страдаш, оти сите знаат дека ти си именуваниот погребник и дека таа одлука зависи од тебе. И тогаш проговори горко, со чудење и беспомошност. – Не разбирам како меѓу ветераните има уште многумина кои се колнат во Александар како во боговите. Тоа никогаш нема да го разберам. Говореше пак како да е сам. Прва ноќ во походниот шатор. Седам, премален, на постелата, во светлината на малата ламба со палмово масло, со штицата за пишување на коленици. Првпат сам последниве пет дена. Уморта ми го разбркува сонот, а белиот папирус ме гледа како гладно куче. А јас сум жеден да напишам сè што се случило. Вечерта, по разговорот со Итан, одјавав во летната куќа за да почнам да се подготвувам. Во градот среќавав коли натоварени со врзопи во цврсто бродско платно, со кафези со живина, со многубројни деца, со големи земјени садови за вода, со мешини. Одеа молчеливи луѓе, загледани во ништо. Итан ми беше рекол, кога се расприкажа од виното во крчмата – мене не ми даде ни капка: – Знаеш ли дека овој град умира, дека Александар му врати малку живот, но лажен живот. Градов е како летен мртовец – мек е, топол е, му се вртат рацете и нозете па долго време стои жив, и се дуе. Мислиш дека расте и се гои, но почнува да труе и да се распаѓа. Итан имаше секогаш, за сè, некои такви гнасни споредби што, иако човек ја увидуваше вистината во нив, а и јас самиот со свое око ја осознав оваа вистина, добива, сепак, желба да му се спротивстави. Но јас преминувам преку тоа и молчам. -Ова ти го кажувам – вели Итан со насмевка од својата споредба – за да го знаеш и тоа дека со поворката ќе тргне и многу народ кој мисли дека таму кај што е Александар боговите ќе дадат блажина, дека во негова близина сè ќе напредне и сè ќе процвета. Многумина – одмавна со раката како да го брка тој збор од воздухот – повеќето ќе тргнат лошо подготвени. Храна треба за три месеци зашто до Мемфис нема населба која може да прими и да нахрани многуилјаден народ. По патот ќе има и грабежи и колежи за грст жито. Да знаеш тоа ќе биде толпа, не поход или погребна поворка. Сретнував низ градот и прости, рачни двоколки кои се влечат со две рачки и широк ремен преку челото. Ме вчудоневидуваше одлучноста на тие луѓе да преминат, боси со товар, седум илјади стадии. При подготовките за пат видов дека немам што да подготвувам. Шаторот, постелата, вреќа со кршено жито, врзоп суво месо, два ќупа со вода, неколку мевови вино, суво овошје во голема кошара, лакови и стрели, куси копја, врзопи со промена, зимски наметки, вреќи зоб за коњите, бали со единствениот непотребен имот, со скапоцени ткаенини, со темни шишиња мириси – сето тоа ми го подготвија во лесна и цврста кола со покрив од тешко платно што не пропушта ни вода ни сонце, невидливите слуги на Еумен, утрото кога му реков дека по поаѓањето ќе бидам во Вавилон, во царската палата. Веројатно сè било веќе подготвено зашто дури разговаравме открив дека сè беше ставено во колата во просторот пред шталите во летната куќа. Јас само го додадов врзопот навосочено платно со папирусите, таблата за пишување, шишето боја од сипа, кожното кесе со писалките. Ми го доведоа од штала мојот Устор. Одеше безволно, нозете му се сопињаа на рамната земја. Коњушарот ми рече: – Господару, остави го тука. Ќе го храниме дури сака да јаде, зашто честопати и не сака да јаде. Каде ќе го водиш? Та зарем не гледаш дека сосема ослепел? И јас, сега денски, видов дека очите му се бели и неподвижни. – Не – реков – тој сака да биде со мене. И Устор ја подзаврте својата слепа глава кон мојот глас, но не ја поткрена. – Не го водам сега. Сега ќе остане. И тој, а и колата. Нека бидат под стража. Ќе дојдам по три дена. Потоа ги одделив сите непотребни работи и го прашав коњушарот дали знае каде треба да ги однесе. Човекот отворено, со искрени очи што секогаш простичките луѓе ги имаат пред благородните дела, ме погледна в лице, рече: – Знам, кај Атира. Зедов полна зобница за Тврдоглавиот и тргнав кон Вавилон, кон палатата. Се завртев а коњушарот гледаше по мене со преданост и почит. Така ние гледавме по Аристотел. – Ќе ја влече ли коњот колата? – прашав. – О, господару, тоа е борбен коњ но Александар, Големиот Цар – се дополни зашто сметаше дека името што го изговара не може да стои само – за казна честопати наредуваше да стои само – за казна честопати наредуваше да го впрегниме и во двоколка и во товарени коли. Навикнат е. Во палатата безделничев два дена. Спиев со седлото под глава, а и Тврдоглавиот го воведував во мојата одаја во палатата. Смрдев на шталски момок и бев сосема, сосема непотребен. Што и да сакав да се преземе веќе било направено, што и да побарав од Патиј веднаш ми беше давано. И нови писалки, и темномодро шише боја од сипа, со златна затка и траби од мојот папирус а и тешко бале сосема нов, бледозелен пергамент. Сакав, еден ден, да почнам да ја пишувам историјата на владеењето на Александар. На пергамент, за да трае. Дента пред самото поаѓање, во белите мугри, беше закажано да се отвори гробницата. Дојде да ме разбуди подзгрбавен фалангист со сариса, и со една бела ленена торба на која некој одамна, небрежно, со сандалов јаглен напишал „Архидеј Потивов“. Тука беше полковничката облека со лесен шлем и само со украсен раменен и граден оклоп. Дури го навлекував, ветеранот го оседла Тврдоглавиот па ми ги пристегна задните ремења на кожниот оклоп. – Полковнику, благороден Архидеју, ветераните те чекаат – ми рече свечено фалангистот. Ми го водеше коњот до пред палатата и ме проведе до ветераните држејќи ја сарисата исправена со една рака, што при парадните настапи ја покажуваа силата на копјаникот. Ги имаше од сите родови: и штитоносци од првиот ред на фалангата, со високи, цврсти штитови, и копјаници со сариси, и фрлачи на куси копја од задните редови и лесни стрелци кои ја префрлаа фалангата со стрели кон непријателот. Имаше и коњаници и морнари, и мајстори од работилниците. Тука првпат ми пристапи Аликсен. Не го познавав, го немав видено порано. – Благороден Архидеју, гардата е готова да ја проведе погребалната кола на Великиот Цар до Мемфис. Крилниот командант на фаланга ми се обрати како кон заповедник. Никогаш не би го сторил тоа да не му било така наложено од Птолемеј. Се гледавме и обајцата го знаевме тоа, а знаевме и дека другиот тоа го знае. Влеговме, при првата средба, во една свесна меѓуизмама. Гардистите беа построени во два почесни реда од влезот во малата сала до колата на која стоеше цврст, црн, светнат саркофаг. Ист како на Филип. Сега ништо не запишувам за гардата зашто ми се поважни ветераните. Ги имаше еднораки, еднооки, со исечени лица, без усни, без прсти, без уши, без стапала. Но сите беа во старите оклопи од тврда биволска кожа, со клепани шлемови и под оружје. Каменоресците веќе го пробиваа заѕиданиот влез. Го најдоа главниот, среден камен, кој беше последен вглавен и го искршија со моќни удари на тежок чекан од каменоломите. Потоа другите камења ги одѕидаа, ги раскорнаа лесно како заби од старечка вилица. Никој не влезе дури не ја ослободија целата врата. Ме чекаа и јас пречекорив во тмнината. Веднаш пристапија факленосците и кога го изодевме ходникот во светлината, како снег на планинскиот врв, прво заблеска телото на Александар во бело меко платно. – Каде е Еѓипќанецот – замрморија гласови и го дотуркаа кутриот Тамес кој се тресеше како мев со вода на коњско седло. Беше блед, молбено ме гледаше, но јас му мавнав кон Александар. Почна со растреперени раце и со плачливо лице, откај главата. И како што го навиткуваше платното околу дланката светна прво црвеникавата коса, потоа челото, па очите, се отвори лицето, светлорумено, цело. Им затреперија факлите на факленосците, од градите на ветераните пробија тешки воздишки на страв и на восхит. Тамес, со одвај скриена, среќна насмевка, ги разврзуваше рамениците и градите, рацете, телото. Сигурно бил преплашен оти ќе наиде на гнили меса низ кои пробелуваат коските. Се плашел за својата глава. Сандакот го внесоа дванаесетмина. Го внесоа врз преполовени сариси. Под капакот беше оловна празнина. Во ковницата за пари беа излеале тенки оловни плочи, тенки како папирус со кои го обложиле однатре. На составите на оловните плочи минале со вжештено железо та сандакот можеше да држи и вода и да не прокапе. Го потфатија својот цар, нежно, внимателно, како заспано дете и врз пребела ленена покривка на дното на сандакот го положија телото. Рацете му останаа прекрстени врз градите. Го извадија неговиот стар оклоп. Шлемот беше режнат со меч. Горната кожа на рамените оклопи на неколку места беше пресечена, штитот што му го оставија врз градите беше избоден со копја и стрели, сечен со мечови. Тоа беше оклопот од Граник. И Александар се подмлади, како да се врати во она време од пред тринаесет години. Тогаш пристапија медоносците. Ги одраменија тешките ќупови што им го постави еден од ветераните, сув и висок. Го викаа Оса, а беше најпознат и најпризнат пчелар од Тасос. Загледуваше со факел в рака во ќуповите и покажа на првите три. – Прво лимуновиот – рече и кај главата истурија три ќупа проѕирен, густ мед, кој полека се слеваше. – Палмовиот – покажа на други три ќупа и ги истурија кај рамењата. Беше малку потемен, но проѕирен и чист. Потоа истурија мед од багрем, па од планинско цвеќе, па темнокафен мед од маслинов цвет кај колената, па темен полупроѕирен мед од бор кај стапалата, и на крајот од саркофагот црн мед од пелин и коприва. Боите малку се измешаа на допирите, но личеше како да е Александар кај лицето осветлен од сончева светлина а надолу како се повеќе да му се згуснува сенката. Изгледаше поголем, поголем но некако спитомен и добростив. Ветераните го однесоа сандакот до старото бродоградилиште, сменувајќи се патем и, ми се чини, дека сите понеле барем малку од товарот. Напред, во две колони одеа гардистите на Аликсен. Ми се стори дека целиот Вавилон се беше послал на тој пат од седум-осум стадии од театарот до погребната кола кај Мардуковата порта, па сè долж нејзиниот пат до големата скела на Еуфрат. На брегот беа и Еумен и Патиј. Чукнаа Вавилонските клепала. Забрзано нетрпеливо, како одвај да чекаат да се изнесе телото од ѕидините на градот. Да се префрли преку реката и повеќе никогаш да не се спомне името на Александар. Клепалата ја кажуваа вистината. А за сето тоа време преку Еуфрат минуваа преполни, а се враќаа празни скелиња. И кога колата преплови на другиот брег, клепалата замолкнаа, народот се разотиде и сè се смири во Вавилон, како да си удрил со меч во вода. Заодевме, а по нас почна да се влече огромна колона коли, стада говеда, овци и кози, пешаци со нарамен товар, претоварени камили, рачни колички, деца и жени со бовчи на главите, питачи и крадци. Цел еден многујазичен многуилјаден народ. Првиот ден веќе кон пладнето Вавилон се загуби во думаните жолт прав што го креваа илјадниците нозе, тркала, копита. А и пред нас се жолтееше недогледен брановит простор. До оној прв конак, со бавниот, волски ôд, поминавме осумдесет стадии. Нè чекаа уште три и пол месеци пат до Мемфис. Четвртиот ден помина, навидум исто како и претходните, те се чинеше дека влегуваме во една патна монотонија која ќе трае и ќе трае. Кога патот ќе заврши, кога ќе стасаш до целта, и кога таму ќе започнеш поинаков живот, тоа што те мачело најмногу, токму таа монотонија почнува да ти недостасува. Но, се чини, на ова патување не му било дадено да помине во едноличност која си копа корито, та низ него тече без ништо да се менува. Кога при долгите патувања тоа ќе се постигне, откога ќе поминат, зашто секој ден е ист како претходниот и идниот, се чини дека патувањето траело многу помалу. Вечерва, на четвртиот конак не дојде никој да ми го постави шаторот. Јас и Итан ги теравме нашите коли тркало до тркало, први зад погребната кола, та патем, понекогаш променувавме по некој збор. Мене тука ми припаѓаше местото. Другите места ги одредуваше некој од офицерите во гардата, а во гардата беа повеќе офицери одошто прости гардисти. Но, за гардата реков веќе, ќе напишам нешто некој ден. А Итан, Итан едноставно се уфрли до мене. Никој не му го оспори тоа место. Кога гардистите поставија прашање таму да биде или колата со катран и со резервните оски и тркала, или, што всушност сакаа да постигнат, една од нивните коли со снабдување. Итан ги упати назад со палецот. – Одете, прашајте ги ветераните каде ќе биде оваа кола, зад или пред погребната. Никој не отиде никого да праша и Итан се закрепи на тоа место. Не верувам дека сакал толку горливо да биде токму зад царската погребна кола. Но, тоа место, во непрегледниот карван, ослободуваше од маките што ги носеше прашината, реата на животински и човечки измет, мувите кои одеа по него, вресокот, караниците. Прашината, таму кај што си беше невидлива, како магла. Човек мисли дека таму кај што е тој ја нема, но дека секаде те опколила во круг и те демне. А кругот, заедно со него, се движи, си ги доближува или си ги шири ѕидовите, но не допира до човека. Па сепак, тие носеа шамии преку лицата, до очите, и кај носот и устата им се нафаќаше онаа ситна прашина што ја раѓа само посна и сушена земја, која од здивот се претвора во корка кал. Изгревите ни беа црвени зашто сонцето, до едно копје, се молкнеше низ таа прашина, но залезите беа брзи, модри и чисти. И ѕвездите доаѓаа веднаш по сонцето. Итан се исклешти кога сите веќе си го беа свиле конакот а јас седев во колата, се обѕирав, но никој не доаѓаше да ми го намести шаторот. – Кој ги знае, тоа беа Персијци, момчиња на кои некој им рекол дека ќе ги награди ако ти бидат на услуга. Може им платил само за три дена, а може се премислиле па се вратиле. Утрово, на третиот конак, останаа многу луѓе и стока. Не ги растурија шаторите, не ја побараа стоката од пасење. – Кој остана? Итан ме погледна зајадливо. – Та ти велам, не знам ни колку беа, а камоли кои беа. Но, останаа зашто вчера на конакот имаше ширум густи пасишта, а денес, цел ден одиме по песочна. Сточарите останале. Ќе ги чекаат есенските дождови, па ќе продолжат. Ќе тргнат на некоја страна. Некаде. Како и ние што не знаеме каде одиме. – Ние одиме во Мемфис, како не знаеме! – Прашај некого од ветераните па ќе чуеш дека некои одат за Тир, некои за Тарс, некои за Пела, некои за Александрија. Итан го намести својот шатор, го отпрегна коњот, го избриша, го напои, го врза за колата, му ја обеси зобницата, ја зеде иранската спростирка свиткана во траба и го снема во шаторот. Сето тоа го правеше брзо, со лутина, дури со гнев и повеќе не ми прозбори ништо. Во темнината се мачев со коњите, ги поев и ги хранев. И стуткан на вреќите зоб, со тој прекрасен мирис на лето, на Македонија во ноздрите, заспав. Се разбудив во белите мугри и дури логорот се тегнеше и се проѕеваше, го пишував ова со таблата на колениците. Впрегнував откога тргна погребна кола, но никој не брзаше зашто таа одеше бавно та стасуваа околу пладне и оние што тргнале кога сонцето веќе се кренало за две копја. Десеттиот ден вечерта до мојата кола дојде Аликсен. Намуртен, намќорест и без изрази на почит ми се обрати како што меѓу себе разговараат трговците со коњи. – Слушај – рече – гардистите на Птолемеј бараат да им се отстапат седумдесет коњи зашто е понижување да чекорат пред колата како пешоодни пажеви. Назад, во придружбата има стотици и стотици коњи кои се учени на коњанички вештини, кои биле и во свечени поворки и битки. Товарени се со непотребен, безначаен товар. Барам да наредиш да ги добиеме уште изутрина тие коњи. Седумдесет. – Кому да му наредам, благороден Аликсену? – Мене – рече тој подготвено. – Јас да ти наредам тебе, да го правиш она што си ми го наредил да ти наредам? Аликсен тешко се снаоѓаше во бркотница од зборови, та правејќи се како ништо да не сум му рекол, рече: – Да, ти треба да наредиш. – Е па, јас му наредувам на оној што ми нареди да му наредувам да биде коњокрадец, да си ги престегне сандалите и да оди како што одел досега. Аликсен бесно ме зграби за рамото и, како што им се обраќаше на пажевите кога нешто ќе згрешат, ми плукна в лице. – Слушај ти, пиле оскубено, ги гледаш ли овие сандали – ми ја крена правливата нога речиси до очите – ќе изодат ли уште три месеци, мрсулко незабричен! Јас му се смеев в лице, развеселен од тој немоќен бес на силникот. Така беше сега со нас, со сите нас. Сите бевме, па и овој Аликсен, под моќната сенка на царот замолчени, послушни, покорени. Постоеше тогаш само еден гнев кој не се стеснуваше најсурово да се покаже и да се истиши, само еден бес кој не мораше да се задушува во себеси. А сега тој огромен, немерлив и несопирлив изблик на сила, самоволие, хир, омраза и пакост се распредели на сите нас што сме му биле во сенката. И за секого имаше доста повеќе одошто може човек да собере во себе. А тие сандали, со раскопани дупки, со омрцлавени ремења, ми ги покажаа в миг сите тие парадни гарди на одделните диадохи што почнаа да се формираат делум од одраснатите пажеви, делум од војниците кои умееја да се умилкуваат, да се додворуваат. Беа тоа убаво облечени гардисти. Но божемните оклопи им беа од тенка јарешка кожа прековани со позлатени глави од божемни заштитни клинци. Некои беа со црвени оклопи, некои со модри, сите со посебни знаци на господарот. Сандалите им беа лесни, од мевот на биволска кожа, а не од двојна, цврсто и длабоко прошиена кожа од грбот, какви што се правеа некогаш и за фалангистите, но и за гардистите на Александар. Беа со широки но тенки ремења, бојадисани и со позлата, кои од првото накиснување се тегнеа и спаѓаа. А оружјето, тоа светло и сјајно гардиско оружје! Позлатени рачки со светливи камења, со кании од бојадисано дрво. А сечилата! Набрзина, еднаш ковани, не диплени и прековувани, та уште усвитени да пропиштат во чиста изворска вода. Не, беа тоа сечила од кои со ковањето не е исцедено црнилото, тапи, зашто и не можеа да се острат. Честопати, при врвот на позлатените ножници се ширеа грди петна р’ѓа. Ете тоа беа гардите и гардистите. Се појавија кога царството почна да тоне во раскош, во богатење, во сјај, како опачина на сето тоа. Зашто беа јасен предзнак на расипаноста што носи пропаст. А меѓу овие гардисти на Аликсен, присобрани со ветувања за добра служба и богата награда во Египет, кај Птолемеј, имаше крадци и убијци, бегалци од разни фаланги, скитачи и питачи. Итан ми пријде по расправијата. – Дојди во мојот шатор. Го потфати Тврдоглавиот и колата заоде, нишајќи се по крајпатните стрмнини. Надалеку, на чисто и рамно место беше неговиот мал шатор во кој гореше светилка. Седевме на посланиот килим и Итан ме праша: – Што мислиш, како одат работите? – Не знам – реков – за десет дена минавме петстотини стадии, велат. – Точно петстотини, па? – Не знам, почнавме да заостануваме. – Си разговарал ли денес со водичите? – Не, не разговарав. – А јас ќе разговарав – рече Итан – ама утрово ги немаше. Молчевме. – Да не се отидени напред па да нè чекаат таму на утрешниот конак? – А каде е тоа таму? Таму – покажа некаде со раката – или ваму – покажа на другата страна. Патот се стеснува и набргу –е може да оди само една кола но не и оваа со Александар. Молчевме. – Кој ги одреди водичите? – Се јавија самите и Еумен ги прими – раков. – Но тие се водичи за карвански патишта, не за една ваква кола – рече Итан. Се гледавме и пак молчевме. – А патарите, каде се патарите? – прашав јас. – Зарем не требаше со нас да се стотина или двесте работници како што рече Еумен. Да го шират патот, да премостуваат реки? – Не знам што сè ти рекол Еумен, Архидеју, но знам дека оваа кола нема никаде да стаса. Јас претрпнав. Морниците ми влегоа в утроба, со остри шилци и студенило. – Како никаде!? – Па така е правена и пратена да не стаса никаде. Воздивнував и излегов од шаторот. Легнав во колата врз вреќите зоб а Тврдоглавиот го оставив впрегнат и низ несоницата и миговите заспивања слушнав како си ги преместува нозете. Устор на одморите легнуваше и во утрата одвај го скоривав на нозе. Ноќта беше студеникава со јасни ѕвезди кои светеа, ми се чинеше, и низ платното на мојата кола. Колоната полека се растураше, се смалуваше, од разни причини и разни начини. Најаките почнаа да заостануваат од премаленост. Остануваа тие бедни пешоодци, откако со денови ќе си го смалуваа и онака бедниот товар, на некој од конаците. Остануваа со утешна надеж дека ќе ја стасаат колоната но умората и рамнодушноста, апатијата, ги запираа кај што заостанале. Имаше и такви брзоодци, меѓу поимашливите, кои со својата стока одеа напред, за први да ги заземат идните пасишта кои беа сè поретки, да се најдат поилни локви во пресушените речни корита пред да дојдат другите. Ретко потоа по ден или два, наидувавме на некои од нив. Имаше и скришни напуштања на колоната. Во мугрите пред да се крене конакот, ќе се забележеа празни места, само траги во прашина. А имаше и бегства по кражби, тепачки и убиства, по битки меѓу семејства и одделни групи, за зоб, за вода, за товар во кој веќе не знаеја што има ниту сопствениците, ниту напаѓачите. Ветераните пред да нè напуштат доаѓаа да ме видат. По неколкумина, понекогаш десетици ќе дојдеа вечерум, ќе пристапеа со поздрави на почит и ми објаснуваа, со стеснување, дека ако тргнат малу по на север од патот на колоната, кон Ис, ќе минуваат низ познати земји, низ Сирија, Силиција, Фригија и Мизија до Македонија. Ги плашеше непознатиот пат кој водеше некаде меѓу Палестина и Египет, кон морето, покрај кое поминаа пред дванаесет години, до кое имаше тесен појас маслиници, а кон ваму, кон исток, тогаш ја назираа оваа бескрајна пустелија со суви водојадни планини. Јас се збогував со молчење и тие, притивнати се враќаа кон своите семејства, кон камилите и коњите. Синот Лагов, кога со една таква група се збогуваше со мене, ме покани, пред да ми се поклони за прошка, да дојдам, ако патот ме донесе во Филипион во неговата куќа како гостин кој ќе ги израдува сите. Не ги криеше очите, немаше вина на неговото лице. Понекогаш в зори ќе забележев карван кој поаѓа, а првото денско светилце го опцртува, доаѓајќи му оддесно. Некои пак, просто така, и дење, ќе се одделеа и фаќаа друга насока. Оставивме и многу гробови зад себе. Умираа старци, деца, болни. А ние одевме така што при изгревот, кога веќе ќе тргневме, си ги газевме долгите сенки право пред нас. Четиринаесеттиот или петнаесеттиот ден, попладнето се зададе огромен, темен, треперлив облак. Коњите за’ржаа, заблекаа овците, кравите избезумени, боднаа на сите страни, виеја и цимолкаа кучињата, а ние стоевме како стаписани и маѓепсани и слушавме како облакот почнува да бучи, да ѕуни и да татни, да се збива и да се растега и врз нас, врз сè околу нас. Пласна грмада скакулци која почна да гризе со стравотниот шум на илјадауста ламја. Гризеше сè што можеше да се гризе. Кржлавите пустински грмушки и острата трева ги снемуваше како снег под јужен ветер. Човек не можеше да си ги одбрани очите од таа густа навалица. Тврдоглавиот почна да одмавнува со главата и да оди назадечки но не се преплаши, само му додеваа овие натрапни, тврди тела кои му крцкаа под копитата. По половина час грмадата пак се крена, забрмчи и уште долго нè прелетуваше и ни го криеше сонцето. Потоа наидоа птиците од сите познати и незнајни соеви кио ги колваа заостанатите и мртвите скакулци. Вечерта дури лежев во колата, во шаторот на Итан дојдоа неколкумина. Го препознав гласот на Протол. – Старците велат дека не треба да одиме на запад, по патот на скакулците, зашто ќе навлеземе во гладни земји, непознати, може и непријателски. Ќе не напаѓаат за храна, за стока. Треба да свртиме повеќе кон север, кон Дамаск и да излеземе на морето кај Тир. Оттаму, со галија Александар нека замине кај што му е речено од боговите и тој кај што рекол дека треба да биде. Патот за натаму секој ќе си го толкува и ќе си го бара. Итан сржа и како да му ја гледав волчјата муцка со соголените песјаци и веѓите згуснати во брчката над носот. – Да одиш и да им речиш на тие старци дека скакулците не доаѓаат никогаш наваму од запад. Од далечниот Нил се собираат и одат на север, кон Палестина, Сирија и Силиција. Овие ги занел случајно, ветер и од морето довде не слегле и не изеле ниту тревка. И нека не ми мешаат галии и скакулци. Нека речат отворено – сакаме да си одиме во Македонија. Зарем некој ги навреди оние што заминаа? Та што би правеле и тие старци, и сите вие Македонци во Египет? Нека одат да си ги остават коските таму каде што им е местото, во Македонија. Нека изгнијат таму од кај што дошле! Итан паѓаше в оган и во грмењето на зборовите како да му го слушнав чкртањето на забите. Потоа замолча и со притивнат, со оладен глас, по еден тежок миг на штама им дофрли. – А јас знам каде одам и зошто одам. А ако сакаат да го проследат својот цар, фараонот на Египет, хегемонот на Хеленскиот сојуз, владател на целиот Икумен нека повелат, нека останат. Речи им дека ако мислат оти патот уште не е решен , дека може да се измени, нека не се лажат – патот не може да се менува зашто е одреден иако не знаеме каде ќе нè одведе. И да биле толку приврзани кон царот, да сакале да го однесат кон Тир та да го пратат по море кај што ќе го однесат ветровите, ќе дојдеа Протоле самите тука, ќе ја поведеа колата. Немаше тебе да те праќаат како гласник или посредник, или не знам што. И кому? Мене. А што сум јас? Јас сум исто еден од нив, од тие твои старци, само што не остарев туку осакатев. Речи им слободно да си одат по својот пат, кон морето, кон небото, кај што сакаат. Од сето она што го слушнав ништо не ме изненади. Освен оној збор кој искокна од сето она што го говореше Итан – осакатев. – Како е татко ти, Протоле? – сега со смирен, стивнат глас праша Итан. – Умре вчера. Потоа настапи молк, па пак проговори Протол зашто, сигурно втренчениот поглед на Итан и неговата крената веѓа го испрашуваа повеќе од каков и да е збор. – Умре самиот, како да се уби. Цела недела не сакаше да пие вода. И со сила му туравме, ја затвораше устата и вадеше нож на нас. – Да не го каснало збеснато куче – праша Итан. – Не. Мислеше дека одиме низ Мекран, дека водата ќе треба да се чува за да ни трае дури не ја поминеме целата пустина. Се исуши, но не сакаше да лизне ниту капка. Умре така, во некое друго време, како да е и на некое друго место. Говореше со луѓе кои не беа тука, за работи кои не ги разбираше. Гледаше јасно ама не нè познаваше, ни ги менуваше имињата. Го закопавме. Молчеа. Никој од другите не прозборе ниту збор. Слушнав како заминуваат, некако крадешкум, како виновници. По пет дена, кон дваесеттиот, колата не можеше да тргне зашто како и водичите, избегаа воловарите, и возарите и подмачкувачите на тркалата. Не ги украдоа воловите за да не им го забават бегањето, но заклаа еден и му ја оставија само утробата, главата без јазик и копитата. Месото сигурно некаде патем ќе го исушат. Се завртев назад, низ тесната рамнинка по која одевме до мракот, та не ѝ и го знаев кривулењето и се чудев од каде сме дошле, зашто стрмните брегови се затвораа зад нас на нецел стадиј, а и пред нас немаше излез. Почвата беше распукана тиња, тврда како мермер но глува зашто по неа не се слушаше ни чекор, ни копито ни ѕвон на тркало. Зад нас имаше само неколку коли кои се готвеа за поаѓање. Го немаше ниту шаторот на Итан, ниту коњот, само колата му стоеше настрана, под стрмо пресечениот жолт песоклив брег. „Одјавал“ – помислив и се почувствував напуштен, осамен и беспомошен. Но тогаш, низ стрмнината на брегот се спушти Итан, црн врз црниот коњ кој со предните нозе го сопираше слизгањето, прво на одронот, а пред него, под камшикот на Итан се стркалаа неколку момчиња. Беа Египќани. Или работеле кај Неарх, на новата флота или биле калџии или ѕидари на некоја од градбите на Александар. Кога Итан ги дотера до погребната кола видов дека биле калџии. Имаа светли петици со истенчена кожа. Но не знаеја ништо за воловите, за јаремите, за рудите и спрегнувањето. Од предната страна, кај што се чинеше дека патот е затворен се појавија четворица од гардистите. – Каде се возарите – праша еден од нив. Офицерот. – Тука се – рече Итан. – Еве, токму колку што треба, осуммина. Гардистите се загледуваа, пребројуваа само четири момчиња. – Ајде фаќајте – с’ржа Итан, и нечујно, како што змија излегува од дупката, го извади огромниот меч. Спрегнуваа долго и невешто, а одоздола почнаа да пристигнуваат неколкуте коли што останаа во поворката, неколку јавачи и десетина камили. Сите носеа иста рамнодушна безнадежност на лицата. Чекаа во тесниот простор. Никој не сакаше да ја замине големата погребна кола. Повеќето беа Египќани. Кога сè се просеа, останаа само тие чиј пат требаше да оди по широката трага на Александар. Кога ја минавме кривината ги видовме и другите гардисти на Аликсен, собрани во куп, намуртени и молчеливи. Кога наближавме безволно, се растурија од купот и го фатија некако вообичаениот почесен ред со знаконосците напред. Тие царските знаци ги носеа преку рамо, како грибла или лопати за веење жито. Пак оддалеку заличевме на тажна, торжествена придружба на царскиот катафлак. Одеме по корито од сува река чија престаната матна вода се таеше длабоко под нас, под распуканата сува тиња. Тој ден , или утредента, челото на колоната, знаконосците, запреа и се натрупаа околу нешто што не можевме да видиме што е. Застана и големата кола. Итан кој веднаш отиде таму, преку ѕидот од насобраните гардисти погледна во средината на нивниот круг и ме повика со рака. Слегов од колата и тргнав натаму. Итан се враќаше и кога се разминавме не ме ни погледна. Во кругот на гардистите лежеше Херкул, победникот во сите борби. Дишеше шумно како прежеднет коњ кога ќе ја крене првпат муцката од поилото. Беше гол и крвав. Крвта му течеше од многуте рани од меч и нож но не се сиреше, влегуваше веднаш во жедната земја, се криеше под него. Во косата над челото, му пробиваше сив меур, се подаваше и се прибираше како што му чукаше срцето во големите гради кои тешко се спуштаа и се креваа. Очите не му гледаа во нешто, беа раширени во целото празно, бледо небо над него. – Ме убија Македонците со стапови – рече низ искршените заби и ми се стори дека тоа мене ми го вели. Но, по малку, пак ги повтори истите зборови. Гардистите се потсмевнуваа и полека се разотидуваа, та колоната пак тргна. Некои имаа црвени петна на каниите. Дали од р’ѓа или од крв. Кога Тврдоглавиот со мојата кола наиде, застана до мене и тој, застанат до смртта што тука, пред него се мачеше во ова големо и моќно тело. Јас останав до борецот. Немаше никаква смисла да го креваме на колата. Беше убиен иако уште живееше. На секои триесет поткревања на меурот над челото ќе повтореше „Ме убија Македонците со стапови“. Тоа обвинување како да ми беше упатено мене иако тој не ме гледаше, иако не знаеше дека сум тука. Во смртта што му наидуваше ги гледаше само своите Македонци како убиваат со стаповите. – Не можеле да бидат Македонци, Херкуле. Македонците одамна сите заминаа за Македонија. – му говорев, но тој, кога триесеттиот пат ќе збувнеше меурот ќе повтореше, секогаш послабо: „Ме убија Македонците со стапови“. Така разговарав со овој гигант кој се празнеше од крвта, но не се смалуваше. Умираше тешко како сите силни, крупни луѓе. Слабите и болните се гаснат како светилка во која догорува маслото, тивко, постепено, и во некој последен здив ќе им го снема животот. Херкул умираше мачно, како што се гасне голем стражарски факел. И кога ќе догори смолата во конопниот обвив, пламенот ќе го зафати и дрвото и тоа, гори, потпукнува, не дава огнот да му се угасне. Се мачи и себеси и пламенот, кој де ќе се повлече па пак ќе се засили, дури целата рачка не се гламноса. И последниот здив, кој излезе низ крвавата уста зашто мртвото тело се собра, градите се спуштија самите од тежината на големите мускули, како да го прошепоти тој обвинувачки збор, упатен кон мене „Ме убија Македонците со стапови“. Колоната веќе беше замината, но Тврдоглавиот ја престаса бодинајќи до своето место, зад големата кола. Зад нас немаше повеќе од дваесетина луѓе на коли, коњи и камили. Веќе немаше ниту еден пешоодец. Минуваа денови, не знам колку. Седнав на возарското седиште на мојата кола, а Тврдоглавиот полека го следеше тешкиот воловски ôд, газејќи по широката трага на огромните оковани тркала. Јас гледав сè едно и исто. Ги гледав шарените ленти од ткаенината, црвени, жолти, зелени, кои висеа густо од покривот на посмртната кола, на кои на секоја педа имаше цврста врзалка. Се лелееја од ветрот и ги разбркуваа мувите и пчелите кои одеа по мирисот на медот, а мене само одвреме-навреме ми го откриваа задниот дел од тешкиот црн саркофаг на Александар. Честопати бев на работ на исполнување на мојот страв и мојата љубопитност – да наредам да се поткрене капакот и да го видам Александар. Беше тука пред мене, но беше во нашето далечно време на младоста, во моите сеќавања. Цврсти јажиња го држеа сандакот неподвижен. Камените урни со главите на волк, на чакал и на уште две нејасни животни беа кај четирите агли на саркофагот, цврсто опковани со тешки греди и в крст, преку капаците, препашани со бродски јажиња. Понекогаш меѓу разлетаните ленти, ќе проблеснеше бледосината боја на благородниот камен на урните во кои беа златните садови со дробното од Александар. Во полудремка, по ноќните несоници, постојано се нишав на седлото, примижен како куче на сонце. Одевме со денови. Наближавме до првата поголема вододелница чиишто рички ни го криеја видикот. А оттаму доаѓаше де здив на пустина, де здив на море. Не знаев што нè чека зад тие благо издигнати суви ридови но, ми се чинеше дека таму, зад таа разбранувана линија меѓу небото и земјата, нè чека некој излез, некое решение кое ќе ни ги разбистри животите и ќе ни помогне да најдеме брз одговор на секое прашање. Пак, речиси десетина дена, не сум пишувал ништо. Сега, во шаторот на Итан кој ме прибра, со штицата за пишување, во глува тишина каква што има само во ноќи во ваква пустелија, не знам што досега сум запишал, а што не. А и зошто да запишувам. Не знам што се случува навистина со овој погребен поход иако би требало да знам. Она што го знам ме фрла во тежок очај, а од она што не го знам, што се случува зад мене, или што гледам а не го виѓавам и не го разбирам, сигурно би паднал во безнадежна неподвижност. Но, веќе сум неподвижен. Стоиме в место два дена на овој отворен простор зашто удрија лути, северни ветрови, есенски, со дожд од кој мрзнат шаторските крила. Веќе неколку ноќи сум во шаторот со Итан, откако се појави Егрипи во својата цврста, црна кола со црвени тркала, со својата црвена коса. Возарот беше Алкалаз, полн со среќа од која луѓето се гојат иако не јадат. Коњите беа од Фригија, оние црни и скапи коњи што го одушевува Александар и им ги беше наменил само на гардистите. Поминаа во галоп, во еден лак околу нас, и се вратија пак назад, на крајот од колоната. Пред тоа, или потоа, не знам точно, оти деновите ми се мешаат, но да, беше тоа една утрина Устор не можев да го станам од логот. Ниту се обидуваше да ми помогне, барем да замавташе со копитата кога го кревав откај главата. Му ја држев слепата глава прегрната в скут и тој тешко, но одвај чујно збивташе. Не сакаше ниту зоб, ниту сува смоква. Му ја бришев лепливата пена од муцката и седев, готов да останам со него докрај. Веќе беа впрегнати воловите, веќе засвиркаа камшиците кога Итан ме префати преку гради одназад и ме крена. – Ајде остави го – рече. И, како да е конец од тенко предено, со другата рака го скина јажето од огламникот на Устор врзан за мојата кола. Просто ме натовари, го шлапна Тврдоглавиот и тој тргна по колата на Александар. Кога поодминавме, кога солзите ми се разбистрија, се завртев наназад и на крајот од лакот, што сега го чинеа неколку коли, веднаш зад црвените петна на колата на Егрипи, таму кај што остана Устор, беа насобрани, над него, како мршојади, неколку луѓе со камиларски наметки, какви што сите носевме. Очите пак, ми се заматија, а Итан, од својата кола, една коњска должина пред мене, како да видел што гледам и што мислам, рече: – Не стари коњски мрши, туку и чкорпии ќе пројадеме. Два дена не можев да јадам. Лежев врз вреќите зоб, мижев но не спиев и мислев на детството, на она време кога не го знаев Александар. Велат дека тие среќни мисли на луѓето им доаѓаат пред да им дојде смртта. Сакав да умрам. Земјата тука е оцедена или прежеднета, та дводневниот дожд го голтна како жетвар првата голтка. Наеднаш, пак сè стана суво, а сонцето посилно од најлетните припеци во Македонија. Но ноќите ми ја мрзнеа денската пот. Егрипи е сега веднаш зад мојата кола. Не излегуваше да ја видиме, а Алкалаз не погледнуваше никого. Им гледаше на коњите меѓу уши и молчеше, како да е задлабен во некој немски јазик кој во себе воскликливо го преведува на некој друг немушт говор. Една ноќ Итан ми ги кажа ветените приказни. Првата беше за ногата. – Ранет бев глупаво од оние смешни коли со српови на тркалата. Дариј сакаше со нив да нè изненади кај Ис. Но фалангата се двоеше пред нив како вода пред средоречна карпа, па стрелците ги ништеа назад, зад нас. Така беше и договорено да постапуваме, по совет на Парменион. Но јас штитоносец, во првиот ред, ја држев сарисата на фатниот крај, под мишка, и кога доближи, во галоп, една од двоколките, се разделивме да ѝ отвориме пат. Но возарот наеднаш сакаше да заврти и да налета врз нас што му бевме оддесно. Повеќемина од мојата осмина, прва во мојот полк – тогаш бев полковник – влезе во празнината оставена за колата а јас не. Бев наумил да направам нешто што ни Парменион, а ни Александар, се разбира, не го предвиделе. Замавнав со сарисата та обајцата, и возарот и копјаникот, одлетаа како да налетале на дабова гранка. И кога отскокнував, а бев го пресметал тоа повлекување, немав каде, удрив во збитите македонски тела зад мене и ножевите рениски, со последното вртење ми ги пресекоа прстите на десната нога. Од сите тие двесте двоколки никој не настрада, само јас. Потоа раната се расипа, почна стапалото да црнее и да мириса на пцовисано. Два пати ми ја ставаа ногата на пенушка и со усвитена секира отсекуваа. Филип, лекарот на Александар, ми ја отцедуваше расипаната крв, ми ставаше бела земја и мелеми, но раната пак се расипуваше. Тогаш ми го доведоа Рамез. Не се разбиравме тогаш, но тој ги отстрани сите од мојот шатор и ми објасни, не знам како, ти знаеш како умее да мавта со рацете, дека мора де се пресече над глуждот и тоа веднаш, оти ако не – за два дена ќе умрам. Јас сакав да живеам. Му одобрив со главата и му замавнав со раката како со секира. Тој одмавна со главата. Ги повика помошниците. Ми носеа палмово вино со пелин, па испив верувам цел ќуп. Разгоруваа јаглења во еден сад, од што ми се смати па почнав да исфрлам сè од себе. Но пак ми даваа да пијам. На ногата работеа до вечерта. Ми ја престегнаа со ремења над глуждот и полека сечеа, стружеа, шиеја, врзуваа, а јас одвреме-навреме се будев од болка од која повторно се губев. Утредента немав треска, не ја сеќавав раната, само ногата ми беше скусена, цврсто завиткана во ленени преврски. Кога по еден месец, Рамез ги разви, ногата беше заздравена, само чувствував, како и сега понекогаш, јадеж меѓу прстите што ги нема, та не можам да го згребам. Понекогаш од тоа сум лут, готов за тепачка. А патерицата, – и првпат под наметката што се вееше секогаш околу неговите нозе до земја – ми ја покажа јасно таа нога чиј чекор се слушаше. Куса патерица од црно дрво, украсена со златни белегзици втиснати во неа, со цврст потков од биволска кожа и со исти ремења како на сандалата со кои беше приврзана за ногата над коленото. Ја разврза патерицата. Одозгора беше вдлабена и послана со мек мов како гнездо од грлица. Молчевме. – Оттогаш сум со тајфата на Рамез. Молчевме. – И од оваа патерица, од тоа гнездо, ти се изроди омразата кон Александар, која те труе и те задушува? – прашав, но во гласот мој имаше осуда. – Не – реше Итан и пак се осами. Очите му замреа и гледаше во себеси. Та пак како да е сам, рече со оној напукнат глас кој не се обраќа никому. – Јас сум брат на Клеит. На Црниот. Молчевме. И тогаш почна да ми говори со страсен, болен шепот, со истиот оној со кој Просул на уво ми говореше за својот син. По смртта на братот, веднаш пред да се дознае за неа, го зграпчила гардата на Александар. Му соопштиле дека Клеит, предавникот, е убиен од раката на Александар и дека се дојдени да го сотрат докрај предавничкото племе. Биле надуени, сигурни во себе. Четворицата ги обезглавил со едно замавнување околу себе. Јавнал и избегал. По седум месеци се нашол од Мараканд во Вавилон. Само на Рамез му кажал каде ќе биде. Се криел низ огромниот град под камиларската ќулавка. Но Итан како да не ми кажа сè. Нешто премолчуваше. Седи пред мене отсутен и молчелив, како јас да не сум тука. Сакав да го вратам од таа отсутност. – Никогаш не сум чул да говори за тебе. Не знаев дека Клеит има брат а ги знам сите македонски семејства. За Клеит знаев сè, но за тебе не сум чул. – А што требало да чуеш полковнику? Требало ли да знаеш дека станав полковник кај Филип? Та тогаш ти ниту си знаел дека постојат полковници, дека им се дадени по илјада петстотини и шеесет луѓе за кои треба да се грижат. Но, да им ја цедат и снагата и душата и на вежбалиштата и во походите. Требаше ли да знаеш дека кога вие завладеавте, вие, галеници на Леонида и на Аристотел, на Олимпија, на Филип, дојдовте вие, уште со млечни усти и ја разурнавте Теба. Мислиш ли дека ние, со Филип, не можевме тоа да го направиме многу порано и побрзо? Клеит, по Теба стана војсководец, а јас останав во фалангата, во првиот ред. Беше разгневен и не ми говореше веќе само мене туку и на Птоломеј, на Неарх и Пцевст, на Селеук и на Александар. – Нè водевте и на Граник и на Ис како кози на колење. Но лудиот и среќата му се придружува. Да, среќата ги следи будалите оти и таа е налудничава. Не се спротивставив зашто беше во право. – Мојот брат Клеит ме обвинуваше за зависливост, ме исмејуваше за неразборност и за некаква плашливост. О, вие храбри! До каде стасавте?! Стасавте до најголема зависливост еден кон друг, која е толку голема што на неа имаат право само боговите. А разборен ли е вашиот страв од кој замрзнувате сега. Страв што го имаме еден од друг?! Замолче. По некое време со сменет глас, без гнев ми рече: – Та од каде ќе ме знаеш кога со Клеит не говорев десет-петнаесет години. И не говорев ниту јас за него ниту тој за мене. Но Клеит ми беше брат. Ти беше таму, кога тој го уби и сè виде. Сè ќе ми кажиш, сè по ред, сè како било. Ми ја вклешти раката и му ја чувствував вжештеноста на здивот со кој шепотеше. – Та сè знаеш, та ти кажале сè, што има уште да се каже?! – се бранев. Но тој не попушташе ниту со стисокот ниту со погледот. – Сè, сè и по ред. Почнав да снеможувам. Знаев дека лицето ми студенее од мразната роса на потта, дека бледнеам и се пробивам кон седлото. -Утре – реков – утре сè ќе ти кажам. Сè. Виде што е со мене зашто очите му се исполнија со некое брзо разбирање за она што го гледал и што наеднаш го видел: премален и преплашен човек. – Утре – рече и тоа беше закана. Излезе од шаторот и чув како коњот му се оддалечува бодинајќи кон никаде. Но тој не ме разбра. Не ми ги виде овојпат мислите. Не се уплашив да му говорам ниту за тоа што се случи пред четири, еве речиси пет години. Се плашев јас самиот од тој грд спомен, од тој кошмар. Брат на Клеит Црниот! Го гледам Клеит како јава на фригиски коњ и коњот под неговото тешко тело го витка ‘рбетот. Го гледам Клиет како пие тесалиско вино од голем, сребрен сад и слушам како шумно го испушта воздухот по последната голтка. Го гледам како минува крај мене, таму во Мараканд, во Сангдонија, во царскиот шатор. Пред очи ми е и неговото црномурно, насмеано лице, веѓите густо споени во коренот на носот. Му ја гледам црновиолетовата брада која веднаш му никне штом дворските бербери ќе го остават. Го гледам сега и Итан во себе. Да веѓите се исти, ставата може, но постариот, Итан, е уште повисок и поцврст и ја нема онаа широка насмевка на полни усни, полни со крв, и со желба за смеа. Не, нема ништо да му речам, зашто дури и пред себеси го таев тој спомен. И, кога понекогаш ми се јавуваше, одненадеж, кога ќе видев сребрен сад, остро светло оружје, насмевнато полно лице со моќна долна вилица, почнував, и кога бев сам, да говорам нешто на глас за да избегам, за да се спасам од тоа сеќавање, да го набркам. Не, нема ништо да му речам. Ќе земам нов папирус, ќе го развиткам врз штицата за пишување и сè ќе напишам. Сè како било и сè по ред. Храбар, бестрашен Аминта, и твојот брат Клеит Црниот, беше јунак. Херој, со што Александар се служеше како што се служеше со сите наши корисни особини. Но твојот брат Клеит беше привлечен, отворен и искрен, што Александар тешко го поднесуваше и кај него и кај други. Да, беше пир, беше пијанка, оргија. Беше веселба меѓу блиските, меѓу другарите во царскиот шатор во кој внесуваа садови со вжарен јаглен, во сагдијанска планинска зима. Се пиеше. Клеит, Пцевст, Кратер, Птолемеј, Александар. Беа бучни, беа весели до мигот кога го испија оној ќуп вино кој веселбата ја прекршува кон кавга. Птолемеј го фрли жарчето во сламата. – Благородни Македонци – рече – да им заблагодариме на боговите што пиеме од истово вино и од истиов сад со царот – и ја допи последната голтка од виното на кавгата. И тогаш се јави Клеит. Беше вжарен од виното, од жештината на шаторот, но го запалија зборовите на Лаг. – А зарем има вино кое може да го пие само царот, а не и ние? Не знам дали почувствувал како сите оладуваат од тие зборови кои во него, напротив, уште го разгореа огнот на лутбата. – Сигурно има – продолжи Клеит. – Кое вино го пие царот со Персијците? Не знам, не сме го пробале. Сигурно е подобро од ова што го пие со нас. Та зарем не им дава ним и поистакнати места, и поблескави оклопи, и побогата трпеза. Зарем не им го замени Дариј што тие го прифаќаат со радост зашто нивниот Голем Цар умееше да биде кон нив суров како и нашиот кон нас, Македонците. Но не и кон нив, кон Персијците. Александар скокна, со очи на кои посилно им се разделија боите. Жолтото стана око на тигар, темното на змија. – Клеит! – вресна. – Клеит замолчи! Но Клеит почна да му се наближува, а зборовите му се туркаа во устата кој прв да излезе. Сите опаки, остри, обвинувачки. Зборуваше и му се наближуваше, како огромен темен облак во кој се разбркуваат молњи и грмотевици. Александар побледна и знаев дека кога црвенилото од виното ќе го растера бледилото на гневот, утробата пека за крв и за смрт. – Не, не замолчувам! – не престануваше Клеит. – Кое добро си ѝ донел ти на Македонија?! Што нè вкопа во овие планини, што нè расеа низ непознати земји! Та зарем да се радуваме што од рамен со сите ни стана господар. Та да сме еднакви ние, победниците, со победените, со Грците, со Египќаните, со Персијците? Нека, ако сме еднакви, но зошто сме подолни за тебе? Ние ги победивме, сите ние! Сите Македонци! А ти, ти ги убиваш Македонците. Филота. Та по синот и таткото, Парменион. Тоа го говореше Клеит, твојот брат. Во истото време како што му се наближуваше, Александар почна да отстапува назадечки. Само за миг, секавично, се заврте да види дали оди кон излезот на шаторот на кој, со копја свртени кон шаторскиот покрив, стоеја двајца гардисти, Персијци, кои не разбираа што се зборува зашто говоревме македонски. И видов како со трезно око, во тој секавичен миг, одмери и каде да зачекори и како да ја подготви раката, полузавртена, со палецот надолу и со подготвена фатка за копјето. А лицето му спласна. Го намести да биде пијано, неразумно, со матни очи и со зборови што се тегнат од устата. – Клеит, престани Клеит. Последниот збор што го изговори брат ти беше името на Перменион, последниот што го чу беше неговото име, Клеит, што го изговори Александар. Тогаш копјето скокна од врвот над папокот на брат ти, а со секот кон градната коска, кон срцето. Беше мртов уште дури стоеше потпрен на тоа копје, кое чисто, без крв, му изби зад лопатката, а Александар ја држеше кусата рачка во цврстата трезна рака и ја потпираше во подмишката. Ете, така беше. Итан се врати во ниедно време. Не му го слушнав ниту коњот ниту одот. Беше веќе мугра. Влезе поднаведнат раскрилувајќи го шаторот. – Сега е утре – рече. Јас му го подадов папирусот. Тој прошета со очите по првиот ред, седна среде шатор, до средната потпирка без да гледа каде седнува. Гледав како очите му скокаат по редовите и вилицата под ушите му се грчи. Кога дочита очите му се смирија, поседе така и ми го врати папирусот. – Стави го кај другите – рече и ме погледна со едно прашање кое лицето му го доближи до оној лик на Клеит што го паметев. „Сега ќе праша што сме правеле ние, зошто не сме застанале меѓу убиецот и убиениот“. Но пак не погодив. Ме праша: – Зошто ова го напиша на македонски? Можеше сè друго да ме праша само не тоа. – Па јас – запелтечив – јас сè пишувам на македонски. – Зошто? – упорното, прашално лице ме гледаше очекувајќи го одговорот. Пребарував низ себе зошто го правам тоа, зашто никогаш тоа прашање не сум си го поставил. – Затоа, затоа што мислам на македонски. Итан воздивна, легна на својата иранска спостилка, ги стави рацете под глава и проговори како мене да ме нема. – Ете, затоа е таа омраза. За четири години човек може да се отруе од неа, та и индиската змија да го касне ќе ѝ се стопат забите. Дали е само омраза? Повеќе е тоа од омраза, повеќе од глад за одмазда, повеќе од ситењето со неговата смрт. Таа омраза стана мој живот, а и сега, кога него го нема, таа не умре со него, таа ќе умре со мене. Можев неколкупати да го убијам. И не ми затреперија ниту срцето ниту раката. Ме пројаде мислата дека ако загине од стрела, славата ќе му се воздигне, како славата на Филип и проклетството на Паузаниј, неговиот убиец. Мислам дека тој умре од мојата омраза. Таа убива и без да го допре човека. Да, можев да го убијам, но гледав дека умира. Можев да му го скусам животот, во миг да му го снема како на Клеит. Но, сакав да си го доживува крајот низ болест, која го гризе и му говори дека нема да заврши ништо што започнал. Јас го познавав неговото незадоволство од сето она што го беше сторил зашто сè му беше малку. А умирајќи бавно, си ја згорчуваше смртта со таа несреќа, со таа прокоба дека допрва треба да го направи најважното, но смртта веќе му беше дошепнала дека е бесмртен. Умре со страв, со гнев, со тешкото чувство дека е онеправдан од судбината. Јас излегов надвор, во белата измаглина, ниска до колена, која во муграта лазеше низ пелинот и штирот, низ острата тревка. О, богови! Еве ме крај морскиот брег, во густ маслиник, на пат обрабен со олеандри, меѓу темни чемпреси и бледомаслинови агави. Седам во колата, потпрен на последната вреќа зоб, снеможен од сè што ми се случувало. Во Пела сега е зима, сега доаѓа оној лут ветар од горните македонски планини, удира во морето по Големата Река, а на краевите на нашето Езеро, кај што водата не мрда, во заветот, се фаќа тенок мраз, како пајажина. А тука е благ ветар од морето, меѓу Сидон и Тир. Но, Пела сега ми е, оттука, како на дофат на раката. Поинаква е носталгијата кога си далеку, од онаа кога си блиску до родната земја. Кога си блиску а не можеш да ја допреш таа те разјадува бесно, кучешки. А јас не можам во Македонија. Што ќе речам? Каде бев? Каде е Александар? Неколку дена се одморам во густ маслиник кој му дава на сонцето да допре до земјата ама му пречи да ја разгори. Коњот лута по меѓите, желен за трева, но постојано ми се враќа, ме турка во грбот со муцката дури да му дадам сува смоква. Потоа пак заминува низ маслиникот, но никогаш толку за да не му ги слушам копитата. Еднаш, Итан, дури одевме по катафалкот на Александар, тркало до тркало, по глувото дно на пресушена, каллива река, ми говореше за коњите. – Кучињата, се – говореше бавно Итан, како што и одот ни беше бавен – силни на мирис. Можат да намирисаат ѕвер или јадлива дивина и по два дена ако немало дожд. Но, коњите имаат поинакво мирисање. Тие намирисуваат човек. И јас ги мирисам луѓето. Оддалеку. Сите луѓе различно мирисаат. Но, јас не знам кој мирис е од опак човек, кој од добар. И треба прво да ги видам луѓето какви се, што зборуваат и што прават па да ги разберам. А коњот го намирисува човека однатре и веднаш знае дали му е за господар или не. Ете овој, Тврдоглавиот, без ти да сакаш те натера да господариш со него. Те одбра. А како и зошто, не знам. Ти немаш мирис. Тебе не можам да те намирисам. Си мирисал ли гуштерица? Не. Гуштерицата не мириса на ништо. Мириса на она на што е, на карпа ако е на карпа, на тула или на земја. Го зема мирисот од околу за да не ја намирисаат. Некои гуштерици ја земаат и бојата од она кај што се, од дрво, од трева. Тврдоглавиот го откри твојот мирис и му се кажа дека ти си му господарот, дека си ти оној што тој го барал низ многу војски, низ многу штали, низ многу битки. А овој – и покажа со камшикот кон погребната кола – овој му намирисал на смрт. И мене. Тој мирис не може да се избрише, да се измени, да се измие. Кој разговор и да го почнеше Итан го завршуваше со Александар. А јас, ете, треба секое пишување да го започнам со него. Но, ја терам писалката на друга страна, го лажам папирусот, запишувам дрдорења за коњи, пци и гуштерици. Се мамам и себе си а знам дека ќе мора да се да се вратам на она што треба да го запишам, што го бара и раката, и писалката, и на папирусот. Нема бегање од тоа. Ќе го пречкртам сево напишано од утрово. На многу места ракописот е пречкртуван со права, цврста линија и тие места за мене не постојат. Секаде, кај што писалката ме надвила и раскажувањето пошло настрана, иако таа ми се отимала, сепак сум ја натерал да ја повлече таа црта која го поништува напишаното, му го става знакот кој ја открива лагата, измамата, мојот беден напор да избегам од вистината. Последниот ден, во рани мугри, таму на местото кај што го остојавме и претходниот, дојаваа на еден коњ две момчиња, Египќани, расплакани, со усти полни солзи и плунка и почнаа нешто брзо, брзо да ми говорат зашто наидоа на мене оти бев излегол од шаторот. Немаше наоколу никого. Сè беше пусто. Погребната поворка не постоеше. Бевме само јас, Итан, Алкалез и Егрипи. Како два брзозборни Рамези да се пред мене, Египќаните ме опсипуваа со зборови, со купови грлени гласови. Одмавнував, сакав да ги запрам, но луѓето во неволја можат да зборуваат само на родниот јазик и веруваат дека и оној кому му се обраќаат мора да ги разбира. Излезе Итан и почна нешто да ги потпрашува на египетски, но тие, сега со вдвоена сила и брзина, мавтајќи со рацете брзо како бумбари со крилјата, почнаа низ солзи, паѓајќи на колена, нешто да му објаснуваат. – Алкалез! – грмна Итан а момчињата се стаписаа како од вистинска грмотевица. А многујазичникот искокна од колата, сонлив но сонот му го растеруваше самата помисла дека е пред Итан. А тој, одмерувајќи ги момчињата, на пониското и послабото, кое се обѕираше наоколу со испитувачко око да види што има што нема, му ја впери раката в лице и момчето малу посоземено почна да говори. Алкалез, по извесно време, му ја стави дланката пред уста и почна, како да го рецитира Хомера, со патос и восхит да преведува на македонски. – Вчера, среде денот, токму кога распрегнавме и раседлувавме, ни пријде сета ваша војска. Ни побараа вода, а се рашетаа низ целиот логор. О, ние им понудивме и храна, и палмово вино. И тие сè прифатија. Ни јадеа и ни пиеја од рацете. И тогаш на некој знак сите скокнаа и почнаа да колат. Заклаа осумнаесетмина. Ги испоклаа најсилните, најумните. Сè зедоа. И колите со храна, и мевовите со вода, покривките, парите. Само овој коњ, кој секогаш залутува, не го пронајдоа. Кога Алкалез замолче, Итан го потпраша момчето што потоа, заради мене, Алкалез го преведе. – И ние од Вавилон одевме со Големиот Цар – момчето со страв и зазор тогаш погледнало во големата кола. – Но потоа се одделивме зашто нашиот карван можеше да оди по напречни патишта кај што има повеќе трева и извори, а и во колоната почна многу да се краде и да се убива. Нашиот водач, учениот Рамез, рече да бидеме онолку блиску до колоната колку што е доста далеку за да не бидеме преблиску. Итан пак брзо постави неколку прашања на кои момчето климаше со главата за да го избегне преводот на Алкалез во кого, дури овој преведуваше, момчињата гледаа со вчудоневиденост, со зазор и неверица. Итан молчеше загледан натаму, откај што наидоа момчињата. – Речи им нека ја растовараат оваа кола – покажа на колата со буриња од катран, со резервните оски и тркала – нека натоварат во неа сè што има во оние коли – и покажа далеку напред низ степата, некаде кај што само тој можеше, од својата височина да гледа. – Ако проклетниците оставиле нешто – промрморе. – Ќе ги земете и сите волови – и Итан со раката го покажа смаленото стадо, збито сè уште од стравот од ноќта. – Ќе ги закопате мртвите и ќе отидете во Египет. Откога Алкалез преведе, тие затрепкаа, и видов дека во нивните египетски глави почна да работи џамбазлакот. Дали стадото волови е повредно од коњите што им се земени и што ли има во тие коли напред, што не можеа да се видат. Итан им свика и тие се растрчаа, а мене тој ме повлече кон шаторот. Влеговме. – Го убија Рамез со сета тајфа. Молчевме. – Ќе го најдам тој Аликсен, макар и во адот и на живо ќе му ја вадам утробата. Молчевме. Гледав пред себе во шарката на персиската спостилка и почувствував дека Итан ме гледа. Кај што врз мене му паѓаше погледот секогаш чувствував како да ме полазуваат мравки. Го погледнав и го имаше она лице. Претрпнав од тоа паметење и тој ми ги прочита мислите, та без да проговори, без да го смени лицето, ми потврди со главата. А јас, во ужас, замижав, премален, со одземен здив и, мижејќи, го гледав во себе истово ова лице, но во спомените, кое тогаш ми говореше, како да ветува, со истата оваа напната насмевка пред која сега замижав, но и мижејќи ја гледам. Говореше: – Ќе убиваш оружару, ќе убиваш! Стана. Ме истурка од шаторот, со едно движење ја собори средната потпирка, заокружи околу спласнатото платно, ги нафрла среде него јажињата и колчињата, со широк замав го собра и го стутка во бала. Ги зеде потпирката и спостилката и сето тоа го уфрли во својата кола. Египетските момчиња веќе заминале. Алкалез, секогаш кога Итан беше во близина, го гледаше како послушно куче господарот, право в очи. Но сега не се ни обѕирна. Блед, растреперен, гледаше во големата кола на која шарените ленти се разлетуваа од здивот на степскиот ветер. И јас претрпнав. Срцето ми застана, зашто низ метежот на тие разлетани реси видов дека капакот од масивниот дрвен саркофаг е оттурнат кон нозете, искосен, и дека, напред, кај главата, клечи Александар. Црвената коса и белото тело му се покажуваат низ шарените бранови, а тој е загледан во местото кај што отсега му била главата. Оживе! И кога почна да ми се темни, една глутница ветришта, која пелинот го пови со сребрената страна нагоре, удри кон нас во развеаните висулки и ги израмни со покривот. Видов дека таму клечи Егрипи со оној нејзин премрежен поглед и со гради раздвижени како да се гушат, како од ветерот да не можат да земат доволно здив. Рацете ѝ беа до над лакти во саркофагот, а телото, бело и голо, наежавено од студениот степски ветер, ѝ беше потно. И ми дојде до ноздрите нејзиниот запален мирис. Таа нè здогледа тројцата како стоиме, скаменети и неми. Се исправи. Од рацете ѝ капеше мед, од устата ѝ пробликна пелин. – Вие, вие тројца недостојни, празноглави, сакати, стутулени. Вие мислите дека ми бевте мажи! Ми бевте, да ми бевте, но јас вам, на сите, ви ја поделив мојата омраза, мојата гадост, мојот презир, моите подлости. А сета љубов му ја дадов само нему. Говореше грчки како некој друг да е во неа кој го знае јазикот на Хомера. Говореше со омраза и жар. – Сакате да знаете што било со мене и со него. Ги измачувавте со тоа вашите дребни души, ме измачувате и мене да ви кажам каков бил како маж. Тука погледна во Итан, со омраза која сега ни ја одзеде мене и на Алкалез, та од зелените очи ѝ излегуваа кон него клоба змии. Тогаш и ветерот ѝ ја разврза косата, собрана досега на темето, и в миг како да беше пред нас Горгона. – Каков маж беше?! Вие бедни, вие ништожни! Тој беше бог. Од еден негов поглед како жена бев смирена по цела вечност. Од еден негов збор живеев без храна и без вода со недели. – Вие, вие гнасни и мали! И тој е само мој. Ниту една жена го немала во себе како јас. Каде и да го однесете тој ќе биде со мене, јас со него! Ветерот кој пак во глутница се врати назад ѝ ги обвиваше шарените ленти околу вратот и главата, и ѝ ја зафрли косата назад, а гласот, кој наеднаш зарипна од напливот на омразата почна во шепот да одлетува зад неа низ степата. Се чинеше како таа да е потоната во бистра вода и оттаму говори, а ништо не се слуша. По десниот образ ме лазеа мравки и го видов она лице на Итан. И тогаш, можеби првпат во животот, сознав дека нешто зависи од мене и дека тоа мора да го сторам. Застанав пред Алкалез, но тој не ме ни забележа. Преку мене гледаше во неа со страст и со љубов, со маѓепсаност, па само нејзиното тело, нејзиното лице влегуваа во неговите очи. Го немаше таму ниту катафалкот, ниту Александар, ниту огромната степа. Полека го вадев мечот, полека му го доближив врвот до подгрло. Тој гледаше во неа, несвесен за ништо друго. Удрив одоздола и знаев дека му го пресекувам бесценетиот многуговорен јазик, дека врвот го пробива непцето и влегува внатре, меѓу очите, до горната тврда коска во главата. Очите, и мртви, уште ја гледаа, не трепнаа ни од болка, ни од изненада, и таа остана таму во нив, сакана и жива. Алкалез, паѓајќи, како да сака сè да ми олесни оти сум му дарил блажена смрт, самиот се извлече од мечот. Падна грбечки и мртвиот поглед уште ја немаше во себе неа и ја ширеше, гола, со развеана коса, по целото огромно небо кое секој час го очекуваше сонцето. Егрипи, кон која погледнав, наеднаш се вкочани. Ги стисна усните и очите и сè разбра. Скокна од колата, се заврте кон Итан како да бара помош или како да сака да го нападне, но неговото лице ја одби. И тргна кон мене со бесна сила, со она мало ноже со кое, сигурно, ги пресекла јажињата што го држеа капакот. Беше посилна од мене, многу посилна, и јас отстапував мавтајќи во очај и паника со мечот. Но таа ја фаќаше голата острица со левата рака. ѝ одлетуваа прсти, ѝ ја сечев мишката, ѝ го касапев рамото, но во десната ѝ беше кусото тврдо сечило кое сакаше да ми го забие меѓу очи. Не ја убив јас. Таа, слепа од бес, се надена на мојот панично размавтан меч кој запре во неа, во грбниот столб, меѓу пршлените. Нозете ѝ се потсекоа. Клекна, го фати мечот и не го одбиваше туку го упираше во себе и низ крвта која ѝ проблика в уста, со премрежени очи од страст и од смрт рече: – Те сакам! Му го рече тоа на Александар. А Итан веќе беше почнал да работи. Од кај што беа растовариле Египќаните, прво ги собра бурињата со катран и со едно оттурнување ги дотркала под колата. Пријде и со мечот им ги расцепи врбовите обрачи. Катранот, на студенината, остана црн и светлив да ја чува формата. Со по една рака ги дотурка масивните тешки тркала што момчињата одвај ги оттурнаа од колата. Една по една ги нарамни резервните оски и ги стави во кладата. Потоа го крена Алкалез, како кукла од слама и го нафрли на колата. Јас се завртев кога зачекори кон Егрипи. Во неа ми беше останал мечот. Мечот од Александар. Отидов до колата на Итан и од топлото клобо сув планински мов ги извадив земјените склопци, ја распретав пепелта, насолив на живото жарче мов кој се згрчи и веднаш пламна, принесов парче борина кое замириса и се разгоре со пламен кој излегува однатре без да го зафати дрвото. Му го принесов пламенчето на Итан. Тој откорна неколку реси, ги пробуричка во катранот и почна да ги пали една по една и да ги фрла под колата. Огнот почна полека да зафаќа, а Итан, со еден скок, се качи на колата и поднаведнат, под покривот од кој не можеше да се исправи, гледаше долу, под себе. Без да го оттргнува погледот ми ја подаде долгата рака и ме повлече горе, а во рамото ми скрцка болка. – Погледни го последен пат. Оздола, од бистрата длабочина на медот кон нас беше завртено лицето на Александар, она лице кое смртта го подмладила, од кое ги беше избришала годините на војните и походите, лице на момче кое допрва го чекаат тие искушенија. Се оддалечивме од кладата што степскиот ветар ја разгоруваше како ковачки мев јагленот, и веќе пламенот почна да лази кон нас. Се повлековме кон своите коли и гледавме една огромна пламена топка која однатре сè повеќе се рассилува. Не бев оддалечен од Итан ниту педесетина стапки. Го чувствував неговиот поглед врз себе, но не можев да ги одделам очите од овој оган во кој согоруваше и мојот живот. Беше зафатена целата кола. И покривот. Пламенот почна да лази и по рудите. Но таа стоеше цела зашто цврстото дрво даваше оган, но не попушташе. Тогаш се завртев кон Итан. Гледаше во мене и држеше нешто познато во раката. Беше тоа лакот од шест стапки. Лакот на Берзес. Му допираше, исправен, до очите, и сега дури ми се откри растот на Итан.Биеше жежок ветар од кладата и коњите, научени и на опсадни огнови и на грчки оган, полека се оддалечија со колите и застанаа кога дојдоа до свежина. Итан ја отфрли наметката и првпат го видов гол. Црномурестото тело немаше мускули, туку врзопи жили кои играа под тенката кожа. Со левата рака, лесно, го свитка правиот лак и ја навре јамката од тетивата на закачката. Жилите на грбот, на рацете, на нозете, му се увиткуваа како олеандрвото дрво во сариса. Се наведна, извади од торбата една од стрелите и се затегнаа взаемно, тој и лакот. Врвот на стрелата веднаш дојде до лежиштето и тој остар врв, како змиски заб, и црната зеница на Итан се споија кон мене. Знаев дека стрелата ќе пролета низ мене и дека ќе паднам пред таа, таму далеку зад мене да прос’ска низ пелинот. Но тој полека се вртеше кон огнот и сега го гледав отстрана. Ја испушти првата стрела и по неа уште три, брзо, како трептеж на око кое се крие од блесок на молња. Мислев дека пламенот безгласно ќе ги голтне, но кај што удрија се кренаа облаци искри, а низ бучавата на огнот се слушаа нивните удари како да бие тешко клепало. И тогаш потече од сандакот прво оловото како сребрена вода која замрзнува штом ќе потече, па медот кој почна да гори и ја надви смрдеата на катранот. Падна покривот и кладата се смали затрупана во себе. Пропукаа урните како костени во жар. Пламењата прочадија. Но, тогаш ги разбуди, ги спотна во огромен столб нешто живо, некој здив кој дојде однатре. – Смолата на Рамез – ми довикна Итан. Јас ќе речев, да се досетев што се збиднува, „Смолата на Александар“. Се оддалечувавме и од кладата, и еден од друг. Јас тргнав на север, кон морето, тој на југ, кон Арабија да ја освојува или кон Египет да се одмазди. По него самите, без возар, но без двоумење, се припратија коњите на Егрипи. По половина час се завртев, иако се бев зарекол да не се завртувам ниту еднаш. Во далечината немаше ништо. Ете тоа е вистината за гробот на Александар. Тоа е местото кое е еднакво оддалечено од Вавилон, од Мемфис и од Тарс. Од Селеук, од Птолемеј и од Лизимах. И дури гледав наназад почна да ме јаде и да ми згорчува една мисла. Та ниту можеше да биде избрано подобро место за кладата и за гробот на Александар од оваа бескрајна рамнина и ова огромно небо коишто уште никој не ги освоил. По четириесет дена стасав на брегот на Копненото Море и запрев тука, меѓу Сидон и Тир. Тука сум, меѓу Сидон и Тир педесет години. Сето она што го преживеав во мојот прв живот, што го запишував и што го чувам во пожолтениве трошни папируси, сум го заборавил, како во тој живот да сум бил некој друг, како некој непознат да го живеел. Ме потсетуваа на него само некои ретки, матни вести, сите зли како отров. Не се сеќавам на сите но некои ги паметам. Олимпија го погуби мојот истоименик, Архидеј. Касандар ги уби Олимпија, Роксана и Александар Четврти. Селеук го уби Пердика. Птолемеј ја оставил Таис и ја зел Евридика. Селеук и Птолемеј завојуваа за Сирија. Умре Птолемеј пред некоја година. Пред смртта го нарекле, или самиот се нарекол, Спасител. Кого и од што спасил, или што од кого не се велеше кога кон името, место Лаг, ќе му го додадеа тој збор, Спасител. Завојуваа Селеук и Лизимах. Ете тоа остана од царството – меѓусебни, убиства, војни, омраза. За некоја од тие војните ми го забраа и коњот. Тврдоглавиот се противеше, се отимаше, но наеднаш се смири. Ме погледна и замина по својата работа, по војната. Во времето на војните ги преметкував папирусите, ги препрочитував, пречкртував, додавав, менував, та може и сум им го расипал редот и редоследот. Има оттогаш четириесет и петшест години. Но, потоа ги оставив, ги заборавив. Тука сум, меѓу Тир и Сидон веќе педесет години. И целиот овој мој втор живот ми помина како еден долг, светол ден во кој наеднаш сум се разбудил, новороден како веќе возрасен и слободен човек. Ослободен од минатото, од сеќавањата, од ропството, од послушноста, од омразата. Ослободен од себеси. И сега, во осумдесет и петтата година, ме стемнува во тој ист ден кога повторно ја земам писалката само за да кажам дека сето она што сум го пишувал, што сум го правел и што сум го живеал пред овој долг, педесетгодишен ден, за мене не било, не постоело, дека го пречкртувам сето тоа со една долга црта низ средината на пишаното во сите врзопи папирус. Останав во истиов маслиник кај што новороден се разбудив, првиот ден пред педесет години. Тука ископав живеалиште и го наткрив со штиците и гредите од колата. Ги покрив со ископаната земја. И еве ги уште траат, а во земјата, на покривот, заврзале уште првата година маслинки кои се сега зрели стебла. Тука почнаа да ми носат овошје, козјо млеко, вода, луѓе кои говореа непознат јазик. Им го научив и јазикот и писмото. Им го научив и нивниот бог зашто е еден, син единец на својот татко соединет со него. Тој народ ги преживеа и моќните асирски цареви, и севладеачките фараони. Од Тир, пред една година дојдоа кај мене две момчиња, близнаци, Македонци од трето колено. Дедовците им биле дојдени од Еге во Тир да обезбедуваат мермерот од Грција да се превезува во Вавилон. Говореа македонски, но го говореа и новиот јазик. Подобро од македонскиот. Кај мене веќе долги години доаѓаа луѓе и од околината, но и од далечни места за кои не сум ни слушнал. Доаѓаа да ги советувам и да ги лекувам. Зашто со годините што минуваа се расчуло оти тука живее пустиник, свештеник на три вери и исцелител. Не бев свештеник ниту на една вера, не умеев да лекувам, но луѓе доаѓаа оддалеку. Бараа спас за своите деца, за себе, за блиските. Понекогаш молчев со денови и тие чекаа и кога ќе проговорев заминуваа оздравени. Но Македонците не дојдоа за тоа. Ми рекоа дека учеле кај познати, свети рабини, та дошле да учат и кај мене. Јас молчев. Чекаа три дена. Во тие три дена ги препрочитав моите папируси. Беше тоа приказна што ја напишал некој Архидеј Потивов, збунето и вџашено човече, загубено во својата беда и несреќа. Со тага се присеќавав на некои од оние ноќи кога сум запишувал некои делови. Ме растажи најмногу, пак, веста за смртта на Аристотел. Помислив, по толку години, на него како на светло место во мојот живот. Зошто овие момчиња, место што доаѓаат кај мене, не отидат таму, некаде во Пела, во Атина, во Стагира, кај што се чуваат неговите книги, да ги прочитаат, да им се осветли душата. Еве, ова пак за вас го запишувам, за вас желни за светлост и знаење. Одете по неговата трага. – Нема кај мене и од мене што да научите – им реков четвртиот ден. – Еве прочитајте ги овие папируси и знам оти повеќе нема да се вратите ваму. Ако, не ми ги враќајте и нив. Се вратија вчера, по една година. Беа исти, гледаа исто, говореа исто, во еден глас. Ми ги донесоа папирусите. – Ги препишавме на пергамент, на новиот јазик. – Зошто? – им реков. Ниту со љубопитство, ниту со зачуденост. Зашто сите тие човечки храмови ме беа напуштиле со годините. – За да траат – рекоа во еден глас. – Го прочитавте ли Аристотел – ги прашав. – Не – рекоа – него никој не го знае. Нема книги што ги напишал таков човек. Со нив беше дошол и некој од нивните учители, свештеник на новата вера. Беше тоа црнобрад маж, со остри, упорни очи, пред кои се открива вистината, кои помагаат и другите да си ја најдат вистината во себе. – Од каде си – го прашав. – Од Палестина – ми одговори. Молчевме и во мојата визба постоеше само неговиот поглед. – Старче, како ја крепиш староста – ми рече. – Зошто ме прашуваш – му реков без да има прашање во тој мој одговор. – Затоа што староста сигурно ти е со модрини и морници кога во младоста си имал толку беден и гнасен живот каков што си го опишал. – Не знам, сум го заборавил. – Не – рече упорно – си го сокрил од себеси. Вистината ја откриваше неговиот втренчен и вжарен поглед. Така. Ми се откри, дека и овие педесет години кои ги сметав и им се радував како на светол ден, ми поминаа во сенка, во сенката на Александар. – Имаш ли уште нешто да додадеш кон она што си го пишувал? – Имам – реков. – Почекајте до утре. И еве, ги пишувам овие зборови на новиот јазик, на пергамент. За да траат. Да трае вистината, таа прокоба на мојот мал, гнасен живот што сум го проживеал покрај Александар, кој тој ми го создал и ми го водел. Еве, дури ги чекам нив, го пишувам ова горко признание дека нема самосожалување, нема бегање ниту спас. И во вториот мој живот јас бев роб. Бев сенка на Александар. Му го сокрив гробот, но доаѓаа до мене гласови дека му бил направен во Мемфис величествен погреб, дека е погребан во Александрија, дека неговото тело е во Вавилон. А од овој човек првпат го слушнав зборот кој ќе ме следи и по смртта та нема да ми биде мирна. Цел ќе останам од јад, неизгниен во оваа ќелија во која сакам да ме остават по смртта и да го затрупаат влезот, да ги прокопаат сите патеки што воделе кон неа, да бидам заборавен. Но и тука, во идната вечна темнина на мојата смрт ќе ме прогони тој негов збор. Тој го нарече, тој него го нарече, како што никој до сега не бил наречен – Велики. Александар Велики.